Експертскиот извештај нарачан од ЕК отвора повеќе прашања од јавен
интерес во врска со постојната криза во Република Македонија: Кои се причините
за кризата? Од каква природа е кризата? Како да се надмине кризата?
Читајќи го
извештајот, се добива впечаток дека како главни причини за кризата во Република
Македонија се акцентирани корупцијата и криминалот во највисоките ешалони на
власта. Како дополнителна причина за кризата е посочен неуспехот на органите за
борба против корупција и криминал, како и потфрлањето на
независните и контролните тела (Народниот правобранител, Дирекцијата за заштита
на податоци, ДИК, собраниските контролни комисии, Државната комисија за
спречување на корупција, итн.).
Ако причина за
кризата е немањето на државен капацитет за справување со криминалот и
корупцијата, тогаш природата на кризата во Република Македонија поскоро може да
се определи како „корупциска“ или „криминална“, отколку како „политичка криза“.
Како главен
генератор на скандалот со прислушкувањето е посочена концентрацијата на моќта
во УБК. Поради фамилијарните врски на поранешниот шеф со премиерот, УБК можеме
да ја преименуваме како УГБ (Управа на „големиот братучед“).
Управата на „големиот
братучед“ имала монопол на незаконско прислушкување
Какви факти утврдуваат
експертите на ЕК за скандалот со прислушкување? Накусо, експертите утврдуват
дека долготрајното прислушкување било незаконско, не било дел од легитимна
судска постапка и било вршено во простории на службата за безбедност. Според
нив, главни причини за скандалот со прислушкувањето е концентрацијата на моќта
во УБК и нефункционирањето на надзорниот механизам над УБК. Еве како е опишана
улогата на УБК од страна на експертите:
„УБК му изгледа,
на надворешен набљудувач, како да оперирала надвор од својот легален мандат во
корист на владата, за да ги контролира главните службеници во јавната
администрација, обвинителите, судиите, и политичките противници, со
последователно вмешување во независноста на судството и другите релевантни
национални институции.“
Надгледувањето е
спроведувано и мониторитно од УБК, која има монопол во однос на надгледувањето
и во безбедносните и во кривичните истраги. Експертите утврдиле дека УБК има
средства да се вмешува во кривичните истраги и, индиректно, да ја поткопува
моќта на обвинителот како водач на истрагата. Експертите утврдиле и дека
телекомуникациските оператори ја опремиле УБК со технички средства кои и
овозможуваат директно преземање на комуникации, независно од тоа дали постои
судска наредба за следење на комуникации.
Според
експертите, овој скандал покажува не само непочитување на професионалната етика
и непочитување на основните права, туку и „семејни врски помеѓу врвни
политичари и главни службеници во УБК како и во јавното обвинителство“ кои „создаваат
ризична атмосфера за конфликт на интереси.“
Какви
последици има од незаконското прислушкување од стана на УГБ (Управата на
„големиот братучед“)?
Експертите тврдат
дека обемот на незаконски прислушкувања и концентрацијата на моќта во УБК (која
го пречекорила својот мандат) предизвикале сериозни повреди на фундаменталните
права на засегнатите лица. Според
експертите, „содржината на повеќето од снимките обезбедува индикации за
незаконити активности и злоупотреба на моќ од страна на врвни владини службеници“.
Во извештајот
станува збор за „очевидно директно инволвирање на врвни владини и партиски
службеници во илегални активности вклучувајќи изборни измами, корупција, злоупотреба
на моќ и авторитет, конфликт на интереси, уцени, изнудување (притисок на јавни
службеници да гласаат за извесна партија со закана дека ќе бидат отпуштени),
криминално правење штета, изразени нарушувања на процедурата за јавни набавки
заради стекнување недозволен профит, непотизам и кронизам“.
Исто така,
утврдено е дека има индикации за „недозволиво политичко мешање во
номинирањето/назначувањето на судии како и вмешување во другите наводно
независни институции или за лични или за партиски придобивки“.
Експертската
група констатира дека само дел од овие индикации биле адресирани од истражните
органи (што се однесува до случајот кое МВР пропагандно го именуваше како „Пуч“).
Што се однесува до „актуалните обелоденувања на криминално однесување што
произлегува од содржината на следените разговори“ експертите биле информирани
дека биле иницирани, или планирани, натамошни истраги. Експертите пројавуваат
загриженост ако истрагите „се фокусираат исклучиво или првенствено на
протекувањето на документите, наместо на супстанцата на погрешното делување кое
изгледа произлегува од повеќето од транскриптите.“ Експертите укажуваат и дека
досегашните обвиненија изгледаат селективни.
Накусо, има многу
индиции за сторен криминал, има голема потреба од независна и ефективна
истрага, а малку е веројатно дека истрагата ќе биде спроведена од страна на постојното
обвинителство кое, како што се покажа од содржината на дел од објавените
снимки, е исто така под влијание на УБК и „МВР(О-ВМРО)“.
Никој не ја
контролира УБК!
Експертите
утврдиле дека собраниските комисии што треба да ја контролираат УБК не си ја
вршат својата работа. Едната комисија воопшто не се состанала, а другата не
спровела инспекции во УБК ниту собрала статистички податоци за следените
разговори. Исто така, експертите утврдиле дека комисијата (за надзор на следење
на комуникации) нема техничка умешност да обезбеди податоци од УБК или од
телекомуникациските компании кои треба да бидат споредени со бројот на судски
налози за следење, за да може да се идентификува злоупотреба.
Исто така, според
експертите на ЕУ, Дирекцијата за заштита на лични податоци и ДИК не покренале
истрага по обелоденувањето на содржините на снимките кои укажуваат на повреди
на правото за заштита на лични податоци и на повреди на изборното
законодавство. Ни Народниот правобранител не го искористил својот мандат да
спроведе адекватна истрага за потенцијалните прекршувања на чоековите права,
иако во теорија ништо не го спречува да постапува како реално „куче чувар“.
Што да се
прави со УБК?
Експертите главно
се преокупирани со мерки што треба да се преземат за да не се повтори ваква
состојба и да се оневозможи натамошно собирање на информации за политички или
други нелегитимни цели. Така, на пример, адресирајќи ги причините, тие препорачуваат
да се намали мандатот на УБК, за да се одделат функциите на следење на
комуникации за кривични истраги и за безбедносни цели; УБК да не се вмешува во
автономијата на полицијата, царината и финансиската полиција; УБК да нема
практична способност за директно снимање на комуникации, ниту директен пристап
до техничката опрема, туку само телекомуникациските компании (кои само врз
основа на релевантна судска одлука треба да го пренасочуваат сигналот до
службите кои законски можат да следат комуникации). Покрај соодветниот тренинг
за заштита на податоци, фундаментални граѓански права и професионална етика и
интегритет, експертите препорачуваат и намалување на големиот број вработени во
УБК (поради малиот број на судски наредби за следење), а зголемување и
обучување на човечките ресурси за контрола и надгледување на тајните служби.
Во однос на
содржината на снимките, експертите препорачуваат неселективни истраги за
криминалното поведение кое е обелоденето. Клучната препорака за успешна истрага
е запленување на релевантните податоци од архивите на УБК и од телекомуникациските компании, за да се
споредат со издадените судски налози. Најинтересно е што експертите
препорачуваат да се побара меѓународна поддршка и експертиза при
возобновувањето или докажувањето на автентичноста на избришаните фајлови. (Ова
наведува на заклучок дека експертите очекуваат прикривање на криминалните траги
од страна на УБК).
Некои од овие експертски
препораки во врска со УБК се испочитувани во документот на ЕК „Ургентни реформски приоритети“. На пример, ЕК експлицитно бара УБК да
нема монополистичка функција при следењето комуникации и да се отстрани практичната
и техничката можност на УБК за директно следење на комуникации (без судска
наредба).
Може ли да има
слободни и фер избори ако не се казни „Големиот брат(учед)“?
Горенаведените
експертски препораки се клучни за адресирање на причините на кризата. Ако УБК
со својата неконтролирана моќ (и пипци на октопод) е еден од главните
генератори на кризата, „скротувањето“ на УБК се чини како неоходно за
надминување на кризата.
Но, тука се поставува
практичното прашање: Кој ќе го стори тоа?
Дали тоа ќе може
да го стори опозицијата, доколку се врати во собранието и го преземе
раководењето на собраниските комисии за контрола на УБК и за следењето на
комуникациите? Досегашното искуство покажа дека собраниските комисии се
ефективни само во производство на документи кои биле третирани како „тоалетна
хартија“.
Дали Народниот
правобранител ќе се одважи да изврши контрола врз УБК и да обезбеди докази за
масовното прекршување на човековите права? Тешко веројатно, кога ќе се потсетиме
дека овој Народен правобранител го премолча насилството при неговиот избор на
24 декември 2012, кога пред негови очи од собраниската сала беа насилно
исфрлени новинарите и опозициските пратеници.
Ако сакаме да го
адресираме проблемот со УБК, како еден од главните генератори на кризата, не е
доволно да се направат законски и други измени кои на хартија ќе настојуваат да
го превенираат „октоподот“ - кој се покажа дека има пипци насекаде, вклучително
и во обвинителството, во судството, во комисијата за лустрација, во медиумите,
итн.
Клучен предуслов
за да се адресира проблемот со „октоподот“ УБК е да се обезбеди нов јавен
обвинител кој ќе има реална моќ: а) да спроведе ефективна истрага, за да ги
„заплени“ релевантните податоци од архивите на УБК кои индицираат на масовно
кршење на човековите права преку нелегално прислушкување; б) да покрене
кривична постапка против сите лица во УБК кои се одговорни за масовно кршење на
човековите права преку нелегално прислушкување (со чинење и нечинење); в) да покрене
кривична постапка против налогодавачите на нелегалното прислушкување и против
министерот за внатрешни работи и премиерот кои, согласно принципот на „командна
одговорност“, морале да знаат дека опремата на МВР со години се злоупотребува
за нелегално прислушкување на огромен број лица без судска наредба.
Без нов јавен
обвинител, тешко може да се очекува дека ќе бидат исполнети и другите
експертски препораки кои се однесуваат на соодветно постапување во однос на
индициите за криминал од страна на владини и партиски функционери, кои беа
обелоденети со протечените снимки од УБК.
За жал, во препораките
и приоритетите на ЕК за надминување на кризата, како и во политичкиот
пред-договор од 2 јуни, никаде не се спомнува избор на нов јавен
обвинител. Во „транзицискиот период“ е предвидено изготвување на „иницијален
извештај“ од двете собраниски комисии (кои треба да бидат под водство на СДСМ)
кој треба да биде готов до ноември 2015 година. Се предвидува сите материјали
кои ги поседува СДСМ да му бидат предадени на јавниот обвинител „за непосредна
акција“, но никаде експлицитно не се споменува избор на нов независен јавен
обвинител, ниту пак зајакнување на капацитетите на постојното обвинителство за
соочување со постојните предизвици за справување со криминалот и корупцијата.
Накусо, иако
криминалот и корупцијата се посочени како главни генератори на постојната криза
од страна на експертите, договорот од 2 јуни е повеќе насочен кон адресирање на
кризата преку предвремени избори, отколку преку зајакнување на постојните
неефикасни тела за борба против криминалот и корупцијата. На пример, во
договорот од 2 јуни има конкретни одредби кои се однесуваат на зајакнување на
ДИК (која треба да обезбеди „слободни и фер избори“), но нема конкретни одредби
за зајакнување на телата кои се надлежни за борба против криминалот и
корупцијата. Во договорот од 2 јуни воопшто ни не се спомнуваат зборовите
„криминал“ и „корупција“, па оттаму може да се изведе заклучок дека овој
политички договор не ги адресира експлицитно главните причини за постојната
криза посочени од експертите.
Во договорот
потписниците начелно се обврзале да ги почитуваат и имплементираат сите
препораки што ќе ги издаде ЕК во врска со системските прашања за владеењето на
правото. ЕК издаде посебни препораки, но во нив има само една општа одредба која се
однесува на „де-политизација на назначувањето и унапредувањето на судии и
обвинители, во практика, не само во теорија...“.
Ако целта на
„транзицискиот период“ е да се создадат услови за фер и слободни избори, тогаш
мора да се отстранат одговорните за корупција и криминал од највисоките позиции
на власта. Тоа практично ќе биде невозможно, ако не се заменат одговорните
(пардон, неодговорните) лица за борба против корупција и криминал – пред се, постојниот
неефикасен обвинител со независен јавен обвинител. Без создавање на услови за
ефикасна и неселективна борба против криминалот и корупцијата нема да бидат
адресирани главните причини за кризата, ниту пак ќе можат да се создадат услови
за „слободни и фер избори“.
Накусо, не може
да се создадат ни минимални услови за слободни и фер избори, ако во
„транзицискиот период“ не се казнат одговорните во УБК и владата, не само за
масовното незаконско прислушкување, туку и за кривичните дела кои беа
обелоденети со објавувањето на содржините на снимките. Дел од тие кривични дела
се однесуваа на изборите. Во „транзицискиот период“, независен јавен обвинител
треба да спроведе истрага и да покрене постапка против оние функционери кои
учествувале во кривични дела во врска со изборите. Функционерите кои го прекршиле законот треба
да бидат изведени пред суд, кој во итна постапка треба да ги казни и да спречи
да го повторат делото. Само во таков случај ќе може да стане збор за создавање
услови за слободни и фер избори.