Црква или џамија на скопскиот плоштад? Веронаука или историја на религии? Антички Македонци или Словени? Зошто немаме капацитет да препознаваме лажни дилеми? Лажната дилема е прикриена манипулација. Кому му одговара изборот да се сведува на само две алтернативи, иако во стварноста постојат многу повеќе опции? Да почнеме со лажната дилема „црква или џамија“, која промовираше исклучувачка поделба - или си за црква или си за џамија. Кој ни ги помрачи другите опции? Што ако сум и за црква и за џамија? Што ако сум и против црква и против џамија на заедничкиот граѓански плоштад? Што ако воопшто не сакам да трошам време на размислување на тема „црква или џамија“?
Кој ни ја подметна законски институционализираната лажна дилема „веронаука или историја на религии“? Зошто немаше и други опции? Зошто родителите немаа можност да изберат логика (која ќе ги поучува децата како да не бидат манипулирани со лажни дилеми)? Зошто нема можност за избор на етика (која нема да биде редуцирана на етика на религии)? Зошто нема можност за избор на сексуално образование (за да се информираат децата како да се заштитат од сексуално насилство и од сексуално преносливи инфекции, што е посакувана, а што несакана бременост, па и како со љубов се доаѓа до посакувано „трето дете“)?Најконтроверзна лажна дилема (со која почна да се манипулира „на големо и на мало“ со јавното мнение) е т.н. јавна дебата „антички Македонци или Словени“. Кому му одговара создавањето на два непомирливи табора - „ние не сме Словени“ и „ние не сме антички Македонци“? Зошто имам впечаток дека конфликтот најмногу го форсираат оние што сакаат да не обединат како „ем антички Македонци, ем Словени“?
Но, да се потсетиме како беше посеано семето на (ан)тиквизацијата преку лажната дилема: дали сме тиква без корен или тиква со корен? Кога премиерот необично се преобрази во кустос, претворајќи ја нашата влада во археолошки музеј, тој обзнани дека „оваа држава има корени и дека, како што вели народот, не сме ние тиква без корен, нели!“ Уште на почетокот беше јасно дека оние што ги поставија скулптурите со грчки натписи во Владата се обидуваат да раскажат „милениумска прикаска „ за континуитетот на македонското опстојување низ вековите од неолитот, преку антиката до денес“.
Владините кустоси раскажуваа и сосема поинаква приказна за идентитетот: „Нашата приказна е за Македонците и за Македонија како древна земја, а не за Македонија раскажана од некаков словенски аспект“. Прашањето за античките корења беше експлоатирано и на последните избори, кога еден од претседателските кандидати изјави: „Македонија има моќ бидејќи има длабоки корења, некои сакаат да ги исечат или да ни кажат дека сме со плиток корен.“ Залудни беа, и уште се, добронамерните укажувања дека „тиква со корен или без корен, пак си е тиква“. Очигледно, (ан)тиквизацијата продолжува. Шиткачите на тикви и корени сега не' убедуваат дека без нивните „милениумски“ приспивни прикаски (за денешните Македонци како директни потомци на античките Македонци), ќе сме ја изгубеле битката за името Македонија.
А нашите преговарачки позиции во спорот со Грција слабеат токму поради „стратегијата“ на нашите шиткачи на тикви со антички корења. Нашата меѓународна позиција ја поткопаа токму оние што ја претворија Владата во антички музеј и именувачница на аеродроми, автопати, стадиони, улици... Нашите меѓународни симпатии ги губиме поради архео-историските шарлатани и политичките профитери кои манипулираат со колективниот страв од национално преименување.
Умерените оптимисти укажуваат дека наместо во 21 век сме зачекориле во 19 век, кога националистите манипулираа со креирање колективни митови за „златното доба“, за древното национално потекло и за историскиот континуитет на штотуку формираните национални држави. Лажната дилема „антички Македонци или Словени“ е симптом на нашето колективно уназадување, за нашиот ирационален политички ескапизам, за нашето упорно одбивање да се соочиме со актуелните политички предизвици. Словенската антитеза на паскокузманистите инспирира оправдан револт кај сите граѓани што не се срамат да признаат дека историјата на нашата државност пред август 1944 е всушност државна предисторија.
Времето потрошено на дебати дали сме тиква со или без антички корен е залудно потрошено време по кое многу ќе жалиме. Додека ние се расправаме дали сме антички или словенски Македонци, министерот за (не)правда си земал ем плата ем пензија. Искрено, како човек кој не се сомнева во своето словенско потекло, ми доаѓа револтирано да крикнам - Издржавме пет века турско како Словени, па ќе ги издржиме и овие неколку години на нашите пишман Словени, кои сакаат да ги претворат стиховите од нивната резервна химна во самоостварливо пророштво: „Народе Македонски... Не знаеш кој си, што си, други тебе знајат...“. Кутрите тие, не знаат кои се и што се, но со време ќе дознаат. Ќе дознаат дека на македонската почва ги остваруваат асимилаторските проповеди на крвникот Каравангелис, кој се спомнува во истата песна: „Вие сте Грци уште од времето на Александар Велики, но поминаа Словените и ве словенизираа.“
Сепак, клучното политичко прашање денес не е што сме биле, туку што сакаме да бидеме. Лажната дилема „антички Македонци или Словени“, воопшто не тангира повеќе од една третина од македонските граѓани што не се идентификуваат како етнички Македонци. Лажната дилема „антички Македонци или Словени“ е небитна дури и за огромниот број невработени и сиромашни етнички Македонци, кои одвај чекаат да паднат шенгенските визи за што поскоро да станат италијански Македонци, швајцарски Македонци, германски Македонци, холандски Македонци... Најлесен начин да се надмине лажната дилема „антички Македонци или Словени“ е рационално да се работи да се надминат проблемите кои ни оневозможуваат да станеме граѓански и европски Македонци.
Чипирање - чипиани идиоти ...
-
Пеоцесот на чипирање е одамна започнат. На чипирање сме осудени кога вадиме
било кој личен документ кој мора да го носиме со себе - лична карта, пасош,
к...
Пред 3 години
1 коментари:
Malku nadvor od temata na napisot, ama, vo vrska so kolektiviteti i slichni drebulii, inspirativen e komentarot na Miklja. Eve eden del od komentar na Dušan Miklja | 05.07.2009 vo Blic:
Apstraktni čovek - Ne može se saučestvovati s apstraktnim čovekom, jednostavno zbog toga što takav čovek ne postoji. To je dobro uočio sveštenik Pavel Florenski koji je, kao žrtva Staljinovog terora, pogubljen. U pismu supruzi Ani on podseća na staru indijsku mudrost prema kojoj ljude koji okružuju vašu decu, braću i sestre i uopšte bliske, ne treba posmatrati u apstraktnom smislu sveopšteg bratstva, već kao određene ljude, kao one koje volimo. Treba pažljivo zapamtiti pouku Florenskog. Bio je u logoru. U prilici da upozna i svetle i tamne strane ljudske prirode. Znao je, dakle, o čemu govori.
Објави коментар