Бирократска гилотина

7/29/2009

Се сеќавате ли на владиниот проект „регулаторна гилотина“? Проектот требаше да обезбеди „сечење“ на бирократските прописи, процедури и правила кои им го загорчуваа животот на граѓаните. Здравиот разум сугерира - колку помалку бирократски прописи, толку помалку потреба и од државни службеници. Но, види чудо: регулаторната гилотина сече ли сече, а државните службеници се множат како печурки по дожд. Што е причината?

Злобните јазици велат дека регулаторната гилотина почнала да сече и кај што не треба, па ја „исекла“ и владината „времена забрана за нови вработувања во државната администрација и јавниот сектор во 2009 година“. Очигледно, „тази забрана не е забрана“ затоа што во првата половина од годинава биле регуларно вработени над 500 службеници (се лицитира и на 8.000 лица со договори за привремено вработување). Според владините планови, предвидени се вкупно 4639 нови државни службеници во следните три години (само за ЕУ-агендата). Ако за усвојување на новите ЕУ-прописи се потребни толку нови државни службеници, нели е логично по успешната „сеча“ на старите прописи (и придобивките од информатичката „преродба“) да се намалат потребите за илјадници државни службеници?

Ако не ме лаже сеќавањето, Владата дури и не' повика нас граѓаните да и' доставуваме предлози за бирократска „сеча“. Инспириран од ВМРО-вската мудрост „Пари немат - дејствујте“, го доставувам следниов антибирократски предлог: напоредно со „регулаторната гилотина“ Владата да почне со нов проект - „административна гилотина“. Пред да почне големата административна сеча (од по десетина илјади работни места годишно), на нашите државни службеници треба убаво да им се даде до знаење дека кревката македонска економија не може да поднесе толку гломазна и неефикасна администрација и дека многу од административците може да отидат „јабана“. Од име на проектот „Инвестирајте во Македонија“, Владата може да им обезбеди пристојни кредити и обуки за преквалификација на сите државни службеници кои ќе претпочитаат да го отстапат неефикасното работно место, за да почнат свој сопствен креативен бизнис.

Се разбира, успехот на административната гилотина ќе виси во воздух ако не почне со немилосрдна министерска гилотина. Не сугерирам нова реконструкција на министрите, туку реконструкција на министерствата, со што би исчезнала потребата од некои министерства, министри, а особено од замениците на министрите.

Први жртви на министерската гилотина би требало да бидат министрите без ресор, особено неуспешните министри за странски инвестиции. Ако нашиот премиер реши да стане премиер за евроинтеграции, може да заштедиме една вицепремиерска позиција. Со намалувањето на бројот на министерствата преку претворање на одделни министерства во сектори, би се решил актуелниот проблем на некоординираност помеѓу сродните министерства. На пример, логично е Министерството за земјоделство да стане отсек во Министерството за економија и развој, во кое би се асимилирале и Министерството за информатичко општество и Министерството за транспорт и врски. Министерството за правда би можело да се трансформира во Министерство за човекови права и да апсорбира како отсеци неколку министерства: отсек за право на здравје, отсек за право на работа, отсек за право на социјална заштита, отсек за право на образование, отсек за културни права, отсек за право на здрава животна средина итн. Бездруго, административната гилотина треба да го зафати и постоечкото Министерство за внатрешни работи кое функционира како посебна „држава во држава“.

Административната гилотина би имала уште поголем успех ако биде проследена со „пратеничка гилотина“. Досегашното искуство кажува дека Македонија е пресиромашна земја за да може да храни 120 професионални пратеници кои имаат неверојатно ниска доверба кај граѓаните. Имено, мнозинството граѓани смета дека Собранието е целосно зависно од Владата во постапката за донесување закони и дека пратениците не си ја вршат добро својата работа за која се преплатени. Најголемиот дел од граѓаните со задоволство би го мониторирале проектот „пратеничка гилотина“ затоа што ниту имале можност да се сретнат со нивните пратеници, ниту пак чуле и виделе дека тие покренале некаква иницијатива што е во нивен интерес.

Интересно би било да се чуе мислењето на граѓаните и во врска со можниот проект „претседателска гилотина“. Дали имаме потреба од „анекс“ претседател кој ужива доверба од дури 1% од гласачите и кој очигледно нема ниту политички авторитет, а ниту државен капацитет да ја извршува одговорната функција? Колку ли само пари и време ќе се заштедат на избори, кампањи, трчи-лажи советници, непродуктивни патувања, скапи кујни и садови?

Бирократската гилотна мора да почне да работи со полн капацитет ако сакаме да го ублажиме најгорливиот проблем - дури половина од државниот буџет оди на плата за јавната администрација! Државата треба час поскоро да ја напушти улогата на најголемиот работодавец, а партиите треба конечно да се откажат од „социјалната“ функција на агенции за партиски вработувања.

Пишман ктитор

7/22/2009

Се случува ли најпосле политичко чудо? Божемниот ктитор Груевски се откажува од изградбата на државна црква на плоштадот.Да се потсетиме, оти потсетувањето е мајка на знаењето. Неколку дена пред осветувањето на црквата „Раѓање на Пресвета Богородица“ во Скопје на крајот на јануари 2008, Никола Груевски обнароди дека и тој сака да биде ктитор. Обнароди дека неговата влада ќе изгради црква со пари од буџетот, многу поголема од „Раѓање на Пресвета Богородица“. Самоволието на вождот беше поддржано со акламација од сите негови министри. Мораше итно да се дејствува. Министерството за култура, археологија и религија веднаш распиша конкурс за црква, иако во деталниот урбанистички план немаше предвидено изградба на верски објект на плоштадот.

Едно чудо политичка енергија се потроши за да се легализира политичката дивоградба на „ктиторот“. Прво беше незаконски сменет ДУП-от (според Антикорупциската комисија). Не беа испочитувани законските процедури за одржување јавна презентација и анкета. Потоа, едно чудо пари се потрошија во јавни кампањи за убедување на граѓаните дека Грујо има ем легитимитет, ем легалитет да гради христијански храм со пари од буџетот. Откако Министерството за култура доби градежна дозвола за изградба на „гратис“ црква, беше распишан дури и тендер на кој се јави само една компанија со скромна понуда од „бедни“ милијарда денари!

Декретот на вождот предизвика бурни реакции и поделби кај граѓаните и во јавноста. Дел од граѓаните се организираа против идејата за изградба на било каков верски објект на плоштадот, дел сакаа да се изгради покрај црква и џамија (најново - и теќе!), дел „спонтано“ се организираа во одбрана на црквата против „збирштината од геј и атеисти“. Иако конфликтот го предизвика самоволната одлука на „ктиторот“, МВР застана во одбрана на „правото“ на разулавената толпа да ги разбие и „дислоцира“ непослушните неверници кои се дрзнале мирно да протестираат против мегаломанската политичка дивоградба.

Уште од самиот почеток, нетранспарентната владина одлука за изградба на црква беше прогласена за најматен настан во јануари 2008. По многубројните политички манипулации, градски и општински малверзации во врска со изградбата на државна црква и опозицијата почна да труби за „афера со корупциски размери“. „Ктиторот“, кој среде најголемата криза тврдеше дека нема да се откаже од буџетската црква, одеднаш се попишмани. Тендерот беше поништен, а Груевски почна да пере раце од проектот државна црква на плоштадот. Жешкиот костен го префрли во рацете на МПЦ, на која и беше подарено државното земјиште.

Најновата изјава на Груевски е дека државното земјиште не и' било подарено на МПЦ, туку дека било законски отуѓено по пат на продавање. Кому да му веруваме сега? Дали на Груевски или на соопштението на Владата од 26 јуни во кое јасно се тврди дека Владата донела решение со кое се овозможува „Министерството за транспорт и врски, согласно законските овластувања, истото земјиште да и' го даде на Македонската Православна Црква“? Дали на Груевски или на портпаролот на Владата, кој неодамна изјави дека „Земјиштето ќе и' биде подарено на Исламската верска заедница на ист начин како што тоа го направивме со Македонската православна црква за „Св. Константин и Елена“? Дали на Груевски, или пак на претставниците на МПЦ - кои јавно соопштија дека земјиштето е „подарок од државата“, уште кога министерката за култура немаше поим дека црквата веќе нема да се гради со пари од буџетот?

Пишман ктиторот сега ни соопшти и дека „никој веќе не може да говори дека црквата ќе се гради со државни пари“. А што станува со веќе потрошените буџетски пари за конкурсот на Министерството за култура? Што станува со стотиците потрошени работни денови на министрите и државните службеници кои работеа „24/7“ на легализирање на мегаломанската дивоградба и отстапување на проектот на МПЦ? Кој ќе ја понесе одговорноста за овие залудно потрошени буџетски пари, донирани на МПЦ? Најпосле, колку ли само пари (и зборови) залудно беа поарчени за убедување на јавноста дека Груевски може со буџетски пари да гради верски храм, само затоа што тоа било дел од неговата изборна програма?

Пишман ктиторот ги демантираше и информациите дека Владата донела одлука да и биде подарено земјиште на ИВЗ за изградба на џамија на плоштадот: „Дури доколку општина центар донесе таков план, дури тогаш владата би можела да го продаде тоа земјиште на ИВЗ, по истата процедура како за МПЦ.“ Тој сугерира дека за такво нешто има мали изгледи затоа што „во општина центар околу 99 отсто од жителите се христијани, а така е и со советниците во општината“. Дополнителен проблем било и тврдењето на МПЦ дека Бурмали Џамијата „била изградена врз темелите на срушена црква за време на Османлиското Царство“. Ваквите тврдења на премиерот не се ништо друго освен долевање масло на постоечкиот оган, затоа што поглаварот на ИВЗ, коалициониот партнер ДУИ, а и јавноста беа до скоро убедени од премиерот дека застанал зад изградбата и на џамија на плоштадот. Но, очигледно тоа било само вешта манипулација на Груевски, кој сега ги негира и тврдењата на претставникот на координативното тело за изградба на Бурмали-џамијата: „Владата ни вети дека земјиштето ќе биде подарено.“

Најголемата иронија е тоа што истиот човек кој со својата самоволна одлука предизвика конфликт и поделба меѓу граѓаните, сега се обидува да ја префрли одговорноста на друг: „некому оваа тема добро му дојде за делење на граѓаните“.

Но, да потсетиме кому оваа тема добро му дојде. Добро му дојде на градоначалникот на општина „Центар“, кој губеше во првиот круг на изборите, пред „спонтаното“ разбивање на малата група студенти кои мирно протестираа „Не го силувајте Скопје“. Оваа тема секогаш добро му доаѓа и на Груевски, особено кога драматично ќе почне да му паѓа неговиот омилен рејтинг. Но, што друго му преостанува на неуспешниот преродбеник, пишман ктиторот, и божемниот борец за „името и идентитетот“? Освен да се обиде да се одржи на власт што е можно подолго, со поттикнување конфликти, според принципот - „раздели, па владеј“.


Идетнитет или идентитет?

7/15/2009

Лека полека, големата политичка манипулација „од името на македонскиот идентитет“ почнува да се разоткрива. Последните „идеи“ на Нимиц ја поттикнаа и дилемата „дали графата „nationality“ се однесува на државата или на мнозинскиот етникум“.
„Секој има право на националност (nationality)“ – вели член 15 од Универзалната декларација за човекови права, која на страниците на ООН е преведена и на македонски јазик (Macedonian). Кога ние активистите за човекови права ги учиме децата што значи да имаш националност (nationality), им посочуваме дека националноста подразбира некое лице да е „граѓанин на една земја со сите правни придобивки, како што е правото да се учествува на избори, и со сите социјалните придобивки, како пристапот до образованието и здравствената заштита“. Со други зборови, ги учиме дека националноста е граѓански, а не етнички концепт.
Децата треба да научат и дека националноста може да биде дел од нечиј идентитет и чувство на припадност. Треба да научат и дека честопати настануваат конфликти кога различни прашања се поврзуваат со националноста, како што се етничките разлики и територијалните права. Најпосле, децата треба да научат да прават разлика и помеѓу национален и културен идентитет. Само тогаш тие ќе можат да сфатат што значи одредбата дека никој не смее произволно да биде лишен од неговата националност, ниту пак некому може да му биде негирано правото да ја промени својата националност. Ова право од Универзалната декларација не се однесува на индивидуалниот етнички идентитет, туку на граѓанскиот национален идентитет. Имено, многу наши поранешни сограѓани етнички Македонци ја имаат променето својата македонска националност (станале Австралијци, Канаѓани, Италијанци, Холанѓани, Французи), а го имаат сочувано својот етнички и културен идентитет Македонци.
Врската помеѓу националноста и граѓанството (citizenship) се потенцира и во Европската конвенција за националност (ние повторно сме го превеле зборот „nationality“ со „државјанство“). И во оваа конвенција носители на правото на националност не се никакви групи или колективитети, туку индивидуи. Поимот на националност е дефиниран во контраст со етничкото потекло, како правна врска помеѓу некое лице и државата, која не посочува на етничкото потекло на лицето Наспроти укажувањата на некои наши експерти, изразите националност (nationality) и граѓанство (citizenship) во оваа конвенција се користат како синоними.
Признавањето на специфичната правна врска помеѓу индивидуата и државата најлесно може да се согледа преку пасошите, за што пишував и во колумната „Нов пасош, нов идентитет“. Тогаш укажав дека секој наш граѓанин има „двојна“ личност - има една националност за надворешна употреба, а друга националност за внатрешна употреба. Имено, согласно внатрешната употреба на „националност“, граѓаните се делат на Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци и други, а согласно со надворешната употреба на „националност“, сите сме си „Macedonians“.
За жал, конфузијата околу националноста и националната припадност не си ја расчистивме на домашен терен. Како да чекаме да ни ја расчисти Нимиц. И покрај тоа што со уставните измени во 2001 г. го заменивме зборот „националност“ со (етничка) заедница, остана како темелна вредност „слободното изразување на националната припадност“. Постојат неколку англиски преводи на оваа вредност: „the free expression of national identity” (збунувачки за странците), „the free expression of ethnic identity“ и „the free expression of ethnic affiliation“, кои укажуваат дека националното го побркуваме со етничкото.
Најлесен начин да ја расчистиме конфузијата е да го употребуваме терминот националност исклучиво во граѓанска смисла. Тоа ќе подразбира корекција на темелната вредност „слободното изразување на националната припадност“ во „слободното изразување на етничката припадност“. Тогаш, сите граѓани на нашата држава ќе имаат една националност, без разлика на нивната етничка припадност. Со тоа ќе создадеме нормативни услови за негување на вклучувачки национален идентитет, кој ќе биде различен од исклучувачките етнички идентитети. Така ќе можеме и полесно да се разбереме со ЕУ, која прави јасна разлика помеѓу правото на недискриминација врз основа на етничко потекло и правото на недискриминација врз основа на националност.
Накусо, добро е што во нашите пасоши не стои нашата етнонационалност (колективниот „идетнитет“), туку нашата националност (граѓанскиот идентитет Macedonian). Пасошите се документи кои го потврдуваат личниот идентитет и националноста на носителот, а не неговото етничко потекло. Мојата етничка припадност „Македонец“ воопшто не беше тангирана ниту кога патував со пасош на СФРЈ (кога во графата за nationality стоеше СФРЈ, и кога во странство ме перципираа како „Југословен“), ниту кога патував со стариот македонски пасош во кој стоеше Republika Makedonija (за чудо, не ме перципираа како „Македониџан“).
Треба конечно да сфатиме дека нашите внатрешни етнички поделби се само за внатрешна употреба и дека не можеме да ги извезуваме во граѓански ориентираната Европа. Ако прифатиме во графата за државјанство (nationality) да пишува „Република Северна Македонија“, нашата националност автоматски ќе биде перципирана како „Северни Македонци“, без разлика што нашите внатрешни племенско-етнички припадности ќе си останат негибнати. Впрочем, нашите етнички идентитети ни досега не беа изразени во пасошот, па бесмислени се барањата дека треба допрва да ги изразуваме, како резултат на непристојните предлози на Нимиц.
А Нимиц може да си дозволи да изнесува непристојни предлози, затоа што нашите лажни патриоти не се борат за меѓународно признавање на националниот идентитет Macedonians, туку за признавање на етничко-племенски идентитети. Крајно време е нашиве „ВМРО“-вци да прочитаат што подразбирала македонската револуционерна организација под слоганот „Македонија на Македонците“, и каков национален идентитет пропагирала.

Coming Out

7/14/2009

Јас сум Жарко Трајаноски, Македонец и Словен, и не се срамам да го признаам тоа.

Против молчењето

7/13/2009


ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА

Втор манифест на Граѓани за европска Македонија: Против молчењето



Иницијативата „Граѓани за Европска Македонија“ (ГЕМ), на прес-конференцијата која се одржа денеска, 13 јули 2009 година, го промовираше објавувањето на вториот манифест насловен „Против молчењето“.

Иницијаторите на „Граѓани за Европска Македонија“: Бранко Героски, Никола Гелевски, Мерсел Биљали, Роберто Беличанец, Жарко Трајаноски и Владимир Милчин, во вториот манифест го креваат својот глас против молкот на интелектуалците, бизнисмените, професорите, лекарите, писателите, новинарите, архитектите, уметниците, командантите, владиците и отворено прашуваат: „Кој ќе ја дефинира одговорноста на учесниците и соучесниците во грабежот камуфлиран како патриотизам?“

Иницијаторите на ГЕМ го објавија првиот манифест во февруари годинава. По серијата дебати одржани ширум Македонија, како резултат на драматичните средби и разговори со граѓаните, го објавуваат манифестот „Против молчењето“.

Манифестот се објавува со цел да ги повика интелектуалците, слободоумните и сите оние што не се чувствуваат како апологети на власта да се огласат и отворено да проговорат за состојбите во државата.

Иницијаторите на ГЕМ порачуваат: Молкот е штетен за државата. Мора да има дијалог, мора да има соочување, мора да го изградиме и да го негуваме силното јавно мислење; не смееме да дозволиме стравот, преку молчењето, да владее со граѓаните. Македонија е република, со демократско уредување во која граѓаните имаа право гласно да говорат за проблемите.

Владина ЕУ-таназија

7/08/2009


N.B. Во електронското издание насловот на колумната по грешка е „преименуван“ во „Владина ЕУ-танзанија“. Голема благодарност за фројдовскиот „лапсус линг(в)ам“ кој е близок со некои мои размисли од колумната „Мојата Африка“.

Не постои ниту интерес ниту политичка волја за започнување преговори со ЕУ. За тоа сведочи молчаливата и загадочна оставка на вицепремиерот Боцевски.

Еден од низата симптоми за безволноста на ВМРО-ДПМНЕ е анкетата спроведена од институтот „Павел Шатев“, злоупотребена како инструмент за обзнанување на вистинските политички приоритети на владејачката партија. Што ни порачаа со анкетата? Прво, дека рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ е два и пол пати повисок од рејтингот на СДСМ. Второ, дека граѓаните се најмногу заинтересирани за укинување на шенген-визите (49,4 отсто), потоа за влез во НАТО (25,4 отсто), а најмалку за добивање датум за започнување преговори за членство во ЕУ (18,4 отсто ). Трето, дека 77,1 отсто од граѓаните одговориле потврдно на прашањето „дали треба да се промени Уставот на Република Македонија за да се дефинира бракот како заедница исклучиво меѓу маж и жена, односно да се отстрани можноста за склучување на хомосексуални бракови“?! Резил-татите покажаа дека владејачката партија е најмногу заинтересирана да го „билда“ сопствениот рејтинг и да избрка што повеќе незадоволни граѓани во земјите на ЕУ. Покажаа и дека ВМРО-ДПМНЕ претпочита да ја турка својата хомофобична агенда наместо инклузивната ЕУ агенда, која подразбира борба против стигмата и социјалното исклучување на припадниците на маргинализираните групи.

Во моментов, се чини нема ништо потрагично (и посмешно) од оптимистичката изјава на Боцевски дадена на 12 јуни во Вашингтон, дека „Македонија е подготвена уште утре да ги почне преговорите за членство во ЕУ“? Тогаш Боцевски на сите им порача дека имаме ем политички консензус ем државен капацитет за успешно завршување на преговорите. Вината за неотпочнување на преговорите ја лоцираше во ЕУ, која дозволила нашиот пат да води не преку критериумите на Копенхаген, туку преку блокадата на Атина.

По оставката на Боцевски, оваа прикаска се сруши како кула од карти. Исто како што претходно се срушија неговите прикаски за мали деца дека предвремените избори од 2008 биле фер и коректни цели 98 отсто и дека истата година сме исполниле дури 90 отсто од реперите. Но, за разлика од лани, на се' повеќе луѓе им станува се' појасно дека нема ниту политичка волја, ниту политички консензус за ЕУ и дека „реперите“ воопшто не се приоритет на премиерот Груевски. Токму затоа, одговорноста за неотпочнување преговори со ЕУ повторно треба да се бара кај „преродбеникот“ кој политичката енергија ја трошеше на надземно „билдање“ на сопствениот рејтинг и подземно минирање на ЕУ-агендата.

И оваа година Македонија повторно паѓа на испитот „политички дијалог“ во процесот на донесување на законите од ЕУ-агендата. Класичен пример за политички „монолог“ беше обидот за донесување закон за внатрешните работи без консултација со сите релевантни чинители, особено со здруженијата за човекови права. Нетранспарентната постапка поттикна оправдан сомнеж дека МВР сака да ја зајакне позицијата на полицијата на сметка на заштитата на човековите права. МВР комплетно ги игнорираше укажувањата дека постои голема опасност за преширока употреба на мерките за следење на комуникациите, како и препораките за воспоставување ефикасен и независен механизам за контрола врз работата на полицијата. Со одбивањето да воспостави ефикасни законски механизми за надворешна контрола врз УБК, Владата придонесе за јакнењето на имиџот на Македонија како тајно-полициска држава со „распашана команда“.

Премиерот обично ни доцни најмалку по половина час, а Владата ни доцни со месеци и години. Покрај пробивањето на предвидениот рок за донесување на закон за внатрешните работи (до 31 мај 2009), пробиени се и роковите за донесување на закон за изменување и дополнување на Законот за државните службеници, како и на Законот за заштитата од дискриминација, кои по многу одлагања требаше да бидат најпосле донесени до 30 јуни 2009.

Во експертските кругови, Законот за државните службеници веќе од поодамна на подбишега се нарекува закон за партиско вработување. Експертскиот извештај „Владата треба да се посвети 24 часа седум дена неделно на ЕУ-агендата“ го постави прашањето „дали Владата има некоја тајна стратегија за намалување на невработеноста преку вработување во државната администрација“. Со новите 2.416 државни службеници во 2008 и предизборните вработувања во 2009, Владата покажа дека воопшто не е заинтересирана за драстично намалување на бројката од 130.000 вработени во државната администрација, кои исцрпуваат половина од државниот буџет?! И после, ќе ни биде виновна светската економска криза?

Немањето политичка волја за донесување на закон за заштита од дискриминација е посебна приказна. Потребата за донесување на ваков закон е ургентна, кога ќе се земат предвид резултатите од мартовската анкета на МЦМС, според кои мнозинството граѓани не ги оправдуваат абортусот (64,9), хомосексуалноста (91,6 отсто), сексуалната работа (92,4 отсто). Овие резултати покажуваат дека исклучивоста во македонското општество расте во споредба со 2007 година, кога беше спроведен истражувачкиот проект „Инклузивноста на македонското општество“. Тогаш, како најголеми загрозувачи на моралот и на семејните вредности беа перцепирани лицата што имаат сексуални односи со лица од ист пол и сексуалните работници. Зависниците од дрога беа перцепирани како најголема закана за општеството. Најинтересно од се', избравме претседател кој предизборно тврдеше дека „нашиот систем не дискриминира никого“ и дека „хомосексуалците самите се жигосуваат и мислат дека се во подредена позиција“. Истиот тој човек ќе треба да го потпише законот за заштита од дискриминација (и врз основа на сексуална ориентација), кој е услов за визна либерализација. А што ако не добие „амин“ од неговите главни советници - верските поглавари?

Најочевиден симптом за владината ЕУ-таназија се оркестрираните напади врз Ерван Фуере кој везден не' потсетува дека само преку постојан и сеопфатен дијалог може да се постигне дух на консензус, без кој не е можно успешно спроведување на реформите. Оркестрираната медиумска хајка против Фуере е уште еден показател за сериозноста на проблемот на политичко вмешување во слободата на медиумите. Очигледно, за нашата влада опцијата демократски дијалог е исклучена. За неа има само две опции - политички монолог пред камерите или рецитација на декретите на вождот пред дневните вести.


Тикви со антички корени

7/01/2009

Црква или џамија на скопскиот плоштад? Веронаука или историја на религии? Антички Македонци или Словени? Зошто немаме капацитет да препознаваме лажни дилеми? Лажната дилема е прикриена манипулација. Кому му одговара изборот да се сведува на само две алтернативи, иако во стварноста постојат многу повеќе опции? Да почнеме со лажната дилема „црква или џамија“, која промовираше исклучувачка поделба - или си за црква или си за џамија. Кој ни ги помрачи другите опции? Што ако сум и за црква и за џамија? Што ако сум и против црква и против џамија на заедничкиот граѓански плоштад? Што ако воопшто не сакам да трошам време на размислување на тема „црква или џамија“?

Кој ни ја подметна законски институционализираната лажна дилема „веронаука или историја на религии“? Зошто немаше и други опции? Зошто родителите немаа можност да изберат логика (која ќе ги поучува децата како да не бидат манипулирани со лажни дилеми)? Зошто нема можност за избор на етика (која нема да биде редуцирана на етика на религии)? Зошто нема можност за избор на сексуално образование (за да се информираат децата како да се заштитат од сексуално насилство и од сексуално преносливи инфекции, што е посакувана, а што несакана бременост, па и како со љубов се доаѓа до посакувано „трето дете“)?Најконтроверзна лажна дилема (со која почна да се манипулира „на големо и на мало“ со јавното мнение) е т.н. јавна дебата „антички Македонци или Словени“. Кому му одговара создавањето на два непомирливи табора - „ние не сме Словени“ и „ние не сме антички Македонци“? Зошто имам впечаток дека конфликтот најмногу го форсираат оние што сакаат да не обединат како „ем антички Македонци, ем Словени“?

Но, да се потсетиме како беше посеано семето на (ан)тиквизацијата преку лажната дилема: дали сме тиква без корен или тиква со корен? Кога премиерот необично се преобрази во кустос, претворајќи ја нашата влада во археолошки музеј, тој обзнани дека „оваа држава има корени и дека, како што вели народот, не сме ние тиква без корен, нели!“ Уште на почетокот беше јасно дека оние што ги поставија скулптурите со грчки натписи во Владата се обидуваат да раскажат „милениумска прикаска „ за континуитетот на македонското опстојување низ вековите од неолитот, преку антиката до денес“.

Владините кустоси раскажуваа и сосема поинаква приказна за идентитетот: „Нашата приказна е за Македонците и за Македонија како древна земја, а не за Македонија раскажана од некаков словенски аспект“. Прашањето за античките корења беше експлоатирано и на последните избори, кога еден од претседателските кандидати изјави: „Македонија има моќ бидејќи има длабоки корења, некои сакаат да ги исечат или да ни кажат дека сме со плиток корен.“ Залудни беа, и уште се, добронамерните укажувања дека „тиква со корен или без корен, пак си е тиква“. Очигледно, (ан)тиквизацијата продолжува. Шиткачите на тикви и корени сега не' убедуваат дека без нивните „милениумски“ приспивни прикаски (за денешните Македонци како директни потомци на античките Македонци), ќе сме ја изгубеле битката за името Македонија.

А нашите преговарачки позиции во спорот со Грција слабеат токму поради „стратегијата“ на нашите шиткачи на тикви со антички корења. Нашата меѓународна позиција ја поткопаа токму оние што ја претворија Владата во антички музеј и именувачница на аеродроми, автопати, стадиони, улици... Нашите меѓународни симпатии ги губиме поради архео-историските шарлатани и политичките профитери кои манипулираат со колективниот страв од национално преименување.

Умерените оптимисти укажуваат дека наместо во 21 век сме зачекориле во 19 век, кога националистите манипулираа со креирање колективни митови за „златното доба“, за древното национално потекло и за историскиот континуитет на штотуку формираните национални држави. Лажната дилема „антички Македонци или Словени“ е симптом на нашето колективно уназадување, за нашиот ирационален политички ескапизам, за нашето упорно одбивање да се соочиме со актуелните политички предизвици. Словенската антитеза на паскокузманистите инспирира оправдан револт кај сите граѓани што не се срамат да признаат дека историјата на нашата државност пред август 1944 е всушност државна предисторија.

Времето потрошено на дебати дали сме тиква со или без антички корен е залудно потрошено време по кое многу ќе жалиме. Додека ние се расправаме дали сме антички или словенски Македонци, министерот за (не)правда си земал ем плата ем пензија. Искрено, како човек кој не се сомнева во своето словенско потекло, ми доаѓа револтирано да крикнам - Издржавме пет века турско како Словени, па ќе ги издржиме и овие неколку години на нашите пишман Словени, кои сакаат да ги претворат стиховите од нивната резервна химна во самоостварливо пророштво: „Народе Македонски... Не знаеш кој си, што си, други тебе знајат...“. Кутрите тие, не знаат кои се и што се, но со време ќе дознаат. Ќе дознаат дека на македонската почва ги остваруваат асимилаторските проповеди на крвникот Каравангелис, кој се спомнува во истата песна: „Вие сте Грци уште од времето на Александар Велики, но поминаа Словените и ве словенизираа.“

Сепак, клучното политичко прашање денес не е што сме биле, туку што сакаме да бидеме. Лажната дилема „антички Македонци или Словени“, воопшто не тангира повеќе од една третина од македонските граѓани што не се идентификуваат како етнички Македонци. Лажната дилема „антички Македонци или Словени“ е небитна дури и за огромниот број невработени и сиромашни етнички Македонци, кои одвај чекаат да паднат шенгенските визи за што поскоро да станат италијански Македонци, швајцарски Македонци, германски Македонци, холандски Македонци... Најлесен начин да се надмине лажната дилема „антички Македонци или Словени“ е рационално да се работи да се надминат проблемите кои ни оневозможуваат да станеме граѓански и европски Македонци.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week