skip to main |
skip to sidebar
Партиите ќе имаат навистина тешка задача. Почетокот на пролетта е најнезгодно време за започнување на предизборна кампања. Партиските машинерии за „меко“ перење мозок треба да се борат и против црцорењето на птиците на покривите, и против мирисот на расцутените дрва, и против разгалените сончеви зраци.
А и птиците на покривите знаат дека Македонија преживува длабока политичка криза. Пролетта ги буди сетилата. Партиските кампањи ќе ги затапуваат. Пролетта ја промовира разноликоста. Партискиот brainwashing ќе настојува да имплантира униформност. Со доаѓањето на пролетта пополека добиваме „чувство за осет“. Со напредувањето на кампањата, како жртви на медиумското предизборно „перење на мозок“, драматично ќе го губиме чувството за осет.
Некни случајно вклучив Радио Скопје. Во Крива Паланка нови 1.400 вработени. Економијата цути - насекаде тренинзи, семинари, преквалификации, инвестиции. Проблемите се идентификувани и ефективно се решаваат. Ни збор за корупцијата, непотизмот, сиромаштијата... Го избришав Радио Скопје од меморијата.
Не случајно ефективната медиумска кампања треба да трае минимум 80 дена. Секој ден е потребно да се промени барем 1% од содржините на свеста за после 80 дена да се почувствува сеопшта квалитативна промена. Не би се изненадил ако после три месеци поверувам дека економското тонење кон дното било всушност земање залет; дека курупцијата била неопходна за „подмачкување“ на системот; дека непотизмот е наша традиционална културна придобивка; дека големината на месечните сметки кои се закануваат да ја надминат просечната плата е всушност граѓанска инвестиција во државниот развој и нашата светла ЕУ иднина. Најпосле, дека треба да бидеме среќни што сме ја избегнале крвавата војна, која е суште најголема политичка закана ако на власт дојдат - ДРУГИТЕ!
Уживајте во пролетта, и погледнете околу себе. Презрете го предизборното пополнување на физичките и менталните дупки. Ѓубрето не се собира само пред избори. Проблемите не се идентификуваат и решаваат само во изборна година. Можен ли е граѓански отпор, во форма на граѓанска непослушност, против обидите за партиска зомбификација?
Имате ли идеја како да не станеме бесчувствителни зомби, автомати, слуги, робови, и „идеални гласачи“ во едно „демократско“ општество како Македонија?