Политичка пирамида

5/28/2009

Политичкиот капитал на лидерот на владејачката партија е создаден со помош на пирамидална шема втемелена на лажни ветувања и ирационални надежи. Основната политичка понуда на Груевски беше дека е човек од збор: „ВМРО-ДПМНЕ кога ветува - исполнува“. Токму затоа, една година по неговите предизборни ветувања имаме граѓанска должност да прашаме: Што вети, а што не оствари новата политичка „штедилница“ на ВМРО-ДПМНЕ на чело со „фараонот“ Груевски и „фамилијата“? Прво, лани Груевски вети дека ќе изгради „економија со висок и одржлив раст“, заснована на „пораст на инвестициите и извозот“, со „просечен пораст на БДП од 6-8 отсто“. Годинава, странските директни инвестиции не растат, имаме нагло опаѓање на извозот, а Европската комисија прогнозираше пад на БДП за Македонија за 0,3 насто и зголемување на невработеноста од 33,7 проценти (2008) до 35 проценти (2009) и 36 проценти (2010)! И сите негативни ефекти да се последица на светската економска криза, пак се поставува прашањето за проценувачките способности на Груевски, кој годинава предвидуваше раст дури од 5.5 отсто!Второ, Груевски вети „развој на земјоделството и подобар животен стандард на земјоделците“. Официјалните податоци бележат намалување на бројот на говедата (освен на улица Македонија во Скопје), овци и свињи во 2008 година, а просечната плата во земјоделството е за само 500 денари повисока од потрошувачката кошница!

Особено е контроверзна улогата на Груевски во подемот и пропаѓањето на инвестицијата „Сведмилк“ (опишувана и како „пирамидална млечна кражба“). Премиерот немаше проблем да користи буџетски пари за во работно време да ги рекламира производите на светлиот пример на „преродбата“, приватната компанија „Сведмилк“. Немаше проблем ни кога менаџерот на приватниот субјект предизборно ја рекламираше владата на Груевски потенцирајќи - „Ја имаме нивната целосна поддршка во сите наши чекори“. Проблеми се јавија по падот на „пирамидалната“ млекарница на која конкурентите и' забележуваа дека откупува млеко по највисока цена во Европа и во светот. (Колку за споредба, француските фармери деновиве протестираа за ниската откупна цена од 20 центи, а „Сведмилк“ го откупуваше млекото и по 50 центи!) Проблемите се умножија по продажбата на Сведмилк за едно евро и нереализираните ветувања до кооперантите. Независно од исходот на „дебатата“ дали владата дала писмена гаранција, препорака, или само писмена поддршка за трансакцијата на „Сведмилк Македонија“ на новите купувачи, останува неодговорено прашањето: Зошто владата воопшто се вмешала, ако Груевски беше во право дека станува збор за „однос меѓу два приватни субјекта“?

Трето, Груевски вети дека приоритет ќе му биде „Интеграција на Република Македонија во НАТО и ЕУ“, а не фрлањето лопати по многуте македонски села. И покрај ланските тврдења на Груевски дека 75 отсто од критериумите се исполнети (Боцевски лицитираше дури со 90 отсто), големо прашање е дали и во 2009 ќе биде остварена програмската цел „Добивање датум за претпристапни преговори со ЕУ во текот на 2008“. ВМРО-ДПМНЕ предизборно вети и дека „ќе ги продолжи разговорите со Грција за наоѓање решение за наметнатиот спор, со јасно изградени позиции“ и со потврдена стратегија. Ако владејачката партија тогаш имала јасно изградени позиции и потврдена стратегија, зошто тогаш агенциите неодамна известија дека „Државниот врв кова стратегија за името“?

Поради недостиг од конкретни резултати, политичката пирамида на Груевски е фокусирана на политички „мултилевел“ маркетинг со елементи на Силва метод. Перманентниот „мултилевел“ маркетинг стана само повидлив за време на изборната кампања: ако го вложите вашиот глас (или вашите пари) во политичката „штедилница“ на ВМРО-ДПМНЕ, и ако убедите уште неколкумина да го направат истото, тогаш ќе профитирате не само политички, туку и економски. Дел од владините и партиски кампањи за се и сешто, на повеќе нивоа и за различни целни групи, содржеа многу од елементите на Силва методот: техники за зголемување на самодовербата и подобрување на нашата претстава за Македонија, за промовирање на позитивно мислење, за откажување од зависностите и пороците, за македонско освестување, за уверување дека се случуваат чудотворни промени. Она што им е заедничко на вмровските методи и Силва методот е што се пирамидални мултимилионски бизниси кои по пат на индивидуална и масовна хипноза поттикнуваат ескапизам и дисконектирање од реалноста.

Проблемот со политичкиот мултилевел маркетинг на ВМРО-ДПМНЕ е тоа што наместо опипливи политички производи, продава националистички ескапизам во далечното минато, од името на зачувување на идентитетот и достоинството на нацијата. Иронијата да е поголема, националниот идентитет се „зачувува“ така што се гради нов мегаломански идентитет („наследниците на Александар Македонски“) кој ги изневерува државните традиции на независна Македонија, асномска Македонија и Крушевската Република. Напоредно со изградбата на новиот национален идентитет се гради и култот на личноста на „фараонот“ Груевски како градител на импозантни споменици, цркви, музеи, спортски сали, патишта и други проекти кои „ќе“ вредат 8 милијарди евра. Притоа, т.н. „градители“ немаат никаков проблем да ги поткопуваат и уриваат демократските институции на системот, во случаи кога не ги задоволуваат интересите на политичката пирамида на ВМРО-ДПМНЕ.

Со текот на времето, се' повеќе граѓани ќе стануваат свесни дека се жртви на масовна хипноза и на политичко-пирамидална шема, која не нуди никакво решавање на клучните политички проблеми, освен задоволување на личните и материјални амбиции на луѓето од врвот на пирамидата. Порано или подоцна, политичката пирамида на ВМРО-ДПМНЕ ќе се распадне како кула од карти, затоа што ниедна пирамидална шема не може да се одржи на подолг рок. Прашање е само дали тогаш ќе преживее нашата измолзена држава.


Исправка

5/21/2009


Претседателот (или неговиот кабинет) изгледа благовремено реагираа на моето укажување во колумната „Ветената земја“, па ја исправија грешката на интернет сајтот. Сега Македонија не се граничи со четири, туку со пет држави.
Забележете го и овој параграф:
„Службен јазик е македонскиот. Во општините во кои живеат етнички групи чија застапеност изнесува над 20% од вкупното население во општината како службен јазик, покрај Македонскиот, се употребува и јазикот на таа етничка група.“
Исправена е и грешката со „Македонскиот“, но само во првата реченица. Во втората пак си стои со голема буква.
Очигледно, „екстерното оценување“ дава некакви резултати.

Ветената земја

5/20/2009


Еве ги последните две колумни:
Ветената земја
Митот за црвената линија

Го постирам и исечокот од веб-страницата, дури не го смениле :)


ГЕМ повторно во акција!

5/07/2009

Движењето „Граѓани за Европска Македонија“, по успешната реализација на „февруарскиот поход“, повторно е во АКЦИЈА.


Доколку сте загрижени за иднината на нашата татковина и доколку сакате да дискутирате за актуелните состојби и перспективи на Република Македонија на патот кон Европа, ве покануваме да присуствувате и активно да учествувате на серијата мајски трибини низ целата држава:

- 8 мај (петок), ОХРИД, сала на општина Охрид, 18.30 часот
- 13 мај (среда), ГОСТИВАР, Центар за култура, 18.30 часот
- 15 мај (петок), РЕСЕН, сала на Општина Ресен, 18.30 часот
- 20 мај (среда), ГЕВГЕЛИЈА, Пионерски дом, 18.30 часот
- 22 мај (петок), БЕРОВО, сала на Општина Берово, 18.30 часот
- 27 мај (среда), КАВАДАРЦИ, сала на Општина Кавадарци, 18.30 часот
- 29 мај (петок), ВЕВЧАНИ, сала на Општина Вевчани, 18.30 часот

Трибините ги организира граѓанската иницијатива „Граѓани за Европска Македонија”, започната од страна на шестмина интелектуалци (Мерсељ Биљали, Никола Гелевски, Бранко Героски, Владимир Милчин, Жарко Трајаноски и Роберто Беличанец), кои го објавија „Манифестот за Европска Македонија”. Манифестот досега го поддржаа над 2000 граѓани кои сакаат Македонија што е можно побрзо да стане членка на Европската унија.
Доколку сакате подетално да се информирате за иницијативата, да му се приклучите на Движењето или да ја добиете публикацијата на карикатури „ПЕЦКО“ од Дарко Марковиќ, посетете ја интернет страната: www.gem.org.mk.


Оплодување на бисерите

Владината каса е празна, а општинската сметка на „Центар“ е полна.
Еве што вели Владимир Тодоровиќ, градоначалник на Центар:
„Парите дадени во нешто друго, отколку како вие што прашувате да лежат на нашата сметка, нема многу да придонесат, односно парите точно дека може да се оплодуваат, но не верувам дека оваа бројка значително за потребите на целата држава ќе придонесе таков плус, за да можат тие сега во моментов да се користат за друго нешто“ (малку ја коригирав изјавата на А1, откако ја преслушав неколку пати).
Баш ме интересира дали и новиот Бисерко ќе добие пастирска казна ко Џоле „Космодиск“ – забрането појавување на телевизија „до даљнег“.
Или пак ова е дел од тактиката на Грујо за одвлекување на вниманието на јавноста од тековните проблеми, тактика која позитивно влијае на неговиот рејтинг.
Навистина, како да не расне рејтингот на Грујо кога ќе се спореди со вакви Бисерковци?
Уште едно прашање: Зошто „комуњарите“ од времето на тоталитаризмот не изградиле среде плоштад споменик висок 22 метри на Тито, Маркс, Енгелс, Ленин...?

Музеј „Некрополитен“

5/06/2009

Инспириран од колумната „Десет причини против црквата на плоштадот“, решив да се надоврзам со контрапункт - „Десет причини за споменикот на Александар на плоштадот“. Еве зошто треба да се изгради споменикот:

1. Ќе спречи зголемување на невработеноста. Колку што италијанската економија е појака, толку поголем број невработени Македонци ќе се иселуваат таму. Ако лани во Италија заминале 15.000 Македонци, годинава сигурно ќе заминат уште повеќе. И така, стапката на невработеност кај нас ќе се намали.

2. Ќе привлече странски инвестиции. Александар е предвесник не само на воено-политичката, туку и на економската глобализација (зачетник на идеите за светска држава и светски пазар). Секоја компанија која држи до својот углед на глобалниот пазар ќе сака да инвестира во земја која во екот на светската економска криза може да потроши 4,5 милиони евра за скулптурата на „основоположникот на глобализацијата“.

3. Ќе придонесе за намалување на сиромаштијата. Монументалната скулптура сигурно ќе привлече огромен број богати љубители на уметноста кои ќе итаат да се сликаат во сенката на Букефал. Многубројните посетители на Њујоршкиот музеј на кичот „Метрополитен“ сигурно нема да ја пропуштат шансата да го посетат и скопскиот „Некрополитен“ музеј на уметноста. Воодушевени од возвишеноста на Александар, инспирирани од убавината на „Питачот“ и „Чистачот на чевли“, светските богаташи сигурно ќе бидат дарежливи кон нашите сиромашни просјаци и чистачи на чевли.

4. Александар е симбол на добрососедските односи со Грција. Нема потреба да се консултираат пророчиците од Делфи за да се согледа дека поставувањето на скулптурата ќе ги надмине сите досегашни проблеми меѓу нас и Грците. Несомнено, нашите јужни соседи ќе бидат воодушевени што сме поставиле статуа на херојот што покажуваше несекојдневна страст кон хеленската култура и философија, и кој Илијадата си ја чуваше под перница сонувајќи дека е Ахил.

5. Александар е симбол на воено-политичката интеграција. Ако Александар можеше воено-политички да ги интегрира не само Македонците и Хелените, туку и Хелените и Персијците, зошто тогаш да не помогне и во нашето воено-политичко интегрирање во НАТО и ЕУ? Кога нашиот министер за надворешни работи ќе им објасни на нашите сојузници дека скулптурата на Александар од нашата Македонија не претставува никаква безбедносна закана за нивната Македонија, тогаш македонско-грчкиот спор има да се реши како Гордиевиот јазол.

6. Александар е симбол и на мултикултурата. Не за џабе Автопатот „Братство-единство“ го прекрстивме во „Александар Македонски“. Според некои толкувачи, Александар основал мултикултурна империја во која се почитувале етничките и религиозните разлики. Тој не само што потекнува од мешан брак туку и ги охрабрувал мешаните бракови помеѓу своите војници и жените од „интегрираните“ земји. Токму затоа, споменикот на Александар ќе биде прифатен од сите наши граѓани, независно од нивното етничко потекло и религијата.

7. Затоа што Александар се сметал себеси за Бог. Тој на дело покажал дека градењето институции не е толку битно како градењето култ на личноста. Иако некои неумесни шегаџии укажуваат на наводната разлика помеѓу Бог и Груевски (демек, Бог не мисли оти е Груевски), таа анегдота поскоро му прилега на Александар. Тој очекувал да биде признаен како богот Дионизиј меѓу Арапите, и како син на Амон-Ра меѓу Египќаните. Така, штом нашите верници ќе го завршат молењето во новата црква на плоштадот, скулптурата на Александар ќе ги потсетува на божјата заповед „Не ќе имаш никакви други богови покрај Мене“.

8. Александар е дел од нашиот фолклор и митологија. Дозволете ми тука да го цитирам проф. д-р Ташко Белчев, од текстот „Македонија девет милениуми писменост, цивилизација и предисторија“: „Целата древна митологија всушност почнува и завршува во Македонија“. Крунски докази дека денешните Македонци се потомци на античките дава и Александар Донски посочувајќи многу народни преданија и легенди за Александар. На пример, во едно предание од Крива Паланка, Александар Македонски се бори против турскиот султан Мурат, а во друго од Прилеп „Александар Македонски го победил Дарие со тоа што се обложил со Дарие, кој ќе изеде повеќе од македонските лути пиперки“. Итно, дури не се сетиле Словенците, лутеницата да се прогласи за национален бренд и да се организираат дуели во јадење лути пиперчиња на плоштад!

9. Со Александар „во Европа ќе влеземе како Македонци и никако поинаку“. Споменикот ќе сведочи за тоа дека „Во Македонија нема антички Македонци и нема словенски Македонци, во Македонија има само Македонци“.

10. Најпосле, како што спомнав во една претходна колумна, „Конечно, ќе добиеме достоен симбол на нашиот древен бисексуален идентитет“. Од извори блиски на „Фејсбук“, дознав дека и Здружението на граѓани „Александар Би Македонски“ ја поддржува изградбата на споменик на најславниот бисексуалец во македонската историја. Ете зошто во нашето инклузивно општество нема потреба од донесување закон за заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација. Како што истакнуваат историчарите на антиката, уште во македонскиот двор хомосексуалните и хетеросексуалните врски биле подеднакво почитувани.

Несомнено, споменикот на Александар на плоштадот ќе ја извојува битката против домашните непријатели и скептици, кои со својата малодушност го заведуваат стадото на „пастирот“. Откако ќе му докажеме на светот дека Александар не е исклучиво ниту македонски ниту грчки, туку космополитски и глобализациски симбол, светскиот џет-сет има да навали во Македонија. Анџелина Џоли, Мадона, и Пинк ќе јадат лути пиперчиња која попрва да одржи концерт под „мадињата на Букефал“. Нивните следбенички и следбеници ќе организираат љубовни паради во Скопје гордо изјавувајќи пред споменикот на „Аце наш голем маж“: „Бисексуалка/бисексуалец сум и не се срамам од тоа!“


Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week