Во стилот на рекламата за „Швепс“ - освежително горко - Мирјана Најчевска илустрира како УСУД ги „заштитува“ слободите и правата:
„Бастионот на демократијата и на заштитата на човековите права и слободи веднаш ја насети опасноста што лежи во преголемото и несоодветно дозирање на слободата. Уште во 2004 година Уставниот суд со неговите решенија ги „заштити граѓаните од манипулирање со нив преку поделба на верниците од иста вероисповед на повеќе верски заедници“. Тој најостро се спротивстави на употребата на членовите 9 и 10 од Европската конвенција за човековите права (кои ги поттикнуваат граѓаните на прекумерна слобода во изразувањето и на непромислено менување на уверувањата). Можеби под притисок на Западот ќе мора да попуштиме, но барем го кажавме својот став и јасно покажавме дека мора да се има ред и мора да се знае кој и во што може, а во што не може да верува.“ (ДОПИРАЊЕ НА ДНОТО: Слобода - како опасно звучи тоа)
А, бе Најче, уште ли не сфати дека дното во Македонија не може никојпат да се допре, оти кај нас секогаш постои „дупло дно“!
За феноменот „дупло дно“ сведочи и коментарот на Димитар Мирчев, во стилот "Мисли и уживај слободно":
„Во Унијата се мисли дека кај нас нема верски слободи бидејќи отпадникот од МПЦ Јован бил осуден, а нему и на друштвото не им била дозволена регистрација и верска дејност. Можеби е тоа така. Па сепак, дали некои им објаснил на тие во Унијата дека кај соседите се оспорува сето постоење на една национална црква и правото на вероисповед на цел еден народ.“ (ЕУРО-БАЛКАНИШЕ ЦУШТЕНДЕ - Соседот не го избираш, но друштвото - да).
Г-не Мирчев, какво е тоа „право на вероисповед на цел еден народ“, знаејќи дека човековите права се индивидуални, а не колективни?
Баш ме интересира, кој „во името на народот“ ќе поднесе претставка до Европскиот суд за човекови права поради оспорувањето на „сето постоење на една национална црква и правото на вероисповед на цел еден народ“? И против која држава?
Кога вакви „експерти“ ни го скроиле Уставот, воопшто не треба да не чуди тоа што ни се претвори во крпеница.
0 коментари:
Објави коментар