Има дузина причини зошто ВМРО-ДПМНЕ треба да ја врати сексуалната ориентација во Законот за спречување и заштита од дискриминација? Затоа што со тоа
- ќе пројави елементарна култура на почитување на човековите права.
- ќе манифестира дека не ја разбира демократијата како тиранија на хетеросексуалното мнозинство врз сексуалните малцинства
- ќе испадне полиберална партија од СДСМ, која не донесе закон за антидискриминација кога беше на власт.
- ќе докаже дека нема ништо заедничко со Титовите хомофобни сили кои јавно контра-протестираа против маршот на толеранција „љубов си е љубов“.
- ќе демонстрира дека не е дискриминаторска партија која го негира постоењето на дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација во Македонија.
- ќе покаже дека го познава и прифаќа Лисабонскиот договор кој наложува борба против дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација, како една од приоритетните основи.
- ќе ја потврди својата про-европска ориентација, како и другите земји од регионот кои воведоа забрана за дискриминација врз основа на сексуална ориентација (Хрватска, Србија, Бугарија, Косово, Босна и Херцеговина...).
- ќе ја исправи недоследноста, затоа што партијата веќе гласаше за законски одредби кои забрануваат дискриминација врз основа на сексуална ориентација (Закон за заштита на правата на пациенти).
- ќе стави крај на практиката на популистичко мобилизирање на негативните стереотипи и предрасуди кон нехетеросексуалците, заради „еректирање“ на партискиот рејтинг.
- ќе се дистанцира од обвинувањата дека поттикнува насилство преку ширење на хомофобија (какво што беше насилството врз протестантите на плоштадот кои беа „спонтано“ дислоцирани како „збирштина од геј и атеисти“)
- ќе покаже дека не е политички инструмент на МПЦ, и дека религијата е одвоена од државата
- ќе покаже политичка волја за борба против хомофобијата и говорот на омраза (етикетирањето на политичките противници како „педери“ е појава присутна во секоја изборна кампања).
Во Македонија постои хомофобија, говор на омраза и дискриминација врз основа на сексуална ориентација. Жртви на хомофобија и дискриминација не се само хомосексуалците и бисексуалците (кои сега се жигосуваат како „лица со нарушена сексуална определба“). Жртви на хомофобија и дискриминација досега биле многумина политичари. Не бил поштеден ниту претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Токму затоа, политичарите од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со другите политичари, треба да престанат со меѓусебните пресметки кои се на штета не само на основните човекови права (правото на забрана на дискриминација врз основа на сексуална ориентација), туку и на државните интереси на Република Македонија како земја кандидат за член на ЕУ.
0 коментари:
Објави коментар