Еве што напишал Груевски во својата колумна за „спогодбата“ со Грција: „За да дојде до таа Спогодба ние сменивме знаме и устав, и се откажавме од грижа за нашето малцинство, само за да не бидеме попречени од Грција при наше зачленување во меѓународни организации, на што Грција се обврза“.
Точно е дека сменивме знаме и устав, но од грижа за нашето малцинство не се откажавме.
Во Уставот сеуште пишува:
Член 49
Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив.
Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство.
Овој член не беше изменет, туку беше дополнет со АМАНДМАН II:
1. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
Значи, сеуште премиерот има уставна обврска да „се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија“, да „го помага нивниот културен развој“ и да „ги унапредува врските со нив“.
Зошто Груевски тврди дека „се откажавме од грижа за нашето малцинство“ во Грција? Зарем со таквата изјава не се откажува од припадниците на македонскиот народ во Грција? Дали Груевски не го познава Уставот (иако има положено заклетва дека ќе владее согласно Уставот), или пак намерно манипулира со светската и македонската јавност?