Лустрацијата продолжи да се спроведува без потпишан документ за соработка со тајните служби, претворајќи се во морбидна карикатура и инструмент за политичко-полициска злоупотреба.
Една провладина ТВ на 4-ти август 2011 објави: „Денеска на седницата која траеше повеќе од два часа, присуствувале 9 членови. Но, кога требало да се гласа тројца членови ја напуштиле седницата и за решението гласале 6-мина.“ (Канал 5). А што им изјавил претседателот на комисијата со истечен мандат на новинарите: „ - „... нема проблеми во гласањето“ (Алфа); „А некои што излегоа - тоа е тип односно начин на гласање“ (Телма).
Неколку часа подоцна, испадна дека „тази гласање не било гласање“. Претседателот на комисијата со одамна истечен мандат даде сосема друга изјава откако повторно итно била свикана Комисијата за верификација на фактите: „- Некои членови во моментот на гласањето излегоа и тогаш не беше констатирано кој влезе, кој излезе... “ (Алфа). Откако му било укажано со допис дека „за време на гласањето го немало потребното мнозинство“, тој се попишманил па решил да прегласуваат.
По којзнае кој пат, без срам и перде, комисијата за „лустрација“ се мајтапеше со процедурите и со правата на лицата кои мора да потпишаат изјави за несоработка (иако најголем дел од тие што мора да потпишат не знаат што е соработка, ниту пак што значи „таен соработник“ и „таен информатор“). Според Деловникот на Комисијата за верификација на факти (која брои 11 члена), „Комисијата може да одлучува ако на седницата присуствуваат повеќе од две третини од членовите на Комисијата.“ Нејсе, претседателот самоволно си одлучил дека може да се гласа дури и ако се присутни само шест члена од единаесет (во комисијата „демократски“ се гласа за „фактите“?!?). Цврсто го бранеше својот став пред медиумите дипломираниот правник со истечен мандат. Го бранеше, едно два-три часа. Потоа се „покаја“ пред истите медиуми, и призна дека „...за време на гласањето го немало потребното мнозинство и ние прегласувавме“.
Паметам, едно време „добронамерните“ предлагачи на законот за „лустрација“ не убедуваа дека нема да настрадаат „лица поради кафеански муабети“, туку „оние за кои има документ и кои потпишале изјава дека ќе соработуваат со службите и кои навистина го правеле тоа“. Сега сме сведоци како страдаат лица од кафеанските муабети меѓу новинарите и членовите на комисијата за лустрација, а потоа истите лица се лустрираат со „демократско гласање“ без постоење на потпишана изјава дека соработувале со тајните служби. Предлагачите на законот се скандализираа како е можно да се гласа дали некој бил соработник: „Самата логика на Законот за лустрација, не подразбира гласање, факти има или нема, тие не се предмет на субјективно толкување“ – не убедуваше еден од пишувачите на законот. Арно ама, лустраторите си имаат деловник, па демократски си гласаат „кодоши“, и ич уво не ги боли за оние што го пишувале законот. Баш им е гајле за предлагачите на законот кои не уверуваа дека неопходен услов и основен документ за лустрација ќе биде писмена изјава - писмен документ со кој некој/а прифаќа да биде соработник.
„Дневник“, според „неофицијални информации“ објави дека „тројца членови на Комисијата ја напуштиле седницата оти не се согласувале со оценката на останатите шест члена дека информативен разговор е доволно силен доказ некој да биде прогласен за кодош.“ Можно ли е како доказ за „соработка“ да се користат непотпишани, парафразирани „изјави“ од принудни информативни разговори на полицијата со жртвите на оперативна обработка, кога самите информативни разговори претставувале акти на повреда на човековите права на жртвите, дел од нивниот идеолошки прогон?
Познато е дека тајните југословенски служби имале задача да произведуваат државни непријатели, тоа им било во описот на работните места на оперативците. Нејсе, наместо прво да донесеме и спроведеме закон за рехабилитација и обештетување на жртвите кои своевремено биле жигосувани како „предавници“ или „странски платеници“, почнавме да спроведуваме закон кој почна да ги лустрира поранешните жртви, и практично да ги амнестира нивните прогонувачи. „Лустраторите“ отидоа дотаму, што почнаа да пронаоѓаат докази за „соработка“ единствено во досиејата на жртвите, отворено и јавно признавајќи дека немаат никаков друг доказ, никаква потпишана изјава за соработка, ниту пак документ од било која служба кој потврдува дека лицето било таен соработник. Практично „лустраторите“ почнаа да водат постапки за верификација на „факти“ исклучиво на соработници, дури и пред да ги дочекаат „фактите“ од службите за безбедност. Имено, нестрпливите „лустратори“ почнаа да верификуваат „факти“, потпирајќи се единствено на податоците од досиејата на жртвите, податоци кои се добиени со флагрантно кршење на нивните човекови права – со принуди, уцени, притисоци, закани, измачувања, а неретко и со бескрупулозни облици на тортура. Уште нешто - наредбодателите и корисниците на информации ги заборавија, а нели токму тие беа главните прекршувачи на човековите права?
Какви последици ќе има решението на Комисијата за верификација на „факти“, кое се темели на индивидуални проценки и толкувања, на податоци од принудни информативни разговори (непотпишани), извлечени од личните досиеја на жртвите, и без постоење на каков и да е друг документ или изјава за соработка со службите? Со ваквите инквизиторски постапки на комисијата за „лустрација“ практично ќе бидат обесхрабрени и замолчени жртвите на тајните служби, кои имаат законска можност да поведат постапки за лустрација против повредувачите на нивните права. Сега, по самоволните толкувања на Комисијата на лустрација, секоја жртва што била принудена да оди на информативен разговор, ќе се плаши да покрене постапка за лустрација, затоа што сосема лесно може да биде прогласена за свесен соработник на тајните служби. Ваквата процедура за лустрација им втерува страв на поранешните жртви, а ги охрабрува поранешните регистрирани соработници на тајните служби, нивните наредбодавци и корисници на информации, да продолжат со јавна и паланечка дискредитација на жртвите преку методите на медиумско и интернетско „кодошење“ и клеветење.
Зошто ваквата лустрација ја сметам за морбидна карикатура? Нема услови за лустрација ако не се отворат архивите на регистрираните соработници, ако не се разобличат корисниците на информации и наредбодавците, ако се чепка само по архивите на жртвите кои биле предмет на обработка на тајните служби. Морбидна карикатура е лустрацијата во која провладините новинари имаат многу повеќе „релевантни“ (и дискредитирачки) информации од членовите на Комисијата за „лустрација“. А од каде ги добиле тие информации за медиумско линчување на „кодошите“? Од ДБК или од членовите на комисијата кои „кодошеле“, кршејќи го законот за „лустрација“?
Најпосле, во кој член од законот стои „дека доволно е да има досие во една од четирите институции за таквата изјава да не биде верифицирана“? Во кој член од законот стои дека жртвата може да биде лустрирана единствено врз основа на своето досие кое не го уништила (иако можела да го уништи), само врз основа на прекажаните искази (неретко „кодошења“) на нејзините џелати – истите оние кои макотрпно, и за пари, го формирале нејзиното досие? Парадоксот да е поголем, пред нашите очи се одвива лустрација на жртва на обработка на тајната полиција, која сега повторно станува жртва на лустрација, и покрај тоа што жртвата јавно објави документ од своето лично досие во кој пишува дека „Однос со органи за В(натрешни) Р(аботи) – немал (1.12.1983)“.
Зошто ваквата лустрација ја сметам за политичко-полициска злоупотреба? Настрадаа демократските процедури. Пак настрадаа жртвите, а беа „амнестирани“ министри и пратеници, од кои некои со децении биле обвинители и високи полициски функционери во времето на „комунизмот“. Нив влакно не им фали, тие си ги испраа рацете од злосторствата за време на „комунизмот“, а некои од нив повторно учествуваат во прогон врз идеолошка основа, при што се користат добро познатите „удбашки“ методи на прислушкување и јавно оцрнување, вклучително и „информативните разговори“. Иронично, најголеми жртви на „лустрацијата“ се сегашните критичари на режимот, кои претходно настрадале како критичари на поранешниот режим (овојпат беа жигосани со „автентични толкувања“ на „лустраторите“ кои немаат абер од човекови права). Истовремено, се амнестираат воени злосторници со „автентични толкувања“, а жртвите на најголемите повреди на човекови права се маргинализираат , игнорираат, забораваат (мачените, киднапираните, „жигосуваните“, внатрешно раселените).
Жртвите на инквизицијата биле прогласувани за виновни, доколку не го докажат спротивното. И жртвите на лустрацијата се прогласуваат за „кодоши“, доколку не го докажат спротивното. Пред векови, доволно било незасновано озборување или клеветење за некоја жена да биде прогласена за вештерка, и запалена на клада. Сега е доволно да те искодоши некој член на комисија, или да те наклевети некој на телевизија или интернет. За време на инквизицијата, идентитетот на сведоците бил чуван во тајност, за да се оневозможи одбраната. Сега идентитетот на соработниците се чува во тајност (нивните имиња во досиејата на жртвите се пречкртани), а лустрираните немаат пристап до информациите со кои располагаат лустраторите. Инквизиторите прифаќале како доказ и признанија изнудени со мачење. „Лустраторите“ прифаќаат извештаи од информативни разговори каде што жртвите биле со закани или уцени принудувани да даваат информации. На обвинетите од инквизицијата со векови не им било дозволувано да повикуваат сведоци во нивна полза. На жртвите од лустрацијата не им се дозволува да повикуваат сведоци во нивна полза, а страдаат во тајни кафкијански процеси во кои никој не знае врз основа на какви „строго класифицирани податоци“ се лустрираат (се разбира, освен подобните новинари на „пастирот“).
Според извесни проценки, Инквизицијата била одговорна за палење на околу триесет илјади вештерки во периодот помеѓу 1450-1600 година. Колку жртви на тајните служби настрадаа во Централна и Источна Европа, и колку допрва ќе настрадаат како резултат на политичко-полициска злоупотреба на лустрацијата?
0 коментари:
Објави коментар