Помина пекиншката Олимпијада. Не ни дозволија да го користиме уставното име. Затоа што сме Македонци. Не ни дозволија да освоиме ниту еден медал. Само затоа што сме Македонци.
Џабе југоносталгичарските фалби на Olympic Committee of the Former Yugoslav Republic of Macedonia (кој тука се претставува како МОК) дека досега „Македонските спортисти имаат освоено 12 олимписки медали“. Вистината е сосема поинаква - FYR Macedonia има само бронзен медал од Сиднеј 2000. Го освои Македонецот Могамед Ибрагимов - роден во Махачкала, главен град на руската република Дагестан.
И на оваа олимпијада, најзначајна беше битката за уставното име и за нашиот идентитет. Затоа, ем успеавме да се претставиме како FYR Macedonia ем најуспешен борец за нашиот идентитет беше Мурад Рамазанов, роден во рускиот град Хасавјурт. Останува уште Агенцијата за млади и спорт, како специјализирана агенција за промоција на македонскиот идентитет и античкото културно наследство, да изрши детален медицински преглед на нашите олимпијци, и да потврди дека настапот под FYR Macedonia немал никакви последици по нивниот древен македонски идентитет.
Несомнено, и за овие наши олимписки неуспеси се виновни Грците и нивните „сценарија“. Грците се виновни што само двајца наши спортисти успеаја да отидат во Пекинг со олимписка норма. Грците се виновни што нашите олимписки туристи освоија последно место во 10 метри со воздушна пушка, последно место во трискок и претпоследно место во пливање на 100 метри слободно. Не би се изненадил ако Грците се прогласат како виновни и за високите температури, разулавените пожари и заталканите куршуми што косат жртви независно од етничкото потекло. Грците ќе бидат виновни и за негативниот извештај за нашиот прогрес кон ЕУ кој се најавува од Брисел.
Се остваруваат и прогнозите на нашите мудри политичари дека светот ќе ја изолира Грција заради нејзината шовинистичка политика кон Македонија. Ете, откако и во Пекинг го блокираа нашето учество со уставното име, Грците беа казнети со тоа што мораа први да го веат државното знаме и први да ја слушаат својата химна на затворањето на Олимписките игри. Откако го блокираа нашиот прием во НАТО и во ЕУ, веќе никој од нашите многубројни сојузници не летува во Грција.
Се разбира, сите што се сомневаат во нашиот успех во Пекинг (како и оние што се сомневаа во нашите успеси во Букурешт и Брисел) се предавници на македонското дело. Сите што се сомневаат дека Грците се виновни за сите наши неуспеси се грчки платеници. Не би се изненадил ако за грчки платеник се прогласи и европратеникот Ерик Мејер, кој пријателски не' потсети на „реалната состојба“: прво, дека компромис е неопходен ако сакаме во ЕУ; второ, дека во меѓувреме и Србија не' престигнала како посериозен кандидат за прием во ЕУ.
Како што врви времето, станува се' поочигледно - ако времето работи за Груевски, тоа не значи дека работи и за нас. Од каде заклучокот дека времето работи за Груевски? Да потсетиме, на 2 август тој изјави дека ќе работи и дење и ноќе ем да станеме членка на ЕУ и НАТО ем на „стратегија за стабилност и сериозен економски и демократски развоја на земјата“, доколку Грција продолжи да ни ги затвора вратите. Еве што изјави Груевски на 21 август: „Доколку Грција на долг рок не' блокира, ние имаме стратегија земјата и понатаму сериозно и силно да се развива, да биде стабилна и да има демократски и економски развој“. На 2 август Груевски немаше стратегија, ама на 21 август веќе има. Заклучок - времето дефинитивно работи за Груевски. Додека сите се одмораа и гледаа Олимпијада, Груевски успеа за само 19 дена да направи стратегија за наш „силен“ развој без ЕУ и без НАТО!
Уште еден доказ дека времето работи за Груевски е неговата способност да го врати времето назад. Како во бугарскиот виц „тази дупка не е дупка“, Груевски сега не' убедува дека напуштањето на двојната формула пред заминувањето во Букурешт воопшто не било никакво напуштање. Ниту сме отишле во Букурешт (на 2 април) со предлогот Република Македонија (Скопје) ниту, пак, Груевски ја прими наградата „Топ тен реформер“ за успесите на FYR Macedonia (на 4 јуни).
Како во филмот „Враќање во иднината“, со помош на временската машина на Паско Кузман, Груевски може да ве телетранспортира кога ќе посакате: во времето на неолитскиот Славе Македонски, во времето на Александар Велики, во времето на библиските Македонци, во времето на Самуил, во времето на Питу Гули или на Ченто.
Уште еден показател дека времето работи за Груевски е тоа што тој не го контролира само минатото туку и иднината. За спорот со името, тој знае дека „Грција ќе направи овој процес во септември да не заврши успешно и виновникот да биде Република Македонија“. Груевски знае дека „какви било стратегии и игри од страна на Грција ќе бидат контрапродуктивни за нив“, а не за нас. Груевски знае дека спорот нема да се реши „барем не до средината на идната година, до изборите за Европскиот парламент“, случајно заборавајќи да спомене дека токму дотогаш и ние треба да одржиме локални и претседателски избори. Ако изборите во 2009 се причина за нерешавање на спорот, тогаш таа причина повеќе важи за Груевски отколку за Караманлис. Накусо, пророчките аргументи му се враќаат на Груевски со „бумеранг-ефект“.
Олимпијадата заврши со маратонот, но маратонскиот спор со Грција најверојатно ќе продолжи. За танго се потребни двајца, а ниту Милошоски ниту Бакојани не се запишуваат на курс за танцување. Уморни од чекање на слепиот колосек за ЕУ, залудно се прашуваме: Кога најпосле маратонците ќе го истрчаат последниот круг? Изгледите за такво нешто се мали, додека нашиот премиер верува во слоганот - Подобро ужас без крај (за Македонија) отколку ужасен крај (за Груевски).
Чипирање - чипиани идиоти ...
-
Пеоцесот на чипирање е одамна започнат. На чипирање сме осудени кога вадиме
било кој личен документ кој мора да го носиме со себе - лична карта, пасош,
к...
Пред 3 години
4 коментари:
Мала забелешка: кога го пишував текстот (понеделник навечер и вторник рано наутро), немав информации за „планот на САД“, ниту за текстот на Сем Вакнин, ниту за интервјуто на Б.Ц. за Алсат.
Работите се случуваат со голема брзина и некогаш те претркуваат додека пишуваш за нив.
Сепак, колумната немаше многу да се разликува.
Следниот пат ставај кратки параграфи одделени со празен ред, болдирани клучни реченици и слично. Ми испаднаа очи. :)
На интернет сме - не читаме, скенираме.
ок, примено :)
Ме разочаруваш Жарко... Почнуваат да ми делуваат твоите колумни како чисто нарачани со цел да се одработи една агенда. Истото па истото да се вергла. Стана ко Бучко ебаго, само наместо Европа, Европа, ти верглаш Грујо, Грујо, Грција, Грујо....
Сепак, за твоја жал, а за среќа на Македонецот, отрпнал тој од пропагатори кои имале цел да го омаловажат неговиот национален дух... Ако не успеа една владина политика засилена со еден куп сорозити 15 и кусур години целосно да го омаловажи, преоптимистички е да очекуваш дека твоите колумни ќе можат да го направат тоа.
Македонецот е многу посилен, отколку што си мислиш, и не го потценувај до толку... не е толку глупав колку што сакаш да биде...
Биди ми поздравен!
Објави коментар