„Тивкиот“ бојкот на Олимписките игри добива епски размери: Зошто претседателот не отиде на Олимписките игри? - Затоа што аболицијата и амнестијата не се олимписки дисциплини.Зошто собранискиот спикер не отиде на Олимписките игри? - Затоа што носењето закони со „брзи прсти“ не е олимписка дисциплина. Зошто премиерот не отиде на Олимписките игри? „Злобниците“ велат, таму немало дисциплина падни-стани во 100 чекори. Други, пак, проникливо забележаа - затоа што не му било важно да учествува, туку само да победува (ама на домашен терен).
Штета што нашите водачи не отидоа на Олимписките игри. Ја изневерија многувековната традиција. Познато е дека уште античко-македонските водачи учествувале на Олимписките игри, и тоа како натпреварувачи. Уште Александар I Македонски, наречен Филхелен (во наш превод „гркофил“), учествувал на хеленските Олимписки игри кои биле забранети за варварите (вклучително и за Македонците). За да учествува, морал не само да го декларира туку и да го докаже грчкото потекло. Дури откако специјалниот олимписки суд од „Еленодики“ потврдил дека кандидатот за натпреварувач е Грк, на предокот на Александар Велики му било дозволено да се натпреварува. (Ако ме лаже Херодот, ве лажам и јас.)
Исто така, познато е и дека мајката на Александар Велики била наречена Олимпија како признание за победата на Филип II на олимписките игри. Прочуениот историски фалсификатор Николас Мартис, министер за Северна Грција од 1974-1981 (кој сега лажно се опишува како „поранешен министер на Македонија-Тракија“), објавува список со сите Македонци што учествувале на олимпијадите во Олимпија, опишувајќи го нивното учество како „придонес кон грчкото културно наследство“.
Станува ли сега појасно зошто никој од нашите водачи не отиде на Олимписките игри? Нашите мудри водачи не сакаа да ја продолжат вековната гркофилска традиција и да придонесуваат кон грчкото културно наследство. Станува ли појасно зошто (Пан)Дора Бакојани успеа да стави уште едно вето на нашето уставно име на Олимписките игри? Затоа што и денешните учесници на Олимписките игри се или Грци или гркофили.
За да не ни се случи уште еден национален олимписки срам како учеството во Пекинг, предлагам нашата мудра влада да преземе итни мерки за одбрана на нашето уставно име и нашиот национален идентитет.
Како прво, Груевски да испрати уште едно писмо до Бан Ки-мун, во кое ќе го извести дека македонските политичари ќе ги бојкотираат Игрите се' додека се нарекуваат „олимписки“, затоа што промовираат култура заснована на ксенофобија (поделба на Грци и омразени „варвари“) и дискриминација (исклучување на сите што не можеле да го докажат своето елинско потекло).
Како второ, нашиот премиер да испрати писмо до претседателот на МОК, во кое ќе го извести дека македонските спортисти ќе ги бојкотираат следните олимпијади, се' додека не се реши меѓународниот спор со името на Игрите. Имено, за нас употребата на зборот „олимписки“ ќе биде спорна се' додека се фаворизира една шовинистичка историја и ксенофобична култура на сметка на другите.
Како трето, Груевски да испрати уште едно писмо до генералниот секретар на НАТО, со кое ќе го убеди дека треба да се забрани дури и употребата на изразот „Олимписки игри“ од страна на Грците, затоа што таквата употреба имплицира територијални претензии кон Република Македонија и го загрозува македонскиот национален идентитет. Употребата на зборот „олимписки“ ќе биде спорна се' додека грчките националисти ја крадат нашата историја, претставувајќи ги античките Македонци како Грци, и додека го опишуваат античко-македонскиот олимпизам како „придонес кон грчкото културно наследство“.
Груевски треба пак да му пише и на Баросо за да го потсети дека понатамошната употреба на зборот „олимписки“ го загрозува не само македонското малцинство во Грција туку и правата на Македонците, протерани за време на Граѓанската војна. Жртвите на етничко чистење не може да се вратат во своите домови токму поради грчката „олимписка“ регулатива од 1982, која овозможи враќање само на лицата со грчко потекло.
Бездруго, Груевски треба да му испрати и дополнително писмо на Метју Нимиц. Во пакет со името, не треба да се решава само прашањето на употреба на зборот „македонски“, туку и на зборот „олимписки“. Може во ист пакет - или во истата (Пан)дорина кутија - со непризнавањето на МПЦ. Во меѓувреме, не е лошо МПЦ да ги проколне Игрите како пагански адети. Тогаш Груевски ќе може да го потсети Метју Нимиц дека откако императорот Теодосиј I го прогласил христијанството за официјална религија на империјата во 393 г., Олимписките игри биле забранети како „пагански фестивал“. Да видиме која црква тогаш ќе биде расколничка?
Дури не се реши меѓународниот спор со т.н. „олимписки игри“, предлагам да ги возобновиме „Македонските контраолимписки игри“. Нив ги основал „варваринот“ Архелај во Дион, затоа што не му било дозволено како странец да учествува на „грчката олимпијада“. Тоа што Дион не се наоѓа во нашите граници, не е никаква пречка. Нели, откако СПЦ (како филијала на ГПЦ) ни забрани влез во манастирот „Прохор Пчињски“, ние си изградивме нов меморијал на АСНОМ - Пелинце (нагалено: „елинце-пелинце“). Нели е крајно време да си изградиме и меморијал на „Дион“ во слава на „Македонските контраолимписки игри“?
Чипирање - чипиани идиоти ...
-
Пеоцесот на чипирање е одамна започнат. На чипирање сме осудени кога вадиме
било кој личен документ кој мора да го носиме со себе - лична карта, пасош,
к...
Пред 3 години
2 коментари:
Грујо ќе оди во Хунзистан на првенството во „бацање камена са рамена“ и оној нивнион локален спорт како поло со тело на мртва овца.
Грујо може да освои златна медаља у три дисциплини: д'ткање, трапаво одење, и глумење боксер.
Објави коментар