Каква е оваа глупост? Уставниот суд се дрзнува да става сопки на преродбеничката политика на нашата влада! Па, каде го има тоа, ви се молам? Предлагам прво да се укине Уставниот суд, па дури потоа да се смести во археолошкиот музеј.
Еве зошто треба да се укине главниот кочничар на преродбата:
1) Заради укинувањето на глобата во износ од 200 евра во денарска противвредност за физичко лице кое купува алкохолни пијалоци од 19:00 часот до 06:00 часот наредниот ден: „...казнувањето на физичките лица – купувачи на овој вид стока (…) значи неосновано навлегување и повреда на достоинството и угледот на граѓанинот и неговиот морален интегритет.“
Од каде ли му е таа идеја на Уставниот суд дека граѓаните имаат достоинство, углед, и морален интегритет?
2) Заради укинувањето на дискриминаторските одредби во Законот за заштита на децата:
„Со оглед на тоа што (…) се определува правото на родителски додаток за дете да го остваруваат (…) само една група мајки во рамките на определени општински граници или според територијален принцип, тие законски одредби не важат на целата територија на Република Македонија, создаваат нееднаквост меѓу граѓаните на Република Македонија кои се во иста положба односно имаат второ, трето и четврто дете, како и не се во функција на заштитата на мајчинството и на децата бидејќи не се однесуваат на сите мајки и деца во државата, Судот оцени дека наведените делови од законските одредби не се во согласност со изнесените уставни одредби.“
Од каде ли му е таа идеја на судот дека правото на родителски додаток за дете треба да важи за сите мајки и на целата територија на Република Македонија?
3) Заради укинувањето на „патриотските“ фискални сметки:
„Воведувањето, односно пропишувањето на прикажување на прометот на македонските производи на фискалните сметки, заедно со логото „да купуваме македонски производи“ (кое исто така е аплицирано на фискалните сметки) според Судот, претставува (…) стимулативна мерка, која (…) доведува до нарушување на принципот на слободата на пазарот и со истата (…) не се обезбедува рамноправна положба на субјектите на пазарот.“
Што знае Уставен суд што е слобода на пазар? Од каде му е таа глупа идеја дека „субјектите“ на пазарот треба да имаат рамноравна положба? Има ли патриоти во Уставниот суд?
4) Заради укинувањето на верското образование во државните училишта!
Ова е капак на се! Па имаат ли појма тие судии што прават? Од каде им е идејата дека црквата треба да биде одвоена од државата?
Што им е пак сега крив на новинарите студентот Ѓорчев што кажал дека станува збор за „неразумна одлука и апсолутно политички мотивирана“? Ѓорчев убаво си објасни дека без веронаука тешко ќе можеме да ги оттргнеме младите од зависностите: „Вистинскиот проблем е што во земјата има околу 25-30 илјади зависници од дрога“, рече Ѓорчев.“
Не треба да се укинува веронауката, туку зависниците од дрога!
Треба да се укине и уставниот суд, затоа што со неразумните политички одлуки ги стимулира младите на зависност од дрога!
Podocna verojatno sledi i ukinuvanje na blogerite, a bogami i citatelite-neplukaci.