За почеток, да си поиграме малку „детекција“. Која историска личност одговара на описов: Бил доживотен верник во кредото „Македонија на Македонците“ (не е Вилијам Гледстон). Бил посветен на една идеја: „прогласување автономна Македонија со главен град Солун“ (не е Гоце Делчев). Во случај на неуспех на идејата за автономија, го поздравувал ставањето на Македонија под заштита на големите сили, претпочитајќи ја Англија (не е Ченто). Изјавил дека „населението нема да толерира да биде под власт на Србите, Грците или на Бугарите...“ (не е Ѓорче Петров). Потенцирал дека македонското движење не е на никаков начин диригирано од Софија (не е Јане Сандански). Нагалено го викале „Стари“ (не е Тито, иако го сметале за „роден борец и командант“). Џабе се мачите да погодувате. Точниот одговор е - „особа А“. Горните описи на оваа историска личност се преземени од лондонскиот The Times кој на 4 јануари 1924 година му посветил на популарниот Македонец опширен напис со главен наслов - „Револуционерен водач“, и поднаслов - „Кодексот на еден одметник“. Верувале или не, но помеѓу насловот и поднасловот на текстот стои името на „особата А“ - Alexandroff of Macedonia!!! Да, станува збор за истиот Тодор Александров, чија биста беше на диво поставена во еден велешки двор, и која предизвика бурни реакции во нашата јавност. Станува збор за истиот Александров кој во МИ-АН-овата енциклопедија е претставен како „револуционерен деец со јасно декларирана пробугарска ориентација“ и како „најпрефинетиот садист“ кој „со своите приврзаници испотепа повеќе луѓе отколку што Организацијата даде вкупно жртви од Илинденското востание до балканските војни!“ (според сеќавањата на Атанас Лозанчев). Истиот Александров е опишан во Encyclopedia Britanicca (1961) како „македонски водач“ на „бугарските банди во Македонија“, кој со години бил „некрунисаниот и апсолутен крал на Бугарските Македонци, кои речиси го обожавале“. И сега - кому да веруваме? Дали на „специјалниот дописник“ на The Times кој го претставува Александров како македонски револуционер кој не е диригиран од Софија? Дали на нашата единствена енциклопедија што го претставува како пробугарски ориентиран садист и сатрап? Или, пак, на Encyclopedia Britanicca која го претставила како некрунисан крал на „бугарските Македонци“?
Не случајно воскреснувањето на контроверзниот Александров по повод годишнината од неговото раѓање предизвика толку бурни реакции. Главните опозиционери го протолкуваа поставувањето на споменикот како чин на „сквернавење на македонската историја“ и како „сериозен напад на македонскиот културен идентитет“. Беше принудена да се огласи и владејачката партија која изјави дека „со поставувањето споменик на Тодор Александров во Велес надвор од сите постојни законски норми, ВМРО-ДПМНЕ не може да се согласи“. Но, по оваа двосмислена изјава остана недоразјаснето со што „не може да се согласи“ владејачката партија: дали со поставувањето споменик „надвор од сите постојни норми“ или, пак, „со поставувањето споменик на Тодор Александров во Велес“? Колку за потсетување, составен дел на програмата со која ВМРО-ДПМНЕ ја одбележа 15-годишнината од формирањето беше и промоцијата на книгата „Тодор Александров - се' за Македонија“, слоган кој се најде и на контроверзниот споменик, врежан на бугарски јазик.
Бездруго, непријатни мигови за владејачката партија која напати премногу се опседнува со минатото. Практично, по „санстефанската“ провокација во Велес, таа се најде во небрано: дали со „нечистата вода“ (бугарските провокации) да го отфрли и „детето“ - десничарскиот водач на ВМРО на „револуционерната држава во држава“ на кој му се припишува и заканувачкиот слоган „Долга е раката на ВМРО“. Симптоматично, но владејачката партија се одлучи да не го минимизира инцидентот. Таа не го игнорираше како уште една „приватна журка“, туку го протолкува како „смислено сценарио за дискредитација на Република Македонија во овие клучни моменти од нејзиниот развој“. Е, сега, вистинско прашање е дали во овие клучни моменти македонската јавност треба да биде опседната со меѓупартиски пресметки, со конспирации и прашања од историското минато или, пак, треба да се посвети на отклонување на реалните пречки за евроатлантските интеграции.
Несомнено, ваквите инциденти предупредуваат дека македонската јавност мора да изгради поефикасни одбранбени механизми не само против големобугарските и големоалбанските провокации туку и против обидите за одвлекување на вниманието од пресудните прашања за сегашноста и иднината, кон ирелевантните прашања за далечното историско минато. Не само за да се превенираат испровоцирани колективни пројави на „големо-македонизам“, кои најмалку ни одат во прилог во овие историски околности. Впрочем, самите сме најмногу одговорни за тоа дали ќе трошиме време и енергија на ликот и (не)делата на „особа А“ од пред 9 децении или, пак, на тоа како побрзо да издејствуваме преговори со ЕУ и укинување на визите - главниот мотив што го поттикнува процесот на „бугаризација“. Да не бидам сфатен погрешно - не мислам дека се погрешни прашањата: „Дали треба да го славиме Александров наместо Тито?“, „Дали ако Каракачанов постави споменик од Гоце Делчев и тој ќе му го урнеме?“, „Зошто Лазо (кој ја гледал Македонија само во Југославија) е херој, а Александров е предавник?“, „Дали и Љубчо Георгиевски ќе падне во историски заборав како и Александров?“... Сакам само да укажам дека станува збор за политички несуштествени прашања поставени во погрешно време и на погрешно место, прашања за кои не би требало да има место на собраниските и партиските агенди. Згора на тоа, одговорите на овие прашања не треба да ги бараме ниту на насловните страници, ниту во партиските соопштенија, најмалку на собраниските седници. Најпосле, зошто постојат историчарите ако не за да го симнат бремето на минатото од нашите плеќи? (04.03.2008)