Училишта или затвори?

8/31/2006

Хелсиншкиот комитет анализира повеќе случаи на флагрантно прекршување на права на децата во извештајот: Најдобриот интерес на детето во Република Македонија.
По повеќето изнесени случаи од кои се крева коса на главата, е изведен генерален заклучок дека „јавните службеници во контактите со децата и во работата на случаи поврзани со деца не ги почитуваат минималните стандарди дефинирани во Конвенцијата (за правата на детето).“
Во извештајот се изведува и заклучокот дека „Случајот на Трајан Беќиров е само драстичен пример на несоодветно постапување на полицијата кон децата (најголем дел од случаите кои не завршиле со вака тешка последица, вообичаено не се пријавуваат или не добиваат судска завршница).“
Во извештајот се тврди и дека „најмалку 15 000 деца на возраст од 6-14 години голем дел од својот живот го поминуваат во простор кој не ги задоволува минималните затворски услови дадени во стандардите на ООН и Советот на Европа.“
Е, па, стварно нема смисла, вака ли се честита почетокот на новата учебна година?

Правото vs. самоволието

Новата Влада мора уште на почетокот да упати јасни сигнали дека во Република Македонија ќе владее правото, а не самоволието.
Во таа насока, се надевам дека претседателот на Владата веднаш ќе го исправи фалсификатот: самоволното прогласување на „Рамковниот договор“ за глава X на Уставот, што го направи претходната гарнитура на
официјалната страница на Владата.
Ако сака да владее правото, новата Влада мора да го почитува решението на Уставниот суд (според кое „Рамковниот договор“ не е правен, туку политички акт) и повеќе да не ги оправдува своите одлуки со повикување на „Рамковниот“, туку со повикување на Уставот. (За разликите, види
тука, и тука)
Исто така, се надевам дека и претседателот на Собранието ќе го исправи погрешниот
превод на Уставот на англиски јазик, кој сеуште ги доведува во заблуда читателите дека уставните амандмани од 2001 год. се идентични со одредбите од „Framework Agreement“.
Кога, најпосле, Собранието ќе изготви пречистен текст на Уставот, и официјален превод на јазиците што се употребуваат во ОН?

Torture Channel

8/30/2006

Само што гледав драматизирана емисија на Discovery Channel (на кабелска, пред 23 часот) за фаќањето на Садам Хусеин, со изјави на очевидци и актери вклучени во операцијата.
Она што ме запрепасти е експлицитното прикажување на елементи на тортура врз еден од приврзаниците на Садам, фатен непосредно пред неговото „откривање“.
Си ги триев очите оти не ми се веруваше - беа прикажани неколку неуспешни обиди за изнудување на признание од фатениот: тој не само што беше удиран со тупаници и делови од пушка, туку му беше пуштен и волчјак кој му ги зари забите во нозете. И покрај се, мачениот не призна ништо, туку се обиде да ги оддалечи од бункерот по кој газеа.
Како „десерт“ во емисијата, еден од војниците кој учествувал во фаќањето на Садам Хусеин најискрено си се пофали дека од ќеф неколку пати со боксови го удрил заробениот Садам по лицето, додека овој лежел на земја со рацете врзани зад грб со „лисици“.
Љубезно ги молам коментаторите кои сеуште сметаат дека САД се „најдемократската“ земја во светот, да ми објаснат дали и како е можна „демократија“ при манифестно рекламирање на методите на тортура. Дали демократијата може да оди заедно со флагрантното непочитување на забраната за тортура, свиреп и нечовечки третман - како елементарно човеково право?
Да потсетиме и на нашите постоечки закони: „Со парична казна од 200.000 до 300.000 денари ќе се казни за прекршок радиодифузер или друго правно лице, ако емитува програми што содржат прекумерно насилство или други програми кои можат сериозно да го загрозат физичкиот, психичкиот и моралниот развој на децата и младите“ (серијалот беше прикажан пред 23 часот).
Поради флагрантното кршење на програмските стандарди од страна на кабелскиот оператор, упатувам апел до Советот за радиодифузија да ги преземе законските мерки кои му стојат на располагање, имајќи предвид дека прикажаната серија нема ништо заедничко со принципите за чие почитување се грижи Советот:
„- негување и развој на хуманите и морални вредности на човекот и заштита на приватноста и достоинството на личноста;
- еднаквост на слободите и правата независно од полот, расата, националното, етничкото и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба на човекот и граѓанинот;
- поттикнување на духот на толеранцијата, заемното почитување и разбирање меѓу индивидуите од различно етничко и културно потекло;“ (чл. 68).

Ако кабелските оператори можат да бидат казнувани заради емитување на порнографски канали (XXL), тогаш зошто да не бидат казнувани и заради пропагандно емитување на методи на тортура?

Политички бачила и трла

Секогаш кога ќе има можност треба да го збогатуваме нашиот политичко/политолошки вокабулар со нови изрази. Мојот скромен придонес за денес ќе биде воведувањето на дистинкцијата помеѓу изразите „политичко бачило“ и „политичко трло“.
„Политичко бачило“ – скандалозна проневера на буџетски пари која предизвикува тектонски медиумски потреси за одредена политичка гарнитура. На пример, проценката дека дадено „политичко бачило“ предизвикало-медиумско политички земјотрес од околу 3 степени според Иснифариевата скала, значи дека околу 2 милиона ЕВРА буџетски пари „ги изел волкот“. Со мала припомош на корумпираните „шар-планинци“, разбира се.
„Политичко трло“ – институција/организација/јавно претпријатие кое служи за удомување и „презимување“ на заслужните политички „-овци“, откако нивната партија ќе дојде на власт. Најпопуларни „политички трла“ беа ЕСМ, Поштата, Македонски телекомуникации, пред да се приватизираат. На времето, МТВ и НИП-от беа долгогодишни политички трла, пред да се пренаселат и раскрчмат. Општините и јавните претпријатија станаа популарни „политички трла“ со процесот на децентрализација. Наесен, популарни политички трла стануваат и основните и средните училишта. (Можда треба да размислиме и за приватизирање на општините и училиштата.)
И „политичките бачила“, и „политичките“ трла, им служат само на политичките „Овчари“ (секоја сличност со Shepard е случајна) за да ги „нафатираат“ своите послушни партиски „-овци“, со маста што секојдневно им ја вадат на послушните работни луѓе и граѓани на Република Македонија кои, нели, се среќни и задоволни што „Секој петок урда јадат!“

Јазикот наш „премиерски“

Дали нашиот „Премиер“ во боксерски стил почна да ги „ескивира“ законите?
Неколку забелешки од техничка природа на објавеното „
експозе“ на „Премиерот“:
- „Собранието на РМ“: ако ние самите користиме акроними и не го употребуваме уставното име „Република Македонија“, можеме ли да очекуваме другите да не користат акроними?
- „Дами и Господа“ – зошто со голема буква?
- низ целиот текст се појавува некое мистериозно „A“, а и некое „€“
- „цертификати“, „цертификација“?!?
- „поефтини“?
- „Европската Унија“ или „Европката унија“?
- „македонците, албанците, турците, ромите, србите, власите, бошњаците“ (со мала буква?)
Да се надеваме дека другите работи што ќе бидат објавувани на владината страница ќе ги прочита лектор, согласно Законот за употребата на македонскиот јазик.
И тоа е закон, нели, и треба да се почитува.

Џадето на смртта

8/29/2006

Возењето точак е опасно по живот во Скопје и околината.
Затоа, отворено ги поддржувам жителите на Трубарево и околните села во нивното легитимно демократско барање за проширување на патот и изградба на велосипедска патека:
„На патот во последните осум месеци починале осум луѓе. Три сообраќајни несреќи се случиле на местото каде беа поставени блокадите.“ (
А1)
Пофалби за А1 за покривањето на темата, и покуди за
МРТ на чиј сајт „радиодифузната такса“ е сеуште вест на денот.
Кога ќе формираме „бициклистичка герила“ која ќе им ги дупи гумите на автомобилите кои паркираат на велосипедски патеки?
Можеби тогаш нашите полицајци ќе се сетат што им е работа.

Ужас

8/28/2006

Пофалби за Шпиц кој известува за потресната сторија Војник се уби за да не убива деца:
„- Не можам да отидам таму и да пукам во мали деца. Навистина не можам да отидам во Ирак. Нема смисла на која страна си. Не сакам да го правам тоа - се вели во прошталното писмо на војникот до неговата мајка.
Според неа, воените инструктори му кажувале на нејзиниот син дека во Ирак двегодишни деца носат бомби и на војниците може да им се нареди да пукаат во нив за да се заштитат, вели мајката во изјава за лондонскиот весник „Гардијан“.“
The Independent објаснува дека „Веројатно ова било обид на постарите офицери ментално да ги зајакнат нивните нови регрути.“ Прво пукај, па после поставувај прашања?
Дали и нашите војници во Ирак, како дел од британскиот контингент, биле на овој начин „ментално зајакнувани“? Дали и тие биле обучувани да пукаат и во двегодишни деца, ако затреба?
Британското министерство за одбрана соопшти дека 1,541 војници кои служеле во Ирак страдаат од психијатриски нарушувања (
BBC). Досега имаат извршено самоубиство 6 британски војници кои служеле во Ирак.
Колку од нашите војници кои служеле во Ирак и Авганистан страдаат од психијатриски нарушувања?
Не ми е јасно, како можат мирно да спијат оние што дигаа раце во собранието за испраќање на наши војници во Ирак.

Advocatus diaboli

8/27/2006

Ајде да си играме малку „ѓаволов адвокат“ (advocatus diaboli), во функција на развивање на критичко мислење и дебатирање.
Во време кога нашето Собрание ја срозува политичката дебата на најниско можно ниво, Ивица Боцевски излегува со анализа во која се обидува да докаже дека „Македонија треба да го напушти полу-претседателскиот систем и да еволуира кон чиста парламентарна демократија, со силни институционални механизми за спречување на политичките кризи.“ (
„Претседател на Република Македонија - извор на нестабилност“ - 26 август 2006 година).
Боцевски се повикува на фактот дека функцијата Претседател на Републиката е „извориште на нестабилност и една од кочниците за демократскиот развој на државата“, иако токму благодарение на напорите на Претседателот на Републиката (Борис Трајковски) дојде до потпишување на примирје по конфликтот во 2001 год. и до сериозни уставни и структурни реформи кои придонесоа за стабилизирање на државата и за развој кој беше награден со добивањето на статусот „кандидат земја членка на ЕУ“.
За Боцевски е спорен „непосредниот избор на шефот на државата во услови на поделено општество“, затоа што „непосредно избраниот претседател секогаш ќе биде Македонец“ и „функцијата претседател на Македонија досега само ја зголемуваше етничката поларизација на македонското општество.“
Ако размислуваме вака, тогаш се спорни и сите досегашни избори, оти немаше избори кои не ја зголемија етничката поларизација. Дали тоа значи дека треба да ги укинеме изборите затоа што ја зголемуваат етничката поларизација?
Зарем предлогот на Боцевски - собраниско избирање на листа (претседател и потпретседател во пакет) - е подемократски од непосредниот избор? И зошто не се земени предвид можностите:
- непосреден избор на претседател и потпретседател во пакет;
- некој припадник на друга етничка заедница да може да стане претседател или потпретседател;
- некој кој воопшто не се чувствува како „припадник на (етничка) заедница“, туку како Македонец (во смисла на граѓанин на Република Македонија) да може да стане претседател или потпретседател.
Не ми е јасно, зошто Боцевски ја нарекува „надуена“ легитимноста на Претседателот, а не легитимноста на Премиерот, кој не е избран на непосредни избори, туку од страна на Собранието?
Што да се каже за аргументот: „Досега македонските претседатели промовираа луѓе од своето непосредно опкружување за клучни државни функции и со ова сериозно го уриваа демократскиот принцип за избор на политички функционери.“? Ако самото уставно решение (за предлагање и именување функционери) го урива „демократскиот принцип за избор на политички функционери“ тогаш, зарем е битен начинот на кое решението се практикувало?
Аргументот дека „клучните партии од опозицијата никогаш досега не го признаа изборот на претседателот за легален и легитимен чин“ може да говори и во прилог на тоа дека на Македонија и е неопходна непартиска (или натпартиска) функција со широки овластувања која ќе има на располагање ефикасни механизми за разрешување на партиските (и други) конфликти. Зошто да не размислуваме во насока на усвојување дополнителна одредба дека кандидатите за непосреден избор на Претседател (еве, и за Потпретседател - во пакет) треба да бидат непартиски личности?
Клучниот аргумент на Боцевски (во прилог на предлогот Собранието да го бира Претседателот) е дека „Силниот парламент... овозможува силна контрола врз избраните функционери.“ Ако земеме предвид дека досега нашето Собрание генерално потфрлаше во контролата на избраните функционери, тогаш не би требало туку-така да ја отфрламе идејата за не-партиска институција која ќе има изворен легитимитет, и која нема да биде контролирана од партиски инструментализираниот парламент. Таквата институција не може да се нарече „уставен и политички „франкенштајн" без демократска контрола“, како што не може да се нарече ни институцијата „пратеник“ која демократски се контролира на непосредни избори. Згора на тоа, за одговорноста на Претседателот на Републиката одлучува и Уставниот суд.
Боцевски се прашува и која е целисходноста на „правото на вето“ за законите донесени во парламентот, иако имавме мошне свеж позитивен пример за тоа - стопирањето на законот со кој „силниот парламент“ сакаше да си обезбеди доживотни привилегии.
Затоа, во наши услови, треба да бидеме мошне скептични во однос на аргументите дека „силниот парламент ги охрабрува граѓаните да градат силни и одговорни партии“, во услови кога партиите се неспоредливо посилни (и понеодговорни) од граѓанското општество и медиумите семени заедно, и кога нивото на партиска политичка култура не овозможува плодотворна и критичка парламентарна дебата.

Битанги и принцеза

8/26/2006

Редно е со песна да го испратиме досегашниот премиер. Што викате за „Кад заборавиш, јууули...“ од Бијело Дугме?
На кутриот Буч сигурно не му е до песна после таков изборен дебакл. Но, и покрај катастрофата, верувале или не, Во СДСМ никој не е одговорен за поразот?!?
Да, бе, криви се Хари и Б.Ц., крив ми ти бил „Охридскиот договор“, крив бил „референдумот“, крива била децентрализацијата, криви биле коалициските партнери, крива била Анти-корупциската комисија, криви биле медиумите, крив бил и „стаорецот“ Тито Петковски затоа што на време киднал од бродот што тоне...
Замислете, криви биле и неопределените граѓани што некако успеале да се доберат до гласачките места, иако СДСМ ги закажале изборите токму на 5-ти јули затоа што се претпоставувало дека тогаш ќе биде „мал одѕив на неопределените гласачи кои традиционално гласаат за опозицијата“ (
Дневник).
Мора некој астролог на Бучко да му го одредил изборниот датум, оти теоријата дека неопределените гласачи традиционално гласаат за опозицијата држи вода исто колку и ланскиот снег.
Црно му се пише на СДСМ. Ако не изберат комплет ново и подмладено раководство, пола членови има да им пребегаат во НСДП.
Најпосле, кој сака да биде „лузер“ покрај толку неодговорни, самобендисани и арогантни политиканти?
Ќе сфатат ли конечно „розите“ дека Буч е „момак на лошем гласу у овом граду“, и дека е крајно време „битангите“ на СДСМ да и го отстапат раководното место на нивната ЕУ-„принцеза“?

Балканските паранои и конспирации

8/25/2006

Одбранбената тактика на ЈНА се темелеше на тоа дека Југославија ќе биде нападната од „надворешниот непријател“ со неколку стотини авиони.
Војска служев во 1988 год., делумно во Шибеник, во ПВО (против-воздушна одбрана), во една дежурна единица. Како нишанџија бев трениран за 8 секунди (по стигнување на наредбата која доаѓаше од специјален црн телефон) да бидам подготвен да нанишанам и да стрелам во непријателски авион што можеше секој момент да дојде од насока на Италија.
Во тоа време, сите мислеа дека ЈНА живее во параноја, дека е заложник на теории на конспирации, дека како во романот „Татарска пустина“, долго го исчекува непријателот кој нема никогаш да дојде.
Ама кога-тогаш, непријателот доаѓа. Дури и во романот на Дино Буцати.
Десетина години подоцна НАТО ја нападна Југославија (додуша, малку поинаквата, мини Југославија), и тоа не со неколку стотини, туку со илјадници авиони - најмногу од Италија! Се остварија најцрните стравувања на „параноичарите“ од ЈНА, кои се најдоа како дел од војската на СРЈ.
Останав да се прашувам - колку параноичниот страв од многубројниот моќен непријател придонесе тој навистина да дојде, уште помоќен и помногуброен?
Ако си цело време воспитан во некој страв, не посакуваш ли потајно да ти се оствари тоа од што најмногу се плашиш? Како некое црно ѓаволче во тебе, скришно да работи токму на тоа што не сакаш никогаш да се случи.
Сеуште се думам - „Море ли се човек борит против силе кад је не зна и не види?“ (парафраза од филмот „Кудуз“). Како се стекнува имунитет од само-остварливи пророштва, како „Она што најмногу го сакаш, и од што најмногу се плашиш, ќе ти се оствари!“
Може ли да ги победиме параноичните стравови, а особено „инженерите на стравот“ - оние кои сакаат политички да манипулираат со „невидливи сили“ и „само-остварливи пророштва“?
Како да се бориме против балканските политички паранои и теории на конспирации, кога многумина веруваат дека конспирациите станаа реалност, и дека параноичноста е симптом за ментално здравје кај политичарите?
Како што поентира
Летаргичан, во најновиот му антологиски пост:
„После, на људи им падне криво што су биле у праву.
Пошто оној за што су биле параноични,

не значило дека тој истото стварно не се дешавало.“

Чекор напред, два назад?

Иако го фатив само крајот од експозето на мандатарот, не можам да се воздржам а да не искоментирам за два момента:
1. Убаво беше да се чуе дека со „макотрпна работа и чесен однос кон работата“, со борбата против сиромаштијата, криминалот и корупцијата“, новата влада ќе направи „развоен циклус и исчекор“ со што ќе го подобри животниот стандард и квалитетот на живеење. Да сме живи и здрави, па да дочекаме.
Ама, што му требаше на мандаторот она „со божја помош“? Најблаго речено, изразот е политички непопуларен - да не заборавиме, „со божја помош“ се извршија многу злодела на Балканот; многу луѓе ги загубија животите од оние кои прскани со „света водичка“ и „со божји благослов“ беа испраќани да ја спроведуваат политиката на етничко чистење во неколкуте крвави балкански војни.
Дали е ова симптом дека владината политика ќе биде се помалку секуларна?
Дали таквиот потег е чекор напред, или два чекора назад?
2. Голем политички гаф беше спомнувањето на „притворените во Хаг“ заедно со другите лица на кои итно треба да им се помогне - лицата со посебни потреби и другите социјално ранливи категории, земјоделците, децата на бранителите...
Што треба да поверуваме - дека обвинетиот Љубе Бошковски е толку „социјално загрозено лице“ што заслужува експлицитно споменување во делот за социјалната политика на идната влада?
Наместо вакви сомнителни и двосмислени сигнали, мандаторот на новата влада требаше да испрати сигнал дека Македонија ќе продолжи да соработува со Хашкиот трибунал, и покрај сите дебати и критики за работата и функцијата на трибуналот.
Зарем новата влада не планира да работи на меѓународниот имиџ на Република Македонија, како еден од приоритетите во активностите за интеграција во ЕУ?
Или веќе не чекориме натаму?

„Резил!“

8/24/2006

Никола Гелевски, во својата најнова колумна, не потсетува на еден неславен јубилеј:

„Следната година, на пример, ќе биде десетгодишнина на „славните шаторски" ученичко-студентски демонстрации од 1997 година. За некои славни, за некои срамни; за мене тоа беше една од најдолните точки на кои се спушти тогаш сосема безглавата македонска демократија за која одговорноста ја имаа пред се Бранко Црвенковски и тогашниот СДСМ. Тие идиотски антиалбански демонстрации пред девет години беа едно од најголемите помрачувања што му се случија на голем дел од македонскиот естаблишмент, пред се оној академскиот. Но, тие протести беа и еден од најгрдите примери како младоста може да се злоупотреби во монструозни цели. Се сеќавате: цели толпи деца и студенти, подбуцнати од своите професори и од најмрачните овдешни политички сплеткари, протестираа против воведувањето албански јазик на Педагошката академија! Денес тоа звучи неверојатно, но така беше: десетици и десетици видни луѓе тогаш не убедуваа дека албанскиот јазик само на една високошколска установа значи пропаст на државата! Предводници на тие срамни демонстрации, важно е да се напомне, беа денес најперспективните млади македонски политичари: Влатко Ѓорчев, Филип Петровски и Антонио Милошоски.“

Еве уште еден извадок од една постара негова
колумна на слична тема:

„Конкретно: универзитетот „Св. Кирил и Методиј” е една од најголемите пречки за побрз развој на земјата. Кој не го гледа тоа (а не гледам дека некој го гледа) едноставно нема перформанси за врвна политика. Ако Тони Блер ги доби изборите ветувајќи длабоки реформи во образованието во Британија (согледано како проблем за развојот на земјата, а инаку меѓу подобрите во светот), крајно време е некој да ги согледа и овдешните жаришта на стагнација и инерција. Посредно, меѓу другото, и од таму се генерира очајот на помладите генерации.“

Врската образование-развој е елементарна!
Останува да видиме како оние кои дојдоа на власт со негирање на правото на образование на мајчин јазик, што ги блокираше неопходните образовни реформи, ќе обезбедат развој (односно „преродба во 100 чекори“).
А кутриот наш универзитет „Киро&Мето“ (комуњарски бастион и етно-шовинистичко гнездо) испадна жилав диносаур - никако да се распадне, иако со години наназад базди на корупција, непотизам, игноранција.

„Каде сте Македончиња?“

8/23/2006

Просто ме вади од такт рамнодушноста на европските медиуми во однос на хуманитарната катастрофа во Ирак. На пример, Ирак речиси го нема во топ вестите на BBC (главни вести се Иран, Либан и кутрата озонска дупка која од мака престанала да се шири).
Уште полошо, во единствената споредна
вест која се однесува на Ирак, во фокусот се повторно „кутрите“ маринци на САД, а не секојдневните жртви од неуспешната операција „Слобода“ за Ирак.
Ќе речете: трупите на САД не се одговорни за сите жртви: најголемиот број луѓе гинат во граѓанска војна („меѓуверски судири“), а не од оружјето на маринците и нивните калфи и чираци.
Ќе ви одговорам: За мирот и безбедноста во окупираната земја одговорен е оној што ја окупирал! (вклучително и ние како
Соучесници во злосторот!)
Што станува со нас кои уште со консензус, без јавна дебата, праќаме војници во „мировни“ мисии? Имаме ли шанси барем тука да ја пробиеме медиумската
Окупација на разумот? Еве што цитира А1:
„Мислам дека имаме нешто што во најдобар случај е граѓанска војна на мал простор“, рече Фрај.
Веста е од типот - „Колумбо ја откри Америка“ - ни збор за истребувањето на локалните култури - Инките, Маите, „500-те нации“...
Се чудам само, што стана со новинарската етика? Каде е другата страна и нејзе да ја чуеме? Зошто новинарите од BBC не отидат во некоја Ирачка Шипковица и не направат репортажа со тамошните „Учки“, да ги прашаат зошто зеле оружје во рака?
И кај се македонските левичари (и хуманите блогери - секоја чест на исклучоците) да кренат глас против ужасната војна?
Никој не ги чита веќе постовите на тема Ирак, па бесмислено е да се пишува на таа тема?

Слободата на избор/дејствување

8/22/2006

"Слободата на избор е клучна слобода на човекот од која зависат сите останати слободи и права" - потсетува КНСИС во постот А-либерален либерализам (и покрај наивноста и претенциозноста во пристапот, некои согледби во постот ми беа прилично инспиративни).
Во еден од коментарите потсетив дека „Слободата на избор малку вреди ако немаш слобода на дејствување“. Слично како што човековите права малку вредат на хартија ако не можеш да ги уживаш во секојдневниот живот.
Слободата на избор е во жариштето на тековните политичките дебати за абортусот, слободата на религиозното уверување, слободата да се избере сексуална ориентација...
Колку вреди слободата да избереш да не родиш дете, ако немаш пари да си го платиш абортусот? Колку вреди слободата да избереш да бидеш православен христијанин (но, не припадник на МПЦ), ако во твојата земја таквите се прогонуваат, жигосуваат, малтретираат, и ако не можеш законски да основаш друга православно-христијанска црква? Колку вреди слободата да избереш да имаш сексуални односи со личности од сопствениот пол, кога во твојата земја таквите личности се презрени и дискриминирани, знаејќи дека таквата љубовна врска нема да биде социјално признаена?
Секого го боли по некое ограничување на слободата за избор. Нудистите ги боли тоа што не можат да се соблечат голи на плажа, до некни машките ги болеше тоа што немаат слобода на избор да не одат војска (или да не носат оружје), пушачите ги боли тоа што не можат веќе да пушат насекаде, а „тревкаџиите“ ги боли тоа што мора да дејствуваат илегално за да ја уживаат слободата да изберат со што ќе ја наполнат ризлата.
Мене понекогаш ме боли тоа што во својата земја, Република Македонија, не можам да ја уживам слободата да бидам Македонец (во граѓанска смисла), а притоа да не бидам идентификуван и третиран како Македонец (во етничка смисла).
Преку кур ми е више од тоа другите да ги перципирам како припадници на етнички заедници! Можам ли граѓаните на оваа земја да ги перципирам само како граѓани? Имам ли таква слобода на избор или немам?
Знам дека на хартија имам право на националност (независно од етничкото потекло). Но, дали во практиката можам да го уживам правото на националност, правото да бидам Македонец (во граѓанска смисла), без притоа другите да се чувствуваат загрозени и онеправдани со тоа што некој си зел слобода да избере да не биде припадник на некое етничко трло?
„Ебате предавникот, ебате!“ - зошто претчувствувам дека ќе има и вакви коментари? Ете, и Љубчо го жигосаа како предавник, а човекот само си дејствуваше согласно слободата да си ја избере сопствената националност.
Тие што малку ме познаваат, знаат колку малку ги ценам политичките гледишта на нашиот поранешен премиер. И што, тоа е доволен разлог за да ја оспорувам неговата слобода да си избере националност, и да го жигосувам како предавник?
Очигледно, ни претстои многу макотрпна работа за да се освестат македонските граѓани за слободата на избор и слободата на дејствување.
Дотогаш, некои права ќе останат само на хартија, а некои слободи ќе се плаќаат многу скапо.

Кој е попаметен?

8/21/2006

Кој е поинтелигентен: ингениозниот мнемоничар кој може верно да запамети говор од половина час (сосе точки, запирки и граматички грешки) или собраниската стено-дактилографка која речиси автоматски ги запишува зборовите на говорникот без воопшто да си го замара сопствениот мозок?
Претпоставувам дека повеќето од вас ќе го претпочитаат ингениозниот мнемоничар како човек што знае да ги искористи потенцијалите на сопствениот мозок.
Сепак, еден познат денешен философ -
Даниел Денет - како урнек за интелигенција би ја претпочитал собраниска стено-дактилографка. Оти, според ко-директорот на Центарот за когнитивни студии на Универзитетот Тафтс, примарен извор на интелигенција кај луѓето не е човековиот мозок, туку нашата навика да си го растоваруваме мозокот од когнитивни задачи колку што е можно повеќе во околниот свет - користејќи периферни уреди за складирање, процесирање и одново претставување на нашите значења, идеи, информации.
Она што не ослободува од ограниченоста на нашите животински мозоци (кои се незначително поголеми од мозоците на нашите сродници) - тврди професорот - е токму практиката на растоварување на мозокот преку користење на „екстерна интелигенција“.
Ај да чујам сега некој нека каже: „А, бе ш'о ако професорот не знае да работи на компјутер, кога мозокот му работи ко на струја и е тата-мата за математика“; или, „Што ќе ти е дигитрон бе, толку ли си глуп да не знаеш на памет да пресметаш 12 по 7?“; или, „Пиши, пиши кога немаш у главата...“
Баба ми изгледа била попаметна отколку што мислев, кога ми велеше - „Глупавиот памти, паметниот си запишуе“.
А дедо ми, со неговото „Памет у глава“, изгледа цел живот „берел памет“ на погрешно место.
Што да се каже повеќе, кога лично и Ѕидан посведочи за што навистина служи „мозокот у глава“.

„Слобода“ за Ирак?

8/20/2006

Обичен пост

Сонцето изгреа.
Нов пеколен ден се спрема.
Тешко беше да се украде малку свежина, дури и рано пред зори.
Робовите на (секој)дневните навики, кои го преспаа најубавиот дел од летниот ден (ноќта), лека полека почнуваат да се будат.
За неколку часа сонцето ќе се претвори во немилосрден и подмолен убиец.
Сепак, најголем дел од луѓето нема да променат ништо во своите (секој)дневни рутини. Некои по обичај ќе отидат на пазар, земјоделците ќе работат на нивите, а оние што отишле на одмор покрај езеро или море, упорно ќе се изложуваат на опасното УВ зрачење.
Не помагаат ни медицинските совети дека изложувањето на сонце е опасно по живот. Победуваат секојдневните навики, обичајот, традицијата, рутината.
Таков е обичајот на обичните луѓе - да ги следат обичаите.

Многу сум скептичен

8/19/2006

„Зошто не пишуваш за новата влада?“ - ме прашуваат некои читатели.
Па, нели забележувате дека се обидувам да пишувам за бајаги постабилни и потрајни работи у животот?
Се шегувале ние или не, партискиот карван си врви, без оглед на тоа колку новинарите, блогерите, и другите „watch-dogs“ милуваат да лаат.
Можеби ќе испадне дека зборам „пред рука“, ама како што велат, политиката е премногу сериозна работа за да им ја препуштиме само на политичарите.
Затоа, да го потсетиме на некои работи мандаторот, кој тврдоглаво се „понаша“ како да не сака да извлече никаква поука од изборните „резилтати“.
Ако составот на новата влада биде изгласан од Собранието наредната седмица, во владата ќе седат министри/министерки кои не добиле доверба од мнозинството излезени гласачи!
Имено, новите министри/министерки ќе имаат доверба само од 47,19% од граѓан(к)ите кои излегоа да гласаат (31,24% - ВМРО-ДПМНЕ итн., 7,21% - ДПА, 5,81% - НСДП, 1,78% -ДОМ, 1,15% - ПЕИ).
Ако новата влада, со предложениот состав биде изгласана од Собранието, таа ќе биде политички израз на волјата на 460.076 гласачи (35 илјади и кусур помалку, од гласовите што на претходните избори ги освои коалицијата на СДСМ), што претставува само околу 26,4% од вкупниот број на гласачки запишани во избирачкиот список.
Колку за споредба, зад претходната влада на СДСМ и ДУИ стоеја околу 38,6% од вкупниот број на гласачи запишани во избирачкиот список.
Значи, во услови кога изборниот модел почнува да ја „гуши“ политичката (не)волја на граѓаните, оправдано се поставува прашањето дали оваа Влада е демократски легитимна, и дали ќе може да ја зачува политичката стабилност која е неопходна за економски развој.
Да потсетиме, претходната владејачка гарнитура покажа дека обезбедувањето на релативно стабилни меѓуетнички односи не е доволен услов за брз економски развој.
Да се надеваме дека оваа владејачка гарнитура нема да заборави дека обезбедувањето на релативно стабилни меѓуетнички односи е неопходен услов не само за економски развој, туку и за политичка стабилност и добро владеење.
Што да се каже на крај? Имајќи ги предвид трапавите чекори на мандаторот за време на обезбедувањето „доверба“ во Собранието, медитирајќи за изгледите на идната влада да ги оствари ветените програмски цели (фамозната „преродба во 100 чекори“), не можам да ги оттргнам од главата зборовите на мудриот старец од последниот филм на Кустурица:
„Врло сам скептичан!“

Ескопјизам

8/18/2006

Откако по трет пат ми го украдоа точакот, во овој поган град, се најдов во небрано. Кај се издржува без точак среде лето, во пеколното и смрдливо Скопје, каде што самата помисла на автобус (приватен или државен - сеедно) го буди одма нагонот за повраќање?
Ненадејно, ми се посреќи. Си најдов точак на старо, и тоа за евтини пари. И не обичен точак - туку поим за точак - голем модар љубљански „Рог“ од 1982 год., со налепници што будат сеќавања на едно време кога кражбите на точаци беа вистинска реткост, иако точаците беа бесценети.
Сега чекам само сонцето да изгрее, па да му зашибам накај... што подалеку од смрдливото Скопје, што подалеку од бучниот град, што подалеку...
Го сакам Скопје многу повеќе, откако има велосипедска патека, кога помалце го гледам. Ќе го сакав уште повеќе ако патеката беше подолга - ако беше до Лисиче на едниот крај, и до Матка на другиот. Ќе го сакав уште повеќе ако имаше што повеќе паркови и велосипедски патеки и што помалце смрдливи ауспуси.
Една работа само ептен ми иде на живци - кога рано насабајле, понесен од утринската свежина покрај Вардар, јурејќи со мојот „Рог“ (со автоматски менувач на брзини :) ќе ме пресече звук на мотор и гнасен мирис од ауспух, и некоја „паметњаковиќ-фацка“ која радо би ја упукал у тие моменти, да имам при рака било какво оружје.
Би го одлежал без грижа на совест, помислувам на моменти. Секоја казна за такво „цилимбе“ е премала!
Или, што е поверојатно, таквиот ирационален бес е само симптом за пустата желба да се раатисаш оттука, од смрдливото и безживотно „Скотје“, каде што еден убав ден, сите ние „скотјани“ - „ќе изгинеме по некои дупки“!
Кој тоа тврдеше дека Скопје не е метропола зашто нема сериски убиец?
Скопје е сериски убиец!

It's killing me softly.

Нудистички плажи?

8/17/2006

Иднината е во сексуалниот туризам! - убеден е главниот јунак во романот „Платформа“ на Мишел Уелбек.
„Будуќност је у натуризму!“ - беше цврсто уверена и Мира Бањац, како Милада во „
Лепота порока“ (еден од незаборавните ликови од генијалниот филм на Живко Николиќ).
Дури и кич-митологот
Венко саркастично се залагаше за „општонародниот нудизам“ како „конспиративна политичка програма за излез на Македонија од кризата“.
Нејсе, да не го тупам (сигурно и Дилавер Бојку слично размислува), туку нешто сакав да прашам - има или нема во Македонија нудистички плажи?
Вест, во написот
Нудизам и во Македонија (од пред две години) навестува дека има: „Меѓу домашните туристи познати се локациите кај Охрид и Струга кои важат за сврталиште на љубителите на нудистичкиот туризам.“
Сепак, такво навестување нема да најдете на националниот туристички
портал. Таму се нудат цркви и џамии, селски и „еко“ туризам - каков бе „еко“ туризам у ова ѓубриште на секој чекор?!
Мал совет до идниот раководител на секторот за туризам (Фуфо, или кој и да е): Наместо гробишта и археолошки ископини, под итно да ставите фотографии од некоја дива нудистичка плажа! И дај смислете некои специјални тури за сексуален туризам (воведете мораториум на забраната за проституција за време на туристичката сезона), ако навистина сакате од Македонија да стане туристичка земја!

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week