На скопскиот плоштад МВР постави нов сообраќаен знак: „Забрането протестирање - освен за силеџии“. Ужаснува помислата дека имаме полиција која симулира партиски „редар“ додека пред нејзини очи дивеат хулигани и екстремни националисти. Уште колку бандитски силувања ќе мора да истрпи кревката македонска демократија која одвај закрепна од ланската „касапана“? Ќе ја научиме ли најпосле основната лекција дека нема место за хулигани и силеџии во едно демократско општество? Доцна е, срамот веќе не може да се покрие. Пукна уште еден резил дури до Брисел! Но, зошто толку полициска (и политичка) енергија се потроши за да се „покрие срамот“, наместо час поскоро да се откријат и уапсат силеџиите?
Ќе остане запаметено дека на 28 март, на скопскиот плоштад, точно на пладне, рамнодушната полиција дозволи да бидат силувани основните човекови права и слободи. Со полициска асистенција беше силувано основното демократско право на мирен протест. Беше гангстерски силувана слободата на изразувањето. Беше силувана рамноправноста на граѓаните од разулавена толпа. Беа силувани демократските принципи на ненасилство, недискриминација, владеење на правото, толеранција, почитување на разликите... Се' додека нема задоволителни одговори, ќе се поставуваат прашања: До кога бандити и силеџии ќе одлучуваат кој има право мирно да протестира и зошто, а кој не? До кога хулигани ќе може слободно да поттикнуваат и разгоруваат етничка и верска нетрпеливост под закрила на полицијата? Кој упорно ја штити „слободата“ на говор на омраза кон маргинализираните групи?
Обично, кога ќе се случи силување во едно патријархално општество, никој не сака да го признае срамот и да ја лоцира одговорноста за злосторството. Честопати, истрауматизираната жртва не го пријавува силувањето од страв „да не пукне резил“ и да не ја екскомуницира семејството. Ако жртвата добие семејна поддршка и се осмели да побара јавна правда, многу често станува повторно жртва на неефикасната полиција и судство (феноменот на „секундарна виктимизација“).Стравот на жртвите на силување е страв да не станат жртви и на паланечкиот менталитет. Многу од нив се јавно или кришум обвинети дека „сами си го барале“ - затоа што носеле мини-здолништа, затоа што биле премногу „нападни и слободни“, затоа што се осмелиле да шетаат сами по десет часот навечер... Стравот дека системот нема волја и капацитет праведно да ги казни силувачите ги обесхрабрува жртвите, а ги наградува силеџиите што продолжуваат неказнето да вршат злосторства.
Токму затоа, сите наши институции се пред сериозен демократски предизвик, а најмногу МВР. Ако сака да ја поврати загубената доверба во полицијата како заштитник на човековите права, МВР мора да престане да го игнорира силувањето на демократијата и да ги заплашува и криминализира невините жртви. Мора итно да ги уапси сторителите на кривичните дела и да престане да го минимизира злосторството како вообичаено „нарушување на јавен ред и мир“. Никој од протестантите што носеа транспаренти „Не силувајте го Скопје“ не го силуваше правото на контрапротест на „крстоносците“. Не видов некој од младите студенти и нивните поддржувачи насилно да одзема икони и знамиња од контра-протестантите, да им ги кине плакатите и летоците, да ги напаѓа со боксови и клоци, да ги спречува во нивното демократско право на паралелен протест. Од групата „Не силувајте го Скопје“ не слушнав расистички извици „Шиптари, Шиптари“, ниту говор на омраза исполнет со дискриминаторско жигосување, клетви, пцости, закани и навреди. Слушнав како пеат „Македонско име нема да загине...“ и „Скопје, радост ти ќе бидеш...“. Очигледно, само на МВР не му беше јасно кој е насилникот, а кој жртвата.Ако „бранителите“ на човекови права од МВР не знаат што е право на мирен собир и како треба да се постапува во случај на протест и контрапротест, тогаш може да прочитаат на веб-страницата на Советот на Европа. Таму јасно пишува:
„Европскиот суд за човекови права во случајот Дrzte fьr das Leben v. Austria, 1988 најде дека има позитивна обврска од страна на државата да обезбеди заштита на групите кои го остваруваат правото на мирен собир“. Ако МВР знаеше дека правото на контрадемонстрирање не смее да го попречува остварувањето на правото на демонстрирање, тогаш ќе преземеше соодветни мерки за да не се случат кривичните дела „спречување или смеќавање јавен собир“, „Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“ и „Повреда на рамноправноста на граѓаните“.МВР покажа елементарно незнаење. Обврската на МВР беше да обезбеди право на мирен протест без страв, насилство и дискриминација. Колку и да се вознемирувачки демонстрациите, колку да им изгледаат навредливи на контрадемонстрантите, учесниците на демонстрациите мора да бидат во состојба да ги одржат демонстрациите без страв дека ќе бидат подложени на физичко насилство од своите опоненти. А МВР покажа дека не го познава Уставот. Им најде мана на организаторите дека протестот не бил благовремено закажан, иако „Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола“.
Нашите институции и политичари мора да докажат дека имаат капацитет и волја да ги одбранат демократските права, и тоа не само на денот на гласањето. Кога полицијата не ги штити правата на граѓаните на мирен протест и слободата на изразување, логично е да се постави прашањето: Дали може да се зборува за фер и слободни избори кога граѓаните една седмица пред гласањето не може да ги уживаат основните демократски права, без да бидат изложени на насилство, дискриминација и говор на омраза?
Полициското игнорирање на организираното насилство на трибината во Струга роди уште поорганизирано насилство на протестот во Скопје! Доста ни е од „демократски“ силеџии и медиумски илеџии. Крајно време е да се запре спиралата на насилството. Пред да не' проголта.
Чипирање - чипиани идиоти ...
-
Пеоцесот на чипирање е одамна започнат. На чипирање сме осудени кога вадиме
било кој личен документ кој мора да го носиме со себе - лична карта, пасош,
к...
Пред 3 години
0 коментари:
Објави коментар