Почитуван г-не главен и одговорен „погребник“ на „Дневник“. Aј да не се правиме сега „луди за во пензија“. Каква врска има ова што Вие му го правите на „Дневник“ со професионалното новинарство? Има ли поочебиен доказ за феноменот „расипан мегафон“ од ударните наслови во последните броеви на „Дневник“? Гебелсовските наслови, „портокаловите“ текстови и оцрнувачките кампањи сведочат за „преродбата“ на „Дневник“ во огледалце на „пастирот“, во гласник на „Министерството на вистината“ и во билтен на „Големиот братучед“.
Каква врска со професионално новинарство има ударниот наслов „Руфи Османи го фали Груевски“, кој веднаш по Вашето писмо е демантиран како „тенденциозен“ и „чиста дезинформација“? Каква врска со професионално новинарство има одлуката да се менуваат насловите на колумните без согласност на авторите? Дали сте информирани дека се водат судски процеси против колумнисти на „Дневник“, меѓу другото, и за насловите и поднасловите на колумните? Досега имам објавено преку 160 колумни во „Дневник“ и ниту еден наслов не ми беше сменет од други уредници. Како е можно, по три и кусур години успешна соработка, одеднаш само Вам да ви текне дека ниту наслов на колумна не можам да си определам по своја волја?
Аман, ви се молам, немојте никого да казнувате поради „идеолошка или партиско-политичка интервенција“. Критичките новинари во „Дневник“ се доволно казнети со тоа што Вие сте им главен и одговорен уредник кој со „идеолошка или партиско-политичка интервенција“ го претвора „Дневник“ во „Глас“ на ДПМНЕ. Неодамна случајно сретнав неколку новинари и ги поздравив: „Ај, честито нов главен уредник“. Во ист стил ми отпоздравија: „Да ти се врати“. И ете, брзо ми се врати. Баш ме интересира, дали и Вие би се согласиле на себепонижување ако преку електронска порака ви го одземат правото на наслов, наднаслов и поднаслов, и притоа ви ја намалат платата за „само“ 62.5 проценти?
Велите, мојата забелешка дека некој „рони солзи по директори на агенции за разузнавање“ била „благо речено непристојна“. Но, тоа е непобитен факт. Да ве потсетам, токму Вие роневте солзи по поранешната директорка на агенцијата за разузнавање, која беше аболирана поради скандалот со прислушкување на новинари. Во кои тоа слободни медиуми новинарските „петли“ ронат солзи по полициски „лисици“?
Се правите „на Тошо“: „Каков „голем братучед“ и какви „култови на личност“?“ Да ви појаснам. Најавив идна соработка со „Дневник“ кога ќе има други уредници „кои нема да ронат солзи по директори на агенции за разузнавање (прочуени по прислушкување на новинари) и кои нема да градат култови на личност кон „големиот братучед“. Вие манипулирате:„директорот на агенцијата за разузнавање не е никаков „голем братучед““ (?!) Но, никој не тврдеше дека сте ронеле солзи по „големиот братучед“, туку по „директори на агенции за разузнавање“! Да ве потсетам на Вашите „стихови“: „Во Скопје се стркала солза... Една македонска фиданка испушти душа.“
Од друга страна, да, „од месечината се гледа“ дека градите култ кон „големиот братучед“ (неговиот „пастир “ се подразбира). Ако не ви е јасно кој е „големиот братучед“, прочитајте ја колумната „Бомбица во вискито на г. Мијалков“. Колумнистот прашува: „Во кое својство е поканет шахот на „тајните служби“ Lt. Mumbly - на прослава на еден весник - една тврдина на плурализмот и демократските процеси во Македонија?“ И сугерира „елегантно одбивање на еден перфиден танц во кој тотално антимузикално треба да играат служба и весник.“ А Вие јасно си кажавте по чии ноти танцувате во своите писанија.
Тажно е ова што му се случува на „Дневник“. „Тврдината на плурализмот“ ја претворате во бастион на груевистичка пропаганда. Колку време мислите да опстанете со таков понижувачки однос кон колумнистите, новинарите и читателите?
Има ли поголема хипокризија од вашето повикување на слободата на изразувањето? Молчевте или се ситевте додека „мечката“ играше пред портата на комшијата. Сега молчите и не прашувате од каде им се парите на „груевистите“ за прескапите негативни кампањи кои ги оцрнуваат не само неистомислениците, туку и „Дневник“.
Слободата на изразувањето најмногу требаше да се брани кога „груевистичките“ мегафони им се закануваа со ликвидација на сите критички новинари и колумнисти. Се гордеам што бев на „барикадите“ кога слободата на изразувањето беше најмногу на удар. Тужбата за клевета од страна на „ликвидаторот“ ја сметам за најголем комплимент. На која страна од „барикадите“ сте вие? Критичките медиуми и новинари се на удар, а вие ги честите со „сиктер кафе“ најчитаните и најкоментирани колумнисти (двајца од нив добитници на награда за проминентен став, токму како колумнисти на „Дневник“).
Една активистка за човекови права најсликовито ја опиша медиумската стратегија на „груевистите“: „Едни ќе ги поткупиш, други ќе ги купиш, трети ќе ги ставиш во затвор, четврти само ќе ги стегнеш за јајца. Резултатот е, Македонија ја покри медиумски мрак“. Но, бргу ќе дојде денот кога ќе се сетиме што сме напишале во химната: „Горите Македонски шумно пеат, нови песни, нови весници! Македонија слободна, слободнo живее!“ Затоа, „Пробудете се морни, новинари и новинарки!“. Зората да зазори, да го испие медиумскиот мрак. Повторно да разгласиме: „Силно светнал Дневник“!
0 коментари:
Објави коментар