Нов пасош, нов идентитет?

10/22/2008


Да се пофалам, си извадив чичка нов пасош. Вадењето нов документ за идентификација не би требало да остава никакви последици по личниот идентитет. Меѓутоа, по новиот пасош, почнав да запаѓам во длабока идентитетска криза, како последица на менувањето на личното име и националноста. Во стариот пасош името ми беше Жарко, напишано на латиница, со одвај видлив знак над буквата З. Латинската буква Ж ја нема во англиското писмо, па се навикнав моето име за меѓународна употреба да биде Zarko. Тоа име електронски се исчитуваше на мојот пасош, со тоа име добивав визи и се потпишував комуницирајќи со англискиот јазичен свет.

Од некни, државата самоволно решила да го промени моето лично име и мојата националност. Личното име не е напишано со пет, туку со шест латински букви. Повеќе не сум само Zarko, туку Zharko (и Жарко - конечно и на кирилица, за да се отстранат евентуалните сомнежи во моето постоење)! Во графата за државјанство / Nationality повеќе не пишува Република Македонија, туку македонско / Macedonian. Какво влијание имаат новото име и националноста на мојот личен и национален идентитет?

Знам, многу од вас ќе речат дека сум се загрижил без некоја причина и дека барам влакно во јајцето. Но, слушнете ги прво причините за мојата загриженост. Како сега ќе ги убедам моите пријатели што не читаат кирилица дека државата самоволно ми го променила името од Zarko во Zharko, и тоа во моментот кога нејзините водачи не' убедуваат дека и дење и ноќе се борат за да не им фали ни влакно на името Macedonia и нашиот национален идентитет? Како ќе ги убедам електронските читачи на пасоши дека она што претходно го читале како Zarko е идентично со тоа што сега го читаат како Zharko - дека сум истото лице со истото име? Најпосле, како ќе го убедам Google да ме пронаоѓа како Zharko Trajanoski, а не како Zarko Trajanoski? Мошне тешко, нели?

Далеку полесно ми беше да ја прифатам промената во графата nationality од Република Македонија во Macedonian. Сега веќе не ќе морам да им објаснувам на пријателите од странство дека името на мојата земја не се чита „Македониџа“, туку „Маседониа“. (Оние што го обвинуваа Нимиц дека сакал перфидно да не' преименува во „Македониџа“, требаше прво да погледнат во сопствените пасоши.) Но, сега се јавуваат поинакви проблеми. Што се однесува до националноста, секој наш граѓанин станува „двојна“ личност - има една националност за надворешна употреба, а друга националност за внатрешна употреба.

Практично, за англискиот јазичен свет (а спорот со Грција се води токму за тоа како ќе бидеме перципирани во тој свет!) сите граѓани на Република Македонија имаат македонска националност (Macedonian Nationality). Таквата националност имплицира дека сите наши граѓани се Macedonians (Македонци). Но, иако сите наши граѓани имаат македонска националност, сите не ја изјаснуваат својата „национална припадност“ како Македонци! Ако ги прашате нашите граѓани што подразбираат под националност, тие нема да ви кажат „државјанство“ (како што пишува во личните карти или во пасошите), туку ќе ви кажат - етничкото потекло или етничката припадност. Согласно со внатрешната употреба на „националност“, граѓаните се делат на Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци и други, а согласно со надворешната употреба на „националност“, сите сме си Macedonians.

Како овој идентитетски парадокс се одразува врз спорот со Грција? Пред извесно време прочитав интервју со грчкиот интелектуалец Ставрос Лигерос, во кое аргументира дека не сме можеле ние да бидеме Македонци (и Македонија), затоа што со тоа сме го монополизирале името исклучувајќи ги сите други што живеат во регионот на Македонија од тој термин: „Не е праведно. Тоа е како Грција да се именува Европа. Грчката нација и јазик да се наречат европска нација и европски јазик. Другите во Европа ќе речеа: во ред, и вие сте дел од Европа, но не сте само вие ексклузивно Европа. Така, и вие сте дел од Македонија, но не сте само вие Македонија.“

Ако сакаат да победат со аргументи, Грците треба прво да ги убедат жителите на САД дека немаат право да се нарекуваат Американци, затоа што не се само тие Америка. Треба да ги убедат дека делот (САД) го монополизира целото (Америка). Зошто ним не им го треснат в лице „аргументот“: „вие сте дел од Америка, ама не сте само вие ексклузивно Америка“? Потоа, Ставрос треба да ги убеди и колегите од ЕУ дека немаат право да се нарекуваат Европејци, затоа што не се само тие Европа. Треба да ги убеди дека делот (ЕУ) го монополизира целото (Европа). И ним треба да им каже отворено в лице: „вие сте дел од Европа, ама не сте само вие ексклузивно Европа“!

Грчките аргументи се неодржливи и лесно може да се докаже дека со меѓународната употреба на националноста Macedonians ниту имаме намера, ниту пак можеме да ги исклучиме сите други употреби на „Македонци“ (во географска или која и да е друга смисла). Нашата употреба на термините Macedonia и Macedonians не имплицира територијални претензии кон соседите, исто како што употребата на America и Americans (и Europe и Europeans) не имплицира територијални претензии кон другите држави што се дел од американскиот (или европскиот) континент, а не се дел од САД (или ЕУ). Проблемите со повеќезначноста на зборовите ќе си се решаваат како и порано - со повеќе речнички одредници за зборовите Macedonia и Macedonians.

Но, ако сакаме овие аргументи да ни држат вода, тогаш треба да си ја расчистиме конфузијата околу националноста и националната припадност на домашен терен. Ако се бориме во пасошите на сите граѓани да стои Macedonian Nationality тогаш треба да се избориме и на домашен терен за македонски граѓански идентитет. Тоа би значело и борба против монополизацијата на идентитетот „Македонци“ од страна на етничките Македонци, но и поширока борба против тиранијата на колективните и исклучиви етнички идентитети.

23 коментари:

Анонимен рече...

"Od nekni, drzavata samovolno resila da go promeni moeto licno ime i mojata nacionalnost......" se imame iznacitano gluposti od tebe,ali vakov idiotizam ne,ti si batka unikat,sto li ti trebase da treskas vakov idiotizam moj jadni Z(h)arko,barem uspevas da ne zabavuvas toa da ti bide uteha.hi,hi,zakon si batka.Sto li ne krepi ovaa zemja.

Анонимен рече...

Се разбира дека латинската транскрипција на името Жарко е Zharko, а не Zarko. Кај нас имаме и име Зарко, нагалено Заре. Од Жарко пак имаме нагалено Жаре. И, како тие две ќе бидат напишани на латиница, двете ќе бидат Zare? Таа транскрипција по којашто ти жалиш е од времето на Југославија и беше многу глупава за македонски уcлови.

Значи,
Жарко е Zharko; Жаре е Zhare.
Зарко е Zarko; Заре е Zare.

Или пак името Каролина Гочева. Колку несоодветна е транскрипцијата која што често ја употребуваат Karolina Goceva. Па, таа не е ГоЦева, туку е ГоЧева. Значи, на латиница треба да биде Gocheva.

Unknown рече...

До „заре не е жаре“:
Велиш: „Таа транскрипција по којашто ти жалиш е од времето на Југославија и беше многу глупава за македонски уcлови.“
1) Мојот стар пасош не е од времето на Југославија, го извадив во 2001 г.
Јас ли сум крив што тогаш во пасошот Ж ми го претворија во Z, па станав Zarko?
Дури и да сакав тогаш да го користам името Zharko, тоа ќе беше противправно.
Официјално, промената на моето име се случи дури откако неодамна извадив нова лична карта и пасош.
Досега, вон Македонија сите ме знаат како Zarko.
Отсега, ќе мора да ги убедувам дека не сум бил Zarko, туку Zharko.
2) Не сум никаков експерт за транскрипција. Го прифатив името Zarko од прагматични причини, за да немам никакви проблеми со странски амбасади и службеници. После промената на транскрипцијата очекувам да се јават прилично многу проблеми.
3) Две работи ми беа прилично чудни во стариот пасош.
Државјанството ни беше Republika Makedonija, а не Republic of Macedonia.
Нашите имиња и останатите податоци беа напишани само на македонска латиница, а не и на кирилица.
Зошто никој не побара одговорност за тие кои што тогаш се беа откажале од кирилицата и името „Мacedonia“ во нашата националност?

Анонимен рече...

Е ајде де, зошто не побараш?? Таман во тој период на власт беа тие што ти се омилена мета така да нема никаква пречка да се заангажираш и со тоа! Сигурно ќе биде покорисно отколку копање по нашата и премногу оспорувана историја.
А инаку за комуникацијата со тие што те знаат надвор од Македонија мислам дека нема да има никаков проблем, доволно ќе биде да им напишеш дека си Zharko од Северна Македонија и веднаш ќе им биде јасно кој си!
Шала на страна, зарем тоа е единствено нешто што чкрипи во државава? Па имаме мал милион закони и регулативи задржани од времето на бившата република кои допорва треба да ги модернизираме, ништо чудно што вакви работи се случуваат сега или во 2001 или допрва ќе се случуваат. Нам можеби ни изгледа смешно што за некои најбанални работи ни требаат скоро 20 години да ги регулираме, но за некои работи едноставно треба време а за други пак и воља која во поголем дел од транзицијата богами ја немаше. Да не заборавиме кој владееше во поголемиот дел од првата декада на независноста и блатантната носталгија по „старите добри денови“ која сериозно ни го закочи патот кон една стабилна и функционална држава, па и кон твојата најомилена Европска Унија. Тоа се работи што требало да се дефинираат уште во самите почетоци, зашто тоа не било направено јас не би знаел да ти кажам, а ти можеш да се потрудиш и да дознаеш ако навистина те интересира.

Анонимен рече...

Се радувам на добра дебата, ама ова е без врска pointless. Еден кретен, кој дрка на постов, нема доблест да се претстави, не пропушта пост и упорно се слини, испушта птијалин ко булдог пред женка. Жаре стварно не гледам поента на истиот ретардиран да му одговараш после секој пост, а он со истите фрустрации колку си бил ваков, таков... мислам преку такво, ако толку сака нека отвори блог и нека пишува. не се развива нормална дебата ради кретенот. убаво вика Рамбо Амадеус: Конверзацијата меѓу двајца луѓе се води на ниво на поглупиот. Извини Жаре мислам дека твојот блог е одлично место за дебата за разни работи ама треба да ги откачиш ваквиве морони, стварно.

Анонимен рече...

За транскрипцијата се разбравме.

А, за тоа дека до 2001 не ни ги пишуваа податоците на кирилица, туку со несоодветна латинска транскрипција и кај државјанство пишуваше Republika Makedonija, сосема си во право.

Анонимен рече...

Мене ме интересира само едно!
Дали некој ме праша да ми го смени
името и презимето со латинична транскрипција на една соседна западна земја.
Кога седнав на столчето во пасошко
пред трите кокони зад фотоапаратот и компјутерот, ниту на ум не ми падна дека тие ти биле трите наречници...па крштевале според некакава нова ?! и не знам од кого
усвоена азбука, без моја лична согласност за промена на името и презимето.
Имам десетици...а верувам дека постојат и илјадници Македонски граѓани со двојни државјанства- а сега со и со двоен идентитет!Димче
е некаде Dimce a некаде Dimche Sasho беше Saso ...pa i Zarko-Zharko!
Проверете си ги само кредитните и дебитните картички па ќе видите дали сте истиот тој на кого гласи новиот пасош.
Уште нешто ме интересира дали и
Словенците, Хрватите, Чесите, Словаците, Пољаците...па дури и Французите, Германците мораа да ги исфрлат карактеристичните букви од своето име и презиме во нивните европеизирани пашапорти!

Анонимен рече...

Латиничката транскрипција се прави според англиската азбука и сосема е оправдана. Тоа што на кредитните картички се уште не испишуваат со неразбирлива транскрипција, тоа е проблем на банките, а и наш кои треба да се ослободиме од југоносталгијата.

Не може Штип да биде Stip. Koга Stip ќе го транскрибираш на кирилица ќе се добие Стип, што е бесмислено. Затоа Штип си е Shtip, a Shtip e Штип.

Имињата на никој не се сменети во пасошите, нели имињата ви се испишани на кирилица така како што ви стои во крштеницата?

Некои очигледно не разбираат што е тоа транскрипција.

Анонимен рече...

„Некои очигледно не разбираат што е тоа транскрипција.“ Како ти на пример.
Правописот на македонскиот литературен јазик, во сите досегашни изданија се занимава со транскрипција на туѓите имиња на македонски, почнувајќи од латинскиот, завршувајќи со турскиот. Но, досега немало транскрипција на македонските имиња на англиски на пример.
Околу конкретниов случај се работи за следново. Во претходните пасоши, тој што јас се уште го имам, текстот (вклучувајќи го и личното име) се пренесени на кирилица и на македонска латиница, онака како што проповеда правописот во делот пренесување на македонското име со латиница. Што мене не ми е баш логично зашто тоа треба да биде всушност англиска верзија (во прашањето пишува name, а во одоговорот Zarko со пеперутка над З). Од каде некој кој се користи со англискиот би знаел која е таа буква. Денешните пасоши малку пологично тоа го решаваат, со транскрипција на македонските имиња на англиски, иако јас се уште не знам каде се наоѓаат официјалните правила за таа транскрипција. Од каде знаеме дека е ZH на пример, ане некако поинаку.

Анонимен рече...

До Михајло југоносталгичарот.
„...се пренесени на кирилица и на македонска латиница...“

Ало, такво нешто како „македонска латиница“ ниту имало, ниту има. Македонскиот јазик има само кирилица. Тоа што ти го нарекуваш „македонска латиница“ беше српско-хрватската латиница којашто се употребуваше во времето на Југославија. Арно ама веќе 18 години сме независна држава, или можеби ти се уште во мислите си живееш во Југославија.

Значи, има само МАКЕДОНСКА КИРИЛИЦА и ТРАНСКРИПЦИЈА НА МАКЕДОНСКАТА КИРИЛИЦА, но нема „македонска латиница“.

Unknown рече...

Тврдењето „такво нешто како „македонска латиница“ ниту имало, ниту има“ е наполно невистинито.
Прочитајте кај „тетка вики“ за „транслитерација на македонското писмо“.
Најдов дури и фотка на македонската ракописна кирилица што ја учевме на школо на времето. Погледнете ја.

Анонимен рече...
Авторот го отстрани коментаров.
Анонимен рече...

Кај "тетка вики" има еден србоман од Тетово кој сам си измислува азбуки, античка, илинденска, преродбеничка, латинична итн. Македонска латиница ќе има тогаш кога врбата ќе роди грозје!

Кај "тетка вики" секое 5 годишно дете може да напише било што. Во Македонија официјален јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо. Така стои и во уставот.

Само не знам дали некои навистина се луди или глумат лудило, па зборуваат за „македонска латиница“. Чиста глупост!

Анонимен рече...

Луѓе, научете што е тоа транскрипција и доста тупите со некаква „македонска латиница“. Транскрипцијата на македонската кирилица со латиничнo писмо во македонските пасоши е направена според општоприфатената транскрипција на кирилица којашто се употребува во сите земји кои употребуваат кирилица (освен Србија, каде латиницата веќе малку по малку станува официјално писмо).

Ѓ = Gj
Ќ = Kj
Ж = Zh
Ѕ = Dz
Џ = Dzh
Њ = Nj (некаде и Ny, Ni)
Љ = Lj (некаде и Ly, Li)
Ч = Ch (некаде и Tch)
Ц = C (некаде и Ts)
Ј = Ј (некаде и Y, I)

Unknown рече...

„Само не знам дали некои навистина се луди или глумат лудило, па зборуваат за „македонска латиница“. Чиста глупост!“
Еве што вели Венко Андоновски во колумната Republika Makedonija (Macedonia): „...дури и да беше предложено да се викаме само „Република Македонија“, кога тоа ќе се напише на македонска, а не на англиска латиница, не значи – ништо. „Република“ напишано на македонска латиница е неупотреблив збор за секој странец: никој не знае да го прочита, затоа што тоа не е латиничното „Republic“.“
Дали и Венко е „луд, или глуми лудило“ кога зборува за македонска латиница?

Анонимен рече...

Кој и што пишува по разни колумни, блогови, тоа е најмалку важно. Уставот на Mакедонија во својот член 7 вели:

Член 7
Во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Не може да има друго македонско писмо, освен кирилското. Понекогаш во меѓународна употреба има потреба од пренесување на македонското кирилично писмо на латиница, но тоа се нарекува трснакрипција на македонското писмо, а не македонска латиница.

Анонимен рече...

Аууу тука се развила дебата околу македонската латиница, а јас сум ја пропуштил :)
Правопис на македонскиот јазик, трето издание, година 1986. Стр. 99:
211.Предавање на македонското писмо со латиница
Ме мрзи сега да го пишувам, доцна е. За сите кои сакаат нека го отворат правописот и нека прочитаат. По двата пасоса кои ги објаснуваат случаите на употреба на латиничното писмо следат знаците кои се користат во тие случаи за обележување на нашите гласови. Дел од тие знаци како на знакот за Ќ, за Ѓ и така натаму ги во другите латинични писма на јазиците од регионот. Нивниот збир дава ункатна латинична азбука која одговара само на звуците кои се јавуваат во нашиот јазик. Затоа ја си дадов слобода да ја нарекувам македонска латиница. И ве молам анонимни кретени, за секоја дебата во која сакате да навлезете, прво малце барем нешто прочитајте. Не мора многу, ама барем нешто основно, за да може бар муабет да се прави.

Анонимен рече...

Правопис на македонскиот јазик, трето издание, година 1986. Стр. 99:
211.Предавање на македонското писмо со латиница

Haha Pa toa ne znachi makedonska latinica.

Predavanje na makedonskoto pismo so latinica znachi tochno toa - transkripcija.

Vo vremeto na Jugoslavija transkripcijata na nashata kirilica se praveshe da bide shto poslichna na srpsko-hrvatskata latinica (vo toa vreme oficijalna vo SFRJ).

Ama sega ne vazhi povekje devizata - gocori srpski da te ceo svet razume - i poradi tie prichini sega transkripcijata se pravi spored angliskoto standardno pismo, bez nadredeni znaci.

A B V G D Gj E Zh Z Dz I J K L Lj M N Nj O P R S T Kj U F H C Ch Dzh Sh

Unknown рече...

Станува збор за два различни методи на „романизација“ на македонската азбука. Методот што се користи во пасошите е посовремен и поприлагоден на електронските потреби, отколку она што Фридман го нарекува „codified Latin transcription equivalent“, а кое го учевме на училиште популарно како „македонска латиница“. Исто се нарекува и на други места.
На крај, како куриозитет, еве и извадок од едно решение на Уставниот Суд:
„1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на решението на Републичкиот педагошки совет бр.07-53 од 26.06.1975 година со кое се одобрува употребата на учебникот за второ одделение "Читам и пишувам латиница" од авторите д-р Ѓорѓи Делчев, д-р Никола Петров и Ѓорѓи Калан.
2. Златко Николовски од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение затоа што со означениот учебник се воведувало изучување на "македонска латиница" што не било во согласност со член 7 од Уставот, а немало ни стручна, ни етичка основа.“

Анонимен рече...

Prebaraj samo na google "macedonian latin", pa kje vidish kolku rezultati kje dade :)

Анонимен рече...

Жаре, пак добро си поминал. Да си вадел бугарски пасош, гарант ќе те напишеле како Jarko Trayanoski. Па тек тогаш пробај да ги убедиш Google и автоматските читачи на пасоши дека тисити и тинесијарко туку тисижарко :))

Unknown рече...

Познато ми е тоа со Jarko, на студии имав цимер од Софија кој се викаше Јанко, и со кој се расправавме дали неговото име се пишува со 4 или со 5 букви :)

Анонимен рече...

Жарко, дали според тоа што ти го напиша тврдиш дека „македонската латиница“ што јас ја учев во 2ро оделение е одбиена за понатамошна употреба?

Значи една цела генерација е осакатена и ете се обложувам дека 90% од нив не знаат дека „македонската латиница“ според таа одлука не постои (after all, деца сме, не се бавиме со политика).

Каков идиотизам.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week