skip to main |
skip to sidebar
Кога група грчки силеџии се обиде да ја попречи промоцијата на речникот во Атина, истите беа јавно и едногласно етикетирани од нашите медиуми како фашисти, неонацисти и вандали. Инцидентот го осудија сите наши пратеници барајќи силеџиите да се пронајдат и казнат. Владејачката партија оцени дека таквиот начин на однесување на одредени групи на грчката држава е голем проблем за нејзината демократија.Кога група македонски силеџии ја спречи трибината во Струга, ниту беа едногласно осудени како фашисти, неонацисти и вандали, ниту пак некого интересираше зошто немало полиција за да го спречи насилството. Откако „спонтаната“ разулавена толпа го разби мирниот протест на скопскиот плоштад, оценките дека станува збор за фашистички чин беа критикувани како неумесни и претерани. И кога т.н. Македонска студентска унија почна јавно да обвинува наши сограѓани за „хајка против МПЦ и македонскиот народ“, не беше политички коректно тие да бидат прогласени за фашисти. Разбира се, дури и фотографиите на кои маскирани и вооружени „македонски синови“ демонстрираа патриотизам во „црни качулки“ требаше да ги перципираме како обичен маскенбал: „Вие одете на карневал во Вевчани, има и знамиња од Хитлер, па никој не кажува дека луѓето се фашисти“ - ни објасни водачот на Македонската студентска унија.
Зошто сме толку кадарни да препознаваме двојни стандарди само кај другите, а не и кај нас? Очигледно, некои етикети (како „геј“, „атеисти“, „соросоиди“...) може слободно да се лепат, но не и етикетата „фашисти“, за да не би западнале случајно во депресија некои од нашите „демохристијански“ тепачишта. Она што во Грција го препознаваме како чин на фашизам, се' уште дома наивно го перципираме како чин на патриотизам. Повеќе не' боли кога на етничките Македонци во Грција им се повредува правото на слобода на изразување, отколку кога се тепаат мирни протестанти во Скопје, со асистенција на „нашата“ полиција. Реакцијата на македонските институции на насилството во Скопје посочува на следниов заклучок - Македонија станува силеџиска држава. Наместо сервис на граѓаните, државата ни станува сервис на силеџиите. Досега, сите државни институции практично застанаа на страната на силеџиите, наместо на страната на жртвите на насилството, кои се подложени на секундарна виктимизација. Народниот правобранител се направи слеп при очи, а Собранието ги потури со пепел заклучоците на собраниската комисија за човекови права.
Сепак, улогата на МВР е најскандалозна. Откако асистираше во процесот на силување на основните демократски права (правото на мирен протест и правото на слобода на изразување), МВР почна да ги прогонува жртвите на насилството ставајќи ги во ист кош со „спонтаните“ силеџии. Прво почна да наоѓа греди во очите на мирните протестанти, а раски во очите на нивните тепачи. Потоа, МВР почна и да ги прогонува протестантите кои со употреба на физичка сила и закани беа буквално истерани од плоштадот, затоа што не го прекинале протестот?! Имено, МВР се повикува на законската должност организаторот „да го прекине одржувањето на јавниот собир, ако дојде до загрозување на животот и здравјето, безбедноста и личната сигурност на луѓето и имотот.“ Но, чиј живот и здравје, чија безбедност и лична сигурност беше загрозена, и од кого?
Законот за јавните собири утврдува дека токму МВР „ќе го прекине одржувањето на јавен собир во случаите кога истиот е насочен кон загрозување на животот, здравјето, безбедноста, личната сигурност и имотот на граѓаните.“ Зошто МВР не поднесе прекршочни пријави против полицајците кои не го прекинаа одржувањето на јавниот собир, туку рамнодушно набљудуваа како се загрозува животот, безбедноста и личната сигурност на организаторите на мирниот протест? Најновата ујдурма е обидот да се прогласат за виновни организаторите на мирниот протест, затоа што го нарушиле јавниот ред и мир „со карање, викање и непристојно однесување“. Ова веќе не е само симптом на полициска држава, туку симптом на фашистичка диктатура. Како поинаку да се определи државата која ги прогонува жртвите на насилство затоа што викале и „непристојно“ се однесувале на граѓански протест против декретот на водачот за изградба на црковен храм на плоштадот со државни пари?
На 28 март во Скопје, сите што протестиравме против самоволието на водачот бевме сведоци како на Македонија и се случува башибозук поддржан од редовните полициски сили. Наместо да го разоружа „демохристијанскиот“ башибозук, МВР се стави во улога на негов заштитник и прогонител на жртвите на насилството. Најновиот инструмент за перфиден прогон на непослушните граѓани кои се дрзнале мирно да протестираат против силувањето на Скопје е „Барањето за поведување на прекршочна постапка“ во кое транспарентно се наведени не само имињата и презимињата, туку и матичните броеви и адреси на жртвите, заедно со личните податоци на предводниците на башибозукот. Пораката е испратена: Ако се дрзнете да викате и непристојно да се однесувате на протест против власта, може „спонатно“ да ви се случи посета на фашистичкиот башибозук со полициска асистенција.
Чекор по чекор, во Македонија се создава плодна почва за „преродба“ на фашизмот и тоталитаризмот. Преку ноќ, стана забрането да се вика против власта на јавни протести. Се поттикнува милитаристички менталитет на параполициски формации. Се разгорува ксенофобијата, расизмот и дискриминацијата кон повеќето маргинализирани групи. Се развива генетски култ кон чисто етничко потекло. Државата почна да ги перципира жените како машини за раѓање. Царуваат теории на конспирација. За се ни се виновни Грците и „влашкото лоби“.Државната пропаганда станува се повеќе инструмент за контрола на масите. Расте омразата и нетрпеливоста кон индивидуалноста и поинаквото мислење. Се разгоруваат конфликтите по секаква основа. Луѓето одамна се плашат јавно да зборуваат. Накусо, созреани се условите за антифашистички отпор.