Чудна земја сме ти ние. Нас снегот обично не' изненадува во декември или во јануари. За среќа, не дозволивме да не' парализира на 22 март и да ја доведе во прашање регуларноста на изборите. Токму затоа, сакам прво да ги пофалам сите институции што овозможија навремено доставување на изборниот материјал до најголемиот број избирачки места.Им упатувам искрени честитки за успехот на избраните градоначалници и советници, како и на оние што се пласираа во вториот круг. Несомнено, честитки заслужува и изборната администрација за успешно спроведеното гласање. Ако изборниот процес се исцрпуваше само со денот на гласањето ќе добиевме многу повисока оценка. Меѓутоа, колку и да ни ласкаат добиените честитки за мирниот процес на гласање, не смееме да ги пренебрегнеме ниту „процедуралните нерегуларности“ на денот на изборите, ниту проблемите од предизборието, ниту пропустите во процесот на броење и соопштување на резултатите.
Многу е значајно каква ќе биде нашата генерална реакција по укажувањата на ОДИХР. Ќе тргнам од симптоматичното известување на една наша новинска агенција која ја пренесе следнава изјава на потпретседателот на парламентарното собрание на ОБСЕ Пиа Крисмас - Мелер“: „Задоволен сум што гледам дека оваа држава направи многубројни чекори напред кон демократскиот пат“. Остај тоа што новинската агенција направи тежок гаф менувајќи го полот на потпретседателката. Многу потрагично е тоа што воопшто не беше пренесен вториот дел од нејзината изјава. Имено, таа не само што учтиво не' потсети дека лани сме скршнале од демократскиот пат, туку и дека „нерегуларностите и недостигот од доверба остануваат - и со нив мора да се справите...“.
Ако сака да го напушти лошиот меѓународен имиџ на незрел повторувач, Македонија конечно мора да манифестира чувство на политичка одговорност. Надлежните мора да ги признаат идентификуваните пропусти и да преземат конкретни мерки за тие да не се повторат во вториот круг или на следните избори. Како прво, се доведовме во мошне непријатна ситуација да не' потсетуваат дека е невозможно да имаме „1,8 милион гласачи од 2 милиона население“. Ова е долгогодишен сериозен проблем кој создава недоверба во системот, а може да ја доведе под прашање и регуларноста на вториот круг претседателски избори. Ќе се најде ли најпосле јунак што ќе ја понесе политичката одговорност за нерешавањето на проблемот? Ако си продолжиме по старо со политиката „никому ништо“, на следните избори може да имаме многу повеќе запишани избирачи отколку актуелни жители.Како второ, ќе понесе ли некој политичка одговорност за предизборните вработувања и притисокот врз оној дел од јавната администрација кој беше партиски злоупотребуван во предизборниот период? Ако премиерот не престане со фрлањето предизборни лопати во текот на работното време, ќе остане впечатокот дека Владата со буџетски средства ја одработува кампањата за локални избори на ВМРО-ДПМНЕ.
Како трето, мора да се признаат грешките при соопштувањето на резултатите од страна на ДИК. На пример, на првичните резултати од гласањето за градоначалник на Скопје (објавени на 23.03 во 10.38) стоеше збунувачкиот наслов „Претседателски избори 2009“. Меѓународните набљудувачи сигурно останале занемени кога ги виделе процентите од првичните резултати за градоначалник (објавени истиот ден во 13.01 часот). Како е можно Коце Трајановски да има 69,02 проценти, а Тито Петковски да има 40,71 проценти од важечките ливчиња? Кога официјалниот збир гласови изнесува над 100 отсто, некој мора да понесе одговорност за погрешната математика.
Би било добро ако нашите политичари испратат уште неколку сигнали дека сериозно ги сфаќаат упатените забелешки. На пример, дека нема повторно да имаме изборна симултанка, во која локалните избори ќе бидат маргинализирани за сметка на претседателските (впечаток кој може да се поправи и во вториот круг). Исто така, мора да бидат преземени дополнителни мерки на идните избори да има што поголема застапеност на жените и да не се повтори прекршувањето на квотата од 30 отсто уште при изборот на членови на ДИК. Ако меѓународните набљудувачи утврдиле непочитување и на забраната за пушење на гласачките места, ДИК мора да преземе мерки за сите да не го „попушиме“. Ако политичарите продолжат со тврдоглавото игнорирање на проблемите, Македонија ќе остане заложник на претставата за „непоправливиот повторувач“.
Најинтересно ми беше како странските агенции не' перципираа за време на изборите. Очигледно, формалната употреба на „поранешната југословенска...“ не ги спречи најпознатите медиуми да го користат уставното име Republic of Macedonia и зборот Macedonians (во смисла на граѓани на Македонија). Ако долгогодишната употреба на некрофилската референца не влијаеше на меѓународната перцепција на нашата земја како Macedonia (и на нашиот граѓански идентитет како Macedonians), зошто тогаш стравуваме дека замената на „поранешната југословенска...“ со подостоинствена одредница ќе влијае на меѓународната перцепција на државата (и на нашиот национален идентитет)?
Крајно време е да прифатиме дека сите што гласаме во Macedonia ќе бидеме перципирани однадвор како Macedonians независно од нашето етничко потекло. Радосна е веста дека етничкото потекло не беше најбитно за многу наши граѓани кои гласаа за претседател. Исто така, радосна е и веста дека името не е пресудно ниту за личниот идентитет ниту, пак, за политичкиот успех.
На пример, до пред изборите, еден од кандидатите го знаевме како Ѓорѓи Иванов. Кога почна кампањата, гласачите сфатија дека не се викал Ѓорѓи, ниту Џоле, туку Ѓорге. Тоа што цело време оставал другите погрешно да го именуваат, очигледно не било никаков проблем ниту за кариерата ниту за неговиот личен идентитет, а најмалку за победата во првиот круг на изборите. Ако Ѓорге немаше никакви проблеми со ‘рбетот кога го викавме Ѓорѓи и Џоле, зошто тогаш Македонија би имала проблем со ‘рбетот ако се избори за подостоинствена одредница од „поранешната југословенска Република“?
Чипирање - чипиани идиоти ...
-
Пеоцесот на чипирање е одамна започнат. На чипирање сме осудени кога вадиме
било кој личен документ кој мора да го носиме со себе - лична карта, пасош,
к...
Пред 3 години
10 коментари:
Не се прави недоветен за Ѓорѓе, едно е да не ти пречи нешто и да си прифатиш а друго е да ти наметнува некој. Нас за името ни наметнуваат немаме друго име ние. Значи какви манипулатори сте невидена работа...
А што ако на „Ѓорѓе“ (не се викал ни Ѓорѓе, туку Ѓорге!) почне да не му пречи ако не завикаат „Македониџа“? :) Е, тогаш дури ќе ни треба „космодиск“ :)
Некои се посомневаа дека ДИК има објавено дека Коце имал 69.02 отсто од важечките гласови (102.570 од 284.766) - што е погрешна математика.
Убаво напишав дека странците ќе се забезекнат - значи, требаше да ги погледнат резултатите на англиски јазик.
Исто така, ете и скен од грешката со „Претседателските избори“.
Луѓе сме, грешки праиме, ама и треба да си ги признаеме, па и некој да одговара.
Здраво бате,
ако примети на сличето шо го имаш клаено на постов стојт : Number of voters who voted - 150.735. Е сеа, 102,570 шо ги пишит кај Коце се точно 68,05% од тој број. Шо значит дека процентот си е во ред. Проблемот е во бројот на излезени гласачи. И сигурен сум дека на истиов список шо го имаш кропнато - ако го клајш целиот имиџ кај Тито немат да пишит 40,71%. Ептен ти е проѕирна и глупа констатацијата. Не си достоен ни демагог да те наречам.
Поздрав од Охрид
„Бате“, еве ти уште еден исечок, а ако уште те мава параноја дека правам некаква монтажа, можеш да го посетиш следниот линк
на официјалната страница на ДИК. Само, те молам побрзај, додека не се сетат да си го тргнат срамот.
Tinu, ninu...
"The CIA, which has been monitoring foreign countries' use of electronic voting systems, has reported apparent vote-rigging schemes in Venezuela, Macedonia and Ukraine and a raft of concerns about the machines' vulnerability to tampering."
Има уште една интересна работа. Бројот на луѓе кои гласале за градоначалник на Скопје по општини е сосема поинаков од оној на збирниот список на Градот.
Во врска со она претходното:
вика вкупно гласови за градоначалник:
224.707 (http://www.sec.mk:90/2009/fajlovi/rezultati/SkopjeGradonacalnik1300.pdf)
и, вкупно за сите општини:
231638 (http://www.sec.mk:90/2009/fajlovi/rezultati/poopstini/SkopjeGradonacalniciPoOpstini.pdf)
Сигурна сум дека другарите имаат некое добро објаснување, а и разликата е мала. што се 7000 гласа наспроти победата? ;)
Хех, смешно што ти прозиваш на одговорност :) Го споменуваш примерот со Иванов но тотално го забораваш примерот со Сељмани, кој што сите (ама буквално сите) го викаат Селмани но ниту тој ниту пак некој друг се потрудил да го корегира тоа. Зошто не го споменеш и тоа?
Не знаев, ете затоа.
Во случајот на Ѓорге беше јасно од плакатот.
Најче, џабе се трудиме. Овие очигледно пресметуваат според некоја виша изборна математика, за која ние простите луѓе не сме дораснати.
Објави коментар