„Најпатриотскиот“ весник, и „најпатриотскиот уредник“ (експерт на темата „„КОС и УДБА“), објавуваат типично удбашки текст - Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог.
Во текстот, преполн со невистини и клевети, се линчуваат група „одбрани новинари“ кои се доведуваат во врска со „проект Граѓани за европска Македонија“). Еве ги клеветењата: „...нашите земаат пари за да ја поддржат грчката пропаганда за промена на името Македонија...“.
Не би ме изненадило ако утре има прес на ВМРО-ДПМНЕ, и ако пак се појави некој пратеник со имунитет за да ја цитира листата на „предавници“ и „грчки платеници“. Се навикнавме.
Пред повторно да ме осуди „судот на историјата“ на ДПМНЕ, да си ги признаам „гревовите“. Во последниве 10 години еднаш сум бил во Грција, во Солун, и тоа работно, како претставник на „Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија“. Учествував во изготвувањето на еден извештај на тема „Борба против трговија со луѓе“. Очекувано, се запукавме околу именувањето. Грците го уредуваа меѓународниот зборник, спонзориран од „Ministry of Foreign Affairs of Greece (HELLENIC AID)“. Резултатите од моето „предавство“ се очебијни. Наспроти сите настојувања за „фиромизирање“ од страна на Грците, на стр. 83 стои насловот на поглавјето - „Republic of Macedonia“. Единствената отстапка што ја дозволив како претставник на авторите на студијата е фуснотата со текст: „The Authors use the constitutional name of their country.“ Во текстот над 50 пати се спомнува Republic of Macedonia, но се спомнува и кратенката Macedonia, јазикот Macedonian, како и придавката Macedonian.
Уште еднаш повторувам – Министерството за надворешни работи на Грција е еден од спонзорите на проектот. Само еднаш бев во Грција и успеав да издејствувам Министерството за надворешни работи на Грција да не признае не само како „Republic of Macedonia“, туку и да ја признае кратенката Macedonia, јазикот Macedonian, како и придавката Macedonian – кои во целата книга се употребуваат исклучиво за нашата држава, а не за Грција!!! Ете, со таков предавник си имате работа.
Кога сме кај предавствата, да очистам уште еден грев. Завршив пост-дипломски студии како стипендист на „Европската Комисија“, на проект кој беше комплетно поддржан од ЕУ. На мојата диплома има лого на ЕУ и под моето име стои „Republic of Macedonia“. Има уште една интересна ситница. Дипломата не ми ја признава Универзитетот Св. Кирил и Методиј, иако е партнер во програмата и неговото лого го имам на дипломата. На моменти си помислувам: „Ако пишуваше the former Yugoslav Republic of Macedonia, најверојатно ќе ми ја признаеја дипломата и дома“.
Во што се состои моето предавство? Па ете, сум успеал да ме признаат како државјанин на Republic of Macedonia – не само во ЕУ (со стипендија на Европската комисија), туку и во Грција (со поддршка на Министерството за надворешни работи на Грција). Никогаш не сум ја претставувал мојата земја поинаку освен како „Република Македонија“, за разлика од нашите политичари кои гордо не претставуваат под неуставни референци. Ете зошто сум предавник.
Ако имав искуство како грчки сведок против Република Македонија, ако гордо примев награда за FYR Macedonia, ако промовирав статуи со старогрчки натписи во Владата, и ако немав никаков проблем со преименувањето во „Северна Македонија“, сигурно ќе бев најголем патриот.
1 коментари:
злобно полуреторичко прашање, кое јасно, не е упатено на тебе ниту пак се однесува на тебе :-)
а прашањето е:
ако на грчките новинари им требале пари за да шират прогрчка пропаганда, зошто се очекува македонските новинари да шират промакедонска пропаганда беспари? ;-)
инаку, не се согласувам со ставот на „Вечер“ дека наведените организации во Македонија шират прогрчка пропаганда.
Објави коментар