skip to main |
skip to sidebar
Денеска забележав дека последните два поста на блогот Оксиморон се полни со клевети кон мене.
Во првиот пост „Евро Македонизам“ Вероника не го спомнува експлицитно моето име, но клевети дека „Граѓаните за Европска Македонија“ одработуваат некаква агенда за лицето БЦ. Знам дека Вероника редовно го чита мојот блог и моите колумни и знае дека досега сум упатувал бројни критики кон политиката на Црвенковски, вклучително и на „Дијалозите за Македонија“. Баш ме интересира Вероника, како лично би се почувствувала ако некој без никакви аргументи јавно те наклевети дека си била изнајмена за да одработиш за нечија политичка агенда?
Во вториот пост објавен денеска „Витруелна меморија“ (има мала печатна грешка во насловот) имам чувство дека Вероника јавно ме обвинува за плагијат:
„Пред извесно време Жаре имаше колумна во Дневник со наслов „Аквариум“ во која преку анегдотата за кратката меморија на златните рипки се алудира на политичките состојби во Македонија. Додека го читав текстот, добив непријатно чувство на „веќе видено“. Истата алегорија, истиот концепт го имам употребено во истоимен пост на својот блог пред 3 години, во периодот на парламентарните избори 2006. Ме инспирира Iakovibus со негов пост каде ја изнесува информацијата за меморијата на златните рипки и се повикав на неговиот текст при креирањето на алегоријата.“
Драга Вероника, веќе ти одговорив во коментарите за колумната бев непосредно инспириран не од Iakovibus туку од вицот кој ми го кажа ќерка ми. Бидејќи обвинението за плагијат е мошне сериозна работа, би сакал да ти укажам на неколку други работи:
1) Ако малку пребараш на интернет ќе видиш дека во Утрински весник бр. 952 има објавено колумна „Аквариум“ напишана од Јосиф Ќурчиев. Колумната е објавена неколку години пред твојот пост. Колумната започнува со реченицата "Го разбирам светот како... аквариум". Како би се почувствувала кога новинарот јавно би те обвинил за „веќе видено“ и за плагијат со зборовите: „...зарем нема простор за смислување на нови метафори и алегории па мора да се користат веќе употребени и објавени од некој друг?“
2) Ако малку пребараш на мојот блог, ќе видиш дека метафората за аквариумот сум ја искористил и во неколку други постови:
„За лошиот имиџ на Македонија како резерват на „опасни животни“ опседнати со своето племенско минато подеднакво е одговорна и визната политика на „тврдината Европа“ и „преродбеничката“ политика на праисторискиот „аквариум“ Македонија.“ (колумната „Танталови маки“)
„Кој ќе ја понесе одговорноста за тоа што сеуште живееме во аквариум и што вината за тоа постојано ја префрламе на другите?“ (Избори = Самоизолација)
3) Ако го следиш линкот во постот, тој ќе те однесе на блогот на Комитата, каде што ќе прочиташ: „Животът в аквариум не е здравословен“ и други размисли за Македонија како аквариум. Дали и Комитата ќе биде обвинет за „веќе видено“ и за плагијат?
Метафората за аквариумот е толку општо место, што верувам дека можат да се пронајдат стотици други автори кои ја искористиле во своите политички списи. Драга Вероника, дали сите нив ќе ги обвиниш за плагијат и непрофесионализам?
Драга Окси, ако останало малку доблест во тебе, очекувам јавно да ми се извиниш, исто како што јавно ме наклевети.