ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА
Втор манифест на Граѓани за европска Македонија: Против молчењето
Иницијативата „Граѓани за Европска Македонија“ (ГЕМ), на прес-конференцијата која се одржа денеска, 13 јули 2009 година, го промовираше објавувањето на вториот манифест насловен „Против молчењето“.
Иницијаторите на „Граѓани за Европска Македонија“: Бранко Героски, Никола Гелевски, Мерсел Биљали, Роберто Беличанец, Жарко Трајаноски и Владимир Милчин, во вториот манифест го креваат својот глас против молкот на интелектуалците, бизнисмените, професорите, лекарите, писателите, новинарите, архитектите, уметниците, командантите, владиците и отворено прашуваат: „Кој ќе ја дефинира одговорноста на учесниците и соучесниците во грабежот камуфлиран како патриотизам?“
Иницијаторите на ГЕМ го објавија првиот манифест во февруари годинава. По серијата дебати одржани ширум Македонија, како резултат на драматичните средби и разговори со граѓаните, го објавуваат манифестот „Против молчењето“.
Манифестот се објавува со цел да ги повика интелектуалците, слободоумните и сите оние што не се чувствуваат како апологети на власта да се огласат и отворено да проговорат за состојбите во државата.
Иницијаторите на ГЕМ порачуваат: Молкот е штетен за државата. Мора да има дијалог, мора да има соочување, мора да го изградиме и да го негуваме силното јавно мислење; не смееме да дозволиме стравот, преку молчењето, да владее со граѓаните. Македонија е република, со демократско уредување во која граѓаните имаа право гласно да говорат за проблемите.