„Идентитетот нема супститут. Затоа во Европа ќе влеземе како македонци и никако поинаку!“ - буквален цитат од „Oбраќање на премиерот Никола Груевски на манифестацијата Година на македонски јазик“.
Од кога зборот „македонци“ се пишува со мала буква? Не влијае ли тоа на нашиот национален идентитет? Дали Владата ќе биде казнета за објавување на нелекториран документ со глоба од 2.500 до 3.000 евра?
Во 2001 г. ни се случи Собранието да донесе амандман на уставот во кој „Македонскиот народ“ беше напишан со голема буква, а „албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ“ со мала буква! Зошто никој од Собранието не беше казнет за погрешна употреба, иако Законот за употребата на македонскиот јазик е донесен уште во 1998 г.? Или, пак, пратениците имаат имунитет и да ги менуваат граматичките норми на македонскиот јазик?
Најавите дека отсега ќе почнат да се применуваат драконски казни за нелекторирани текстови, дури и во случај на реклами и фирми напишани на латиница, потсетуваат на тоталитарните методи на Грција со кои се забрануваше употребата на македонскиот јазик во име на зајакнување на грчката свест. Преобразувањето на институцијата „лектор“ во „јазичен полицаец“ може да има катастрофални последици за развојот на македонскиот јазик. Да потсетиме, токму тесноградите лектори (кои не успеаја ниту да го преведат туѓиот збор „лектор“ со словенски збор) беа најголемите осакатувачи на македонскиот јазик. Премногу често, во нивната битка за етничко чистење на туѓите „бугаризми“ и „србизми“, страдаа и зборови кои се среќаваат во мнозинството словенски јазици. Тесноградите ханибал-лектори и од нив подучените радио и ТВ-спикери најмногу придонесоа во промоцијата на стерилниот и сувопарен македонски „новоговор“ и за убивање на духовноста и музикалноста на македонскиот народен јазик.
Парадоксално, но примената на Законот за употребата на македонскиот јазик ќе ги награди најмногу „ханибал-лекторите“ - оние што придонесоа за негово осакатување и однародување.
(изјава што треба да биде објавена во утрешен „Глобус“)
0 коментари:
Објави коментар