Судот на партијата

4/22/2009

За да не стане здодевна третата сезона од политичката сапуница „Љубов и омраза“, под итно беа промовирани нови негативци во улога на главни кочничари на несудената преродба. Така, „малата групичка“ злобни духови кои деноноќно коваат заговори против остварувањата на народната влада се зголеми за уште неколку „поединци“ со „комунистички менталитет“ - судиите на Уставниот суд.

Има ли појасен симптом дека нешто е навистина гнило во државата Македонија од обвинителниот акт против Уставниот суд од страна на „Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ“? Дали е свесна ВМРО-ДПМНЕ каква порака испраќа во Брисел кога обвинува дека Уставниот суд е „длабоко политизиран и партизиран“ и „не може да носи правилни одлуки“? Какви последици по нашиот демократски имиџ ќе има заклучокот на ВМРО-ДПМНЕ дека е неприфатливо „во една демократска држава да функционира суд кој носи одлуки само со цел да и' наштети на Владата“? Ако владејачката партија е убедена дека Македонија не е демократска држава поради партизираноста и зависноста на Уставниот суд, зошто да не бидат убедени во тоа и нашите „пријатели“ од Грција, кога ќе се носи одлука за датум за преговори?

Кога некоја институција е јавно обвинета за „директен упад во законодавниот систем на државата“ најмалку што можеме да очекуваме е да се посочат непосредни докази во прилог на таквото тврдење. Јавното обвинение мора да се сфати уште посериозно кога за упад во законодавниот систем ќе бидат обвинети токму оние што го решаваат судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт. Како може да се очекува граѓаните да имаат доверба во Уставниот суд, кога партијата која освоила најмногу доверба од граѓаните јавно докажува дека тој суд „не може да носи правилни одлуки“?

Премногу тешки обвиненија паднаа врз плеќите на Уставниот суд: за укинување на слободата на избор како човеково право, за грубо ограничување на верските слободи на граѓаните, за „комунистички менталитет“, за „темпирани одлуки“, за бидување „законодавец во сенка“, за партизираност, за „инструмент на Бранко Црвенковски“, за зголемување на невработеноста... Еден од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дури и јавно посочи имиња на неколку уставни судии, обвинувајќи дека „по нарачка рушат“ закони. Ако аргументите против непристрасноста и независноста на судиите бидат сериозно земени предвид од страна на Европската комисија, тогаш ќе испадне дека најголеми непријатели во Брисел сме си ние самите.

Признавам, не знаев дали да се смеам или да плачам, читајќи го образложението на еден пратеник (претседател на собраниската Комисија за одбрана и безбедност), за начинот на кој уставните судии ја применувале вето „логиката на Караманлис“. Остај што експресно ги „погрчи“ неокомунистичките судии туку, според „логиката на Ѓорчев“, тие испаднаа виновни и за злоупотребата на дрога и алкохол кај младите, па дури и за тоа што „се' повеќе бракови се разведуваат, ХПВ и кламидија на сите страни, мажите одат во јавни куќи, жените по швалери...“. Откако несудениот правник им одржа на судиите лекција по уставно право, логика и демохристијанско воспитание, фалеше само уште храбро да поентира: „Јас не го признавам Уставниот суд, го признавам само судот на мојата партија“.

Зошто толку гнев и ароганција кон Уставниот суд? Зошто, наместо силата на аргументите, владејачката партија упорно ги промовира аргументите на силата, понижувајќи ја независноста на судството? Одговорот на овие прашања лежи во образложенијата на одлуките на Уставниот суд кои фрлаат појасна светлина за начинот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. На пример, кога ја укинува глобата во износ од 200 евра во денарска противвредност (за физичко лице што купува алкохолни пијалаци од 19 часот до 6 часот наредниот ден), судот образложува дека ваквото казнување е „неосновано навлегување и повреда на достоинството и угледот на граѓанинот и неговиот морален интегритет.“

Потоа, кога ги укинува дискриминаторските одредби во Законот за заштита на децата, судот укажува дека „не се во функција на заштитата на мајчинството и на децата бидејќи не се однесуваат на сите мајки и деца во државата“. Исто така, кога ги укинува т.н. „патриотски сметки“, судот заклучува дека таа стимулативна мерка „доведува до нарушување на принципот на слободата на пазарот и со истата не се обезбедува рамноправна положба на субјектите на пазарот.“ Ваквите образложенија на Уставниот суд испраќаат недвосмислена порака дека „преродбата“ не води сметка ниту за достоинството и угледот на граѓаните, ниту пак за принципот на рамноправност на граѓаните и субјектите на пазарот.

Како капак на се' дојде и последната одлука на Уставниот суд за укинување на членот кој овозможуваше остварување на верско образование како изборен предмет во основните училишта. Несомнено, за нас е подобро што законот падна на Уставен суд, отколку на Европскиот суд за човекови права. Бездруго, нашата држава не се погрижи да го оствари заклучокот на судот од Стразбур и да им овозможи на учениците „да развијат критички ум кон религијата (...) во смирена атмосфера лишена од какво било преобратување“. Во нашиот случај, се чини дека имаше премногу назнаки дека државата не ја почитува забраната „да спроведува цел на индоктринација која може да се смета како непочитување на религиозните и философските убедувања на родителите.“

Има ли излез од ќор-сокакот? Најнапред, Владата треба да создаде уставна можност за остварување на човековото право на родителите да изберат, согласно нивните убедувања, религиозно или морално образование за своите деца. Наместо да го сатанизира Уставниот суд, владејачката партија може да иницира уставни промени со кои граѓаните ќе можат да основаат приватни образовни установи и во основното образование. Со паѓањето на државниот монопол над основното образование, најбрзо и најбезболно ќе се овозможи воведување веронаука и во приватните основни училишта.

5 коментари:

Анонимен рече...

Одличен текст! "Малите неуспешни држави (кој инаку се познати и како зафркнати земји без функционална влада) имаат начин за поткопување на големиот геополитички поредок. "- ова го вели Бренда Ли Пирсон во вчерашниот коментар во Нова Македонија за пиратите од Сомалија. А, како се станува неуспешна држава? Со самопоткопување на темелите (Уставот и Уставниот суд). Само, ние немаме море, па не ке можеме да имаме пирати. Треба да се измисли нешто друго (гемиџии, пак?!) со што ке дадеме придонес во поткопувањето и на светскиот поредок!

Анонимен рече...

Текстот е тенденциозен. Имам свое независно мислење дека одлуката на Уставниот суд за Веронауката во училиштата е добра, но исто така мислам дека други одлуки што ги донесе Уставниот суд се тендециозни, на пример одлуката за т.н. патриоски фискални каси. Во никој случај не може да држи толкувањето дека се нарушува рамноправното учество на пазарот затоа што со новиот софтвер фискалните каси само го прикажуваа прометот од мак. производи што не значи никакво фаворизирање и од статистичка гледна точка мислам дека ќе беше корисно тоа да се знае. Инаку за претходниот коментатор да кажам дека споредбата со Сомалија важи и за него т.е. и тој самиот може да се нарече Сомалиец. Не можам да разберам како некој не си ја сака сопствената земја. Ако сакате да имате успешна држава придонесете и самите, но не со такви малициозни споредби.

Unknown рече...

„Не можам да разберам како некој не си ја сака сопствената земја.“
Јас не можам да разберам зошто секоја критика кон владејачката партија се сфаќа на ваков начин - дека критичарот не си ја сака сопствената земја.
Зарем оној што гази Уставот и ја урива институцијата Уставен суд ја сака својата земја?

Анонимен рече...

Коментарот беше наменет за коментаторот што Македонија ја изедначи со земја од типот на Сомалија, а не за Вашата критика на власта.

zarko jordanoski рече...

Жаре, одлични поенти, одлична колумна. Само, се прашувам, ако ВМРО со своите оценки дека Уставниот суд е партизиран, го уништува неговото реноме и интегритет (што навистина ќе го регистрира и ЕК), дали истото не го правиме и ние како јавност кога некои судски одлуки (како пресудата за Циле, или за ЕВН), ан блок ги оценуваме како партиски и нарачани? Тогаш и јавноста врши притисок врз основните и други судови, кој можеби не е толку силен но повторно е тоа - притисок. Ако пак прифатиме дека одлуките на основните судови се партизирани, тогаш и Уставниот суд (барем теоретски)може да биде обвинуван за истото, како што прави ВМРО.
За да немаме двојни аршини, ако веќе ги прифаќаме одлуките на Уставниот суд како суверени, треба да ги прифаќаме и на другите судови и да ги браниме од секаков притисок.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week