Се случува ли најпосле политичко чудо? Божемниот ктитор Груевски се откажува од изградбата на државна црква на плоштадот.Да се потсетиме, оти потсетувањето е мајка на знаењето. Неколку дена пред осветувањето на црквата „Раѓање на Пресвета Богородица“ во Скопје на крајот на јануари 2008, Никола Груевски обнароди дека и тој сака да биде ктитор. Обнароди дека неговата влада ќе изгради црква со пари од буџетот, многу поголема од „Раѓање на Пресвета Богородица“. Самоволието на вождот беше поддржано со акламација од сите негови министри. Мораше итно да се дејствува. Министерството за култура, археологија и религија веднаш распиша конкурс за црква, иако во деталниот урбанистички план немаше предвидено изградба на верски објект на плоштадот.
Едно чудо политичка енергија се потроши за да се легализира политичката дивоградба на „ктиторот“. Прво беше незаконски сменет ДУП-от (според Антикорупциската комисија). Не беа испочитувани законските процедури за одржување јавна презентација и анкета. Потоа, едно чудо пари се потрошија во јавни кампањи за убедување на граѓаните дека Грујо има ем легитимитет, ем легалитет да гради христијански храм со пари од буџетот. Откако Министерството за култура доби градежна дозвола за изградба на „гратис“ црква, беше распишан дури и тендер на кој се јави само една компанија со скромна понуда од „бедни“ милијарда денари!
Декретот на вождот предизвика бурни реакции и поделби кај граѓаните и во јавноста. Дел од граѓаните се организираа против идејата за изградба на било каков верски објект на плоштадот, дел сакаа да се изгради покрај црква и џамија (најново - и теќе!), дел „спонтано“ се организираа во одбрана на црквата против „збирштината од геј и атеисти“. Иако конфликтот го предизвика самоволната одлука на „ктиторот“, МВР застана во одбрана на „правото“ на разулавената толпа да ги разбие и „дислоцира“ непослушните неверници кои се дрзнале мирно да протестираат против мегаломанската политичка дивоградба.
Уште од самиот почеток, нетранспарентната владина одлука за изградба на црква беше прогласена за најматен настан во јануари 2008. По многубројните политички манипулации, градски и општински малверзации во врска со изградбата на државна црква и опозицијата почна да труби за „афера со корупциски размери“. „Ктиторот“, кој среде најголемата криза тврдеше дека нема да се откаже од буџетската црква, одеднаш се попишмани. Тендерот беше поништен, а Груевски почна да пере раце од проектот државна црква на плоштадот. Жешкиот костен го префрли во рацете на МПЦ, на која и беше подарено државното земјиште.
Најновата изјава на Груевски е дека државното земјиште не и' било подарено на МПЦ, туку дека било законски отуѓено по пат на продавање. Кому да му веруваме сега? Дали на Груевски или на соопштението на Владата од 26 јуни во кое јасно се тврди дека Владата донела решение со кое се овозможува „Министерството за транспорт и врски, согласно законските овластувања, истото земјиште да и' го даде на Македонската Православна Црква“? Дали на Груевски или на портпаролот на Владата, кој неодамна изјави дека „Земјиштето ќе и' биде подарено на Исламската верска заедница на ист начин како што тоа го направивме со Македонската православна црква за „Св. Константин и Елена“? Дали на Груевски, или пак на претставниците на МПЦ - кои јавно соопштија дека земјиштето е „подарок од државата“, уште кога министерката за култура немаше поим дека црквата веќе нема да се гради со пари од буџетот?
Пишман ктиторот сега ни соопшти и дека „никој веќе не може да говори дека црквата ќе се гради со државни пари“. А што станува со веќе потрошените буџетски пари за конкурсот на Министерството за култура? Што станува со стотиците потрошени работни денови на министрите и државните службеници кои работеа „24/7“ на легализирање на мегаломанската дивоградба и отстапување на проектот на МПЦ? Кој ќе ја понесе одговорноста за овие залудно потрошени буџетски пари, донирани на МПЦ? Најпосле, колку ли само пари (и зборови) залудно беа поарчени за убедување на јавноста дека Груевски може со буџетски пари да гради верски храм, само затоа што тоа било дел од неговата изборна програма?
Пишман ктиторот ги демантираше и информациите дека Владата донела одлука да и биде подарено земјиште на ИВЗ за изградба на џамија на плоштадот: „Дури доколку општина центар донесе таков план, дури тогаш владата би можела да го продаде тоа земјиште на ИВЗ, по истата процедура како за МПЦ.“ Тој сугерира дека за такво нешто има мали изгледи затоа што „во општина центар околу 99 отсто од жителите се христијани, а така е и со советниците во општината“. Дополнителен проблем било и тврдењето на МПЦ дека Бурмали Џамијата „била изградена врз темелите на срушена црква за време на Османлиското Царство“. Ваквите тврдења на премиерот не се ништо друго освен долевање масло на постоечкиот оган, затоа што поглаварот на ИВЗ, коалициониот партнер ДУИ, а и јавноста беа до скоро убедени од премиерот дека застанал зад изградбата и на џамија на плоштадот. Но, очигледно тоа било само вешта манипулација на Груевски, кој сега ги негира и тврдењата на претставникот на координативното тело за изградба на Бурмали-џамијата: „Владата ни вети дека земјиштето ќе биде подарено.“
Најголемата иронија е тоа што истиот човек кој со својата самоволна одлука предизвика конфликт и поделба меѓу граѓаните, сега се обидува да ја префрли одговорноста на друг: „некому оваа тема добро му дојде за делење на граѓаните“.
Но, да потсетиме кому оваа тема добро му дојде. Добро му дојде на градоначалникот на општина „Центар“, кој губеше во првиот круг на изборите, пред „спонтаното“ разбивање на малата група студенти кои мирно протестираа „Не го силувајте Скопје“. Оваа тема секогаш добро му доаѓа и на Груевски, особено кога драматично ќе почне да му паѓа неговиот омилен рејтинг. Но, што друго му преостанува на неуспешниот преродбеник, пишман ктиторот, и божемниот борец за „името и идентитетот“? Освен да се обиде да се одржи на власт што е можно подолго, со поттикнување конфликти, според принципот - „раздели, па владеј“.
Чипирање - чипиани идиоти ...
-
Пеоцесот на чипирање е одамна започнат. На чипирање сме осудени кога вадиме
било кој личен документ кој мора да го носиме со себе - лична карта, пасош,
к...
Пред 3 години
1 коментари:
Ако може да се објави последната колумна за да може да коментираме. Благодарам.
Објави коментар