До неодамна Македонија се перципираше како земја помеѓу Окцидентот и Ориентот, помеѓу ѓоамити континентот Европа и Азија. Но, откако Албанија ни стана „Запад“, се наоѓаме во поинаква констелација на односи. Се' помалку сме земја во расчекор помеѓу Европа и Азија, а се' повеќе сме африканска „банана демократија“.
Што имаме заедничко со Африка? - логично ќе праша секој читател. Доволно е само да се ѕирне мапата на слободата во светот за 2009 (што ја објави неодамна престижната Freedom House), за да се види друштвото во кое се најдовме како делумно слободна земја: Буркина Фасо, Нигерија, Етиопија, Уганда, Кенија, Танзанија, Бурунди, Габон, Мадагаскар...
Не почнаа да не' третираат како „банана демократија“ само поради „африканскиот“ изборен процес (оценет како најлош од независноста), бојкотот на институциите и разочарувачките реформи. Единствено во „банана демократија“ победничката партија може да биде горда што го кеширала рејтингот на катастрофално спроведени избори (лажејќи дека во 98 или 99 проценти од избирачките места... немаше никакви забелешки на избирачкиот процес). Стануваме се' повеќе Африканци и поради „африканскиот“ тип на владеење (културата на „политички дијалог“ што ја промовираат нашите племенски и клановски „главешини“), поради „там-там“ медиумите (преполни со експерти за димни сигнали и завеси), поради нашите опседнати врачови (во трескавична потрага „а ла Кунта Кинте“ по духовите на предците и корените). И општеството ни станува се' поафриканско, препознатливо по повеќеслојна сегрегација и „племенска приврзаност“ (тиранија на снажни, групни и исклучиви етнички идентитети), по жестоки клановски конфликти, а демне и религиозниот фундаментализам.
Затоа, не треба да не' чуди што Македонија добива многу слични демократски оценки како Мозамбик (не успеа да ги одржи изборите во 2008), како Сенегал (авторитарната власт ги одложи локалните избори), како Сиера Леоне (за која е успех што лани одржа општи избори без присуство на меѓународни трупи), и како Замбија (каде што министерот за информации „обича“ јавно да им се заканува на новинарите кога се дрзнуваат да ја критикуваат владата).
Најинтересно од се', соплеменици мои, е тоа што нашата демократска африканизација беше навреме антиципирана, да не речам предвидена, од страна на некои наши теоретичари и критичари на македонската демократизација. Ако дозволите, ќе си поиграме малку „детекција“ и ќе се обидеме постепено да ги откриваме двата мистериозни лика преку нивните пророчки изјави и предупредувања.
Личноста „А“ е еден наш политички теоретичар, кој своевремено тврдеше дека како резултат на процесот на етнизација на политиката „настанува опасност од систем со тоталитарни тенденции“. Тој успешно предвиде дека „етнизирањето на политиката и секојдневниот живот води кон нов трибализам“. Предупреди за системов во кој „почнуваат да се бараат непријатели, се откриваат наводни заговори“, при што „населението се' повеќе е подложно на манипулации преку повикување на колективните емоции“. За него, „пострамковна“ Македонија се соочуваше со единствен избор: етнизирање на политиката и секојдневниот живот (заглибување во „нов трибализам“) или применување на „турбо-капитализам“ (за да ги почувствуваме „позитивните ефекти од глобализмот“). Неретко, своите политички хипотези ги поткрепуваше со народни умотворби, како „Две лубеници не се носат под една мишка!“
Личноста „Б“ е еден бивш колумнист, ученик на личноста „А“. Кога личноста „А“ стана жртва на племенски судир и на „там-там“ медиумите, тој ја сведе нашата јавност како „племе од крвожедни дивјаци што се кријат зад политичките симболи, партии, лидери“. Своевремено се залагаше за отворено општество кое „бара рационални индивидуи во јавниот живот кои знаат и умеат да прифатат одговорност“. Македонија ја опишуваше како „неколку племиња каде што не е битно кој си и што си, туку единствено е битно да си дел од племенската заедница“.
Следат и дополнителни „џокери“ за оние што досега не погодија. Обајцата политолози покажаа дека теоријата е во расчекор со практиката. Како теоретичари јавно се залагаа против трибализмот и султанизмот во Македонија, но како практичари ја прифатија девизата: „Ако не можеш да ги победиш, придружи им се“. Така, откако направија успешен „трансфер“ од едниот во другиот племенски клан, покажаа исклучителна верност кон „Цезарот“ во неговата борба против „Султанот“. Личноста „Б“ успешно се трансформираше од барабанџија на „Цезарот“ во вицецезар за афроинтеграции и референт за потрага по „најдлабоко утврдени корени“ и двокатни автобуси. Личноста „А“, од партиски советник за античка политичка мисла, необично се преобрази во потенцијален кандидат за султан на портокаловиот клан.
На крајот, што друго да се каже освен дека животот е исполнет со парадокси.
Најгласните либерално-демократски „фајтери“ против македонскиот трибализам и султанизам станаа високи племенски старешини активно вклучени во процесите на етнизација и на античко „оплеменување“ на народот. Како што тргнале со „преродбава“, нашиве рационални и одговорни индивидуи можеби ќе ја преродат и античкомакедонската „конституциона монархија“. Кој ќе биде тогаш како нас, со две лубеници под една мишка? Ќе има ли погордо „европско“ племе? Ќе бидеме горди ем што што го носиме вековното име („најскапиот бренд во историјата на човештвото“) ем што сме си го повратиле најдоброто политичко уредување (според Аристотела Македонскаго).