Медиумите, во соработка со полицијата, продолжуваат да го кршат правото на пресумпција на невиност:
„- Откако ни беа упатени најави, во МВР беа преземени посебни истражни мерки - од бележење банкноти до снимање телефонски разговори и се' друго што е неопходно. Тоа го направивме во соработка со Јавното обвинителство, од кое добивме одобрение за мерките. Кај докторот се најдени 300 евра обележени пари. По акцијата за апсење корумпирани полицајци и цариници, сега се работи на расчистување на митото и корупцијата во здравството - велат во полицијата.“ (Дневник).
Што може да се заклучи друго од изјавата пренесена во „Дневник“:
1) Полицијата дејствувала врз основа на упатени најави - врз основа на информатори (кои не се наведуваат). Од каде знаеме дека тајните информатори не дејствувале врз основа на политички или идеолошки мотиви, со цел јавно да се жигоса една позната личност?
2) Полицијата презела посебни истражни мерки - вршела прислушкување, најверојатно во предистражна постапка.
(Од изјавата може да се заклучи дека мерките ги одобрил Јавниот обвинител - а тој може да одобрува такви мерки само во предистражна постапка. Доколку станувало збор за истрага - посебните истражни мерки можат да се определат само со наредба од истражен судија - според чл. 148 од ЗКП - пречистен текст од 2005).
Дали тоа значи дека секој може да биде прислушкуван од полицијата како осомничен за примање/давање поткуп, само врз основа на „упатени најави“, без наредба од судија?
3) Независно од тоа дали осомниченото лице ќе биде осудено или не (да му ја препуштиме таа работа на судот), неговото право на пресумпција на невиност е веќе прекршено со официјалната полициска изјава во која експлицитно се сугерира дека станува збор за случај на мито и корупција во здравството.
Не сакам ништо да прејудицирам - судот ќе утврди дали имало или немало кривично дело.
Во секој случај, останува мрачниот впечаток дека секој може да биде прислушкуван без судска наредба само врз основа на „упатени најави“ до МВР, и дека секој може веднаш да биде прогласен за виновен (без оглед на тоа што бил прогласен за лекар на годината) - само врз основа на матни полициски изјави.
4 коментари:
Според А1: „МВР во денешното соопштение наведува дека „по претходно преземени подолготрајни посебни мерки и активности“ по претходна пријава на граѓанин, „при извршен личен претрес и претрес во службените простории на пријавениот се пронајдени 300 евра кои му биле дадени од страна на лице од Струга, чиј член на семејството бил пациент“ на Докиќ.
Парите претходно биле обележани од страна на МВР.
Полицијата денеска информира дека по наредба на истражен судија при извршен претрес во туристичка агенција во Скопје била пронајдена и одземена профактура во износ о 48.875 денари - аванс за авиобилет на име на Докиќ, „пари уплатени кон крајот на месец февруари годинава од страна на истото оштетено лице“.“
Еве го и целото соопштение на МВР:
„Денес 15.03.2007 година, од страна на Одделот за организиран криминал при Министерството за внатрешни работи поднесена е кривична пријава до Јавно Обвинителство на Република Македонија – Одделение за гонење на сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупцијата против Д.Д.(47) директор на Клиниката за пулмологија и алергологија при Клинички Центар – Скопје, поради постоење основано сомнение дека е сторител на кривично дело „примање поткуп„.
На 14.03.2007 година, по претходно преземени подолготрајни посебни мерки и активности, а во врска со пријава на случај за примање поткуп, при извршен личен претрес и претрес во службените простории на пријавениот се пронајдени 300 евра (три банкноти во апоени од по 100 евра, претходно технички обработени), кои му биле дадени од страна на лице од Струга, чиј член на семејство бил пациент на пријавениот.
Воедно по наредба на Истражен судија при извршен претрес во Туристичка агенција во Скопје пронајдена и одземена е профактура во износ од 48.875,00 денари -аванс за авионски билет на име на пријавениот, пари уплатени кон крајот на месец февруари годинава од страна на истото оштетено лице.“
Како што може да се види од соопштението, МВР формално го штити идентитетот на осомниченото лице објавувајќи ги само неговите иницијали.
Да не е трагично, ќе беше многу смешно.
Еве и МРТ го осуди осомничениот, преку изјава на Министерот за здравство:
„Апелирам на сите што се осудиле да бараат поткуп од пациентите, да го заборават тоа, бидејќи ќе се соочат со законот, истакна министерот за здравство Имер Селани, одговарајќи на новинарско прашање како го коментира вчерашното приведување на директорот на Клиниката за пулмологија, Дејан Докиќ, поради земање поткуп од пациент.“
И министерот не се вика „Имер Селани“ туку Имер Селмани!
со оглед на тоа колку се релевантни полициските изјави кај нас...особено оние по провинцијата...значи да си отвориме втор голи оток ...оти дури и настрана да му се подиспулиш на некое пајканче, нме само шо ке те подведе на прислушкување туку ке изнуди и налог за претрес...не дај боже да се замерите во некоја кафеана...
Објави коментар