Револуција или реформи? - е прашањето што го поставив на мојот блог „Зомбификација“ точно пред две години, цитирајќи го македонскиот пророк Мисирков: „Револуциiата на пролет ке бидит наi глупаото, шчо можиме ниiе да напраиме. Со револуцииата на пролет ке се користат само нашите неприiатели, коiи си имаат само есапи, противни на нашите национални интереси.“ Помпезната прослава на „денот на револуционерната борба“ ме потсети на овие видовити думи на Мисирков, искажани пред кобното Илинденско востание во 1903.
Век и кусур подоцна, аргументот на Мисирков дека револуцијата ќе послужи само како изговор за неисполнување на реформите, е повторно актуелен. И во 2008, повторно ни се „криви друзите за нашите грешки“ и повторно немаме „полно доверiе ком реформаторцките усилiа“ на заинтересираните сили. Наместо „час поскоро да се воведат обеќаните реформи“ за ЕУ, еден век подоцна ние се' уште сме опседнати со прераната и неуспешна револуција од 1903.
Нашите портокалови „преродбеници“, кои двапати дојдоа на власт со ветување дека ќе бидат успешни реформатори, сега претпочитаат да глумат револуционери. На Илинден не' убедуваа дека „Секоја генерација има своја битка“, и дека нашата битка била ем за „Македонија препознатлива по својата посебност и идентитет“, ем за „што поскорешна интеграција на земјата во НАТО и Европската Унија“. Следните неколку месеци, нашите Talking Heads ги вложија сите усилби да му покажат на светот дека не сме „сплотен државен организам што чекори кон општоприфатените евроинтеграции“, туку повеќекратна и дезориентирана личност on a road to nowhere. Дека сме поделена личност чиј ид (парламентот) е сосема контролиран од егото (владата олицетворена во премиерот), кој пак е во постојан контрапродуктивен конфликт со суперегото (претседателот). Откако неодамна пристигна познатата „телеграма од Европа“, дека и четврта година по ред ќе ја изгубиме битката за почнување преговори со ЕУ, нашиот премиер смирено изјави дека тоа „од поодамна било објавено“ и дека „борбата продолжува и се одвива добро“.
Прашањето „Зошто Владата на Груевски три години по ред не добива датум за преговори со ЕУ?“ е прашање кое бездруго заслужува одговор. А одговорот е едноставен: Оваа влада секогаш беше повеќе опседната со револуционерното минато, со „револуционерната“ борба за „нашата историја, континуитет и идентитет“, отколку со реформската ЕУ-иднина. Колку ли само енергија се потроши на реконструирање на минатото (устоличувањето на ВМРО како државотворна партија) и на „револуционерната“ сегашност (на пропагандната „битка за името и идентитетот“ насочена првенствено против политичките конкуренти)? Колку ли само денови потрошија „преродбениците“ во почетокот на 2007 за да не' убедат дека 23 октомври не бил роденден на нивната партија, и дека ќе се слави како „ден за обединување, а не ден за разединување“? Неполни две години по воведувањето на новиот државотворен мит за 23 октомври, Македонија никогаш не била поразединета.
Поконкретни одговори на прашањето зошто се' уште остануваме во „куќен притвор“, иако сме кандидати за ЕУ од 2005, ќе добиеме во ноемврискиот извештај. И од претходните извештаи беше јасно дека главна причина зошто не добиваме датум на преговори не е ниту името, најмалку нашиот идентитет, туку неспособноста на нашата „револуционерна“ Влада да ги спроведе бараните реформи.
Колку и да сака Боцевски да го претстави проблемот со името како „слон во порцеланска работилница“ или „горило од 500 тони во собата“ (неколку десетици пати поголемо од Кинг Конг!), вистинскиот проблем е тоа што нашите политички лидери не успеаја да одговорат на вистинските политички предизвици. Најголемиот политички предизвик во 2008 година требаше да биде исполнувањето на 8 репери, а не изборното „кеширање“ на високиот политички рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ, како резултат на перманентната изборна кампања, на која беа потрошени огромни буџетски средства.Со предвремените избори Груевски покажа дека му е многу побитно тој да извојува победа, отколку Македонија да извојува победа во битката за ЕУ.
Боцевски може колку сака да не' убедува дека изборите биле „производ на одлука што е врзана со унапредување на демократските процеси во една држава“, ама такви пропагандни пораки тешко поминуваат во Брисел. Неодамнешната оценка на Боцевски дека предвремените избори биле „многу рационална одлука во однос на актуелниот политички момент во државата“, покажува дека главниот наш проблем не се ниту слоновите во порцеланска продавница, ниту „горилата од 500 тони“ во собата. Главниот наш проблем се политичките ноеви што ја држат главата закопана во живиот песок на „славното“ историско минато, затоа што немаат храброст да се соочат со политичките порази во сегашноста.
Се' додека приоритет на Груевски е враќање на „довербата на граѓаните во сопствената држава, историја, во сопственото минато“, Република Македонија ќе се коцка со својата ЕУ-иднина. За да се врати загубената доверба во иднината на нашата држава, потомците на нашите славни револуционери треба да се докажат како успешни реформисти.
Час поскоро.
Чипирање - чипиани идиоти ...
-
Пеоцесот на чипирање е одамна започнат. На чипирање сме осудени кога вадиме
било кој личен документ кој мора да го носиме со себе - лична карта, пасош,
к...
Пред 3 години
5 коментари:
Ни НАТО, ни Европа ќе видиме ние, ниту пак олеснување на визниот режим. Домашните србомани и нашата Влада работи на тоа да не направи изолирана земја во друштво на Србија и вечно да си останеме „Former Yugoslav Republic of Macedonia“.
Don't you FYROM me!
Call me БЈРМ!
Не можам да се начудам колку многу ја исполитизира темава. Не можам да избројам колку многу постови напиша за недобивање на датумот за преговори со ЕУ. Проблемот за датумот за преговори со ЕУ е чисто политичка волја на ЕУ. Тоа че го објаснам на прост начин: дечко и девојка (ЕУ и МК) треба да стапат во една заедница, најпрво се запознаваат потоа откога ќе се „бендисаат“ т.е. девојката е кандидат за таква заедница (во случајов МК е кандидат) ќе се договорат за средба и сега според тебе дечкото не сака да почне разговор за идната заедница ако девојката не исполнува некои услови, па ајде ти се молам!? Значи од тој разговор може понатаму да се бараат некакви услови, а не пред разговорот. Ако дечкото еднаш ја „бендисал“ девојката следува природно право дека таа има право на разговор, а дали ќе дојде до конечен договор тоа е веќе нешто друго.
Не е вината во Европа, вината е кај нас. Ние наместо да се демократизираме, кај нас цензурата се засилува, како кај телевизиите, весниците, па дури и кај најобичните интернет форуми. Европа не ни ги донесе Хунзите во Македонија. Европа не ни ја напиша нашата фалсификувана историја којашто сега се користи за создавање на национализам во Македонија. И, што сакаме ние, Европа да ги прифати нашите лаги за коишто ние си мислиме дека се вистина? Па земете еден обичен пример, преведете го името Александар на нашиот јазик. Можете? - Е, не можете, зашто тоа е хеленско име. И сега ние му докажуваме на светот дека Александар Велики не бил грк, туку бил македонец (словен) и ние токму заради тоа што сме поставиле огромна глава на Александар Велики на нашиот аеродром сме имале право да се нарекуваме Македонија. Со такви аргументи битката за името е уште на почеток изгубена. Понекогаш дури се чудам како европјаните имаат толку нерви да го трпат нашето детинесто однесување.
Има и ЕУ дел од вината. Секако и НАТО, кој застана зад Грција.
Боцевски е делумно во право кога наивно заклучува: „не е нормално, срамно е на една земја да и се даде таков избор. Името или ЕУ, името или НАТО. ЕУ и НАТО се демократски клубови, таму немате таков избор.“
Фактот што решавањето на проблемот со името стана услов за влез во НАТО, а бездруго и услов за влез во ЕУ, е пораз не само на нашата надворешна политика, туку и на меѓународното право.
Зошто не победи нашиот аргумент дека Грција се согласила со „Привремената согласност“ „not to object to the application by or the membership of the Party of the Second Part in international, multilateral and regional organizations and institutions of which the Party of the First Part is a member“, доколку на нас се реферира согласно резолуцијата 817 (1993)?
Нашиот аргумент ќе беше мошне јак, ако не и пресуден, доколку имавме чисто демократско досие, исполнети репери, и доколку самите ја почитувавме „Привремената согласност“ (Се разбира, и доколку нашиот Министер за надворешни работи помалку лобираше во Свирипичино, а повеќе во Париз, Лондон, Брисел...).
За жал, Владата на Груевски организираше морбидни избори во најлошиот момент, ги маргинализираше реперите, и не ја почитуваше „Времената согласност“, особено во делот:
„the Party of the Second Part shall cease to use in any way the symbol in all its forms displayed on its national flag prior to such entry into force“.
Владата продолжи да го употребува симболот од Вергина, особено преку Агенцијата за млади и спорт, која се претвори во Агенција за ВМРО-вска пропаганда.
Кога самите ние не ја почитуваме „Привремената согласност“, како можеме да очекуваме дека другите земји ќе застанат на наша страна, кога се повикуваме на тоа дека Грција ја прекршила?
Секако дека ние сме тие што треба да го свиткаме грбот затоа што ние сме тие што бараме да влеземе таму. Затоа и ќе молчиме додека грција полека го превзема приматот на најфашистичка држава во светот.
Интересно е и што и ти упорно и упорно збориш за „владата на Груевски“ иако во еден од доста постарите постови (за изборите 2006та) ти самиот ги обвинуваш Шеќеринска и СДСМ дека целата предизборна кампања ја насочиле кон дискредитирање на Груевски. Сега и ти го правиш истото. Не „владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ„, не „владата на ВМРО“, не „актуелната влада“ туку баш „владата на Груевски“. Интересен избор, модерен но и крајно симптоматичен.
Објави коментар