Годините си врват, а интеграцијата не ни врви.
Прва година помина, Македонија кандидат остана.
Втора година помина, визи не ни укинаа.
Еве, и трета година помина, а преговори не отпочнаа.
Зошто ли, зошто остана, Македонија неинтегрирана?
Зар влезот наш в ЕУ е сал пуста желба народна?
Да не се залажуваме. Нит Грци ни се виновни нит евроскептици. Остануваме неинтегрирани заради евронаглувите. Македонија не е жртва на евроскептицизмот, туку на евронаглувизмот! Пораките од ЕУ никако да стигнат до нашите уши. Во ретки случаи, ако влезат во едното уво, набргу излегуваат од другото.
Ете, неодамна, оние што имаа уши повторно можеа да чујат, а и да разберат, за нашите сериозни проблеми со политичкиот слух во комуникацијата со Брисел. Оние што имаа уши, можеа да ја чујат изразената загриженост на Оли Рен за нашите неодамнешни политички настани. Оли Рен, небаре капетан на „Ентерпрајс“, со наједноставен јазик ни ги соопшти условите за побрзо интегрирање во „федерацијата“ што му ги повторил на Боцевски: исполнување на добро познатите Копенхашки критериуми, политичка стабилност, правилно функционирање на демократските институции, зајакнување на политичкиот дијалог, создавање услови за идни слободни избори и „натамошни супстанцијални напори“ за исполнување на осумте „репери“. Што се однесува до „реперите“, Оли Рен не' потсети дека се „суштински услови“ за создавање европско општество и дека сме направиле „некаков прогрес во извесни подрачја“, илустрирајќи го со позитивни примери од реформите во правосудството и во полицијата. Исто така, комесарот го поздрави „добриот прогрес“ во однос на условите за либерализирањето на визите, изразувајќи надеж дека тоа ќе стане реалност, откако нашата Влада ќе ги исполни безбедносните услови, за што е потребно вложување „силни напори“.
Меѓутоа, по обраќањето на Боцевски добив впечаток како ушите да му биле под кирија за време на „блиската средба од трет вид“ со комесарот за проширување. Небаре портпарол за време на изборна кампања, Боцевски информираше дека „Македонија ги исполни критериумите за либерализација на визите“, наспроти надежта на комесарот дека уште многу ќе сработиме на тој план. Потоа, тој се пофали дека Македонија исполнила „околу 75 отсто“ од реперите, и дека останатите 25 отсто се во фаза на исполнување. Остана неизвесно: дали нашиот прв „интегративец“ ја чу препораката на комесарот дека се потребни „натамошни супстанцијални напори“ за исполнување на осумте клучни приоритети?
И нашиот премиер почна да се однесува како лидер на изолирана планета на рабовите на цивилизацијата, кој нема слух за (пре)пораките од „федерацијата“. Наместо брзи пруги кон нашата ЕУ-иднина, премиерот продолжува да гради понтонски мостови кон минатото. Во неделата, во улога на кустос на „Музејот на македонската борба и на жртвите на комунизмот“, ја обнароди поразителната „музејска“ вистина дека „не може да се очекува Македонија да добие датум за преговори годинава“. Демек, ноемврискиот извештај на ЕУ немало да зависи од нашето исполнување на „реперите“, туку од тоа како „Баба Рога“ - „Грција ќе ги среди работите во Брисел“. На денот на независноста, во улога на промотор на последното чудо на вмровската технологија - лифтот на „верската атракција“ и „симболот на нашето православно опстојување“ премиерот навести вечен опстанок и развој на нашата библиска земја.
Преку (ре)конструкција на историски и религиозни паметници, премиерот божем промовира култура на „долго паметење“, а всушност се обидува да го замаскира сопственото „кратко паметење“. Да се потсетиме: Уште на почетокот на 2008, Груевски изјавуваше дека не планира предвремени избори и дека е фокусиран на остварувањето на клучните приоритети - поканата за НАТО и преговорите со ЕУ. По македонскиот дебакл во Букурешт, не' убедуваше дека предвремените избори нема да го забават, туку ќе го забрзаат процесот на евроинтеграција. И по изборната победа на катастрофалните избори, на Груевски не му се брзаше да формира влада и да работи на остварување на реперите. Откако летото заврши, штурчето почна да им пее нова песна на мравките: сега не' уверува дека евроинтеграцијата не е пресудна за нашата светла иднина и за неговата вечна „преродба во 100 чекори“. Не би ме изненадило ако од утре ја подзасили отворената кампања против ЕУ преку своите медиумски мегафони, инстант-интелектуалци, пропагандни тинк-тенкови, еднократни невладини организации и вработените во „Препород“- Идризово. Груевски е толку добар глумец што може и да ги убеди луѓето дека е македонскиот Жан-Лук Пикар - чуварот на македонскиот идентитет од наездата на Клингонците и ЕУ-боргите, препознатливи по застрашувачкиот слоган: „Ќе бидете интегрирани. Отпорот е залуден“. Ако вештината на политиката се состои во тоа најголемиот пораз да го претставиш како национална победа, тогаш мора да се признае дека командантот на ѕвездената флота на ВМРО-ДПМНЕ е мошне вешт политичар.
Накусо, ако нашите аспирации кон ЕУ не се само обична сценска глума, тогаш мора да престанеме да испраќаме контрадикторни пораки до „федерацијата“. Со нашето знаме им сигнализираме дека „И Сонцето е ѕвезда“, а со постојаното покажување на грбот како да ги потсетуваме на времето кога „И црвената петокрака беше ѕвезда“.
Трнлив е „најдолгиот пат“ до ЕУ-ѕвездите и тешко се изодува без изграден политички консензус за клучните приоритети. Ако и Сонцето е ѕвезда, тогаш мора конечно и ние да запловиме по ѕвездените ЕУ-патеки. И тоа со „ворп-брзина“!
Ѕвездени ЕУ-патеки
9/10/2008Прохибиција на „Тајната вечера“?
9/05/2008Од каде пак сега „Амнестија за пивото“?
Зарем пивото не е алкохол?
Какви се овие глупости: „Секаде во светот виното се смета за храна, а не за алкохол, но нормално ако се пие во умерени количества.“
Зарем оние муслимански земји, во кои алкохолот е целосно забранет, не се дел од светот?
Дали со прохибицијата на виното се оневозможува правото на Христијаните да ги следат зборовите на Исус, Евангелие според Јован, глава 6:
„53 Тогаш Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: ако не го јадете телото на Човечкиот Син и не ја пиете Неговата крв, не ќе имате живот во себе.
54 Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има вечен живот; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.
55 Зашто Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв - вистинско питие.
56 Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв - останува во Мене и Јас во него.“
Еве го мојот силогизам.
1) Виното е алкохол.
2) Алкохолот е дрога.
3) Библијата ги поттикнува луѓето да се дрогираат.
Ако нашите закони се за забрана на секаква злоупотреба на дрогата, тогаш целосно треба да се забрани поседување и консумирање на алкохол, вклучително и на „Исусовата крв“.
Според Светската здравствена организација, „консумирањето на алкохол носи ризик од штетни здравствени и социјални последици поврзани со неговите својства –интоксицира, токсичен е, и произведува зависност.“
Затоа сум за целосна прохибиција на алкохолот и другите дроги, како што е тутунот.
Сегашната забрана за продажба на алкохол до 19.00 е бесмислена.
Таа може да доведе до зголемување на консумирањето на алкохол во текот на работното време или пак до зголемување на побарувачката на други забранети супстанци, како што се канабисот, екстазито, кокаинот, хероинот.
Со целосната прохибиција на сите дроги ќе се намали дискриминацијата помеѓу оние кои што сега легално се дрогираат со алкохол и никотин и оние што нелегално се дрогираат, а се социјално жигосани и исклучени како „наркомани“.
во 18:22 3 коментари
Веронаука или верско дејствување?
Дали „наставната програма по веронаука не подразбира верско организирање и дејствување“? Еве извадоци од наставните програми. Проценете сами.
Цели на Православна Христијанска Веронаука:
Ученикот/ученичката:
„да се научи правилно да се прекрсти и да го разбере значењето на крстењето“
„да кажува (напише) сопствена благодарна молитва“
„да го доживува радосното искуство на личната молитва и молитвата во заедница“
„да согледа дека научниците се воглавно религиозни луѓе“
Методи и активности:
„Часовите започнуваат со молитвата „Оче наш...“ (за почеток учителот ја кажува молитвата, а во следните часови учениците читаат заедно со него.“
„Часовите завршуваат со песна („Богородице Дево“ или празнична песна од годишниот циклус на празници)“
„Пеење на тропарот на Рождество Христово“
„Икони“
„сликање и боење на велигденски јајца“
„Посета на храмот (по можност на Велики Петок)“
Цели на Исламска веронаука:
Ученикот/ученичката:
„да се воспитува за начинот на одење во џамија, седењето и излегувањето од неа“
„да ги развива комуникативните способности, првин со Алах, а потоа и со сите луѓе“
„да научи како да му се заблагодарува на Алах“
„да ја научи формата на клањање намаз“
„да го научи исламското поздравување – селам“
Методи и активности:
Часовите започнуваат со цитирањето на бесмеле и „раббијессир“
Часот завршува со читање на шехадетот и сурето ихлас бр. 112
„Разговор за начинот на колење на курбани“
„Учат како треба да го изговараат „естагфирулахеладхим““
Цели на Католичка веронаука:
Ученикот/ученичката:
„Да ја објасни важноста на верата во сопствениот живот“
„Да ја согледа убавината и барањата на христијанскиот пат“
„Да каже сопствена молитва и да се објасни што е празноверие“
Методи и активности:
Часовите по веронаука започнуваат секогаш со Господовата молитва „Оче наш...“
Часовите завршуваат со молитвата „Радувај се Маријо“...
Цели на Евангелско-Методистичка Црква Веронаука:
Ученикот/ученичката:
- се поттикнува да ги сфаќа и применува библиските пораки во секојдневниот живот, во семејството, училиштето и општеството
- ги развива духовните и другите комуникативни способности за писмено, усмено, ликовно, музичко, сценско и молитвено изразување
Методи и активности: славење на Бога преку духовни песни со музика
Веронаука - Јудаизам, Активности:
„Презентација на симболи“
„Цртање и изработка на симболите“
„Драматизација на настани од тората“
„Прикажување на алатки за обрежување“
Какви последици можеме да очекуваме од вакви цели, методи, и активности?
Се плашам дека повеќето петтооделенци што ќе изберат веронаука целосно ќе загубат вера во науката.
Да не бидам сфатен погрешно. Немам ништо против веронауката.
Велам да за веронауката, ама не во државните училишта, туку во религиозните храмови или во приватни основни училишта кои, за жал, кај нас не се дозволени.
во 03:09 4 коментари
Ајнштајн веронаучник?
9/03/2008Необични промени се случија во земјата на макот - Македонија. Кога одев на училиште, проповедаа дека религијата е опиум на народот. Сега, комунизмот е опиум на народот, а религијата - лек против злоупотреба на опијати! Но, само доколку родителите го направат вистинскиот избор. За некои црковни пропагандисти, дилемата дали да се одбере веронаука или историја на религиите како изборен предмет е искушение. За други, пак, тоа е избор помеѓу доброто и злото - помеѓу единствениот лек за превенција од дрога и проституција и „отровот за младите“.
Уште пред да почне школската година, проповедниците почнаа да им делат лекции по веронаука на родителите. Еве што проповеда една вероучителка, на трибината за веронаука во Неготино: „Без православна вера и без Црквата, Македонецот е празен Македонец или Македонец на збор, а без содржина и без македонски дух. Затоа на македонската држава и народ, ако им мислиме добро и ако сакаме просперитетна иднина, тогаш, драги Македонци и Македонки, почитувани родители - мајки и татковци, ќе се заложиме нашите деца да учат веронаука во училиштата“.
Признавам, ваквите„аргументи“ме погодија лично,емкако Македонец ем како човек што критички аргументира против воведувањето веронаука во задолжителното образование. Ако не сум православен Македонец, дали тоа значи дека сум празен Македонец? Ако не се залагам децата да учат веронаука во училиштата, дали тогаш не им мислам добро на македонската држава и народ? Дали треба молчешкум да ја прифатам навредата дека сум „Македонец на збор, а без содржина и без македонски дух“, ако укажувам дека е противуставно државата да проповеда православие, а МПЦ да се занимава со државна политика?
Паметам, државата во која се родив се темелеше на идеолошките догми дека без комунистичката партија и без федеративна Југославија нема опстанок на македонскиот народ и на македонската држава. Колку за потсетување - пропаднаа догмите, пропадна комунистичката партија, пропадна и Југославија. Македонскиот народ опстана. Државата во која сега живеам повторно се темели на догми: „Без Македонската црква нема опстанок на народот и на државата“ , проповедаше еден висок архиереј. Се промовира и догмата дека опстојувањето на народот и на државата зависи од воведувањето и изборот на веронауката. Догмите дека без МПЦ и веронаука нема народ и држава создаваат нови расколи помеѓу етничките Македонци: помеѓу оние што се припадници на МПЦ и оние што не се; помеѓу Македонците што се православни верници и оние што се припадници на друга вероисповед; најпосле, помеѓу Македонците што се сметаат за потомци на Александар Македонски и „библиските Македонци“ кои не сакаат да имаат ништо заедничко со античко-македонските пагани. Дали македонскиот народ и овој пат ќе опстане?
Се разбира, прашањево е реторичко, колку да воведеме драмски ефект во колумнава. Македонскиот народ ќе ги издржи и овие расколи, и овие религиозни догматисти што проповедаат „од името на народот“, исто како што ги издржа југо-комунистичките догматисти кои попуваа „од името на народот“.
Ќе ја издржиме и оваа школска година. Порано или подоцна, маските почнуваат да паѓаат. Сега гледаме дека лажеле тие што преку образованието сакаа да проповедаат „Не лажи“. Џабе предлагачите на законот убедуваа дека верското образование „не претставува верско дејствување“. Од МПЦ ни појаснија дека децата ќе ги подготвуваат за верници и за „живот вечен“. Залудно не' уверуваа дека веронаука се воведува за „да се изгради граѓански дух на учениците“ и „космополитски поглед на светот“. Новите вероучители веќе јаваат на националистичкиот коњ и „библиската вистина дека нашава земја Македонија е вратата низ која влезе христијанството и Евангелието во Европа“. Не' уверуваа и дека веронауката ќе промовира „толеранција, граѓанска одговорност, солидарност, правичност, почитување на човековите права...“. Веќе видовме колку новите вероучители се толерантни, граѓански одговорни и правични кон историјата на религијата. Веќе видовме колку го почитуваат човековото право на избор на религија. Црковната пропаганда за избор на веронаука отиде дотаму што и Ајнштајн го прогласија за „веронаучник“. На православниот портал „Премин“ можете да прочитате дека „Ајнштајн е доказот“ дека „меѓу верата и науката нема непремостливи разлики“. Заклучокот е изведен од анегдотата за аргументите на Ајнштајн против аргументите на професорот што сакал да докаже дека верата во бога е само мит. Ваистина, Ајнштајн не бил атеист, туку длабоко религиозен човек. Но, Ајнштајн веројатно би се превртел во гробот ако дознае дека неговиот лик и дело се злоупотребува ем во владините кампањи ем за оправдување на православната веронаука. Барем вероучителите треба да знаат дека Ајнштајн не верувал во богот од библијата, која ја сметал за збирка „примитивни легенди“. Кога во 1929 еден рабин го прашал Ајнштајн дали верува во бог, Ајнштајн му одговорил: „Верувам во богот на Спиноза кој се открива себеси во уредената хармонија на постојното, а не во бог кој е преокупиран со судбините и постапките на луѓето“. Накусо, злоупотребата на ликот на Ајнштајн во кампањата за библиска веронаука е резултат на елементарно непознавање на неговите научни и филозофски гледишта.
Во „безбожниот социјализам“ се прашувавме кој ќе не' чува од чуварите на „придобивките на револуцијата“. Сега се прашуваме кој ќе не' спаси од спасителите што проповедаат дека веронауката ни е единствен спас. Иронија на судбината е што и едните и другите дејствуваа „од името на народот“, доследно спроведувајќи ги народните поговорки: „Ако имаш вујко владика, лесно ќе се сториш поп“, „Сложни калуѓери и во петок мрсат“ и „Врзан поп, мирно село“.
Крстот на Водно – територијален маркер?
9/01/2008во 02:40 3 коментари
Враќање во иднината
8/27/2008Помина пекиншката Олимпијада. Не ни дозволија да го користиме уставното име. Затоа што сме Македонци. Не ни дозволија да освоиме ниту еден медал. Само затоа што сме Македонци.
Џабе југоносталгичарските фалби на Olympic Committee of the Former Yugoslav Republic of Macedonia (кој тука се претставува како МОК) дека досега „Македонските спортисти имаат освоено 12 олимписки медали“. Вистината е сосема поинаква - FYR Macedonia има само бронзен медал од Сиднеј 2000. Го освои Македонецот Могамед Ибрагимов - роден во Махачкала, главен град на руската република Дагестан.
И на оваа олимпијада, најзначајна беше битката за уставното име и за нашиот идентитет. Затоа, ем успеавме да се претставиме како FYR Macedonia ем најуспешен борец за нашиот идентитет беше Мурад Рамазанов, роден во рускиот град Хасавјурт. Останува уште Агенцијата за млади и спорт, како специјализирана агенција за промоција на македонскиот идентитет и античкото културно наследство, да изрши детален медицински преглед на нашите олимпијци, и да потврди дека настапот под FYR Macedonia немал никакви последици по нивниот древен македонски идентитет.
Несомнено, и за овие наши олимписки неуспеси се виновни Грците и нивните „сценарија“. Грците се виновни што само двајца наши спортисти успеаја да отидат во Пекинг со олимписка норма. Грците се виновни што нашите олимписки туристи освоија последно место во 10 метри со воздушна пушка, последно место во трискок и претпоследно место во пливање на 100 метри слободно. Не би се изненадил ако Грците се прогласат како виновни и за високите температури, разулавените пожари и заталканите куршуми што косат жртви независно од етничкото потекло. Грците ќе бидат виновни и за негативниот извештај за нашиот прогрес кон ЕУ кој се најавува од Брисел.
Се остваруваат и прогнозите на нашите мудри политичари дека светот ќе ја изолира Грција заради нејзината шовинистичка политика кон Македонија. Ете, откако и во Пекинг го блокираа нашето учество со уставното име, Грците беа казнети со тоа што мораа први да го веат државното знаме и први да ја слушаат својата химна на затворањето на Олимписките игри. Откако го блокираа нашиот прием во НАТО и во ЕУ, веќе никој од нашите многубројни сојузници не летува во Грција.
Се разбира, сите што се сомневаат во нашиот успех во Пекинг (како и оние што се сомневаа во нашите успеси во Букурешт и Брисел) се предавници на македонското дело. Сите што се сомневаат дека Грците се виновни за сите наши неуспеси се грчки платеници. Не би се изненадил ако за грчки платеник се прогласи и европратеникот Ерик Мејер, кој пријателски не' потсети на „реалната состојба“: прво, дека компромис е неопходен ако сакаме во ЕУ; второ, дека во меѓувреме и Србија не' престигнала како посериозен кандидат за прием во ЕУ.
Како што врви времето, станува се' поочигледно - ако времето работи за Груевски, тоа не значи дека работи и за нас. Од каде заклучокот дека времето работи за Груевски? Да потсетиме, на 2 август тој изјави дека ќе работи и дење и ноќе ем да станеме членка на ЕУ и НАТО ем на „стратегија за стабилност и сериозен економски и демократски развоја на земјата“, доколку Грција продолжи да ни ги затвора вратите. Еве што изјави Груевски на 21 август: „Доколку Грција на долг рок не' блокира, ние имаме стратегија земјата и понатаму сериозно и силно да се развива, да биде стабилна и да има демократски и економски развој“. На 2 август Груевски немаше стратегија, ама на 21 август веќе има. Заклучок - времето дефинитивно работи за Груевски. Додека сите се одмораа и гледаа Олимпијада, Груевски успеа за само 19 дена да направи стратегија за наш „силен“ развој без ЕУ и без НАТО!
Уште еден доказ дека времето работи за Груевски е неговата способност да го врати времето назад. Како во бугарскиот виц „тази дупка не е дупка“, Груевски сега не' убедува дека напуштањето на двојната формула пред заминувањето во Букурешт воопшто не било никакво напуштање. Ниту сме отишле во Букурешт (на 2 април) со предлогот Република Македонија (Скопје) ниту, пак, Груевски ја прими наградата „Топ тен реформер“ за успесите на FYR Macedonia (на 4 јуни).
Како во филмот „Враќање во иднината“, со помош на временската машина на Паско Кузман, Груевски може да ве телетранспортира кога ќе посакате: во времето на неолитскиот Славе Македонски, во времето на Александар Велики, во времето на библиските Македонци, во времето на Самуил, во времето на Питу Гули или на Ченто.
Уште еден показател дека времето работи за Груевски е тоа што тој не го контролира само минатото туку и иднината. За спорот со името, тој знае дека „Грција ќе направи овој процес во септември да не заврши успешно и виновникот да биде Република Македонија“. Груевски знае дека „какви било стратегии и игри од страна на Грција ќе бидат контрапродуктивни за нив“, а не за нас. Груевски знае дека спорот нема да се реши „барем не до средината на идната година, до изборите за Европскиот парламент“, случајно заборавајќи да спомене дека токму дотогаш и ние треба да одржиме локални и претседателски избори. Ако изборите во 2009 се причина за нерешавање на спорот, тогаш таа причина повеќе важи за Груевски отколку за Караманлис. Накусо, пророчките аргументи му се враќаат на Груевски со „бумеранг-ефект“.
Олимпијадата заврши со маратонот, но маратонскиот спор со Грција најверојатно ќе продолжи. За танго се потребни двајца, а ниту Милошоски ниту Бакојани не се запишуваат на курс за танцување. Уморни од чекање на слепиот колосек за ЕУ, залудно се прашуваме: Кога најпосле маратонците ќе го истрчаат последниот круг? Изгледите за такво нешто се мали, додека нашиот премиер верува во слоганот - Подобро ужас без крај (за Македонија) отколку ужасен крај (за Груевски).
во 00:15 4 коментари
Како лош сон
8/20/2008Во Република Македонија се создава плодна почва за „преродба“ на фашизмот и тоталитаризмот. Груевски го користи национализмот како средство за здобивање на неограничена власт. На зборови – антикомунизам, на дело – антипарламентаризам. По освојувањето на државните институции, партијата настојува да воспостави контрола врз медиумите и граѓанското општество. Расте моќта на тајната полиција. Се поттикнува милитаристички менталитет. Се зголемува ксенофобијата, расизмот и дискриминацијата кон повеќето маргинализирани групи. Се развива култ кон чисто етничко потекло. Државата почна да ги перципира жените како машини за раѓање. Царуваат теории на конспирација. За се ни се виновни Грците и нивните лаги.
Државната пропаганда станува се повеќе инструмент за контрола на масите. Расте омразата и нетрпеливоста кон индивидуалноста и поинаквото мислење. Луѓето почнуваат да се плашат јавно да зборуваат.
во 12:53 7 коментари
Веќе видено?
Зошто имам чувство дека тоа што ни се случува сега, веќе еднаш ни се има случено во минатото? Пред две години не можев да се оттргнам од впечатокот: „Минаха години...“, а ние никако да се помрднеме од место. Истиот впечаток го имам и сега.
Пред повеќе од две години, кога не се остварија најавите на Владата за полноправно членство во НАТО во 2006 година, една министерка на СДСМ изјави: „Не гледам крупни грешки, туку крупни резултати“. Дел од „крупните резултати“ што ги гледаше само министерката со своите „розови очила“ беа: „се очекува да почнат и разговорите за целосна либерализација на визниот режим...“, кој треба да профункционира „најдоцна до почетокот на 2008 година“. И тогаш се прашував: „Какви ли се тие „постигнати извонредни резултати“ во некое идно време?“ Истото се прашувам и сега, слушајќи ги говорите на овие владини претставници.
Поконкретно, еве што се прашував во 2006 : „За какви „крупни резултати“ станува збор кога не се почнати ниту преговорите за членство во ЕУ, ниту е целосно либерализиран визниот режим ниту, пак, сме полноправна членка на НАТО?“ Истото прашање си го поставив и на 2 август оваа година, слушајќи ги фалбите на Груевски од Пелинце за „успесите“ на неговата влада: „Работата на Владата, нашите погледи и напори и понатаму ќе бидат цврсто фокусирани на остварување на сите неопходни реформи и критериуми за што поскорешна интеграција на земјата во НАТО и во Европската Унија, како и целосна либерализација на визниот режим.“
Ако добро паметам, „интегрирање на Република Македонија во ЕУ и во НАТО“ беше првиот стратешки приоритет на Владата за 2007. Ако добро паметам, и тогаш Груевски, во манирот на Тито, се фалеше дека ќе работи „и дење и ноќе“ на остварување на овој приоритет. Поминаа многу денови и ноќи, ама клучниот приоритет никако да се оствари.
По толку работа „и дење и ноќе“ за да станеме полноправна членка на НАТО и Европската Унија, Груевски пак ни порача од Пелинце: „Ќе работиме и дење и ноќе за да станеме полноправна членка на НАТО и на Европската Унија...“. Ама, чувме и нешто ново: ако „Баба Рога“ (Грција) на долг рок „ни ги затвора вратите кон посакуваната цел, ние ќе работиме и на стратегијата за стабилност и сериозен економски и демократски развој на земјата, дури и во такви услови.“
Му верувам на Груевски дека ќе си го одржи зборот. Ќе работи „и дење и ноќе“ за „Баба Рога“ да продолжи да ни ги затвора вратите кон посакуваната цел. Допрва ќе работи „и дење и ноќе“ на „стратегијата“, откако толку „успешно“ ги загуби клучните политички битки во Букурешт и во Брисел. Ќе продолжи да не' „работи“ нас и дење и ноќе, користејќи ја „борбата за националниот идентитет“ за оправдување на сопствените политички неуспеси.
Како и пред две години, Груевски повторно настапи во Собранието со речиси истата „Преродба во 100 чекори“. Сепак, тоа што лани беше прв приоритет, одеднаш се преобрази во втор приоритет, со една мала, но значајна додавка: „интеграција на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија врз основа на остварување на сите реформи и критериуми и решавање на спорот со Грција врз принципот на незагрозување на националниот идентитет“.
Но, да бидеме малку искрени и да се прашаме: Може ли да го решиме спорот со Грција „врз принципот на незагрозување на националниот идентитет“? Зарем самото учество во еден таков спор, со некрофилската дескрипција „поранешната Југословенска...“ не го наруши принципот на незагрозување на националниот идентитет? Имено, ако 15-годишното меѓународно „фиромизирање“ на Македонија досега не го загрозило нашиот национален идентитет, од каде сегашните стравувања дека заминувањето на некрофилската дескрипција во „вечните ловишта“ одеднаш ќе почне да го загрозува нашиот национален идентитет?
Официјалниот одговор на прашањето зошто „Запад не не' запишуе“ го чувме од спикерот Велјановски на Мечкин Камен: „на самитот во Букурешт не бевме поканети во НАТО, само затоа што сме Македонци и не сакаме да се откажеме од својот национален идентитет.“ Само затоа што сме Македонци, и поради ништо друго, не не' примаат во НАТО и во ЕУ? Или поради нешто сосема друго?
Политиката на Груевски се темели на виталната лага дека борбата за зачувување на уставното име е борба за зачувување на националниот идентитет. Но, и на помалку упатените познавачи на меѓународното право им е јасно дека нашата земја уште во 1993 се согласи да биде примена во ОН без уставното име. Очекувањето дека можеме да го задржиме уставното име во ОН е исто толку бесмислено колку и нашето прифаќање да влеземе во ОН како „поранешна југословенска...“. За најголем дел од Македонците признавањето под некрофилската дескрипција не значеше и откажување од националниот идентитет. Затоа, има ли смисла 15 години по свадбата се' уште да се удира по националистички тапани? Има ли смисла да се вика „Ура за европска Македонија“, а во исто време да се води ксенофобична кампања против најблискиот ЕУ сосед?
Накусо, бевме и ќе си останеме Македонци, независно каков ќе биде исходот од меѓународниот спор со Грција, ЕУ, НАТО и ОН. Независно од националистичкото трубење дека „Ниту една политичка елита нема право да се ценка или да прави компромиси со македонскиот национален идентитет“ (Велјановски на Мечкин Камен).
Дали тоа значи дека некоја политичка елита има право да се ценка или да прави компромиси со интеграцијата во ЕУ како наш стратешки приоритет? Дали тоа значи дека некоја политичка елита има право да го злоупотребува македонскиот национален идентитет за остварување на политички или лукративни цели?
Национализмот и ксенофобијата на Балканот се нешто „веќе видено“. Џабе викаме „Ура за европска Македонија“ кога истовремено ги влошуваме односите со нашите ЕУ-соседи.
во 01:42 4 коментари
Олимпијада - стоп!
8/13/2008„Тивкиот“ бојкот на Олимписките игри добива епски размери: Зошто претседателот не отиде на Олимписките игри? - Затоа што аболицијата и амнестијата не се олимписки дисциплини.Зошто собранискиот спикер не отиде на Олимписките игри? - Затоа што носењето закони со „брзи прсти“ не е олимписка дисциплина. Зошто премиерот не отиде на Олимписките игри? „Злобниците“ велат, таму немало дисциплина падни-стани во 100 чекори. Други, пак, проникливо забележаа - затоа што не му било важно да учествува, туку само да победува (ама на домашен терен).
Штета што нашите водачи не отидоа на Олимписките игри. Ја изневерија многувековната традиција. Познато е дека уште античко-македонските водачи учествувале на Олимписките игри, и тоа како натпреварувачи. Уште Александар I Македонски, наречен Филхелен (во наш превод „гркофил“), учествувал на хеленските Олимписки игри кои биле забранети за варварите (вклучително и за Македонците). За да учествува, морал не само да го декларира туку и да го докаже грчкото потекло. Дури откако специјалниот олимписки суд од „Еленодики“ потврдил дека кандидатот за натпреварувач е Грк, на предокот на Александар Велики му било дозволено да се натпреварува. (Ако ме лаже Херодот, ве лажам и јас.)
Исто така, познато е и дека мајката на Александар Велики била наречена Олимпија како признание за победата на Филип II на олимписките игри. Прочуениот историски фалсификатор Николас Мартис, министер за Северна Грција од 1974-1981 (кој сега лажно се опишува како „поранешен министер на Македонија-Тракија“), објавува список со сите Македонци што учествувале на олимпијадите во Олимпија, опишувајќи го нивното учество како „придонес кон грчкото културно наследство“.
Станува ли сега појасно зошто никој од нашите водачи не отиде на Олимписките игри? Нашите мудри водачи не сакаа да ја продолжат вековната гркофилска традиција и да придонесуваат кон грчкото културно наследство. Станува ли појасно зошто (Пан)Дора Бакојани успеа да стави уште едно вето на нашето уставно име на Олимписките игри? Затоа што и денешните учесници на Олимписките игри се или Грци или гркофили.
За да не ни се случи уште еден национален олимписки срам како учеството во Пекинг, предлагам нашата мудра влада да преземе итни мерки за одбрана на нашето уставно име и нашиот национален идентитет.
Како прво, Груевски да испрати уште едно писмо до Бан Ки-мун, во кое ќе го извести дека македонските политичари ќе ги бојкотираат Игрите се' додека се нарекуваат „олимписки“, затоа што промовираат култура заснована на ксенофобија (поделба на Грци и омразени „варвари“) и дискриминација (исклучување на сите што не можеле да го докажат своето елинско потекло).
Како второ, нашиот премиер да испрати писмо до претседателот на МОК, во кое ќе го извести дека македонските спортисти ќе ги бојкотираат следните олимпијади, се' додека не се реши меѓународниот спор со името на Игрите. Имено, за нас употребата на зборот „олимписки“ ќе биде спорна се' додека се фаворизира една шовинистичка историја и ксенофобична култура на сметка на другите.
Како трето, Груевски да испрати уште едно писмо до генералниот секретар на НАТО, со кое ќе го убеди дека треба да се забрани дури и употребата на изразот „Олимписки игри“ од страна на Грците, затоа што таквата употреба имплицира територијални претензии кон Република Македонија и го загрозува македонскиот национален идентитет. Употребата на зборот „олимписки“ ќе биде спорна се' додека грчките националисти ја крадат нашата историја, претставувајќи ги античките Македонци како Грци, и додека го опишуваат античко-македонскиот олимпизам како „придонес кон грчкото културно наследство“.
Груевски треба пак да му пише и на Баросо за да го потсети дека понатамошната употреба на зборот „олимписки“ го загрозува не само македонското малцинство во Грција туку и правата на Македонците, протерани за време на Граѓанската војна. Жртвите на етничко чистење не може да се вратат во своите домови токму поради грчката „олимписка“ регулатива од 1982, која овозможи враќање само на лицата со грчко потекло.
Бездруго, Груевски треба да му испрати и дополнително писмо на Метју Нимиц. Во пакет со името, не треба да се решава само прашањето на употреба на зборот „македонски“, туку и на зборот „олимписки“. Може во ист пакет - или во истата (Пан)дорина кутија - со непризнавањето на МПЦ. Во меѓувреме, не е лошо МПЦ да ги проколне Игрите како пагански адети. Тогаш Груевски ќе може да го потсети Метју Нимиц дека откако императорот Теодосиј I го прогласил христијанството за официјална религија на империјата во 393 г., Олимписките игри биле забранети како „пагански фестивал“. Да видиме која црква тогаш ќе биде расколничка?
Дури не се реши меѓународниот спор со т.н. „олимписки игри“, предлагам да ги возобновиме „Македонските контраолимписки игри“. Нив ги основал „варваринот“ Архелај во Дион, затоа што не му било дозволено како странец да учествува на „грчката олимпијада“. Тоа што Дион не се наоѓа во нашите граници, не е никаква пречка. Нели, откако СПЦ (како филијала на ГПЦ) ни забрани влез во манастирот „Прохор Пчињски“, ние си изградивме нов меморијал на АСНОМ - Пелинце (нагалено: „елинце-пелинце“). Нели е крајно време да си изградиме и меморијал на „Дион“ во слава на „Македонските контраолимписки игри“?
во 00:29 2 коментари
Егејска салата?
8/07/2008До вчера, како турист, бев речиси убеден дека во Охрид не се случува ништо ново (освен астрономските цени). Но, изненадувањата напаѓаат кога најмалку ги очекуваш. „Што чудо ќе да е сега ова?“, гласно извикнав, откако во менито на една охридска кафеана забележав гастрономски новитет во одделот „салати“. Без двоумење, веднаш порачав: „Дајте ми една егејска салата!“.
По неколку минути келнерката ја донесе салатата. Уште по првиот поглед - чуденки. Салатата ми изгледаше ептен познато. „Извинете, ве молам, ама која е разликата помеѓу егејска салата и грчка салата?“, љубезно прашав. „Немат разлика“, добив уште пољубезен одговор. „Уште нешто... А од кога оваа салата ја нарекувате егејска?“ Одговорот на келнерката беше бескомпромисен: „Од сега!“
Дури откако почнав да ја јадам салатата сфатив дека во Охрид не е се' исто како и лани. Можеби составот на грчката и егејската салата е ист, ама егејската салата е неспоредливо повкусна од грчката. А откако стомакот се насити, чуденките не престануваа да се мрестат во мојата глава, небаре „прачовечки“ охридски пастрмки: Какви последици за нашиот идентитет ќе има постоењето ем на македонска ем на егејска салата во нашите кафеани? Што ако, покрај „Егејците“ и „Пиринците“ и „Вардарците“ посакаат да си имаат посебна салата? Дали на македонскиот туристички пазар ќе се јави и потреба од „големомакедонска салата“?
И досега, брендот „македонска салата“ ми создаваше непремостливи проблеми, кога залудно се обидував да ја доловам македонштината упорно нарачувајќи патриотска салата во секоја нова кафеана. По стотина изедени македонски салати, ми се наметна следниов заклучок: Секое македонско село и секоја кафеана си има своја македонска салата!
Најчесто, македонската салата се разликува од „шопската“ по тоа што нема рендано сиренце и има испечена, наместо жива пиперка. Но, и тоа не е случај секаде. Пред некој ден, во Крушево јадев мошне оригинална македонска салата со неисечкана печена пиперка, во која немаше никаков контакт помеѓу составните елементи (парчињата краставица, домати и цели печени пиперки). Вчера пак, во Преспа, јадев македонска салата со исечкани и измешани домати, кромид и неиспечени пиперки, но без краставици! Имам јадено и македонски салати со маслинка, но и со други зелени додатоци и зачини покрај стандардните.
Браќа, сестри и мили комшии, ваквите „македонски состојби“, нашата разединетост во поглед на толкувањето на „македонската салата“ нема да не' одведе никаде, најмалку во ЕУ. Ако сакаме во ЕУ мора прво да ја стандардизираме македонската салата и јасно да го дефинираме националниот рецепт. Дури потоа ќе следува борбата за меѓународно признавање на македонската, а особено на егејската салата.
Како прво, нашата преродбеничка влада мора итно да ги заштити овие национални брендови и да не дозволи меѓународна употреба на изразот „македонска салата“, освен за стандардизираниот национален рецепт. Има само една вистина. Има само една Македонија. Има само една македонска салата.
Како второ, не е лошо владата да почне со меѓународна кампања (на Си-ен-ен и во другите ТВ и печатени медиуми) за афирмација на македонската салата и за разбивање на предрасудите за нејзиниот состав и начин на подготовка. „Македонска салата“ не е овошна салата (прочуената салата што ја прават Италијанците), ниту салата од зеленчук прелиена со мајонез (според францускиот рецепт). Светот мора да разбере дека македонската салата е мултикултурна зеленчукова салата во која секој исечкан зеленчук го задржува својот оригинален вкус иако е помешан со другите. Светот мора да разбере дека нема друга „македонска салата“ освен нашата. Мора да ги убедиме и дека таа не е грчки рецепт. Она што Грците го нарекуваат „македонска салата“ (со два вида зелка и маслиново масло) воопшто не е мултикултурната „македонска салата“. Не дека во Македонија нема зелки (на пример, нашите народни платеници во парламентот), ама зелките не ни се препознатлив национален симбол, туку печените пиперки.
Како трето, мора да воспоставиме јасна дистинкција помеѓу „македонска салата“ и „големмакедонска салата“. Само така ќе го зачуваме нашиот идентитет, без да ја жртвуваме идејата за обединета Македонија како дел од нашата митологија. Ако „грчката салата“ толку лесно можеше да стане „егејска салата“, зошто тогаш и „шопската салата“ да не стане „пиринска салата“? Големомакедонската салата се служи исклучиво во голема чинија поделена на три дела, во која има јасни граници помеѓу „егејската салата“, „пиринската салата“ и „вардарската салата“. Кога ќе се изедат трите дела, на дното на македонската чинија се врежани стиховите: „Делете ја, парчете ја, пак ќе биде наша најмила“. Пожелно е да има и предупредување, напишано со поситни букви: „Македонските чинии не се кршат од ѕид“.
Ако македонската салата е симбол на нашата „мултикултура“, големомакедонската салата може да стане симбол на нашата митологија (на нашето библиско „свето тројство“), а егејската салата - служена одделно - симбол на нашиот непокор! Навистина, крајно време е македонскиот народ да се свести и разбуди. Колку ли време беше со идеја дека салатата била грчка, а таа ти била егејска. Борбата за зачувување на нашиот идентитет не може да се замисли без збогатување на македонското мени. Затоа, во следната македонска кафеана ќе побарам античкомакедонска салата. Омилената салата на Хунзите.
во 19:29 7 коментари
Мојот список со блогови
-
„Ју Ту“ (U2), Ед Ширан и Тарас Тополиа објавија песна посветена на украинските бранители - [image: Кадар од спотот на „Ју ту“ - „Вечно твој/а“] Ирската рок-група „Ју Ту“ (U2) и украинскиот режисер Иља Михајлус објавија краток документарен фил...Пред 7 месеци
-
-
Hello world! - Welcome to WordPress. This is your first post. Edit or delete it, then start writing!Пред 1 година
-
Чипирање - чипиани идиоти ... - Пеоцесот на чипирање е одамна започнат. На чипирање сме осудени кога вадиме било кој личен документ кој мора да го носиме со себе - лична карта, пасош, к...Пред 5 години
-
РЕШЕРИЕТО И ЖРЛБРТР- Во прилог е решението Ñ Ð¾ кое Ñ Ðµ Ð¿Ñ€Ð¾Ð³Ð»Ð°Ñ ÑƒÐ²Ð°Ð¼ за виновна за Ñ Ñ‚Ð¾Ñ€ÐµÐ½ прекршок и мојата жа...Пред 7 години
-
-
Изјава за BBC - Додека странските дипломати навистина можат да извршат влијание врз домашните политичари, не смее да се заборават неколку работи: прво, дека тие се водат п...Пред 15 години
-
Музика со леден швепс и со лимон - Некои бендови се осудени да прават одлична поп-музика, но никогаш да не станат суперѕвезди. Сепак, тоа не значи дека не свират супермузика, дека немаат су...Пред 17 години
-
-
-
-
-
-
>> <<
Text
Archive
Етикети
- веронаука (1)
- демократија (1)
- Европска конвенција за човекови права (1)
- Закон за лустрација (1)
- лустрација (1)
- Македонија (1)
- човекови права (3)
Recent Post
Category
- веронаука (1)
- демократија (1)
- Европска конвенција за човекови права (1)
- Закон за лустрација (1)
- лустрација (1)
- Македонија (1)
- човекови права (3)
Footer Widget 1
Footer Widget 3
Blogger Tricks
Blogger Themes
Catwidget4
Comments
topads
Footer Widget 2
Популарни објави
-
(До Коља and Co. Unlimited) Значи така, темите што ги мигрираше ASN за етнонационализмот, граѓанскиот национализам, идентитетот, Македонија...
-
Барање за помилување на лицето Јован Вранишковски Почитуван Претседателу, Имајќи го предвид чл. 11 од Законот за помилување, според кој Прет...
-
11 Октомври – „Денот на народното востание“ го славевме како еден од трите државни празници на Република Македонија, покрај Денот на републи...
-
„Жарко, те молам да ми објасниш како се признава еден народ од друга држава?“ („ Жарко, моля те обясни ми как се признава един народ от друг...
-
Во опширните коментари на мојот пост Автогол , посветен на колумната на Букарски , ја направив следнава дигресија: „(Еднаш кога ми објавија...
-
Само што прочитав во текстот во „Време“ („Милениумска срамота“) дека крстот на Водно е висок 66 метри?!? Ти-ну, ни-ну, ти-ну, ни-ну...
-
И малите деца знаат дека акцијата на МВР против т.н. „криминално екстремистичка група“ е класичен спин кој треба да го сврти вниманието на ј...
-
Од еден од моите коментатори го добив следниов мејл: „Жарко, еве ти материјал за пост за цензура. Се состои од два избришани коментари кај А...
-
Tyler Brûlé, колумнистот на престижните Financial Times (каде што милува да се рекламира нашата влада), смета дека рекламирањето на национал...
-
Времето беше прекрасно за шетање вечерва. Воздухот чист и влажен, а температурата идеална. Одејќи по улицата од „Идадија“ накај „Апче“, не...
Популарни објави
-
(До Коља and Co. Unlimited) Значи така, темите што ги мигрираше ASN за етнонационализмот, граѓанскиот национализам, идентитетот, Македонија...
-
Барање за помилување на лицето Јован Вранишковски Почитуван Претседателу, Имајќи го предвид чл. 11 од Законот за помилување, според кој Прет...
-
11 Октомври – „Денот на народното востание“ го славевме како еден од трите државни празници на Република Македонија, покрај Денот на републи...
-
„Жарко, те молам да ми објасниш како се признава еден народ од друга држава?“ („ Жарко, моля те обясни ми как се признава един народ от друг...
-
Во опширните коментари на мојот пост Автогол , посветен на колумната на Букарски , ја направив следнава дигресија: „(Еднаш кога ми објавија...
-
Само што прочитав во текстот во „Време“ („Милениумска срамота“) дека крстот на Водно е висок 66 метри?!? Ти-ну, ни-ну, ти-ну, ни-ну...
-
И малите деца знаат дека акцијата на МВР против т.н. „криминално екстремистичка група“ е класичен спин кој треба да го сврти вниманието на ј...
-
Од еден од моите коментатори го добив следниов мејл: „Жарко, еве ти материјал за пост за цензура. Се состои од два избришани коментари кај А...
-
Tyler Brûlé, колумнистот на престижните Financial Times (каде што милува да се рекламира нашата влада), смета дека рекламирањето на национал...
-
Времето беше прекрасно за шетање вечерва. Воздухот чист и влажен, а температурата идеална. Одејќи по улицата од „Идадија“ накај „Апче“, не...
Popular Posts this month
-
(До Коља and Co. Unlimited) Значи така, темите што ги мигрираше ASN за етнонационализмот, граѓанскиот национализам, идентитетот, Македонија...
-
Барање за помилување на лицето Јован Вранишковски Почитуван Претседателу, Имајќи го предвид чл. 11 од Законот за помилување, според кој Прет...
-
11 Октомври – „Денот на народното востание“ го славевме како еден од трите државни празници на Република Македонија, покрај Денот на републи...
-
„Жарко, те молам да ми објасниш како се признава еден народ од друга држава?“ („ Жарко, моля те обясни ми как се признава един народ от друг...
-
Во опширните коментари на мојот пост Автогол , посветен на колумната на Букарски , ја направив следнава дигресија: „(Еднаш кога ми објавија...
-
Само што прочитав во текстот во „Време“ („Милениумска срамота“) дека крстот на Водно е висок 66 метри?!? Ти-ну, ни-ну, ти-ну, ни-ну...
-
И малите деца знаат дека акцијата на МВР против т.н. „криминално екстремистичка група“ е класичен спин кој треба да го сврти вниманието на ј...
-
Од еден од моите коментатори го добив следниов мејл: „Жарко, еве ти материјал за пост за цензура. Се состои од два избришани коментари кај А...
-
Tyler Brûlé, колумнистот на престижните Financial Times (каде што милува да се рекламира нашата влада), смета дека рекламирањето на национал...
-
Времето беше прекрасно за шетање вечерва. Воздухот чист и влажен, а температурата идеална. Одејќи по улицата од „Идадија“ накај „Апче“, не...
Popular Posts this week
-
(До Коља and Co. Unlimited) Значи така, темите што ги мигрираше ASN за етнонационализмот, граѓанскиот национализам, идентитетот, Македонија...
-
Барање за помилување на лицето Јован Вранишковски Почитуван Претседателу, Имајќи го предвид чл. 11 од Законот за помилување, според кој Прет...
-
11 Октомври – „Денот на народното востание“ го славевме како еден од трите државни празници на Република Македонија, покрај Денот на републи...
-
„Жарко, те молам да ми објасниш како се признава еден народ од друга држава?“ („ Жарко, моля те обясни ми как се признава един народ от друг...
-
Во опширните коментари на мојот пост Автогол , посветен на колумната на Букарски , ја направив следнава дигресија: „(Еднаш кога ми објавија...
-
Само што прочитав во текстот во „Време“ („Милениумска срамота“) дека крстот на Водно е висок 66 метри?!? Ти-ну, ни-ну, ти-ну, ни-ну...
-
И малите деца знаат дека акцијата на МВР против т.н. „криминално екстремистичка група“ е класичен спин кој треба да го сврти вниманието на ј...
-
Од еден од моите коментатори го добив следниов мејл: „Жарко, еве ти материјал за пост за цензура. Се состои од два избришани коментари кај А...
-
Tyler Brûlé, колумнистот на престижните Financial Times (каде што милува да се рекламира нашата влада), смета дека рекламирањето на национал...
-
Времето беше прекрасно за шетање вечерва. Воздухот чист и влажен, а температурата идеална. Одејќи по улицата од „Идадија“ накај „Апче“, не...