Политички кондоми

12/17/2008

Деновиве се потсетив на легендарната народна изрека „Што би рекол Панта Реи, се' тече, се' се менува“. Се' тече, се' се менува, освен политичката глупост која изгледа кај нас е вечна. Џабе властодршците протекуваат и се менуваат како „еколошки чистата“ вода од санитарното казанче. Политичкиот менталитет на неотчетност и нетранспарентност му одолева на изборниот млаз како употребен кондом фрлен во клозетска шолја. Пуштај вода, брате мили, колку сакаш, ама кондомот канализацијата не го прима - и не го прима! Да беше случајно жив Хераклит мрачниот (алијас Панта Реи), сигурно пак ќе не' просветлеше: „Во една иста клозетска шолја двапати не можеш да стапиш, освен ако не си политички употребен кондом!“

Јасно ни е што се случи со политичарите што навлекоа розови кондоми во 2004, сакајќи да се заштитат од „некои прашања“ кои не заслужуваа одговор. Оние што тогаш не' убедуваа дека „и неизјаснувањето е начин на изјаснување“, наскоро си добија транспарентен одговор на изборното изјаснување. Но, како залудно да протекоа, како залудно да се сменија - нивните наследници веднаш ги навлекоа веќе употребените розови кондоми! Ако пред четири години некои прашања не заслужуваа одговор, сега повеќето прашања не заслужуваат одговор. Некои прашања човек не смее ни да ги постави, освен ако не сака веднаш да биде прогласен за еден од „грчките платеници и предавници“.

„Колку чинат кампањите со кои катадневно не бомбардира нашата влада?“ - е едно од незгодните прашања со години упорно поставувно од здруженијата на граѓани, новинарите, опозиционерите, граѓаните. За чинењето на „букефалистичкиот“ спот од кампањата „Ти си Македонија“, премиерот изјави пред новинарите: „Точната сума не ја знам, но утре можам да ви ја кажам“. Сумата ја дознавме „утре сабајле“. И пратеничкото прашање до министерот за финансии за тоа кој и колку се офајдил од сите владини кампањи тековнава година се' уште стои во графата „прашања што не заслужиле одговор“. Министерот пред некој ден јавно изјави: „Во моментот не располагам со таква бројка“. Веројатно и тој ќе ни ја каже утре. Утре сабајле.

Во меѓувреме, Владата најави уште една кампања за борба против корупцијата. Како да и' веруваме дека искрено сака да ја зголеми свеста за борбата против корупцијата? Како да и' веруваме дека скапите кампањи не се облик на корупција на медиумите кога Владата не сака да издаде патриотска фискална сметка колку пари се потрошени во кампањата, на кои македонски производи и од кои буџетски ставки? Се' додека Владата си ги крие нозете, ниту ќе престанат шпекулациите за потрошените пари (од 20 до 50 милиони евра годишно?!), ниту ќе престанат сомневањата дека со скапите кампањи се перат ем граѓански мозоци ем државни пари.

Основани сомненија за начинот на трошењето буџетски средства се појавија и во однос на предвидената ставка од околу 9 милиони евра за изградба на споменици во општина Центар за 2009. Тоа што прво паѓа в очи е дека најмногу од спомениците (нарачани од Владата) ќе се градат во Паркот на жената-борец, а меѓу дваесетмината на кои општината на Аларова решила да им подигне споменик нема ниту една жена! Се обидувам да се воздржам од коментарот дека најголема пречка за родова еднаквост се токму политичарките на власт, ама тешко ми оди.

Додека цивилизираниот свет се обидува да се справи со економската криза воведувајќи ригорозно штедење, ние ако треба и тикви без корен ќе јадеме, ама споменици ќе градиме. Изградбата на енормно скапи споменици во зло време не е само симптом за идентитетска криза, туку и за недостиг од политичка култура. Бесмислено е во име на културата општината да троши 20 пати повеќе пари на споменици отколку на културни манифестации (според програмата за 2008). Неразумно е на споменици да се трошат 60 пати повеќе пари отколку на финансирање здруженија на граѓани (од кои најмногу средства, замислете, добила „граѓанската“ организација- МПЦ храм „Св. Пророк Илија“ - Говрлево). Автодеструктивно е во името на културата да се трошат речиси 25 пати повеќе пари на споменици отколку на јавна чистота плус одржување локални патишта.

Додека се давиме во сопственото ѓубре, плашејќи се да не изгинеме во некои дупки, општинските политички некрофили ќе си распределуваат високи хонорари криејќи се зад славни имиња. Како што изгледа, не само што се' тече туку и се' може да помине од име на“борбата за зачувување на нашиот идентитет“. Лично, од сите овие транзициски споменици на неотчетноста, нетранспарентноста и корупцијата, најмногу ме радува долгоочекуваниот импозантен споменик на Александар Македонски во центарот на Скопје. Конечно, ќе добиеме достоен симбол на нашиот древен бисексуален идентитет.

Несомнено, преродбеничката приказна за нашиот милениумски идентитет воопшто не е евтина прикаска. Главата почнува да боли од есапот за потрошените десетици милиони евра за споменици, спотови, огласи, восочни фигури, музеи на вода и на земја, археолошки ископувања, спортско-патриотски проекти... Но, од вртоглавите суми некои нешта стануваат појасни. Станува појасно зошто економскиот раст се' уште не резултира со зголемување на животниот стандард на граѓаните и намалување на сиромаштијата, зошто Македонците се најнесреќни во Европа и зошто одвај чекаат да избегаат од нашите политичари. Станува појасно и зошто властодршците обичаат розови кондоми - за да се заштитат од непријатните прашања кои не заслужуваат одговор наместо од коруптивно преносливи инфекции.

11 коментари:

Новица рече...

туууу народна станала... во средно тој „панта реи“ бисер се припишуваше на еден професор од рјк.. :)

jebiga рече...

Ajde Zare ne zezaj
Da turame site kondomi, ke go snemase svetov.

Анонимен рече...

Ајде јеби га, не зезај и ти. И без кондоми ќе го снемаше досега светот. Ќе испоцркавме, ем од сида, ем од пренаселеност. :)

Анонимен рече...

Не сум целосно запознат со плановите, но колку што разбрав на плошѕадот во Скопје ќе се традел грандиозен споменик на Александар Велики?!? Ако е тоа виснтина, тогаш тоа значи крај на Македонија. Па ние опстојавме со векови и не дозволивме Грците да не асимилираат, Цар Самоил водеше тешки битки со Грците за да ги одбрани нашите простори од погрчување, дури даде и илјадници ослепени војници во името на борбата против Византија, а сега ние доброволно го величаме грчкото, му даваме значење на хеленството и најголемиот ширач на хеленската култура во светот Александрос О Мегас го ставаме среде нашата престолнина?!?

Тоа што ни Грците не успеаја во минатото - да не' погрчат - ние самите го правиме од 1991 година наваму преку нашите Фанариоти, Власи и Гркомани кои ни ја протнуваат античката грчка историја од овие простори како наша. Ако среде Скопје се дозволи споменик на Хеленинот Александрос О Мегас, тогаш Владата треба со закон да ги легализира хомосексуалните бракови во чест и слава на „нашиот“ Ацко Педерацко кој имал љубовник маж.

Тие кои сакаат да се погрчуваат можат слободно да го направат тоа, но немаат право на сите нас да ни го втурнуваат грчкиот (хеленски) идинтитет.

Unknown рече...

„Владата треба со закон да ги легализира хомосексуалните бракови во чест и слава на „нашиот“ Ацко Педерацко кој имал љубовник маж.“
Браковите без разлика на полот треба да се овозможат независнон од букефалистичката еуфорија.

Анонимен рече...

Ете ни шанса да се видиме кои сме колку сме и што сме. При првите сигнали дека се вистина муабетите за споменикот - трк сите по потписи а богами и протести на плоштад. Ако не нема таму значи навистина не ни смета и треба да го има!
Зарко, се надевам ќе пишеш по некој збор и за скандалов со патриотските фискални. Тоа барем ќе им биде заслужено.

Unknown рече...

Ќе има нешто и за фискалните, ама и за другите одлуки на Уставен суд.

Анонимен рече...

Ако се раководиме од тоа колку луѓе се собираат по протести, тогаш досега требаше да го смениме името БЈРМ. На трите протести организирани од „Младите знаат“ (дека ништо не знаат), едвај на последниот имаше собрано 20.000 луѓе. На претходните два немаше ни по 3.000. Да не заборавиме дека мнозинството од нив беа изманипулирани и за партиски цели злоупотребени малолетни деца. А да не заборавиме дека само Скопје брои над 700.000 жители. Тие кои протестираа не беа ни 1% од целокупното население на Македонија. Тоа значи дека мнозинството, 99% кое не излегло на протести беше за промена на името Бивша Југословенска Република Македонија. Кој во оваа држава го слушна тоа мнозинство?

Анонимен рече...

еве еден мал дел од она кој колку должи , само за едено министерство и за еден календарски месец http://www.a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=101992

Анонимен рече...

за цената на владините тв реклами мислев

Анонимен рече...

А еве колку ЕУ троши за самопромовирање:
http://www.a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=102312
Нормално, Македонија не е ЕУ, но и сумата што ја трошат нашиве е пропорционално помала.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week