Музејот на народната „Отворена влада"

3/21/2007


(блог-колумна)

Запнал Грујо, со ударнички сили, од владата да направи музеј.
И би - музејска влада.
Наредил Грујо пред владината зграда обезглавени статуи, за да видат странците „дека оваа држава има корени и дека, како што вели народот, не сме ние тиква без корен, нели!"

Неочекуваната изјава предизвика бурни реакции на македонската берза - рапидно се намалија акциите на прекупците на струмички домати и преспански јаболка, а нагло рипнаа акциите на бит-пазарските шиткачи на семки, производителите на слатко од тикви, како и на ТВ-станицата што ги поседува правата за емитување на сапунската серија „Корени" - онаа со Кунта Кинте.
Но, каков ли ќе е тоа народен музеј без народна публика?
Веднаш Грујо го пушти народот во музејот, па им ги покажа неговите музејски експонати (пардон – министри), за да видат луѓето дека таму има „најнормални канцеларии во кои се работи од утро до мрак". Ако, ако, нека видат одблиску луѓето како Грујо и неговите музејските експонати ја почитуваат народната поговорка - „Бадијала работи, бадијала не седи!“.
Но, бива ли народен музеј без водич и кустоси?
И ете ти го Грујо како водич заедно со неговите музејски експонати, пардон - кустоси, мака мачат да ја поправат пред народот „темната слика за владата“.
Најстариот археолошки експонат, пардон – кустос за правда, дава за народното Музејско радио пригодна музејска изјава, чуена кој-знае колку пати: „Оваа влада е цврсто решена, не само вербално, само на зборови, него на дела да докаже дека се бори против корупцијата и ќе се бори“! Фалеше уште Паско Кузман, неуморниот патувач низ времето, да почне да ги толкува обезглавените кипови пред владата - како несомнена поткрепа на тезата дека античките Македонци ја измислиле борбата против корупцијата!
А има ли светла иднина без странски инвестиции? Ете ти го одма кустосот за странски инвестиции со пригодна изјава како странските инвеститори се тепаат кој попрво да инвестира во Македонија. Кутрите странци, помамени од пробниот балон-кампања, трпеливо чекаат на ред да се јават на единствената, постојано зафатена телефонска линија, за да си резервираат „цепелинска-инвестиција" во Македонија.
Веднаш по него, кустосот за земјоделски култури дава надеж дека и од пропаднатите, некогаш успешни земјоделски задруги ќе направи историско-археолошки музеи како што е владата. Ваистина, кустосот за надворешни работи не даде изјава за Музејското радио – ама бездруго, станува збор за достоен музејски експонат! Зошто, на пример, во владата да не се отвори музејска поставка со која достојно ќе се одбележат студентските демонстрации од 1997, во која според принципот на рамковна затапеност (пардон – застапеност), ќе се најде место и за жртвите-знаменосци од славните гостиварски настани?
Потоа, Музејското радио и отстапи време на кустос-ката за внатрешни работи која го просветли народот со историската изјава: „Државата не може да функционира со сива економија и со криминал“ - пркосејќи му така на нашето шест-децениско државничко искуство. „Оваа влада има изразено национално чувство за државност, и затоа толку оштро се спротивставуваме на овие појави" – продолжи емотивно кустос-ката за внатрешни работи.
Среќните ние, после толку време конечно да добиеме влада со „изразено национално чувство за државност"! За жал, не дознавме само, колку од министрите имаат исполнето услови за македонско државјанство, колку од нив имаат (поднесено барања за) бугарски/албански пасоши, и на кој јазик се водат музејските седници (имајќи предвид дека некои народни кустоси не го познаваат македонскиот јазик).
Најкратка, но најфилософска изјава дава кустосот-економист: „Половина од работата е завршена ако има политичка волја“. А, затоа ли половина од владините работи никогаш не дочекуваме да ги видиме довршени? Пеки, пеки.
Како што доликува на секоја музејска изложба, мора да се чуе и гласот на „задоволните граѓани": „- Јас со 62 години сум одушевена – првпат влегов во владата / рез? / ... почна да ги гони арамиите, што цел народ страда и пропаѓа Македонија. Ќе му препорачам до дупка да ги гони, да врати се што зеле првин, па после како морална казна нека одлежат затвор!"
Народната влада си го слуша „народот“, па почна морално да ги казнува со затвор народните предатели, шпекуланти, и „лекари-конгресмени" (според народната, „Извини д-ре, морално беше?“).
Во меѓувреме, нестрпливо го очекуваме донесувањето на законот за кодошите. Со тоа ќе се создадат неопходните законски услови за што попотполно задоволување на сеирџиската глад на напатениот македонски народ (кој кутриот, му се пожалил на музејскиот водич дека не може да си ги вработи „синовите и внуците“). Од извори блиски на Мирко & Славко - Прва пост-комунистичка продукција, дознаваме дека предлагачот на законот за кодошите - Стојан Андов веќе подготвува сценарио за филмска трилогија (спонзорирана, разбира се, од Министерството за култура). Работните наслови на филмовите се: „Удри по кодошот“, „Кодош против кодошот“ и „Кодошите го возвраќаат ударот“.
Најискрено Ве молам, да не ми забележувате што вака пристрасно го пренесувам и толкувам прилогот од пладневниот радио-весник на независното и непристрасно Музејско радио, по повод толку значаен државен настан - 16-годишнината од првата влада на самостојна Република Македонија.
Но, и самиот Гебелс би се превртел во гробот кога би ја слушнал веста што следеше на нашето препочитувано народно Музејско радио: „Саем за вработување и кариера: понудени над 250 работни места и обука...“ - дрн-дрн јариња. Што им требаше? Сега нестрпливо ги листам владините огласи по весниците во потрага по дополнителен оглас за компјутерско описменување на стечајните работници, со што би ги стекнале неопходните квалификации за новото работно место – „виш продавач на семки од тикви со корен" пред зградите на собранието, владата, и останатите државни институции.
Ете така, нашата влада успешно си се трансформираше во музејска институција која промовира историско-археолошки и агрикултурни вредности.
Симболот на музејската народна влада не е веќе ниту јаболкото (поради конотацијата – раздор), ниту доматот (поради лесното преминување од тврда во течна состојба), туку тиквата (не само заради неприкосновниот корен, туку и заради заразните семки неопходни за следење на досадните филмови спонзорирани од Министерството за култура).
Како што тргнале работиве, воопшто не би се изненадил ако водичот во нашата музејска влада утре ја даде и следнава изјава:
„Ако треба и семки од тиква ќе јадеме, ама името не го даваме!"
Разбира се, во функција на јакнење на „националното чувство за државност", намалување на невработеноста, и развој на националната кинематографија.

13 коментари:

Unknown рече...

Еднаш до два пати месечно планирам објавување на постови во „колумнистички“ стил.
Добредојдена е секоја критика -особено негативна.

Анонимен рече...

добра ти е иронијата...еве ти бакшиш повод за наредната...44-те пофалници на Грујо за најдобрите студенти во Македонија...а работа ако си се снајдат самите...да му се позлати тоа идиотот...терај далје...ич да не е подобро е отколку објавуванје превземени интрвјуа без поента...

Анонимен рече...

а зашто блог-колумните да не станат колумни во весници? ако може најчевска (и дузина други), што па не и ти. бар јас во секое време би го избрала твојот сарказам, бриткост и либерализам наместо нејзината назови-ја луцидна иронија, а уствари честопати тешка егоцентричност.

уствари што аргументирам и ја попусто,не ја варам и општо би ја заменила со тебе :)!

Unknown рече...

благодарам за подршката.
Макар што, мора да признаам, новите колумни на Најчевска ги читам и претпочитам во однос на многу други колумни.

Анонимен рече...

Забележав една противречност во твоите два последни поста. Додека во најновиот пост забележуваш дека „Во некои случаеви обвинетите за сторувањето на кривичните дела се врзуваат за определени атрибути како што се етничката припадност и професијата со што кај останатите граѓани ги потикнува предрасудите, омразата и дискриминацијата спрема оваа група на луѓе како и недовербата спрема нив.„ во претходниот пост под наслов „Музејот на народната „Отворена влада„ упорно ги поврзуваш професиите кустос и министер.
Јас би сакала да ти укажам дека и таа инаку забавна и реторички вешто изведена споредба е еден вид дискриминација на цела една професија и поттикнува предрасуди и недоверба према кустосите (со оглед на „репутацијата„ со која се здобиле многу министри). Не дека мислам дека кустосите се безгрешни; напротив, многу министри би имале право и самите да се почувствуваат „дискриминирани„ поради споредбата, но сепак мора да се признае фактот дека министрите имаат многу поголема политичка и финансиска моќ.

Анонимен рече...

Нена - како зошто блог колумните да н е бидат и колумни во весниците?...прво од проста причина што тешко денес да се најде будала кој ке плати сеирџија за да лови гафови или да ломоти кај него у весник а притоа да е и волкот сит и овците на број...ако му брцнеш на политичарот во егото - тој ќе ти брцне или во финансиите или во уредувачката политика...онака суптилно... и најверојатно весникот би требал да биде независен (пиши чавка)... а и јас би сакал, не дека не.

Unknown рече...

„Додека во најновиот пост забележуваш...“
Не забележувам јас, туку Хелсиншкиот комитет, во својот извештај. Јас само ги пренесов цитатите како интересни. Кликни на линкот.
Велиш, „Јас би сакала да ти укажам дека и таа инаку забавна и реторички вешто изведена споредба е еден вид дискриминација на цела една професија и поттикнува предрасуди и недоверба према кустосите (со оглед на „репутацијата„ со која се здобиле многу министри).“
Повторно, приговорот е на погрешна адреса. Не ја претворив јас владата во музеј, туку Груевски.
Македонското радио изјави дека Груевски бил во улога на водич.
Вистинското прашање е - дали Груевски има лиценца да биде музејски водич?
Ако нема, треба да го пријавите на надлежните служби... :)

Анонимен рече...

И покрај сите аргументи дека станува збор за цитати и оградувањата од споредбата министер/кустос сепак останува фактот дека таа споредба е твоја „финта„, а двата текста едно до друго постојат само на твојот блог - јас реагирав само на таа противречност поради последователноста.
Инаку претпоставувам дека тоа што Груевски бил наречен „водич„ значи дека тој не ни заслужил да биде промовиран во кустос, а за водич ќе му прогледаме низ прсти... Сепак, се наежив кога слушнав дека се планира нова скулптура на „најголемиот Македонец„ Александар Македонски и тоа на плоштадот Македонија. Си го замислувам Груевски како ја открива монументалната скулптура (можеби планираат да биде висока колку ново-годишната елка) и се соживува со новата професија...Многу ме интересира како на тоа ќе реагираат неговите „колеги„ од „музејот„ во Грција?

Анонимен рече...

Скулптурата на Александар Македонски мора да биде барем двапати повисока од скулптурата на Скендербег.
Големината на Букефал ќе надомести малку од „висината“ на Ацета.

Анонимен рече...

бла бла...каде е конструктивноста во коментирањето на постовите!?

Бидејќи до сега те воспаеваат, Жаре, ајде јас малку да те искритикувам. Малку си опширен, делумно смешен, но не сосема. Мојот совет би бил да одбереш страна во смисла на тоа на каде ќе го тераш пишувањето: на сериозно (извештачено, да го наречеме) или зезанција (троа послободно). Некогаш кокетирањето, она денсинг он ди еџ е погадно од паѓањето.

Али, мислам, не обраќај ми многу внимание, сепак е пролив во прашање :)

Анонимен рече...

Жарко, Колумнава е излезена и во новиот број на Шпиц во рубриката блогосфера, ама нема еден дел од истата(почетниот) и ни ал ни абер кој е автор на истата??

Анонимен рече...

eve link

Unknown рече...

Фала и на ribaro и на incontinentia за критиките - за моја жал, не можам а да не се сложам со повеќето од укажувањата :)
Остај што ми го осакатиле текстот, туку и лекторски ми го унакажале:
“принципот на рамковна застапеност (пардон – застапеност)“ ???

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week