Политичкиот капитал на лидерот на владејачката партија е создаден со помош на пирамидална шема втемелена на лажни ветувања и ирационални надежи. Основната политичка понуда на Груевски беше дека е човек од збор: „ВМРО-ДПМНЕ кога ветува - исполнува“. Токму затоа, една година по неговите предизборни ветувања имаме граѓанска должност да прашаме: Што вети, а што не оствари новата политичка „штедилница“ на ВМРО-ДПМНЕ на чело со „фараонот“ Груевски и „фамилијата“? Прво, лани Груевски вети дека ќе изгради „економија со висок и одржлив раст“, заснована на „пораст на инвестициите и извозот“, со „просечен пораст на БДП од 6-8 отсто“. Годинава, странските директни инвестиции не растат, имаме нагло опаѓање на извозот, а Европската комисија прогнозираше пад на БДП за Македонија за 0,3 насто и зголемување на невработеноста од 33,7 проценти (2008) до 35 проценти (2009) и 36 проценти (2010)! И сите негативни ефекти да се последица на светската економска криза, пак се поставува прашањето за проценувачките способности на Груевски, кој годинава предвидуваше раст дури од 5.5 отсто!Второ, Груевски вети „развој на земјоделството и подобар животен стандард на земјоделците“. Официјалните податоци бележат намалување на бројот на говедата (освен на улица Македонија во Скопје), овци и свињи во 2008 година, а просечната плата во земјоделството е за само 500 денари повисока од потрошувачката кошница!
Особено е контроверзна улогата на Груевски во подемот и пропаѓањето на инвестицијата „Сведмилк“ (опишувана и како „пирамидална млечна кражба“). Премиерот немаше проблем да користи буџетски пари за во работно време да ги рекламира производите на светлиот пример на „преродбата“, приватната компанија „Сведмилк“. Немаше проблем ни кога менаџерот на приватниот субјект предизборно ја рекламираше владата на Груевски потенцирајќи - „Ја имаме нивната целосна поддршка во сите наши чекори“. Проблеми се јавија по падот на „пирамидалната“ млекарница на која конкурентите и' забележуваа дека откупува млеко по највисока цена во Европа и во светот. (Колку за споредба, француските фармери деновиве протестираа за ниската откупна цена од 20 центи, а „Сведмилк“ го откупуваше млекото и по 50 центи!) Проблемите се умножија по продажбата на Сведмилк за едно евро и нереализираните ветувања до кооперантите. Независно од исходот на „дебатата“ дали владата дала писмена гаранција, препорака, или само писмена поддршка за трансакцијата на „Сведмилк Македонија“ на новите купувачи, останува неодговорено прашањето: Зошто владата воопшто се вмешала, ако Груевски беше во право дека станува збор за „однос меѓу два приватни субјекта“?
Трето, Груевски вети дека приоритет ќе му биде „Интеграција на Република Македонија во НАТО и ЕУ“, а не фрлањето лопати по многуте македонски села. И покрај ланските тврдења на Груевски дека 75 отсто од критериумите се исполнети (Боцевски лицитираше дури со 90 отсто), големо прашање е дали и во 2009 ќе биде остварена програмската цел „Добивање датум за претпристапни преговори со ЕУ во текот на 2008“. ВМРО-ДПМНЕ предизборно вети и дека „ќе ги продолжи разговорите со Грција за наоѓање решение за наметнатиот спор, со јасно изградени позиции“ и со потврдена стратегија. Ако владејачката партија тогаш имала јасно изградени позиции и потврдена стратегија, зошто тогаш агенциите неодамна известија дека „Државниот врв кова стратегија за името“?
Поради недостиг од конкретни резултати, политичката пирамида на Груевски е фокусирана на политички „мултилевел“ маркетинг со елементи на Силва метод. Перманентниот „мултилевел“ маркетинг стана само повидлив за време на изборната кампања: ако го вложите вашиот глас (или вашите пари) во политичката „штедилница“ на ВМРО-ДПМНЕ, и ако убедите уште неколкумина да го направат истото, тогаш ќе профитирате не само политички, туку и економски. Дел од владините и партиски кампањи за се и сешто, на повеќе нивоа и за различни целни групи, содржеа многу од елементите на Силва методот: техники за зголемување на самодовербата и подобрување на нашата претстава за Македонија, за промовирање на позитивно мислење, за откажување од зависностите и пороците, за македонско освестување, за уверување дека се случуваат чудотворни промени. Она што им е заедничко на вмровските методи и Силва методот е што се пирамидални мултимилионски бизниси кои по пат на индивидуална и масовна хипноза поттикнуваат ескапизам и дисконектирање од реалноста.
Проблемот со политичкиот мултилевел маркетинг на ВМРО-ДПМНЕ е тоа што наместо опипливи политички производи, продава националистички ескапизам во далечното минато, од името на зачувување на идентитетот и достоинството на нацијата. Иронијата да е поголема, националниот идентитет се „зачувува“ така што се гради нов мегаломански идентитет („наследниците на Александар Македонски“) кој ги изневерува државните традиции на независна Македонија, асномска Македонија и Крушевската Република. Напоредно со изградбата на новиот национален идентитет се гради и култот на личноста на „фараонот“ Груевски како градител на импозантни споменици, цркви, музеи, спортски сали, патишта и други проекти кои „ќе“ вредат 8 милијарди евра. Притоа, т.н. „градители“ немаат никаков проблем да ги поткопуваат и уриваат демократските институции на системот, во случаи кога не ги задоволуваат интересите на политичката пирамида на ВМРО-ДПМНЕ.
Со текот на времето, се' повеќе граѓани ќе стануваат свесни дека се жртви на масовна хипноза и на политичко-пирамидална шема, која не нуди никакво решавање на клучните политички проблеми, освен задоволување на личните и материјални амбиции на луѓето од врвот на пирамидата. Порано или подоцна, политичката пирамида на ВМРО-ДПМНЕ ќе се распадне како кула од карти, затоа што ниедна пирамидална шема не може да се одржи на подолг рок. Прашање е само дали тогаш ќе преживее нашата измолзена држава.
Чипирање - чипиани идиоти ...
-
Пеоцесот на чипирање е одамна започнат. На чипирање сме осудени кога вадиме
било кој личен документ кој мора да го носиме со себе - лична карта, пасош,
к...
Пред 3 години
5 коментари:
Дали ќе собереш храброст да напишеш и за работите што ги ветиле и исполниле? Или нема такви? Или пак ќе проработи „конструктивната“ иронија?
1. "се гради нов мегаломански идентитет, кој ги изневерува државните традиции на независна Македонија"... сосема си во право во овој пасус, дури загрижува самото непостоење на интерес кај "не-владини-медиуми" за коментири на овој владин идиотизам... македонската историја од последните 700 години е избегнувана од СИТЕ наши политичари во спорот со Грција, што наведува на постоење на конспирација помеѓу двете страни. Тоа што Грујо ги подбива егејците е само од личен интерес.
2. Делот за Сведмилк и економијата е само една твоја капка во киселата киша на македонското економско секојдневие! Зошто владата се вмешала?.. можеби да помогне со наоѓање на странски инвеститор за спас на млекарите, пренадувани извештаи од finance.gov.mk.. се за да се здобие со рејтинг поени. Пребарај на сајтот на Капитал и ќе видиш дека и сегашната опозиција преку свои протижеа има деловен интерес во Сведмилк. Како и да е, некој има платено голем кеш за да не излезат ревизиите на државните институции во медиумите!
3. Батали го Боце, дечкото е најдобар реторичар кој Грујо го има, ништо повеќе, и затоа е ставен за да не мачка со ЕУ-ова-она кремови.
4. Кога кометирш нечија изјава, барем самиот збор(стратегија) стави го во наводници ;)... или толкуваш и коментираш по твое (т.е. по gem.org.mk директива)?
Првите три пасуси од постот ти се провидни "Соросоидни" плукања, додека наредните три ти се констатации на место, поради кои те читам тебе, а не твоите другари од ГЕМ.
Дали имате видео материјали од трибините и дали истите се објавени на интернет?
Аха, сега гледам дека си сетирал "All comments must be approved by the blog author". Биди доследен и објави го мојот коментар!
Поздрав.
i drugi imaat problemi so veronaukata vo uchilishtata, eve primer za Srbija
http://www.danas.rs/vesti/dijalog/verska_nastava_na_proveri.46.html?news_id=162763
Е Жарко Жарко, толку слепо веруваш во Европа а таа пустата секој ден наоѓа начин да те разочара. Но и покрај се јас те поддржувам во твоите намери и искрено се надевам дека проблемите се навистина кај нас зашто така барем ќе можеме да ги смениме (кога тогаш)!
Објави коментар