Никако Македонија да ја преброди тешката политичка криза. Еден од нејзините клучни аспекти е кризата на лидерството. Се' повеќе политиката се претвора во уметност на убедување на народните маси дека тие што ги донесуваат политичките одлуки не се одговорни за сопствените политички неуспеси. Одговорни да ти биле некои зли демони отелотворени во нивните политички опоненти, независно од која страна на границата. Привикувањето на „добрите“ племенски демони од минатото (демоните на славните Филип, Александар и Букефал), во борбата против „злите демони од сегашноста“ (поткопувачите на нашиот „вековен идентитет“ олицетворени во „клетите Грци“ и „дволичните Европејци“) стана доминантен модус на владеење. Поточно, на манипулирање со масите.
Токму затоа, поскоро може да се каже дека преживуваме демонкратизација, отколку демократизација. Демократизацијата подразбира политички процес на јакнење на демосот (неприкосновеност на граѓанинот, независно од неговото потекло). Но, по 2001 година граѓаните на Република Македонија само формално останаа носители на нејзиниот суверенитет. Во практика, тие беа трансформирани во припадници на етнички заедници што не можат да ги остварат своите индивидуални права независно од нивната етничка припадност и без посредство на етничките „пастири“. Во доктрината на владејачката партија која се повикува на конзервативните вредности и „реалниот човек“ (како „суштество на слободата, патриотизмот и на верата“) нема никакво споменување на индивидуални човекови слободи и права, туку само на „права на нацијата“. Може ли воопшто да се зборува за демократизација ако индивидуалните човекови права се потиснати од колективните етнички права?
Криза на лидерството настапува кога лидерите не можат да одговорат на современите политички предизвици, во случајов интегрирањето на Македонија во ЕУ и во НАТО. Криза на лидерството настапува кога политичките лидери не можат да спроведат слободни и фер избори. А слободните и фер избори се само неопходен, но не и доволен услов за демократско владеење. Не е доволно да бидеш избран демократски, потребно е и да се владее демократски (Бжежински). По предвремените избори од 2008, нашите лидери ниту се избрани на демократски избори ниту, пак, владеат демократски.
Еден од клучните симптоми на кризата на лидерство е отсуството на политичка одговорливост и одговорност кон сите граѓани. Најголем дел од избраните едноставно престануваат да одговараат на повиците на оние што ги избирале или, пак, делумно се одѕиваат само на повиците на оние што ги избрале. Ги избравме за што побрзо да не' интегрираат во ЕУ и во НАТО. Никој не поднесе оставка поради неуспехот. Оставката како чин на политичка одговорност е речиси непознат феномен во македонската демократска традиција. Потребата од постојаната „закрила“ на меѓународната заедница е можеби најубедливиот показател на кризата на лидерство во Република Македонија. Се' поголем број граѓани имаат впечаток дека не постои автономно донесување одлуки од страна на оние што се избрани да донесуваат одлуки во нивно име.
Избраните лидери не придонесуваат ниту за изградба на автентичен демократски модел. Модел што ќе се крепи на јасно дефинирани демократски принципи кои ќе бидат отелотворени во ефикасни демократски институции. Напротив, лидерите не само што настојуваат да ги заобиколат механизмите на граѓанска контрола, туку и активно учествуваат во дерогирањето на демократските принципи. Ги претпочитаат интересите на партиските истомисленици наспроти интересите на сите граѓани. Наместо политичката енергија да се вложува во изградба на моќни и независни институции, таа се вложува во изградба на моќни култни личности.
Затскривањето зад „култот на личноста“ остана темелна одлика на македонската посттитоистичка политика. Култот на личноста успеваше да ги засени дури и изборните нерегуларности што бодеа очи. Има ли појасен индикатор за кризата на лидерството од сомнителниот начин на кој беше избиран претседателот на Република Македонија на сите три избори? На првите избори сенка на сомнеж фрли пресметувањето на резултатите во првиот круг; на вторите избори драстичните нерегуларности што не беа отстранети ниту со повторување на изборите во стотици избирачки места (нерегуларностите беа пренебрегнати откако политичкиот конкурент се откажа од правото на жалба); на третите избори - нерегуларностите во вториот круг што го доведоа под прашање официјалниот процент на лица што излегле на гласање (кој одвај го надминуваше изборниот праг). Дали конечно ќе покажеме демократска зрелост на овие претседателски избори?
Сепак, најпрепознатлив симптом на криза на лидерството е недостиг од јавна критичка дебата која подразбира елементарна политичка култура на комуникација и почит кон државните институции. Има ли нешто потрагикомично од упорноста на премиерот (избран на најлошо спроведените избори во историјата на самостојна Македонија) во понижувањето на институцијата претседател на републиката (наводно, поради нерегуларности во изборите)? Има ли нешто потрагикомично од личните дисквалификации на најголемите претенденти за претседателската функција во предвремената кампања? Од докажани експерти за демократија и човекови права очекуваме да го подигнат нивото на политичка култура. Очекуваме натпревар на демократски идеи, критичка дебата и конечно напуштање на веќе видените методи на демонизација на политичкиот противник.
Најмалку што очекуваме е значаен исчекор од демонкратизација кон демократизација.