Пред две седмици, десетина
активисти од новоформираната организација „ЛГБТ Јунајтед“ се
фотографираа пред фонтаната со „Воинот на коњ“. Се фотографираа со разнобојното
знаме (симбол на ЛГБТ заедницата) и со натписи „геј“, „лезбејка“,
„бисексуалка“, „трансродно лице“. Фотографиите од „малата геј парада“ се најдоа
во повеќе медиуми, па и на CNN
iReport. Една од фотографиите беше објавена и на фејсбук ѕидот на Јанко
Илковски, кој во 2009 повика
на контра-протест против „збирштина од геј и атеисти“ кои „ќе се обидат да
шират гадости под закрила за грижа на архитектурата на градот, а против
изградба на црква.“
Фотографијата најавена како „Мала геј парада у Скопје...“
предизвика повеќе коментатори кои на ѕидот кај Јанко почнаа да шират говор на
омраза кон активистите на „ЛГБТ Јунајтед“. Покрај бројните навредливи
хомофобични коментари имаше и такви кои отворено повикуваа или поттикнуваа на
насилство: „Како не се најде некој да ги бутне во фонтаната“, „сите у
центрифугааа“, „Колеж за ова све!“, „во казан и сапун за нозе“, „овоа треба да
се убие!!!!“... Хомофобични и насилнички коментари можеа да се прочитаат и на
фејсбук страницата на ЛГБТ Јунајтед каде беше објавена фотографија со поднаслов
„Ние сме тука!!! Ние постоиме“: „more
mrsh mamu vi ibam“, „UBI UBI UBI PEDERA!! :@“...
Ако само неколку објавени фотографии на мала група ЛГБТ
активисти предизвикаа толку жестока омраза и отворени повици за нивна физичка
елиминација, тогаш, каква ли ќе биде јавната реакција ако македонските ЛГБТ
активисти најават организирање на геј-прајд во центарот на Скопје, токму пред
„Воинот на коњ“?
Полека, без возбуда. Колку што ми е познато, во блиска
иднина нема најави од страна на ЛГБТ-активистите за организирање на геј-прајд
во центарот на Скопје. Но, зошто па да не се организира, кога успешни „геј
паради“ годинава беа одржани во повеќе балкански градови? Прајдови беа
организирани во Загреб,
Сплит (поддржана од претседателот),
Софија, Атина, Солун, а „геј рајд“ беше
организиран во Тирана. Најмасовната геј-прајд беше организирана во Истанбул каде што се
одржа и марш
на транс лицата.
Постојат повеќе причини зошто досега во Македонија не е
организиран ЛГБТ-прајд:
1. Изгледа единствената слобода на изразување која во
Македонија дословно се почитува е слободата на изразување на говорот на омраза,
кој особено ги погаѓа припадниците на маргинализираните заедници. Несанкционирањето
на хомофобичниот говор на омраза ги обесхрабрува ЛГБТ-активистите кои оправдано
стравуваат дека ќе бидат изложени на несанкциониран говор на омраза во
медиумите и на социјалните мрежи. Токму затоа, јавната
осуда на сите видови говор на омраза, вклучителни и кон ЛГБТ лицата, е
предуслов за да може да се создаде клима за остварување на нивните права на
слобода на изразување и на мирен протест. Исто така, институциите мора да
почнат да ги казнуваат јавните повици на насилство и елиминација на луѓе заради
нивната сексуална ориентација, родов идентитет, или која и да е друга
дискриминаторска основа.
2. Во Македонија досега се толерираше насилството
предизвикано од хомофобичниот говор на омраза, не само на спортските настани,
туку и на главниот скопски плоштад. Насилството предизвикано од групата „спонтано-организирани“
во март 2009 ги обесхрабри малкумината ЛГБТ активисти и ја намали довербата во
полицијата, обвинителството и судството како заштитници на правото на мирен
протест. Ако се организира геј-прајд на скопскиот плоштад дали полицајците ќе
ги заштитуваат граѓаните кои ќе се приклучат на мирниот протест или повторно мирно
ќе го набљудуваат нивното насилно „дислоцирање“ од плоштадот, од страна на „спонтано-организираните“
тепачи?
3. Македонија е на дното на европската листа за почитување
на ЛГБТ-правата затоа што владејачкото мнозинство константно ги злоупотребува
човековите права на ЛГБТ лицата намерно мобилизирајќи ги негативни стереотипи,
предрасудите и дискриминаторските ставови на граѓаните. Наместо да создава
услови за уживање и заштита на човековите права на сите граѓани, „конзервативците“
ја избришаа сексуалната ориентација како основ за дискриминација и ја користат
секоја можна прилика за лансирање на хомофобична кампања против истополовите
бракови. Колку што ми е познато, никој(а) во Македонија досега нема побарано закон
за истополови бракови (туку закон за регистрирање на партнерства), но медиумско-пропагандната
машинерија
упорно ја експлоатира оваа тема, со намера да ги „поклопи“ другите ургентни
барања (за ефикасна заштита од дискриминација врз основа на сексуална
ориентација и родов идентитет, како и барањето
за заштита од семејно насилство на лицата кои имаат блиски лични односи,
независно од нивниот пол).
4. Сепак, веројатно најголема причина за неодржувањето на
геј-прајд во Македонија е расцепканоста на ЛГБТ-заедницата и недостатокот од критична
маса на активисти кои јавно ги застапуваат човековите права на ЛГБТ лицата.
Појавата на нови ЛГБТ здруженија и активисти буди надеж дека наскоро би можело
да се создаде критична маса која ќе има капацитет да организира геј-прајд.
5. Особено загрижувачко е отсуството на солидарност кон
правата на ЛГБТ-лицата од страна на невладиниот сектор, медиумите, јавните
личности и интелектуалците. Голем дел здруженија на граѓани наведнаа глава и се
согласија со бришењето на сексуалната ориентација од Законот за заштита од
дискриминација. Со тоа станаа соучесници во хомофобична кампања која се
обидуваше целиот Закон за заштита од дискриминација да го претстави како Закон
за заштита на хомосексуалците. Новинарите, јавните личности и интелектуалците
речиси и да не реагираат во јавноста на отворените хомофобични напади и кампањите
за омаловажување на правата на ЛГБТ лицата.
Дури и интелектуалци и колумнисти кои имаат стаж како
активисти за човекови права не покажуваат „сенс“ за ЛГБТ правата, особено за
правото на слобода на изразување и мирен протест (кое се реализира преку „геј
прајдови“ или „ЛГБТ паради“). На пример, еден колумнист,
поранешен член на Хелсиншкиот комитет, ја сведе хомосексуалноста на „порочност
и изопаченост“ и отворено си кажа дека „хомосексуалноста и другите отстапувања
од нормалното сексуално однесување (педофилија, некрофилија, травеститство...),
треба да се изедначат со други болести на модерната цивилизација“. Според него,
човековите права треба „да се сфатат како право на сериозно третирање од
општеството за надминување на таквите девијантни појави“?!?
Иако ваквите искрени хомофобични изливи се реткост кај
македонските активисти за човекови права, воопшто не се ретки „аргументите“ со
кои некои се обидуваат да ги девалвираат или да ги прикажат правата на ЛГБТ
лицата како неургентни. На пример, една колумнистка, исто така поранешна членка
на Хелсиншкиот комитет, неодамна
го повтори својот познат став: „Нека кажат дека сум конзервативна или
дури дека сум (скриен) хомофоб, ама за да дојдеме до слободата и љубовта, мора
да се преживее.“ Претходно, истата колумнистка, аргументираше
дека правата на некои припадници на маргинализирани групи се поургентни од
правата на други припадници на маргинализирани групи: „Во ситуација кога „мртви
ладни“ минуваме покрај луѓе што се маргинализирани, само затоа што се
припадници на некоја група (Роми или сиромашни, на пример, или двете), не
гледам зошто геј-популацијата е во жижата на интересот.“ Како да и помогнеме на
оваа наша активистка за човекови права, која не почна да се занимава со правата
на Ромите и сиромашните, да прогледа и
да согледа зошто „геј-популацијата е во жижата на интересот“ токму во моментот
кога провладините пратеници и медиуми намерно ја избришаа сексуалната ориентација
и поведоа дискриминаторска хомофобична кампања? Како да и помогнеме на
универзитетската професорка да сфати дека и ЛГБТ лицата имаат право не само да
преживеат, туку и да ја остварат својата слобода на мирен протест – без да
бидат изложени на насилство, закани по живот, дислоцирања...
„Имаме ние многу посериозни работи за кои треба да се
зафатиме и да се соочиме одошто да парадираме гордо...“ – поентираше
колумнистката, без да се зафати за ниту една од „многуте посериозни работи“.
Но, запрашајте ги ЛГБТ лицата – колку нив ги боли неможноста да го остварат
човековото право кое ние другите секојдневно го остваруваме. Можеме слободно и
мирно да протестираме, гордо афирмирајќи ги своите идентитети како Македонци,
Албанци, Роми, невработени, жени, стечајци, тутунари, млекари, „жртви на
транзицијата“, комити, балисти, православни и исламски верници... Зошто и ЛГБТ
лицата да не го остварат своето право на мирен протест, гордо афирмирајќи ги
своите идентитети како геј, лезбејка, бисексуалец/ка, транс, квир...? И зошто
да не го остварат тоа право токму пред споменикот на Александар Македонски –
симболот на сексуалната слобода и разновидност?
Жарко Трајаноски
Консултант за човекови права на Коалицијата „Сексуални и
здравствени права на маргинализираните заедници“