Седум навраќања кон мотивот „лустрација“ (1)

4/23/2007

Како десетта точка на дневниот ред на четириесет и втората седница на собранието на Република Македонија (закажана за 07.05.2007) се наоѓа ревидираниот Предлог на закон за определување дополнителен услов за вршење јавна функција (популарниот „Закон за лустрација“).

Иако досега нашироко беше пишувано за „лустрацијата“, се одлучив во неколку наврати повторно да укажам на некои нови (и стари) моменти, со цел да ја продолжиме критичката дебата во блогосферата (и пошироко) во пресрет на собраниската расправа.

Веднаш штом видно ревидираниот текст на предлог-законот беше доставен на јавен увид, уследија и првите жестоки критики, на кои ќе се осврнеме, со оглед на тоа што создаваат неверојатна конфузија во јавноста:

„Овој закон не може да направи целосна лустрација. Не може да направи проветрување како што се тврди дека ќе направи. Овој закон може да спречи некои луѓе кои се огрешиле во минатото да не можат да вршат јавни функции во рок од пет години. И толку. Значи, треба да постои кај некој намера да се кандидира за јавна функција, да постои желба да се биде активен во државата и дури тогаш ја потпишува таа изјава. Доколку тој човек избере да не се кандидира за јавна функција, тоа значи дека нема да има никакви проблеми. Ако пак, тој човек реши пет години да не биде активен, по пет години повторно нема да има никакви проблеми. Значи, нема ништо од проветрувањето на општеството што се нудеше како потреба. Односно, целосна лустрација со овој закон не е можна.“ (Исо Руси, Лустрацијата што ја турка Андов е шарена лага)

Колку и да звучи рационално и бунтовно, поентата на Исо Руси, дека „Со овој закон ќе настрадаат само одреден број луѓе кои ќе бидат луди да почнат да се кандидираат за јавни функции“ формално нема основа во ревидираниот текст на предлог законот. Всушност, Исо Руси го чита предлог-законот само како „ставање вето“, но не и како „лустрација“ – чистење на постоечките носители на функции. Но, текстот на предлог-законот јасно укажува дека со него се опфатени не само лицата кои се кандидати за носители на јавна функција, туку и носителите на јавна функција (чл. 2). Значи, периодот од пет години, за кој зборува Руси, може да биде искористен за тивко „провлекување“ само од оние кои не се носители на никаква функција и кои немаат намера да станат, од моментот кога законот ќе стапи на сила. Носителите на функции формално ќе бидат опфатени со законот и ќе мора да потпишат писмена изјава дека не биле тајни соработници, издавачи на наредби, или корисници на информациите од тајниот соработник, „со коишто се кршени или ограничувани основните права и слободи на граѓаните од политички или идеолошки причини...“ (чл. 6). Формално е така, но Руси открива една можна „дупка“ за лицата кои се опфатени со законот. Имено, ако некој знае дека бил таен соработник, издавач на наредби или корисник на информациите, слободно може да си даде оставка од лични или не знам какви било други причини (на пр. приватен бизнис), и после пет години (кога законот ќе престане да важи) повторно да се појави како кандидат за носител на јавна функција. Со други зборови, споменатата „дупка“ остава можност практично да добиеме Закон за лустрација, ама да нема ич „лустрирани“. Оттаму, Исо Руси може и да е делумно во право кога тврди дека таквиот закон „Не може да направи проветрување како што се тврди дека ќе направи“, со оглед на тоа што законот ќе ги опфати само тие кои „ќе бидат луди“ да се кандидираат за јавна функција и тие кои нема превентивно да дадат оставка.

Останува да лебди прашањето „Кој е овде луд?“ – дали предлагачот кој божем ги игнорира критичките забелешки на Хелсиншкиот комитет прогласувајќи ги за „контрадикторно мислење“ (?!? - стр. 27), а делумно ги вградува во текстот, или пак критичарите од „Хелсиншкиот“ кои одеднаш сега се за „тврда лустрација“, но без конкретни препораки како да се воспостави транзициска правда во Република Македонија (Закон за лустрација или Закон за амнестија).

0 коментари:

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week