До вчера, како турист, бев речиси убеден дека во Охрид не се случува ништо ново (освен астрономските цени). Но, изненадувањата напаѓаат кога најмалку ги очекуваш. „Што чудо ќе да е сега ова?“, гласно извикнав, откако во менито на една охридска кафеана забележав гастрономски новитет во одделот „салати“. Без двоумење, веднаш порачав: „Дајте ми една егејска салата!“.
По неколку минути келнерката ја донесе салатата. Уште по првиот поглед - чуденки. Салатата ми изгледаше ептен познато. „Извинете, ве молам, ама која е разликата помеѓу егејска салата и грчка салата?“, љубезно прашав. „Немат разлика“, добив уште пољубезен одговор. „Уште нешто... А од кога оваа салата ја нарекувате егејска?“ Одговорот на келнерката беше бескомпромисен: „Од сега!“
Дури откако почнав да ја јадам салатата сфатив дека во Охрид не е се' исто како и лани. Можеби составот на грчката и егејската салата е ист, ама егејската салата е неспоредливо повкусна од грчката. А откако стомакот се насити, чуденките не престануваа да се мрестат во мојата глава, небаре „прачовечки“ охридски пастрмки: Какви последици за нашиот идентитет ќе има постоењето ем на македонска ем на егејска салата во нашите кафеани? Што ако, покрај „Егејците“ и „Пиринците“ и „Вардарците“ посакаат да си имаат посебна салата? Дали на македонскиот туристички пазар ќе се јави и потреба од „големомакедонска салата“?
И досега, брендот „македонска салата“ ми создаваше непремостливи проблеми, кога залудно се обидував да ја доловам македонштината упорно нарачувајќи патриотска салата во секоја нова кафеана. По стотина изедени македонски салати, ми се наметна следниов заклучок: Секое македонско село и секоја кафеана си има своја македонска салата!
Најчесто, македонската салата се разликува од „шопската“ по тоа што нема рендано сиренце и има испечена, наместо жива пиперка. Но, и тоа не е случај секаде. Пред некој ден, во Крушево јадев мошне оригинална македонска салата со неисечкана печена пиперка, во која немаше никаков контакт помеѓу составните елементи (парчињата краставица, домати и цели печени пиперки). Вчера пак, во Преспа, јадев македонска салата со исечкани и измешани домати, кромид и неиспечени пиперки, но без краставици! Имам јадено и македонски салати со маслинка, но и со други зелени додатоци и зачини покрај стандардните.
Браќа, сестри и мили комшии, ваквите „македонски состојби“, нашата разединетост во поглед на толкувањето на „македонската салата“ нема да не' одведе никаде, најмалку во ЕУ. Ако сакаме во ЕУ мора прво да ја стандардизираме македонската салата и јасно да го дефинираме националниот рецепт. Дури потоа ќе следува борбата за меѓународно признавање на македонската, а особено на егејската салата.
Како прво, нашата преродбеничка влада мора итно да ги заштити овие национални брендови и да не дозволи меѓународна употреба на изразот „македонска салата“, освен за стандардизираниот национален рецепт. Има само една вистина. Има само една Македонија. Има само една македонска салата.
Како второ, не е лошо владата да почне со меѓународна кампања (на Си-ен-ен и во другите ТВ и печатени медиуми) за афирмација на македонската салата и за разбивање на предрасудите за нејзиниот состав и начин на подготовка. „Македонска салата“ не е овошна салата (прочуената салата што ја прават Италијанците), ниту салата од зеленчук прелиена со мајонез (според францускиот рецепт). Светот мора да разбере дека македонската салата е мултикултурна зеленчукова салата во која секој исечкан зеленчук го задржува својот оригинален вкус иако е помешан со другите. Светот мора да разбере дека нема друга „македонска салата“ освен нашата. Мора да ги убедиме и дека таа не е грчки рецепт. Она што Грците го нарекуваат „македонска салата“ (со два вида зелка и маслиново масло) воопшто не е мултикултурната „македонска салата“. Не дека во Македонија нема зелки (на пример, нашите народни платеници во парламентот), ама зелките не ни се препознатлив национален симбол, туку печените пиперки.
Како трето, мора да воспоставиме јасна дистинкција помеѓу „македонска салата“ и „големмакедонска салата“. Само така ќе го зачуваме нашиот идентитет, без да ја жртвуваме идејата за обединета Македонија како дел од нашата митологија. Ако „грчката салата“ толку лесно можеше да стане „егејска салата“, зошто тогаш и „шопската салата“ да не стане „пиринска салата“? Големомакедонската салата се служи исклучиво во голема чинија поделена на три дела, во која има јасни граници помеѓу „егејската салата“, „пиринската салата“ и „вардарската салата“. Кога ќе се изедат трите дела, на дното на македонската чинија се врежани стиховите: „Делете ја, парчете ја, пак ќе биде наша најмила“. Пожелно е да има и предупредување, напишано со поситни букви: „Македонските чинии не се кршат од ѕид“.
Ако македонската салата е симбол на нашата „мултикултура“, големомакедонската салата може да стане симбол на нашата митологија (на нашето библиско „свето тројство“), а егејската салата - служена одделно - симбол на нашиот непокор! Навистина, крајно време е македонскиот народ да се свести и разбуди. Колку ли време беше со идеја дека салатата била грчка, а таа ти била егејска. Борбата за зачувување на нашиот идентитет не може да се замисли без збогатување на македонското мени. Затоа, во следната македонска кафеана ќе побарам античкомакедонска салата. Омилената салата на Хунзите.
Чипирање - чипиани идиоти ...
-
Пеоцесот на чипирање е одамна започнат. На чипирање сме осудени кога вадиме
било кој личен документ кој мора да го носиме со себе - лична карта, пасош,
к...
Пред 3 години
7 коментари:
Много добре:-)
ODMA MOZES DA PROCENIS KOLKU TI VREDI KOMENTAROT,KOGA SAMO EDEN BUGARSKI IDIOT TI SE JAVUVA I NIKOJ DRUG, AMA EVE I JAS BIDEJKI NAVISTINA TI E MNOGU GLUPAV KOMENTAROV,CELTA NA KOMENTAROV????? VEROVATNO DA JA OMALOVAZIS MAKEDONSTINATA KOJA JA NEMAS I BATKA ......... DA SE IZBRICIS MOZEBI KE ZALICIS NA COVEK,MALCE BAREM,INACE DA SI ZIV I ZDRAV VAKOV KAKOV STO SI,GOSPOD A CUVA I BRANI OD TAKVI KAKO TEBE,SETAJ GLUPERDO EDNA.....
Жарко, ето това е разликата между нациите с утвърден идентите и тези, чийто идентите е проблематичен. Най-известната българска салата се казва "шопска", а не "българска" - ще рече българите не се плашат от шопски сепаратизъм. А македонците имат нужда от салата, която да носи името на тяхната нация, защото не са уверени в идентитета си.
Јас би рекол дека секоја салата може да се смета за македонска ако се служи заедно со ракија.
Исто така, битно е и каква ракија :)
македонска, секако :) Ама ако дозволиш мислење, малку забега со цинизмот - смени тема за следната, пошто почнуваш да тупиш, мислам дека ја долови поентата, понатамошно „исмевање“ би било заглибување во те едни исти лакрдии, тотално непродуктивни оти за оние отворени пред хумористичните аргументи поентата беше јасна уште со првата колумна. Не заглибувај во трендот, како детето кое откако ќе го испофалат колку убаво трча, не застанува дур не зајде во обид до крај да се докаже, иако нема потреба од тоа.
На нашия блог сме се разбрали да не обръщаме внимание на анонимни л..на.
Жарко, когато те критикува анонимен - все едно никой не те критикува
Објави коментар