Помина пекиншката Олимпијада. Не ни дозволија да го користиме уставното име. Затоа што сме Македонци. Не ни дозволија да освоиме ниту еден медал. Само затоа што сме Македонци.
Џабе југоносталгичарските фалби на Olympic Committee of the Former Yugoslav Republic of Macedonia (кој тука се претставува како МОК) дека досега „Македонските спортисти имаат освоено 12 олимписки медали“. Вистината е сосема поинаква - FYR Macedonia има само бронзен медал од Сиднеј 2000. Го освои Македонецот Могамед Ибрагимов - роден во Махачкала, главен град на руската република Дагестан.
И на оваа олимпијада, најзначајна беше битката за уставното име и за нашиот идентитет. Затоа, ем успеавме да се претставиме како FYR Macedonia ем најуспешен борец за нашиот идентитет беше Мурад Рамазанов, роден во рускиот град Хасавјурт. Останува уште Агенцијата за млади и спорт, како специјализирана агенција за промоција на македонскиот идентитет и античкото културно наследство, да изрши детален медицински преглед на нашите олимпијци, и да потврди дека настапот под FYR Macedonia немал никакви последици по нивниот древен македонски идентитет.
Несомнено, и за овие наши олимписки неуспеси се виновни Грците и нивните „сценарија“. Грците се виновни што само двајца наши спортисти успеаја да отидат во Пекинг со олимписка норма. Грците се виновни што нашите олимписки туристи освоија последно место во 10 метри со воздушна пушка, последно место во трискок и претпоследно место во пливање на 100 метри слободно. Не би се изненадил ако Грците се прогласат како виновни и за високите температури, разулавените пожари и заталканите куршуми што косат жртви независно од етничкото потекло. Грците ќе бидат виновни и за негативниот извештај за нашиот прогрес кон ЕУ кој се најавува од Брисел.
Се остваруваат и прогнозите на нашите мудри политичари дека светот ќе ја изолира Грција заради нејзината шовинистичка политика кон Македонија. Ете, откако и во Пекинг го блокираа нашето учество со уставното име, Грците беа казнети со тоа што мораа први да го веат државното знаме и први да ја слушаат својата химна на затворањето на Олимписките игри. Откако го блокираа нашиот прием во НАТО и во ЕУ, веќе никој од нашите многубројни сојузници не летува во Грција.
Се разбира, сите што се сомневаат во нашиот успех во Пекинг (како и оние што се сомневаа во нашите успеси во Букурешт и Брисел) се предавници на македонското дело. Сите што се сомневаат дека Грците се виновни за сите наши неуспеси се грчки платеници. Не би се изненадил ако за грчки платеник се прогласи и европратеникот Ерик Мејер, кој пријателски не' потсети на „реалната состојба“: прво, дека компромис е неопходен ако сакаме во ЕУ; второ, дека во меѓувреме и Србија не' престигнала како посериозен кандидат за прием во ЕУ.
Како што врви времето, станува се' поочигледно - ако времето работи за Груевски, тоа не значи дека работи и за нас. Од каде заклучокот дека времето работи за Груевски? Да потсетиме, на 2 август тој изјави дека ќе работи и дење и ноќе ем да станеме членка на ЕУ и НАТО ем на „стратегија за стабилност и сериозен економски и демократски развоја на земјата“, доколку Грција продолжи да ни ги затвора вратите. Еве што изјави Груевски на 21 август: „Доколку Грција на долг рок не' блокира, ние имаме стратегија земјата и понатаму сериозно и силно да се развива, да биде стабилна и да има демократски и економски развој“. На 2 август Груевски немаше стратегија, ама на 21 август веќе има. Заклучок - времето дефинитивно работи за Груевски. Додека сите се одмораа и гледаа Олимпијада, Груевски успеа за само 19 дена да направи стратегија за наш „силен“ развој без ЕУ и без НАТО!
Уште еден доказ дека времето работи за Груевски е неговата способност да го врати времето назад. Како во бугарскиот виц „тази дупка не е дупка“, Груевски сега не' убедува дека напуштањето на двојната формула пред заминувањето во Букурешт воопшто не било никакво напуштање. Ниту сме отишле во Букурешт (на 2 април) со предлогот Република Македонија (Скопје) ниту, пак, Груевски ја прими наградата „Топ тен реформер“ за успесите на FYR Macedonia (на 4 јуни).
Како во филмот „Враќање во иднината“, со помош на временската машина на Паско Кузман, Груевски може да ве телетранспортира кога ќе посакате: во времето на неолитскиот Славе Македонски, во времето на Александар Велики, во времето на библиските Македонци, во времето на Самуил, во времето на Питу Гули или на Ченто.
Уште еден показател дека времето работи за Груевски е тоа што тој не го контролира само минатото туку и иднината. За спорот со името, тој знае дека „Грција ќе направи овој процес во септември да не заврши успешно и виновникот да биде Република Македонија“. Груевски знае дека „какви било стратегии и игри од страна на Грција ќе бидат контрапродуктивни за нив“, а не за нас. Груевски знае дека спорот нема да се реши „барем не до средината на идната година, до изборите за Европскиот парламент“, случајно заборавајќи да спомене дека токму дотогаш и ние треба да одржиме локални и претседателски избори. Ако изборите во 2009 се причина за нерешавање на спорот, тогаш таа причина повеќе важи за Груевски отколку за Караманлис. Накусо, пророчките аргументи му се враќаат на Груевски со „бумеранг-ефект“.
Олимпијадата заврши со маратонот, но маратонскиот спор со Грција најверојатно ќе продолжи. За танго се потребни двајца, а ниту Милошоски ниту Бакојани не се запишуваат на курс за танцување. Уморни од чекање на слепиот колосек за ЕУ, залудно се прашуваме: Кога најпосле маратонците ќе го истрчаат последниот круг? Изгледите за такво нешто се мали, додека нашиот премиер верува во слоганот - Подобро ужас без крај (за Македонија) отколку ужасен крај (за Груевски).
Враќање во иднината
8/27/2008во 00:15 4 коментари
Како лош сон
8/20/2008Во Република Македонија се создава плодна почва за „преродба“ на фашизмот и тоталитаризмот. Груевски го користи национализмот како средство за здобивање на неограничена власт. На зборови – антикомунизам, на дело – антипарламентаризам. По освојувањето на државните институции, партијата настојува да воспостави контрола врз медиумите и граѓанското општество. Расте моќта на тајната полиција. Се поттикнува милитаристички менталитет. Се зголемува ксенофобијата, расизмот и дискриминацијата кон повеќето маргинализирани групи. Се развива култ кон чисто етничко потекло. Државата почна да ги перципира жените како машини за раѓање. Царуваат теории на конспирација. За се ни се виновни Грците и нивните лаги.
Државната пропаганда станува се повеќе инструмент за контрола на масите. Расте омразата и нетрпеливоста кон индивидуалноста и поинаквото мислење. Луѓето почнуваат да се плашат јавно да зборуваат.
во 12:53 7 коментари
Веќе видено?
Зошто имам чувство дека тоа што ни се случува сега, веќе еднаш ни се има случено во минатото? Пред две години не можев да се оттргнам од впечатокот: „Минаха години...“, а ние никако да се помрднеме од место. Истиот впечаток го имам и сега.
Пред повеќе од две години, кога не се остварија најавите на Владата за полноправно членство во НАТО во 2006 година, една министерка на СДСМ изјави: „Не гледам крупни грешки, туку крупни резултати“. Дел од „крупните резултати“ што ги гледаше само министерката со своите „розови очила“ беа: „се очекува да почнат и разговорите за целосна либерализација на визниот режим...“, кој треба да профункционира „најдоцна до почетокот на 2008 година“. И тогаш се прашував: „Какви ли се тие „постигнати извонредни резултати“ во некое идно време?“ Истото се прашувам и сега, слушајќи ги говорите на овие владини претставници.
Поконкретно, еве што се прашував во 2006 : „За какви „крупни резултати“ станува збор кога не се почнати ниту преговорите за членство во ЕУ, ниту е целосно либерализиран визниот режим ниту, пак, сме полноправна членка на НАТО?“ Истото прашање си го поставив и на 2 август оваа година, слушајќи ги фалбите на Груевски од Пелинце за „успесите“ на неговата влада: „Работата на Владата, нашите погледи и напори и понатаму ќе бидат цврсто фокусирани на остварување на сите неопходни реформи и критериуми за што поскорешна интеграција на земјата во НАТО и во Европската Унија, како и целосна либерализација на визниот режим.“
Ако добро паметам, „интегрирање на Република Македонија во ЕУ и во НАТО“ беше првиот стратешки приоритет на Владата за 2007. Ако добро паметам, и тогаш Груевски, во манирот на Тито, се фалеше дека ќе работи „и дење и ноќе“ на остварување на овој приоритет. Поминаа многу денови и ноќи, ама клучниот приоритет никако да се оствари.
По толку работа „и дење и ноќе“ за да станеме полноправна членка на НАТО и Европската Унија, Груевски пак ни порача од Пелинце: „Ќе работиме и дење и ноќе за да станеме полноправна членка на НАТО и на Европската Унија...“. Ама, чувме и нешто ново: ако „Баба Рога“ (Грција) на долг рок „ни ги затвора вратите кон посакуваната цел, ние ќе работиме и на стратегијата за стабилност и сериозен економски и демократски развој на земјата, дури и во такви услови.“
Му верувам на Груевски дека ќе си го одржи зборот. Ќе работи „и дење и ноќе“ за „Баба Рога“ да продолжи да ни ги затвора вратите кон посакуваната цел. Допрва ќе работи „и дење и ноќе“ на „стратегијата“, откако толку „успешно“ ги загуби клучните политички битки во Букурешт и во Брисел. Ќе продолжи да не' „работи“ нас и дење и ноќе, користејќи ја „борбата за националниот идентитет“ за оправдување на сопствените политички неуспеси.
Како и пред две години, Груевски повторно настапи во Собранието со речиси истата „Преродба во 100 чекори“. Сепак, тоа што лани беше прв приоритет, одеднаш се преобрази во втор приоритет, со една мала, но значајна додавка: „интеграција на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија врз основа на остварување на сите реформи и критериуми и решавање на спорот со Грција врз принципот на незагрозување на националниот идентитет“.
Но, да бидеме малку искрени и да се прашаме: Може ли да го решиме спорот со Грција „врз принципот на незагрозување на националниот идентитет“? Зарем самото учество во еден таков спор, со некрофилската дескрипција „поранешната Југословенска...“ не го наруши принципот на незагрозување на националниот идентитет? Имено, ако 15-годишното меѓународно „фиромизирање“ на Македонија досега не го загрозило нашиот национален идентитет, од каде сегашните стравувања дека заминувањето на некрофилската дескрипција во „вечните ловишта“ одеднаш ќе почне да го загрозува нашиот национален идентитет?
Официјалниот одговор на прашањето зошто „Запад не не' запишуе“ го чувме од спикерот Велјановски на Мечкин Камен: „на самитот во Букурешт не бевме поканети во НАТО, само затоа што сме Македонци и не сакаме да се откажеме од својот национален идентитет.“ Само затоа што сме Македонци, и поради ништо друго, не не' примаат во НАТО и во ЕУ? Или поради нешто сосема друго?
Политиката на Груевски се темели на виталната лага дека борбата за зачувување на уставното име е борба за зачувување на националниот идентитет. Но, и на помалку упатените познавачи на меѓународното право им е јасно дека нашата земја уште во 1993 се согласи да биде примена во ОН без уставното име. Очекувањето дека можеме да го задржиме уставното име во ОН е исто толку бесмислено колку и нашето прифаќање да влеземе во ОН како „поранешна југословенска...“. За најголем дел од Македонците признавањето под некрофилската дескрипција не значеше и откажување од националниот идентитет. Затоа, има ли смисла 15 години по свадбата се' уште да се удира по националистички тапани? Има ли смисла да се вика „Ура за европска Македонија“, а во исто време да се води ксенофобична кампања против најблискиот ЕУ сосед?
Накусо, бевме и ќе си останеме Македонци, независно каков ќе биде исходот од меѓународниот спор со Грција, ЕУ, НАТО и ОН. Независно од националистичкото трубење дека „Ниту една политичка елита нема право да се ценка или да прави компромиси со македонскиот национален идентитет“ (Велјановски на Мечкин Камен).
Дали тоа значи дека некоја политичка елита има право да се ценка или да прави компромиси со интеграцијата во ЕУ како наш стратешки приоритет? Дали тоа значи дека некоја политичка елита има право да го злоупотребува македонскиот национален идентитет за остварување на политички или лукративни цели?
Национализмот и ксенофобијата на Балканот се нешто „веќе видено“. Џабе викаме „Ура за европска Македонија“ кога истовремено ги влошуваме односите со нашите ЕУ-соседи.
во 01:42 4 коментари
Олимпијада - стоп!
8/13/2008„Тивкиот“ бојкот на Олимписките игри добива епски размери: Зошто претседателот не отиде на Олимписките игри? - Затоа што аболицијата и амнестијата не се олимписки дисциплини.Зошто собранискиот спикер не отиде на Олимписките игри? - Затоа што носењето закони со „брзи прсти“ не е олимписка дисциплина. Зошто премиерот не отиде на Олимписките игри? „Злобниците“ велат, таму немало дисциплина падни-стани во 100 чекори. Други, пак, проникливо забележаа - затоа што не му било важно да учествува, туку само да победува (ама на домашен терен).
Штета што нашите водачи не отидоа на Олимписките игри. Ја изневерија многувековната традиција. Познато е дека уште античко-македонските водачи учествувале на Олимписките игри, и тоа како натпреварувачи. Уште Александар I Македонски, наречен Филхелен (во наш превод „гркофил“), учествувал на хеленските Олимписки игри кои биле забранети за варварите (вклучително и за Македонците). За да учествува, морал не само да го декларира туку и да го докаже грчкото потекло. Дури откако специјалниот олимписки суд од „Еленодики“ потврдил дека кандидатот за натпреварувач е Грк, на предокот на Александар Велики му било дозволено да се натпреварува. (Ако ме лаже Херодот, ве лажам и јас.)
Исто така, познато е и дека мајката на Александар Велики била наречена Олимпија како признание за победата на Филип II на олимписките игри. Прочуениот историски фалсификатор Николас Мартис, министер за Северна Грција од 1974-1981 (кој сега лажно се опишува како „поранешен министер на Македонија-Тракија“), објавува список со сите Македонци што учествувале на олимпијадите во Олимпија, опишувајќи го нивното учество како „придонес кон грчкото културно наследство“.
Станува ли сега појасно зошто никој од нашите водачи не отиде на Олимписките игри? Нашите мудри водачи не сакаа да ја продолжат вековната гркофилска традиција и да придонесуваат кон грчкото културно наследство. Станува ли појасно зошто (Пан)Дора Бакојани успеа да стави уште едно вето на нашето уставно име на Олимписките игри? Затоа што и денешните учесници на Олимписките игри се или Грци или гркофили.
За да не ни се случи уште еден национален олимписки срам како учеството во Пекинг, предлагам нашата мудра влада да преземе итни мерки за одбрана на нашето уставно име и нашиот национален идентитет.
Како прво, Груевски да испрати уште едно писмо до Бан Ки-мун, во кое ќе го извести дека македонските политичари ќе ги бојкотираат Игрите се' додека се нарекуваат „олимписки“, затоа што промовираат култура заснована на ксенофобија (поделба на Грци и омразени „варвари“) и дискриминација (исклучување на сите што не можеле да го докажат своето елинско потекло).
Како второ, нашиот премиер да испрати писмо до претседателот на МОК, во кое ќе го извести дека македонските спортисти ќе ги бојкотираат следните олимпијади, се' додека не се реши меѓународниот спор со името на Игрите. Имено, за нас употребата на зборот „олимписки“ ќе биде спорна се' додека се фаворизира една шовинистичка историја и ксенофобична култура на сметка на другите.
Како трето, Груевски да испрати уште едно писмо до генералниот секретар на НАТО, со кое ќе го убеди дека треба да се забрани дури и употребата на изразот „Олимписки игри“ од страна на Грците, затоа што таквата употреба имплицира територијални претензии кон Република Македонија и го загрозува македонскиот национален идентитет. Употребата на зборот „олимписки“ ќе биде спорна се' додека грчките националисти ја крадат нашата историја, претставувајќи ги античките Македонци како Грци, и додека го опишуваат античко-македонскиот олимпизам како „придонес кон грчкото културно наследство“.
Груевски треба пак да му пише и на Баросо за да го потсети дека понатамошната употреба на зборот „олимписки“ го загрозува не само македонското малцинство во Грција туку и правата на Македонците, протерани за време на Граѓанската војна. Жртвите на етничко чистење не може да се вратат во своите домови токму поради грчката „олимписка“ регулатива од 1982, која овозможи враќање само на лицата со грчко потекло.
Бездруго, Груевски треба да му испрати и дополнително писмо на Метју Нимиц. Во пакет со името, не треба да се решава само прашањето на употреба на зборот „македонски“, туку и на зборот „олимписки“. Може во ист пакет - или во истата (Пан)дорина кутија - со непризнавањето на МПЦ. Во меѓувреме, не е лошо МПЦ да ги проколне Игрите како пагански адети. Тогаш Груевски ќе може да го потсети Метју Нимиц дека откако императорот Теодосиј I го прогласил христијанството за официјална религија на империјата во 393 г., Олимписките игри биле забранети како „пагански фестивал“. Да видиме која црква тогаш ќе биде расколничка?
Дури не се реши меѓународниот спор со т.н. „олимписки игри“, предлагам да ги возобновиме „Македонските контраолимписки игри“. Нив ги основал „варваринот“ Архелај во Дион, затоа што не му било дозволено како странец да учествува на „грчката олимпијада“. Тоа што Дион не се наоѓа во нашите граници, не е никаква пречка. Нели, откако СПЦ (како филијала на ГПЦ) ни забрани влез во манастирот „Прохор Пчињски“, ние си изградивме нов меморијал на АСНОМ - Пелинце (нагалено: „елинце-пелинце“). Нели е крајно време да си изградиме и меморијал на „Дион“ во слава на „Македонските контраолимписки игри“?
во 00:29 2 коментари
Егејска салата?
8/07/2008До вчера, како турист, бев речиси убеден дека во Охрид не се случува ништо ново (освен астрономските цени). Но, изненадувањата напаѓаат кога најмалку ги очекуваш. „Што чудо ќе да е сега ова?“, гласно извикнав, откако во менито на една охридска кафеана забележав гастрономски новитет во одделот „салати“. Без двоумење, веднаш порачав: „Дајте ми една егејска салата!“.
По неколку минути келнерката ја донесе салатата. Уште по првиот поглед - чуденки. Салатата ми изгледаше ептен познато. „Извинете, ве молам, ама која е разликата помеѓу егејска салата и грчка салата?“, љубезно прашав. „Немат разлика“, добив уште пољубезен одговор. „Уште нешто... А од кога оваа салата ја нарекувате егејска?“ Одговорот на келнерката беше бескомпромисен: „Од сега!“
Дури откако почнав да ја јадам салатата сфатив дека во Охрид не е се' исто како и лани. Можеби составот на грчката и егејската салата е ист, ама егејската салата е неспоредливо повкусна од грчката. А откако стомакот се насити, чуденките не престануваа да се мрестат во мојата глава, небаре „прачовечки“ охридски пастрмки: Какви последици за нашиот идентитет ќе има постоењето ем на македонска ем на егејска салата во нашите кафеани? Што ако, покрај „Егејците“ и „Пиринците“ и „Вардарците“ посакаат да си имаат посебна салата? Дали на македонскиот туристички пазар ќе се јави и потреба од „големомакедонска салата“?
И досега, брендот „македонска салата“ ми создаваше непремостливи проблеми, кога залудно се обидував да ја доловам македонштината упорно нарачувајќи патриотска салата во секоја нова кафеана. По стотина изедени македонски салати, ми се наметна следниов заклучок: Секое македонско село и секоја кафеана си има своја македонска салата!
Најчесто, македонската салата се разликува од „шопската“ по тоа што нема рендано сиренце и има испечена, наместо жива пиперка. Но, и тоа не е случај секаде. Пред некој ден, во Крушево јадев мошне оригинална македонска салата со неисечкана печена пиперка, во која немаше никаков контакт помеѓу составните елементи (парчињата краставица, домати и цели печени пиперки). Вчера пак, во Преспа, јадев македонска салата со исечкани и измешани домати, кромид и неиспечени пиперки, но без краставици! Имам јадено и македонски салати со маслинка, но и со други зелени додатоци и зачини покрај стандардните.
Браќа, сестри и мили комшии, ваквите „македонски состојби“, нашата разединетост во поглед на толкувањето на „македонската салата“ нема да не' одведе никаде, најмалку во ЕУ. Ако сакаме во ЕУ мора прво да ја стандардизираме македонската салата и јасно да го дефинираме националниот рецепт. Дури потоа ќе следува борбата за меѓународно признавање на македонската, а особено на егејската салата.
Како прво, нашата преродбеничка влада мора итно да ги заштити овие национални брендови и да не дозволи меѓународна употреба на изразот „македонска салата“, освен за стандардизираниот национален рецепт. Има само една вистина. Има само една Македонија. Има само една македонска салата.
Како второ, не е лошо владата да почне со меѓународна кампања (на Си-ен-ен и во другите ТВ и печатени медиуми) за афирмација на македонската салата и за разбивање на предрасудите за нејзиниот состав и начин на подготовка. „Македонска салата“ не е овошна салата (прочуената салата што ја прават Италијанците), ниту салата од зеленчук прелиена со мајонез (според францускиот рецепт). Светот мора да разбере дека македонската салата е мултикултурна зеленчукова салата во која секој исечкан зеленчук го задржува својот оригинален вкус иако е помешан со другите. Светот мора да разбере дека нема друга „македонска салата“ освен нашата. Мора да ги убедиме и дека таа не е грчки рецепт. Она што Грците го нарекуваат „македонска салата“ (со два вида зелка и маслиново масло) воопшто не е мултикултурната „македонска салата“. Не дека во Македонија нема зелки (на пример, нашите народни платеници во парламентот), ама зелките не ни се препознатлив национален симбол, туку печените пиперки.
Како трето, мора да воспоставиме јасна дистинкција помеѓу „македонска салата“ и „големмакедонска салата“. Само така ќе го зачуваме нашиот идентитет, без да ја жртвуваме идејата за обединета Македонија како дел од нашата митологија. Ако „грчката салата“ толку лесно можеше да стане „егејска салата“, зошто тогаш и „шопската салата“ да не стане „пиринска салата“? Големомакедонската салата се служи исклучиво во голема чинија поделена на три дела, во која има јасни граници помеѓу „егејската салата“, „пиринската салата“ и „вардарската салата“. Кога ќе се изедат трите дела, на дното на македонската чинија се врежани стиховите: „Делете ја, парчете ја, пак ќе биде наша најмила“. Пожелно е да има и предупредување, напишано со поситни букви: „Македонските чинии не се кршат од ѕид“.
Ако македонската салата е симбол на нашата „мултикултура“, големомакедонската салата може да стане симбол на нашата митологија (на нашето библиско „свето тројство“), а егејската салата - служена одделно - симбол на нашиот непокор! Навистина, крајно време е македонскиот народ да се свести и разбуди. Колку ли време беше со идеја дека салатата била грчка, а таа ти била егејска. Борбата за зачувување на нашиот идентитет не може да се замисли без збогатување на македонското мени. Затоа, во следната македонска кафеана ќе побарам античкомакедонска салата. Омилената салата на Хунзите.
во 19:29 7 коментари
Мојот список со блогови
-
Чипирање - чипиани идиоти ... - Пеоцесот на чипирање е одамна започнат. На чипирање сме осудени кога вадиме било кој личен документ кој мора да го носиме со себе - лична карта, пасош, к...Пред 3 години
-
Поддршката за СЈО не значи приврзаност кон идоли, туку кон идеали - Држава е збир од институции, а секоја институција е многу повеќе од збирот на поединците што работат во нив. Можеби авторитарните личности на кои им е стра...Пред 5 години
-
РЕШЕРИЕТО И ЖРЛБРТР- Во прилог е решението Ñ Ð¾ кое Ñ Ðµ Ð¿Ñ€Ð¾Ð³Ð»Ð°Ñ ÑƒÐ²Ð°Ð¼ за виновна за Ñ Ñ‚Ð¾Ñ€ÐµÐ½ прекршок и мојата жа...Пред 5 години
-
-
-
Изјава за BBC - Додека странските дипломати навистина можат да извршат влијание врз домашните политичари, не смее да се заборават неколку работи: прво, дека тие се водат п...Пред 13 години
-
Музика со леден швепс и со лимон - Некои бендови се осудени да прават одлична поп-музика, но никогаш да не станат суперѕвезди. Сепак, тоа не значи дека не свират супермузика, дека немаат су...Пред 15 години
-
-
-
-
-
-
-
>> <<
Text
Archive
Етикети
- веронаука (1)
- демократија (1)
- Европска конвенција за човекови права (1)
- Закон за лустрација (1)
- лустрација (1)
- Македонија (1)
- човекови права (3)
Recent Post
Category
- веронаука (1)
- демократија (1)
- Европска конвенција за човекови права (1)
- Закон за лустрација (1)
- лустрација (1)
- Македонија (1)
- човекови права (3)
Footer Widget 1
Footer Widget 3
Blogger Tricks
Blogger Themes
Catwidget4
Comments
topads
Footer Widget 2
Популарни објави
-
Еве, по осми пат имам прилика да учествувам на повеќепартиски парламентарни избори. На сите претходни избори имав дилеми дали да гласам и ...
-
Експертскиот извештај нарачан од ЕК отвора повеќе прашања од јавен интерес во врска со постојната криза во Република Македонија: Кои се п...
-
Демократијата изгуби на конкурс , вклучително и на конкурсот на Министерството за култура. Еве што изјавува еден од одлучувачите: „ Дали...
-
Со статијата ФИРОМ за НАТО , и „Вест“ се вклучува во про-грчката кампања во Македонија за популаризирање на грчката измислица „FYROM“ , нам...
-
Што е финтава? Демек, ако сакаме у НАТО, мора да си го смениме името: „Во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ Нимиц посочува дека желб...
-
(Изјава на Васил Зафирчев во „Теа модерна“) Дека филмот е моќен медиум, покажа и Васил Зафирчев чиј филм за Рацин секојдневно предизвикува к...
-
Три години пред да дипломира се вработил како референт за извршување и правни работи во Јавно претпријатие. Во 2009 дипломирал и веднаш с...
-
Однапред се извинувам што повторно им одземам време на моите читатели со цитати од колумнистот Венко Андоновски, ама овојпат станува збор за...
-
Да се пофалам, си извадив чичка нов пасош. Вадењето нов документ за идентификација не би требало да остава никакви последици по личниот иден...
-
(До Коља and Co. Unlimited) Значи така, темите што ги мигрираше ASN за етнонационализмот, граѓанскиот национализам, идентитетот, Македонија...
Популарни објави
-
Еве, по осми пат имам прилика да учествувам на повеќепартиски парламентарни избори. На сите претходни избори имав дилеми дали да гласам и ...
-
Експертскиот извештај нарачан од ЕК отвора повеќе прашања од јавен интерес во врска со постојната криза во Република Македонија: Кои се п...
-
Демократијата изгуби на конкурс , вклучително и на конкурсот на Министерството за култура. Еве што изјавува еден од одлучувачите: „ Дали...
-
Со статијата ФИРОМ за НАТО , и „Вест“ се вклучува во про-грчката кампања во Македонија за популаризирање на грчката измислица „FYROM“ , нам...
-
Што е финтава? Демек, ако сакаме у НАТО, мора да си го смениме името: „Во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ Нимиц посочува дека желб...
-
(Изјава на Васил Зафирчев во „Теа модерна“) Дека филмот е моќен медиум, покажа и Васил Зафирчев чиј филм за Рацин секојдневно предизвикува к...
-
Три години пред да дипломира се вработил како референт за извршување и правни работи во Јавно претпријатие. Во 2009 дипломирал и веднаш с...
-
Однапред се извинувам што повторно им одземам време на моите читатели со цитати од колумнистот Венко Андоновски, ама овојпат станува збор за...
-
Да се пофалам, си извадив чичка нов пасош. Вадењето нов документ за идентификација не би требало да остава никакви последици по личниот иден...
-
(До Коља and Co. Unlimited) Значи така, темите што ги мигрираше ASN за етнонационализмот, граѓанскиот национализам, идентитетот, Македонија...
Popular Posts this month
-
Еве, по осми пат имам прилика да учествувам на повеќепартиски парламентарни избори. На сите претходни избори имав дилеми дали да гласам и ...
-
Експертскиот извештај нарачан од ЕК отвора повеќе прашања од јавен интерес во врска со постојната криза во Република Македонија: Кои се п...
-
Демократијата изгуби на конкурс , вклучително и на конкурсот на Министерството за култура. Еве што изјавува еден од одлучувачите: „ Дали...
-
Со статијата ФИРОМ за НАТО , и „Вест“ се вклучува во про-грчката кампања во Македонија за популаризирање на грчката измислица „FYROM“ , нам...
-
Што е финтава? Демек, ако сакаме у НАТО, мора да си го смениме името: „Во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ Нимиц посочува дека желб...
-
(Изјава на Васил Зафирчев во „Теа модерна“) Дека филмот е моќен медиум, покажа и Васил Зафирчев чиј филм за Рацин секојдневно предизвикува к...
-
Три години пред да дипломира се вработил како референт за извршување и правни работи во Јавно претпријатие. Во 2009 дипломирал и веднаш с...
-
Однапред се извинувам што повторно им одземам време на моите читатели со цитати од колумнистот Венко Андоновски, ама овојпат станува збор за...
-
Да се пофалам, си извадив чичка нов пасош. Вадењето нов документ за идентификација не би требало да остава никакви последици по личниот иден...
-
(До Коља and Co. Unlimited) Значи така, темите што ги мигрираше ASN за етнонационализмот, граѓанскиот национализам, идентитетот, Македонија...
Popular Posts this week
-
Еве, по осми пат имам прилика да учествувам на повеќепартиски парламентарни избори. На сите претходни избори имав дилеми дали да гласам и ...
-
Експертскиот извештај нарачан од ЕК отвора повеќе прашања од јавен интерес во врска со постојната криза во Република Македонија: Кои се п...
-
Демократијата изгуби на конкурс , вклучително и на конкурсот на Министерството за култура. Еве што изјавува еден од одлучувачите: „ Дали...
-
Со статијата ФИРОМ за НАТО , и „Вест“ се вклучува во про-грчката кампања во Македонија за популаризирање на грчката измислица „FYROM“ , нам...
-
Што е финтава? Демек, ако сакаме у НАТО, мора да си го смениме името: „Во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ Нимиц посочува дека желб...
-
(Изјава на Васил Зафирчев во „Теа модерна“) Дека филмот е моќен медиум, покажа и Васил Зафирчев чиј филм за Рацин секојдневно предизвикува к...
-
Три години пред да дипломира се вработил како референт за извршување и правни работи во Јавно претпријатие. Во 2009 дипломирал и веднаш с...
-
Однапред се извинувам што повторно им одземам време на моите читатели со цитати од колумнистот Венко Андоновски, ама овојпат станува збор за...
-
Да се пофалам, си извадив чичка нов пасош. Вадењето нов документ за идентификација не би требало да остава никакви последици по личниот иден...
-
(До Коља and Co. Unlimited) Значи така, темите што ги мигрираше ASN за етнонационализмот, граѓанскиот национализам, идентитетот, Македонија...