Добредојдовте во клубот

6/17/2009

Зошто година и кусур по дебаклот во Букурешт македонските политичари се' уште немаат капацитет да манифестираат политичко единство и да застанат зад една „Државна стратегија“ за спорот со името? Иронијата да е поголема, најголемиот „отпорник“ за постигнување на македонско национално единство е токму партијата која во своето име се залага за „македонско национално единство“! Од главата си патиме. И од спорот за името си патиме.

А најмногу си патиме од нашите политичари кои гордо се борат за уставното име дома, а уште погордо ја носат „привремената“ референца на меѓународните форуми. Најмногу си патиме од политичките камелеони, кои профитираа на последните неколку избори лажејќи го народот дека ќе сме биле подостоинствени и погорди Македонци ако сме останеле надвор од ЕУ и од НАТО. Си патиме од „бескомпромисните“ борци за името и идентитетот, кои со години ги жигосуваа како грчки платеници сите што јавно зборуваа за потребата од компромис, а сега се однесуваат небаре самите го измислиле зборот компромис.

Нам, малкумината кои зборувавме за потребата од компромис пред да ни се случи Букурешт, не ни преостанува ништо друго освен џентлменски да им порачаме на бившите „првоборци“ за името и за идентитетот - welcome to the club. Добредојдовте во Здружението на македонски предавници и грчки платеници г-не Никовски, г-не Мирчев, г-не Иванов, г-не Груевски... Добредојдовте. Искрено, малку ми стана дури и жал за советникот на претседателот Никовски, кој претходно беше убеден дека во Букурешт „националистичката политика на Атина доживеа тежок пораз“, а „ние постигнавме клучна победа“. Човекот кој не' убедуваше дека сме победници и дека преименувањето „Република Македонија (Скопје)“ ќе беше „и понижувачко, и навредливо, и недостоинствено“, одеднаш, преку ноќ, почна да „советува“ за преименување во „Република Македонија (Вардар)“.

Симптоматично, овој предлог за преименување се случи неколку дена пред Собранието да расправа за стратегијата која налага: „Уставот на Република Македонија не треба повторно да биде предмет на измени во контекст на процесот околу името“. А Никовски, бившиот бескомпромисен борец против географска одредница и промени на Уставот, сугерираше токму промена на Уставот: „дури и да го ставиме во Уставот Република Македонија (Вардар), де факто тоа ништо не менува, ништо апсолутно, само е една додавка од географија.“ Надвор од секаква логика и памет, советникот на Иванов не' убедуваше дека географската додавка (дури и во Уставот), „не е промена на името“, туку „само едно допрецизирање“?!

По пукањето на „пробниот балон“, кој гордо не' освестуваше како граѓани на Вардарска Македонија (поранешната Вардарска Бановина), не помалку за чудење е и „допрецизирањето“ од Иванов, во стилот „тази мој советник не е мој советник (за надворешна политика)“. По скандалозниот начин на третирање на државната стратегија во Собранието од најблиските соработници на Груевски и на најголемите скептици им е јасно - на партијата за македонско национално единство не и одговара донесување единствена државна натпартиска платформа за спорот со името. Тоа на дело го потврди и самиот Груевски. Иако многу добро знае дека не постои расположение за политички консензус за одржување референдум, тој тврдоглаво инсистира на партиски исклучивата „портокалова линија“: „крајниот збор за името на државата како компромис за решавање на долгогодишниот спор со Грција ќе го имаат граѓаните“.

А зошто граѓаните да го имаат само „крајниот збор“? Зошто никој не ги повика граѓаните да учествуваат во изработката на стратегијата? Зошто сме комплетно исклучени од политичките процеси на донесување одлуки за спорот за името? Најпосле, зошто никој не ги праша граѓаните дали воопшто сакаат референдум за името? Ако се вистинити некогашните официјални тези дека секаква промена на името би значела и промена на идентитетот, тогаш референдумот за промена на името би бил всушност референдум и за промена на идентитетот. Или, најпосле се покажа дека тезите биле за привремена, внатрешна употреба, само за да се освои власта на изборите.

Имајќи предвид дека како на граѓанин ми беше скратена можноста да бидам консултиран во подготовката на стратегијата за спорот, ја користам последната шанса и самиот да предложам неколку „амандмани“. Како прво, ако Собранието се повикува на членот 7 од Привремената спогодба, неопходно е истото да утврди политичка одговорност за сите носители на функции во агенциите и институциите под државна контрола, кои го имаат користено симболот од претходното државно знаме по стапувањето во сила на Привремената спогодба. Без казнување на политичките профитери од кршењето на Привремената спогодба, бесполезни ќе бидат сите наши „горди“ инсистирања (кои ја игнорираат постбукурешката реалност) за евро-атланско интегрирање со референцата ,,поранешна Југословенска Република Македонија“.

Како второ, ако „Проблематизирањето на македонскиот јазик, на македонскиот народ и на неговиот идентитет би претставувало антиевропски и антицивилизациски чин“, тогаш логична е и една ваква одредба: „Република Македонија веднаш ќе ги прекине преговорите ако во кој било момент се проблематизира македонскиот јазик, македонскиот народ и мултикултурниот национален (граѓански) идентитет, кои воопшто не се предмет на преговори“. Во таков случај, сосем би била излишна спорната и двосмислена одредба: „Каков било компромис околу името претходно, претпоставува јасна и недвосмислена потврда на македонскиот јазик, на македонскиот народ и на неговиот идентитет.“ Не смееме да се доведуваме во ситуација да бараме во преговорите потврда за нешто, за кое воопшто не сакаме да се преговара. Имено, преговарањето за нешто подразбира проблематизирање на нештото за кое се преговара, а ние не сакаме проблематизирање на македонскиот јазик и на македонскиот народ. Најмалку што сакаме е преку меѓународниот спор за името повторно да се проблематизира мултикултурниот карактер на нашата држава.


1 коментари:

Хесапов рече...

"Истината прави човек свободен" - това се отнася и за Македония...Просто познайте истината. Тогава всичко ще ви бъде по-лесно...и македонската република ще е трайна.
Просто познайте Истината и я изкрещете! Така се случи навсякъде в Иточна Европа и у вешиот источен сосед....

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week