Не ми е јасно зошто толку дрвја и камења се фрлија по туристичкиот спот на Милчо Манчевски и проектот „Македонија - вечна“. Ем го обвинија авторот за плагијат ем за „заборавени“ рефлектори, па и за „нерамковно“ претставување, а уште малку ќе го обвинат и за игнорирање на последиците од светската економска криза по нивото на Преспанското Езеро. Има ли смисла толку мани да се наоѓаат кога уметникот убаво си се одбрани дека неговото дело е своеобразна реплика на „Алиса во земјата на чудата“? Е, сега, ако славното дело на Луис Керол е клучот за дешифрирање на македонската Алиса во земјата безвременска, милитаристички настроените критичари се чини стрелаат во сосем погрешна мета.
„Алиса во земјата на чудата“ (во првобитната верзија „Алиса во земјата на андерграундот“) не е само приспивна приказна за мали и исплашени девојчиња, туку книга преполна со парадокси, политички алузии, симболи, математички и лингвистички референци, и пародирање на лекциите што требало да ги учат напамет британските ученици. Оттаму, ако спотот на Манчевски го гледаме со жанровски очила како „литературен нонсенс“ (жанрот на кој припаѓа делото на Луис Керол), тоа може да ни отвори нови „врати на перцепцијата“.
Главната разлика помеѓу британската и македонската Алиса е тоа што првата веднаш пропаѓа низ зајачка дупка во „земјата на чудата“, а нашата ја започнува „авантурата“ без да излезе од спалната, сеирџиски уживајќи во оживувачките илустрации од чудотворната книга, седната покрај татка си. Разбира се, клучната дилема е како ќе ја толкуваме „земјата на чудата“. Во книгата на Луис Керол, Wonderland е подземје („андерграунд“) пренаселено со бизарни ликови. Сите се под власт на „слепата фурија“ - Кралицата срце (карикатура на кралицата Викторија), која сите нејзини проблеми ги решава со издавање една единствена наредба: „Исечете им ги главите!“
И македонската Алиса, листајќи ги страниците од книгата на нејзиното културно созревање, се соочува со мноштво бизарни историски (архе)типови. Некои од нив изгледаат навистина застрашувачки: ослепениот Самуилов војник, 40-те маченици, па и св. Марина која држи некакво си дијаболично монструмче во раката. Сепак, најексплицитната закана доаѓа од „рунтавиот Македонец“ со боздоганот кој (според еден блог-коментатор од под „Марку-Куле“) како да испраќа недвосмислена порака до посакуваните туристи: „Само дојдете, ви ебавме мамата!“
Ако спотот на Манчевски го читаме како што некои критичари ја читаат „Алиса во земјата на чудата“, тогаш раскажувањето на официјалната приказна преку листање на страниците на Македониумската сликовница би било само една страна на паричката. Другата страна почнува да изгрева кога ќе почнеме внимателно да го расткајуваме платното, проникнувајќи во геометриските парадокси (загатнати во орото и велешката архитектура, во „Големата мајка“ од Маџари, во серпентините близу Крушево...), во лингвистичките и музичките референци, во симболичката исполнетост на доматот и лубеницата како узреано сонце...
Несомнено, најконтроверзно ќе биде исчитувањето на политичките референци и (пре)пораки, пред се' ритуалното испивање вино од страна на античко-македонскиот војник и поклопувањето на чашата со симболот на сонцето од Кутлеш, ископана на Самуиловата тврдина во Охрид. Бездруго, ова меѓународно перчење со симболот на Македон ископан на наша територија ќе биде искористено како поткрепа на грчките аргументи дека и ние пет пари не даваме за „Привремената спогодба“. Но, ако сакаме да направиме вистинска винско-туристичка дистинкција помеѓу античките Македонци и Елините, тогаш во некој од идните спотови мора да се нагласи дека вистинските Македонци го пијат виното непомешано со вода и строго во машко друштво, за разлика од неиздржливите Елини кои обичале да го пијат како „шприцер“ и во друштво на сомнителни „кафански певаљки“.
Кога сме веќе кај историско-политичките пораки и парадокси, најмногу ме бендисаа две пораки на сајтот „Македонија - вечна“. Првата е дека „Наспроти турбулентното минато, денешниот народ на Македонија е мирољубив, пријателски и оптимистички за заедничката иднина меѓу големата Европска фамилија од нации“. Несомнено, тоа го покажавме не само во 2001, туку и на последните избори, а нашата мирољубивост традиционално ја докажуваме и со фрлање експлозивни направи за време на свадби, прослави и новогодишни празници. А за тоа какво ни било „турбулентното минато“, сведочат линковите од „Њујорк тајмс“. Првиот линк сведочи за настан од 1874, кога двајца селски големци од едно „тивко македонско село“ решиле „џентлменски“ да го решат спорот околу воденицата ползувајќи го традиционалниот метод кој најблиску може да се опише со зборот „касапана“. (Секаква сличност со последните избори е случајна.)
Втората порака која ја испраќа „Сенка филм“, од име на Владата на Република Македонија, е преку линкот Nation Master Encyclopedia (прв линк на страницата „Историја“). Во одредницата за „Култура на Македонија“ експлицитно се тврди дека „традиционалното грчко население или се населило на југ или изумрело со времето како што било заменувано од мнозинскиот словенско-македонски етницитет.“ Се надевам дека нема да бидам обвинет за ширење непријателска пропаганда затоа што цитирам енциклопедии што ги препорачува нашата влада.
Парадоксално или не, како и за секое друго уметничко дело, и за спотот на Манчевски важи дека „Вистината е во окото на набљудувачот“. Моето десно око ја гледа Алиса како среќно заспива откако ќе се загуби во древните митови на Македонија. За неа митот станува реалност, каква што може да стане и за туристите намерници. За левото око архео-историските митови се само животни пречки што мора да ги помине нашата Алиса, во процесот на нејзиното културно освестување и созревање. Пречки, како и „дамата срце“ и останатите монструозни ликови од подвижниот шпил карти на „земјата на чудата“.
На сајтот на А1 налетав на интересен текст (не го фатив на вестите на ТВ) во врска со сумата која ЕУ годишно ја троши на своја себепромоција. Тоа фрла сосема поинакво светло врз сите промотивни потези на владата и практично им ги пере рацете а истовремено и устите на сите што на цел глас трубеа против таквите кампањи. Или пак во случајов се работи за нешто што ЕУ смее да го прави а ние не смееме? Го молам авторот на блогот за коментар на таа тема.
А од таа вест се отвараат и нови прашања. Колку од тие суми завршуваат во џеб на нашиве самонаречени „експерти“, како компензација за нивното секојдневно трубење за „ЕУ или смрт“, за сите кнедли кои мораме да ги проголтаме за да влеземе „таму каде што мора да се влезе“. Сега се гледа дека некој (можеби не сите, но верувам повеќето) земал пари за тој вложен „труд“ и се поставува прашањето колкумина го прават тоа искрено, не поради финансиска придобивка. Мислам дека темава заслужува посериозно истражување и секоја чест за A1 што ја потегнаа темата!
Патем, ова некако се совпадна со одлуката на ЕУ веќе да не доделува пари на балканските медиумски куќи, пари со кои повеќе новинари на A1 во изминатите години престојуваа и известуваа од ЕУ на подолги периоди. Коинциденција? :)
http://www.a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=102312