Дебатата околу воведувањето на веронауката не стивнува.
Што поентира Најчевска во најновата колумна:
Одлучено е „Македонија да ја напушти класичната школа на развој на едукацијата за човековите права и да воведе посебен предмет: веронаука за човекови права и слободи. Според владините аналитичари, оригиналното внесување на Божјата казна, пеколот и судниот час, ќе му ја даде на концептот за човековите права цврстината која очигледно му недостига.“ (Ништо без веронаука?!)
Нејзината поента и не е без основа ако се прочита образложението на измените на Законот за основно образование: „Воведувањето на верското образование во основните училишта ќе придонесе за изградба на систем на вредности чиј темел се почитувањето на човековите слободи и права, еднаквост, солидарност, толеранција, социјална правда и правичност.“
Има ли нешто поапсурдно од воведувањето на веронаука во име на човековите права?
Погледнете ја само дефиницијата на човековите права во Википедија, па ќе ви стане јасно:
„Human rights refers to universal rights of human beings regardless of jurisdiction or other factors, such as ethnicity, nationality, or religion.“ („Човековите права упатуваат на универзалните права на луѓето без оглед на јурисдикцијата и други фактори, како што се етницитетот, националноста, или религијата“.)
Значи, факторот религија е експлицитно исклучен од факторите кои се суштински за човековите права. Исто толку е апсурдно да се зборува за „христијански/муслимански човекови права“ како и за „македонски човекови права“ (било во етничка или во национална смисла).
Следствено, верското образование во основните училишта не може да придонесе за изградба на систем на вредности чиј темел се почитувањето на човековите слободи и права, еднаквост, толеранција... Напротив, историјата на религиите покажува дека религиозните догми се извор на нетолеранција, дискриминација, социјално исклучување и непочитување на елементарните разлики.
Современиот концепт за човекови права опфаќа право на абортус, право на еднаквост на жените и мажите, право на избор на сексуалната ориентација, забрана на ропство, забрана на секаков вид дискриминација, право на различно мислење итн. Дали верското образование ќе ги промовира сите овие права и слободи? Дали верското образование ќе го промовира и правото на абортус и правото да се практикуваат не-хетеросексуални односи и правото да се користи кондом и други средства за заштита од полово преносливи болести и несакана бременост?
Слободата на религијата и верувањето се дел од концептот на човековите права и слободи. Дали верското образование ќе го промовира правото да се промени религиозното уверување и верската припадност? Дали верското образование ќе го промовира актуелниот принцип „една црква/верска заедница – една религија“ кој ја ограничува слободата на религијата и верувањето?
Се надевам дека барем дел од прашањава заслужуваат одговор, пред да се воведе програма за верско образование.
Доколку во изготвувањето на програмите за верско образование не бидат вклучени и експерти за човекови права, лесно може да се случи верското образование во основните училишта да придонесе за изградба на систем на вредности чиј темел се непочитувањето на човековите слободи и права, нееднаквост и нетолеранција.
6 коментари:
Трагично ќе биде ако се воведе веро-наука во јавното образование, под било кој изговор. Тешко децата.
Секоја чест на оваа влада за досега стореното, и тоа во првата година од мандатот. Не можам да сфатам како покрај толку прогресивни чекори, го форсираат и ова. Истото мислење го делат и моите пријатели со кои често разговараме за ова прашање.
Црковните лица добија барем десет пати поголема моќ во последниве 15-тиан години, нека си уживаат во нивните вили и џипови, нека ги остават децата на мира.
Anonymous, тоа што си го добил незаслужено може лесно да ти го земат.
Затоа црквата сака да се обезбеди дека нема да дојде некоја нова генерација која ќе им земе (или нема веќе да им дава)... знаеш, некоја безбожна, образована и рационална генерација.
Да потсетиме што изјави Архиепископот на МПЦ Г.Г. Стефан, во интервјуто за „Дневник“ од 7 април: „Не треба секогаш да се донесуваат заклучоци во форма на осуда, туку да сфатиме дека типот на возилото значи и безбедност при патувањето. Во таа смисла, јас не би осудувал, туку би се молел - дај Боже, сите да имаат добри и безбедни возила: и владици, и свештеници, и новинари, сите...“
Ете така, во МПЦ си имаат и нови молитви: „дај Боже, сите да имаат добри и безбедни возила...“ :)
амин!
па и на наша глава по едно ;)
си требал да го пуштиш текстов викендов во дневник. и така гледам некои ликови како ганка се истресоа за два живота...а од најчевка секако подобар ќе беше :)
Објави коментар