Истрагата за случајот на насилната смрт на скопскиот плоштад при прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ треба да одговори на следниве прашања:
1) Дали убиството е извршено „на свиреп или подмолен начин“ (за што следува казна затвор најмалку десет години или доживотен затвор)? Зошто никој не ја обезбедил потенцијалната „crime scene“ откако медицински лица констатирале смрт, и кој и зошто го одвлечкал телото на починатиот од сцената на злосторството?
2) Дали имало помагање во извршување на кривичното дело? Според Кривичниот законик (КЗ), за помагање се смета и „...однапред ветено прикривање на кривичното дело на сторителот, на средствата со кои е извршено кривичното дело, на трагите на кривичното дело...“.
3) Кои лица се одговорни за „Непријавување на кривично дело или сторител“? Во моментот кога било сторено кривичното дело, во близина имало голем број на службени лица и други очевидци. Според КЗ, „Службено лице кое свесно ќе пропушти да пријави кривично дело за кое дознало во вршењето на својата должност, ако за тоа дело според законот може да се изрече казна затвор од пет години или потешка казна, а делото се гони по службена должност, ќе се казни со парична казна или со затвор од една до три години.“ (чл. 364.)
4) Дали имало „Помагање на сторител во извршено кривично дело“? Според КЗ, „Тој што ќе скрие сторител на кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност или со прикривање на орудијата, трагите, предметите или на друг начин ќе му помогне да не биде откриен... ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.“ Но, „Тој што ќе му помогне на сторител на кривично дело за кое е пропишана казна доживотен затвор, ќе се казни со затвор од една до десет години.“ Во случајов, постојат повеќе индиции дека имало прикривање на убиство на свиреп и подмолен начин, кривично дело за кое е предвидена казна доживотен затвор. Оттаму, сите што помагале свирепото убиство да биде „заташкано“ цели 40 часа, треба да бидат осудени и да добијат затворска казна од една до десет години. Кои се мотивите на прикривањето на свирепото убиство, кое се случило пред да бидат објавени резултатите од страна на ДИК? Зошто кривичното дело е „признаено“ од страна на МВР дури откако е објавен извештајот на набљудувачите на ОБСЕ и по бурните граѓански протести?
5) Кои одговорни лица од МВР им дадоа на медиумите лажни информации на 06.06 дека не е сторено кривично дело убиство, туку дека на момчето „му се слошило“, и кои одговорни лица во МВР соопштија лажни информации дека „првични траги на насилство нема“?
6) Кои одговорни медицински лица констатирале смрт кај жртвата, и зошто истите не пријавиле дека смртта настапила како резултат на тешки телесни повреди?
7) Дали сторителот на убиството е дел од обезбедувањето на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, и дали во тоа време дејствувал во насока на обезбедување на премиерот или на други службени лица присутни на партиската прослава?
8) Дали апсењето на Љубе Бошковски е на некој начин поврзано со обидите да се прикрие свирепото убиство, односно, дали спектакуларното апсење и објавувањето на видео снимки од аспењето е обид да се пренасочи вниманието на јавноста од свирепото убиство на плоштадот додека ВМРО-ДПМНЕ ја прославуваше победата на изборите?
9) Кои одговорни лица издадоа наредба да се спречи продолжувањето на мирниот протест на група граѓани со поставување на полициска барикада пред зградата во која наводно живее премиерот и зошто портпаролот на МВР упорно ја дезинформираше јавноста дека некој „повикуваа на насилни протести“?
10) Дали во случајов имаме „злосторничко здружување“ на лица кои се организирале за да прикријат тешко кривично дело кое се случило на партиска прослава (и други со него поврзани кривични дела), со цел да се заштити ликот и делото на претседателот на партијата кој е истовремено и премиер на Република Македонија? Кои лица вршеле притисок кај родителите на жртвата и со какви мотиви?
2 коментари:
Кој вршел притисок врз семејството на свирепо убиениот Мартин да не зборуваат за трагедијата?
На овие прашања, одговори може да даде само НАДВОРЕШНА независна комисија. Последниот настан само потврди дека многу е труло во МВР. И никакви внатрешни контроли, нема да дадат вистинит одговор.
Објави коментар