Еве, по осми пат
имам прилика да учествувам на повеќепартиски парламентарни избори. На сите
претходни избори имав дилеми дали да гласам и за кого да гласам. Сега, немам ама
баш никакви дилеми. Знам дека сигурно ќе гласам за промени.
Зошто ќе гласам за
промени, против сегашната влада? Еве ги моите десет главни причини:
1. Шампиони
во мизерија!
Владата
не го исполни своето клучно ветување дека ќе го подобри животниот стандард и квалитетот на
животот.
Минималното зголемување на просечната плата е само
на хартија, додека реалната просечна нето-плата опаѓа во последните три години.
Реалната нето плата за 2013, во споредба со 2012, е намалена за 1.6%. Реалната
нето плата за 2012, во споредба со 2011, е намалена за 2.9%. Реалната нето
плата за 2011, во споредба со 2010, е намалена за 2.4%!
Очигледно има разлика, ама на полошо! Државата ги
крие статистичките податоци за сиромаштијата во последните неколку години, но
веќе сме меѓународно познати
како шампиони по мизерија. Имено, „Економист“ уште пред две години укажа
дека „земјата е во хаос“ и дека е на прво место во светот на индексот на
мизерија! Бездомниците,
питачите и народните кујни се се побројни.
Еден пример за
нашата мизерија: Шивачка на минимална плата (6.859 денари
за 2013) треба да работи дваесет и една година за да заработи колку што владата
троши само за една восочна фигура (28.000 евра)!
2. Македонија назадува во развојот, според ООН.
Во извештајот од 2006 година, Македонија била на 66
место на Индексот за човеков развој на ООН (HDI). Во 2010 сме паднале на 71
место. Во извештајот од 2013 година Македонија е на 78 место. Албанија е сега осум
места пред нас, а во 2006 г. била седум места зад нас.
Значи, видливо е дека има разлика. Македонија не се
развива, туку назадува!
3.
Неказнета корупција и перење пари
„Општински пари у џеб да си метнех,
И у Фиренца да си прелетнех!“
„Општински пари у џеб да си метнех,
И у Фиренца да си прелетнех!“
Владата воопшто не ја оствари стратешката цел
за „Бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно
спроведување на правото, преку длабоки реформи во судството и јавната
администрација“.
Нема истраги за корупција за најголемиот капитален и
криминален проект - „Скопје 2014“. Газејќи го правото, Владата финансираше
стотици споменици изработувани во странство, иако воопшто не е надлежна за
изградба на споменици.
Никој не покрена истрага за корупција откако Градоначалникот
на Општина Центар укажа
дека незаконси биле потрошени осум милиони евра за лиење на споменици и
дека авторката на воинот на коњ „има
добиено на име на авторски договор повеќе од 2.000.000 евра“. Никој не покрена
истрага за злоупотреби откако градоначалникот на Центар укажа
дека на товар на Општина Центар патувале 57 лица кои потрошиле 1.5 милион
евра „за патување и сместување во Италија“.
Опозицијата со години јавно посочува на корупциски афери и скандали кои
тежат стотици милиони евра, а нашето „реформирано“ обвинителство и судство
немаат процесуирано ниту еден случај на корупција од страна на Владата. Притоа,
властите
нетранспарентно издвојуваат десетици
милиони евра годишно на кампањи, реклами и други форми на корумпирање на
медиумите кои станаа најголеми соучесници во прикривањето на владината и партиската корупција.
Да потсетиме, владата на Бучковски во 2006 падна
најмногу заради „мега-скандалот“ „Бачило“ (720.000 евра) и наводниот скандал со
владина корупција на новинари - „Фабрика“. Колку изгледаат смешно овие
„мега-скандали“ денес, кога ќе се потсетиме само на дубарите во врска со
„Скопје 2014“ и милиончето евра потрошено само за авио-билети до Фиренца?
„Фабрика“ е жива смешка споредена со
аферата „Ивонче-милионче“ и пропагандниот комбинат на „Градски стадион б.б.“ (популарно нарекуван „Шител“). А колку други пропагандни комбинати во
моментов работат со полна пареа на буџетски маркетинг?
Медиумското и институционалното прикривање на
корупцијата е очебијно
и последниве две седмици кога опозицијата изнесе нови тврдења и докази за нелегално финансирање на
владејачката политичка партија. Надлежните институции за борба против корупцијата
молчат, а корумпираните медиуми со сите сили се обидуваат да ги прикријат
трагите на ВМРО-ДПМНЕДВИЖНИНИ,
верните обожувачи
на античко-македонските божици „Кешнарати“ и „Касаприми“!
4. Слободата на
изразување е загушена!
Македонија најмногу назадува во остварувањето на
правото на слобода на изразување, кое е предуслов за демократија и фер избори. Во
2009, Македонија беше на 34 место, а во 2014 сме на 123 место на Светскиот
индекс на слобода на печат на „Репортери без граници“. Тоа е катастрофална
разлика!
Владата директно беше замешана во загушување на
слободата на изразување, и тоа не само како „маркетинг агенција“ бр. 1. Владата
беше директно вклучена во насилниот упад и затворањето на А1, А2, „Време“,
„Шпиц“, „Коха е ре“, како и во затворањето на други медиуми или преземањето на
нивната уредувачка политика. Реалните сопственици на најгледаните телевизии се
коалициони партнери на владејачката партија.
Јавниот сервис, и најгледаните ТВ медиуми веќе не се
„огледало на општеството“, туку „огледалце, огледалце мое“ на „пастирот“ и на неговите пропагандисти кои сејат омраза и
нетрпеливост кон сите критичари.
Со носењето на новите медиумски закони дополнително
се зголеми притисокот врз критичките медиуми кои преживеаја. Дневниот весник
„Фокус“ згасна по мистериозната смрт на неговиот основач, а неделникот беше
„осуден“ на драконски казни за навреда и клевета и притиснат со нови тужби кои
судиите експресно ги решаваа. Како капак на се, властите го уапсија новинарот
кој пишуваше за неразјаснетата несреќа на Никола Младенов, а судот го осуди за
непостоечко дело, наводно сторено пред 5 години! Специјални полициски сили ги
спречија новинарите да протестираат против досудената затворска казна. Полициска држава на дело!
5.
Македонија веќе не е парламентарна демократија!
По
настаните на 24 декември 2012, Македонија веќе не е парламентарна демократија,
туку партиско-полициска држава. Опозициските народни
пратеници не беа само насилно исфрлени од собраниската сала, туку и беа физички
малтретирани и спречени (од жив ѕид) да се вратат на своите
работни места каде што се одржуваше јавна седница за буџетот. Закон за буџет беше
изгласан со
флагрантно кршење на Уставот, со загрозување на безбедноста на пратениците, и
со дислоцирање на опозицијата и новинарите од јавната расправа.
Никој не одговараше за силувањето на демократијата, за
насилството врз пратениците и за исфрлањето на новинарите! Не гукна ни
Народниот правобранител, кој беше сведок на силувањето на демократијата - беше
избран истиот ден кога полицијата силеџиски протеруваше пратеници и новинари од
собраниската сала!
Во Македонија не функционира поделбата на властите. Без
функционален парламент кој би требало да биде контролор на Владата, без
независно судство, без Народен правобранител, без Уставен суд, Македонија не
може да се нарекува правна држава.
Има ли поголема иронија? Истите кои ги растурија сите
државни институции, и ја претворија институцијата претседател во безгласна
буква, сега пропагираат „Државата пред се“?!?
6. Македонија стана држава на политички затвореници!
Македонија стана држава на политички затвореници во која
флагрантно се кршат човековите права, особено на маргинализираните групи.
Меѓународните извештаи за човекови права се полнат со известувања за политички
процеси и политички притвореници и осуденици. Судот во Стразбур донесува се
повеќе пресуди за злоупотреба на мерката притвор, за не-фер судења и за кршење
на други човекови права од Европската конвенција.
Македонија е држава во која царува полициска бруталност и
врвна хипокризија. Невладините
организации две децении бараат независен механизам за контрола на полицијата.
Движењето против полициска бруталност по претепувањето до смрт на
Мартин Нешковски (на изборната прослава на ВМРО-ДПМНЕ во 2011) го актуелизираше ова барање. Опозицијата предложи во 2012 година
да се донесе Закон за полициски правобранител. ВМРО-ДПМНЕ тогаш
гласаше
против и докажуваше дека нема потреба од независен механизам за контрола на
полицијата. Сега, во 2014 година ВМРО-ДПМНЕ „ветува“ Закон за независна
институција за надворешна контрола на работата на полициските службеници. Ете, тоа е врв на
хипокризија!
Македонија е држава во која дури се амнестираат
осомничени за воени злосторства, се водат сталинистички лустрациски процеси за
дискредитирање на луѓе кои не се ниту функциониери, ниту кандидати за функција,
ниту меѓу живите! А Уставниот суд, прво двапати го укина скандалозниот закон, а
по трет-пат, во нов состав, си ги погази претходните одлуки?!?
Македонија е држава во која се водат полициско-медиумски
хајки против земјоделци - критичари на власта, како одгледувачи на марихуана!
Толку ли бргу заборавивме на земјоделецот кој беше апсен и држан во притвор, во
наместен полициско-политички процес, а потоа ослободен од судот, поради
недостаток на докази и притисок на јавноста која покажа дека знае да прави
разлика помеѓу марихуана и див коноп?
Македонија стана држава во која сред бел ден неказнето дивеат маскирани хулигански
орди кои сеат страв, омраза и насилство врз основа на сексуална ориентација, во центарот на Скопје. Истите кои неказнето удрија
по ЛГБТИ луѓето, утре можеби ќе удрат и по вас.
7. Во Македонија царува нееднаквоста и дискриминацијата!
Македонија е држава која произведува системска
нееднаквост и дискриминација. Политиките на „рамен данок“ го зголемуваат јазот
помеѓу богатите и сиромашните. Најголемите капитални инвестиции на владата беа
во „Скопје 2014“, проект кој дополнително ја зголеми нееднаквоста помеѓу
главниот град и остатокот од Македонија. Владата обезбедува бесплатен превоз во
некои денови, но само за скопските пензионери!
Владата привилегира одредени групи, а други дискриминира. На пример, на некои пензионери им овозможува право бесплатно да одат на бања, а студентките во најмизерниот студентски дом на планетата земја „Гоце Делчев“ добиваат упатства „Нема топла вода“, „Бањајте се кај дечковците“.
Во Македонија расте дискриминацијата (и социјалното
исклучување), особено врз припадниците на маргинализираните групи. Комисијата
за заштита од дискриминација е составена од државни службеници блиски на
владејачките партии и воопшто не е ефикасна кога станува збор за дискриминација
од страна на Владата и државната администрација.
Лотаријата со фискални е само еден пример за политичката реалност која произведува се поголема
нееднаквост. Оние што имаат пари, имаат и повеќе фискални сметки, и поголема
шанса за добивка. Оние што немаат пари, немаат ни фискални, ни можност за добивка. Богатите што ќе испратат многу пликоа со фискални ќе
бидат извлечени „три до осум пати“, а мнозинството сиромашни - ниту еднаш.
8. Партизација и злоупотреба на државната администрација
Кај си вработен? „- Во македонски шуми.“
И, што работиш по цел ден?
„-Слушам кај шумат шумите.“
Кај си вработен? „- Во македонски шуми.“
И, што работиш по цел ден?
„-Слушам кај шумат шумите.“
Лотаријата
со вработувања во „Македонски шуми“ е само една од владините стратегии за
купување на гласови преку злоупотреба на државната администрација. Владејачките
партии ја партизираат и злоупотребуваат државната администрација како сервис за
обезбедување на дополнителни гласови на изборите. Тромата и неефикасна државна
администрација е пребукирана од партиски војници кои своето работно време го
трошат обезбедувајќи услуги за владејачките партии кои им обезбедиле
вработување.
Токму затоа, Македонија е шампион по одлив на мозоци во
Источна Европа. Се повеќе граѓани, особено младите, ја напуштаат Македонија.
Државната администрација нема капацитет да спроведе ниту регуларен попис на
населението, па не можеме да утврдиме колку граѓани ја напуштиле Македонија
поради нејзината партизираност и неефикасност!
А
може ли да спроведе фер избори неконтролирана Влада и партизирана администрација која не може да спроведе ни регуларен попис?
9.
Коцкање со меѓуетничките односи!
Владејачките
партии играат на картата на влошување на меѓуетничките односи, секогаш кога тоа
им одговара. А многу често им одговара токму пред избори, за да мобилизираат
гласови преку разгорување на национална
омраза и нетрпеливост.
Еве
само еден, од многуте примери, за „контролирано“ предизвикување омраза и
нетрпеливост: Власта тајно и незаконски
го постави споменикот
„Цар Душан“, власта се обиде да го урне, власта незаконски го
брани „споменикот-провокатор“, и истата власт се обиде да
ја префрли вината на опозицијата и медиумите што не се под нејзина контрола. И
тие што го поставија, и тие што го рушеа, и тие што го бранат, и тие што се
прават ко „Цар Душан“ од небо да паднал, и други за резилот обвинуваат - сите
се дел од истата власт.
Но,
никој од нив нема да одговара за
разгорување на национална омраза и нетрпеливост.
10. Што ќе ни се НАТО
и ЕУ!
Владејачките партии
не го исполнија своето клучно ветување „Интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО“. Можат да измислуваат
секакви оправдувања за тоа, ама сосема сум убеден дека ниту сакаа, ниту пак се
трудеа. Напротив, правеа се што е во нивна моќ да ги зголемат постојните пречки
и го убедуваа народот преку нивните пропагандисти „Што ќе ни се НАТО и ЕУ!“
Намерно играа на
картата раздели, па владеј: „ние сме бранители на името и идентитетот“, а тие
што не критикуваат се „предавници“ и „странски платеници“. Но, какви се тие
бранители на името кои ја претставуваат државата со грчкиот акроним „FYROM“ во меѓународни организации? Какви се тие бранители на
идентитетот „македонски“, кои прво го продале брендот „Македонска банка“ на
странски тајкуни, за потоа и да го ликвидираат?
А како ќе гласате
вие? Вие си знаете. Вие си знаете што ќе им одговорите на вашите деца или
внуци, кога по некое време ќе ве прашаат: Како гласаше во времето на „малиот диктатор“ Груевски?
Жарко Трајаноски