Хунзапласт

7/30/2008

Хунзапласт е античко-македонски изум, со чија помош славните соборци на Големиот Александар освојуваат дур до Пакистан! Благодарение на оваа оригинална верзија на ханзапластот, војниците од македонската фаланга успешно ги зацелуваат лутите рани од големите битки. На славните Македонци, хунзапластот им служи како панацеја - лек за се'. Букефал несреќно загинува во „битката со слоновите“ затоа што на Александар ненадејно му снемува хунзапласт (го потрошил претходната вечер лечејќи ги љубовните рани на славниот Хефајстон).
Од извори блиски со продавачите на патриотските тезги на Зелено пазарче, дознаваме дека хунзапластот останува чудотворен лек за се' - од заушки до СИДА. Лечи ем идентитетски кризи ем несакани убоди од комарци. Кој не верува нека го чита Каменот од Розета!

***

Внимателно, претпазливо, на штрек! Секоја сличност со реални настани е сосем случајна. „Хунзапласт“ не е најновото откритие на славната македонска археологија, туку идеја за нов македонски историски филм за хунзоманијата (александроманија во боливудски стил). Кога македонската кинематографија му кажа „Збогум на 20 век“, никој не очекуваше дека ќе станат актуелни сценаријата „Добредојде на 4 век пред нашата ера“ и „Хунзите доаѓаат“! Најпосле, кој можеше да поверува дека Боливуд ќе го засени Холивуд?

Нејсе, луѓето од овие простори изгледале секакви филмови. Ги преживеале походите на толку многу освојувачи, па белким ќе го преживеат и овој на Хунзите. Поточно, оние што ќе го преживеат, ќе раскажуваат. Затоа, да ги оставиме хунзофилите да дебатираат дали нивните соплеменици заслужуваат место во „Македонскиот дел од пеколот“ и да се обидеме да составиме летна топ-листа со македонски филмски хитови. Очекувано, по политичкиот хорор „Македонска изборна свадба“, тешко се наоѓа место за романтични комедии како „Мирно лето“:

10. „Шампионите од Шутка“ - затворска кримисерија за човекови права. Во првиот дел глуми лично Груевски како новопечен борец за човекови права на притворените. Одлучно поставува камен-темелник на новото одделение во затворот „Шутка“. Во другите делови ќе ги гледаме резултатите од активностите на Владата во „бескомпромисната и неселективна борба против криминалот и нултата толеранција на корупцијата“.

9. „1984“ (ака „Среќна нова 1949“) - негативна утопија за ефектите од воведувањето на „демократска гилотина“ во Собранието. Парламентот одеднаш се преобразува во „колектив на владата“ наместо во „коректив на владата“. Засега, се снимени неколку продолженија: „Изгубени во преводот“ (љубовна драма за односите помеѓу борците за човекови права од ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ по усвојувањето на деловникот и „официјализирањето“ на албанскиот јазик); „Лоботомија“ (за последиците од Законот за лоб(отом)ирање); „И работниците ги убиваат, зарем не?“ (семејна трагедија за работничките права, скратени заради подобрување на бизнис-климата).

8. „Прислушување“ - високобуџетен трилер во копродукција на тајната полиција и Собранието, кое божем глуми контрола врз тајните служби, а спектакуларно им ги зголемува законските можности за дејствување и буџетот.

7. „Недопирливи“ (конзервативистичка хорор-верзија на серијата „Октоподот“, во која секоја исечена пипка во борбата против организираниот криминал се претвора во нов недопирлив октопод).

6. „Самоуништување“ (социјална драма во продукција на опозициските пратеници, кои одлучија да ги напуштат своите работни места за кои беа избрани од граѓаните, наместо да ги застапуваат нивните интереси во Собранието).

5. „Враќање на отпишаните (втор дел)“ - партизански акционен филм во фаза на доработка на сценариото. Според некои шпекулации, ќе го режира лично „почитуваниот Бранко Црвенковски“.

4. „Доба на невиност“ - веќе видена шпанска серија во која МВР му докажува на Хелсиншкиот комитет дека е поактивен борец за правото на пресумција на невиност, дури и кога МВР, само по поднесена кривична пријава, пресудува дека тој и тој „...сторил кривично дело...“.

3. „Најдолгиот пат“ - „Македонска сага“ за нерамната борба против идентитетските душмани што го попречуваат нашиот прием во ЕУ и во НАТО. Главни негативци во оваа сапунска опера со малку политички дијалог се Бакојани и Караманлис. Споредни улоги - Буш, Баросо, Нимиц...

2. „Опасни врски“ - заплеткан трилер за интимните односи помеѓу претставниците на законодавната и судската власт, помеѓу обвинителството и владата, помеѓу министрите и олигарсите, помеѓу партиите и од нив зависните медиуми итн.

1. „Фамилијата го враќа ударот“ (полициска серија со многу акција и спектакли, особено во епизодите „Изгорени од сонцето“ (ака „Шутка виа Струмица“) и „Кога граѓаните ќе стивнат“. Засега, добива многу лоши критики од „меѓународната заебница“.

По енормното поскапување на парното и најавите за поскапување на струјата, народот нестрпливо го очекува новиот зимски хит. Според најавите, тоа ќе биде римејк на еротскиот трилер „Жештина“. Поради нискиот семеен буџет, главните јунаци претпочитаат да се греат на сексуална енергија. Откако по направеното трето дете ќе го зголемат буџетот, сите среќно си се греат на дрва. И преродбата продолжува.

5 коментари:

Анонимен рече...

e navistina me iznasmea :)
vaka se pocnuva denot ...

Vlado Apostolov рече...

Жаре е све бољи и бољи. Жаре пази ќе те апсат

Анонимен рече...

Се изнасмеав до солзи, всушност работава и е за плачење.
Браво мајсторе!

Анонимен рече...

Abe komunjari, a sto ke kazete na novoto filmce \"Papa di tuti papi\"?

Анонимен рече...

Ептен е добро.
Најче

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week