Танталови маки

12/10/2008

Дефинитивно, времето ќе продолжи да работи за Груевски, се' додека нашиот мајстор за спектакли се дружи со харизматичниот беловременски патник Паско Кузман. Деновиве сме сведоци на спектакуларно реактивирање на временската машина на Паско во Градиште, која сега и на обичните смртници ќе им овозможи „да патуваат низ времето, од словенството, преку римското време, се' до праисторијата, во крајот на железното и почетокот на бронзеното време“. Навистина, што толку запнале нашите неблагодарни граѓани да патуваат без визи во здодевната ЕУ кога имаат несекојдневна можност за возбудливо патување низ времето во новоотворениот Музеј на вода?

Најнапред нашиот премиер-кустос ја прероди Владата во антички музеј редејќи обезглавени статуи, за да видат странците „дека оваа држава има корени и дека, како што вели народот, не сме ние тиква без корен, нели!“. По изградбата на музејскиот комплекс „Македонска борба“, Груевски продолжи пополека да го преродува во историски музеј и остатокот од (античка) Македонија. Разбира се, ударнички му помага и неговиот коалициски партнер кој ја прифати „преродбеничката“ програма и почна да отвора музеи среде територијата на античка Дарданија. Со секој отворен музеј, македонската влада освојува нови „територии“ од своето славно минато, а народецот македонски станува посвесен за својот антички, железен, бронзен и праисториски идентитет. Најновото историско освестување што ни го овозможува Музејот на вода е „за почетоците на формирањето и препознавањето на племињата во етничка смисла“, односно, за нашата етничка поврзаност со Бригите кои си го смениле името во Фриги откако се преселиле во Мала Азија, некаде „меѓу 1.200 и 700 година пред нашата ера“. Навистина, што мајка бараме да се интегрираме во ЕУ, кога таму ги искоренија древните и славни племиња? Зошто да се интегрираме во ладната „Европа“, а не во топлата Мала Азија, каде што нашите племенски сродници си формирале држава пред неколку илјади години?

Според некои историски извори, и митскиот лик Тантал потекнувал од Фригија. Во некои од митовите Тантал е изложен на невидени маки затоа што направил „касапана“ од својот син и искасапените парчиња им ги понудил како жртва на боговите. Танталовата казна е позната како облик на мачење кое поттикнува силни желби што никогаш не можат да се задоволат. Наводно, над базенот со вода во кој стоел Тантал имало многу сочни овошки, ама штом Тантал ќе подал рака кон нив, гранките се подигнувале и плодовите му се измолкнувале од рака. Водата ненадејно се повлекувала штом Тантал ќе подадел рака за да се напие, а над неговата глава висел огромен камен, заканувајќи се секој момент да падне и да го згмечи.

По невидената „касапана“ на преуранетите пролетни избори и Република Македонија е изложена на Танталови маки. Укинувањето на визите од ЕУ е сочна овошка на дофат на нашата рака, но штом посегнеме по неа, овошката постојано ни се измолкнува. „Европската“ вода ненадејно се повлекува, штом нашите жедни политичари ќе подадат рака за да се напијат од неа. Преговорите (или разговорите?) околу именувањето (или преименувањето?) ни висат над главите како огромен камен, кој се заканува секој момент да падне и да не згмечи „како шлепер жаба“.Тантал бил казнет затоа што им понудил несоодветна жртва на разлутените богови. И Македонија е сега казнета од „ЕУ-боговите“ затоа што ги жртвуваше слободните и фер избори заради „кеширање“ на политичкиот рејтинг на Груевски.

Може ли Македонија „да се развива и забрзано да чекори кон прогресот и подобрата иднина“, ако политичката енергија се троши на јакнење на античката, железната, бронѕената и праисториската перспектива, наместо на јакнење на „европската“ перспектива? Ситуацијата со нашите државно-интегративни капацитети нема да се подобри „ниту за милиметар“ ако политичката енергија се троши за реконструкција на славното племенско минато наместо за конструкција на „европска“ иднина. За лошиот имиџ на Македонија како резерват на „опасни животни“ опседнати со своето племенско минато подеднакво е одговорна и визната политика на „тврдината Европа“ и „преродбеничката“ политика на праисторискиот „аквариум“ Македонија.

Има ли спас од нашите Танталови маки? Како што забележа еден аналитичар, Барак Обама победи токму благодарение на тоа што „инспирира надеж во една нова политика за иднината“. И Груевски победи инспирирајќи надеж за прогрес и подобра иднина во 100 преродбенички чекори. Затоа, крајно време е Груевски да зачекори кон иднината реализирајќи ја ветената „политика за иднината“. Шиткањето евтини историски прикаски не само што ја продлабочува кризата на националниот идентитет туку и ги расипува односите со нашите ЕУ соседи. Наместо водење деконструктивен политички „дијалог“ со историското минато, од премиерот се очекува да ги прекине возбудливите патувања со временската машина на Паско Кузман и да се фокусира на решавање на сегашните политички приоритети од кои зависи иднината на Македонија. Дури тогаш времето ќе почне да работи и за нас, а не само за временскиот патник Груевски.

6 коментари:

Анонимен рече...

Мене посебно ми се допаѓа објаснувањето дадено во учебниците по историја за основно (петто одделение). Таму се објаснува постоењето на Македонија од предисторијата до денес. Кој може да се пофали со таква историја со предисторија?

Анонимен рече...

Во право си Марија, има ли постароседелци, попаметни и поубави во светот од нас?!? - Нема, разбира се!!!

На Паско Кузман му останува уште да пронајде докази дека и Адам и Ева потекнувале од Македонија, т.е. дека биле ЕТНИЧКИ Македонци и после кој ги е** другите.

Александар Донски веќе ни докажа дека Исус Христос бил Македонец, во Охрид бил распнат, за тоа веќе нема спор. Сега уште за Адама и Ева да ни докаже Паско наш голем маж и сите проблеми во Македонија ќе се решат.

F@#$ the rest, We are the best!

Анонимен рече...

Pa verojatno poveketo balkanski narodi mozat da se pofalat so takva istorija, a i zapadno evropskite ne se imuni na slicni fantazmi. ;)
Tuku ona sho sakav da kazam, mozda duri da zamolam, e deka nedostiga seriozna analiza na EU politikite kon Balkanot, i Makedonija posebno (ili bar jas ne sum sretnal). Inaku za nasive cinicni 'patuvaci 20 000 godini pod aktuelnosta' pomalku ili poveke se e jasno.

Анонимен рече...

„nedostiga seriozna analiza na EU politikite kon Balkanot“
Еве една понова анализа:
Recalibrating EU Policy towards the Western Balkans
Published: Monday 24 November 2008
Michael Emerson, Centre for European Policy Studies (CEPS)

Unknown рече...

Фала за препораката за читање.

Анонимен рече...

Blagodarime za linkot kon analizata, ako dae rabotodavec vreme ke se procita. Jas sum poveke za radikalno-kriticki analizi, ama toa e nekoja druga tema. ;)

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week