Ѕвездени ЕУ-патеки

9/10/2008

Годините си врват, а интеграцијата не ни врви.
Прва година помина, Македонија кандидат остана.
Втора година помина, визи не ни укинаа.
Еве, и трета година помина, а преговори не отпочнаа.
Зошто ли, зошто остана, Македонија неинтегрирана?
Зар влезот наш в ЕУ е сал пуста желба народна?
Да не се залажуваме. Нит Грци ни се виновни нит евроскептици. Остануваме неинтегрирани заради евронаглувите. Македонија не е жртва на евроскептицизмот, туку на евронаглувизмот! Пораките од ЕУ никако да стигнат до нашите уши. Во ретки случаи, ако влезат во едното уво, набргу излегуваат од другото.
Ете, неодамна, оние што имаа уши повторно можеа да чујат, а и да разберат, за нашите сериозни проблеми со политичкиот слух во комуникацијата со Брисел. Оние што имаа уши, можеа да ја чујат изразената загриженост на Оли Рен за нашите неодамнешни политички настани. Оли Рен, небаре капетан на „Ентерпрајс“, со наједноставен јазик ни ги соопшти условите за побрзо интегрирање во „федерацијата“ што му ги повторил на Боцевски: исполнување на добро познатите Копенхашки критериуми, политичка стабилност, правилно функционирање на демократските институции, зајакнување на политичкиот дијалог, создавање услови за идни слободни избори и „натамошни супстанцијални напори“ за исполнување на осумте „репери“. Што се однесува до „реперите“, Оли Рен не' потсети дека се „суштински услови“ за создавање европско општество и дека сме направиле „некаков прогрес во извесни подрачја“, илустрирајќи го со позитивни примери од реформите во правосудството и во полицијата. Исто така, комесарот го поздрави „добриот прогрес“ во однос на условите за либерализирањето на визите, изразувајќи надеж дека тоа ќе стане реалност, откако нашата Влада ќе ги исполни безбедносните услови, за што е потребно вложување „силни напори“.
Меѓутоа, по обраќањето на Боцевски добив впечаток како ушите да му биле под кирија за време на „блиската средба од трет вид“ со комесарот за проширување. Небаре портпарол за време на изборна кампања, Боцевски информираше дека „Македонија ги исполни критериумите за либерализација на визите“, наспроти надежта на комесарот дека уште многу ќе сработиме на тој план. Потоа, тој се пофали дека Македонија исполнила „околу 75 отсто“ од реперите, и дека останатите 25 отсто се во фаза на исполнување. Остана неизвесно: дали нашиот прв „интегративец“ ја чу препораката на комесарот дека се потребни „натамошни супстанцијални напори“ за исполнување на осумте клучни приоритети?
И нашиот премиер почна да се однесува како лидер на изолирана планета на рабовите на цивилизацијата, кој нема слух за (пре)пораките од „федерацијата“. Наместо брзи пруги кон нашата ЕУ-иднина, премиерот продолжува да гради понтонски мостови кон минатото. Во неделата, во улога на кустос на „Музејот на македонската борба и на жртвите на комунизмот“, ја обнароди поразителната „музејска“ вистина дека „не може да се очекува Македонија да добие датум за преговори годинава“. Демек, ноемврискиот извештај на ЕУ немало да зависи од нашето исполнување на „реперите“, туку од тоа како „Баба Рога“ - „Грција ќе ги среди работите во Брисел“. На денот на независноста, во улога на промотор на последното чудо на вмровската технологија - лифтот на „верската атракција“ и „симболот на нашето православно опстојување“ премиерот навести вечен опстанок и развој на нашата библиска земја.
Преку (ре)конструкција на историски и религиозни паметници, премиерот божем промовира култура на „долго паметење“, а всушност се обидува да го замаскира сопственото „кратко паметење“. Да се потсетиме: Уште на почетокот на 2008, Груевски изјавуваше дека не планира предвремени избори и дека е фокусиран на остварувањето на клучните приоритети - поканата за НАТО и преговорите со ЕУ. По македонскиот дебакл во Букурешт, не' убедуваше дека предвремените избори нема да го забават, туку ќе го забрзаат процесот на евроинтеграција. И по изборната победа на катастрофалните избори, на Груевски не му се брзаше да формира влада и да работи на остварување на реперите. Откако летото заврши, штурчето почна да им пее нова песна на мравките: сега не' уверува дека евроинтеграцијата не е пресудна за нашата светла иднина и за неговата вечна „преродба во 100 чекори“. Не би ме изненадило ако од утре ја подзасили отворената кампања против ЕУ преку своите медиумски мегафони, инстант-интелектуалци, пропагандни тинк-тенкови, еднократни невладини организации и вработените во „Препород“- Идризово. Груевски е толку добар глумец што може и да ги убеди луѓето дека е македонскиот Жан-Лук Пикар - чуварот на македонскиот идентитет од наездата на Клингонците и ЕУ-боргите, препознатливи по застрашувачкиот слоган: „Ќе бидете интегрирани. Отпорот е залуден“. Ако вештината на политиката се состои во тоа најголемиот пораз да го претставиш како национална победа, тогаш мора да се признае дека командантот на ѕвездената флота на ВМРО-ДПМНЕ е мошне вешт политичар.
Накусо, ако нашите аспирации кон ЕУ не се само обична сценска глума, тогаш мора да престанеме да испраќаме контрадикторни пораки до „федерацијата“. Со нашето знаме им сигнализираме дека „И Сонцето е ѕвезда“, а со постојаното покажување на грбот како да ги потсетуваме на времето кога „И црвената петокрака беше ѕвезда“.
Трнлив е „најдолгиот пат“ до ЕУ-ѕвездите и тешко се изодува без изграден политички консензус за клучните приоритети. Ако и Сонцето е ѕвезда, тогаш мора конечно и ние да запловиме по ѕвездените ЕУ-патеки. И тоа со „ворп-брзина“!

12 коментари:

Анонимен рече...

Яко!

Анонимен рече...

Грците не се виновни?! Па добро бре мајку му стара, барем вложи поголем труд, да не се познава до толку кој ти ги плаќа текстовиве...

SaskoM рече...

Priznaj, pizda ti materina, koj ti gi plakja tekstovite!!! :-)))
Abe epten me iznasmea ovoj anonimniov detektiv, inaku ke bese - 'solzi sami tecat prosti mi' po tvojov kako i obicno pravo-u-glava-na-klinecot tekst.

Анонимен рече...

Zharcko, a spored tebe shto trebashe da napravime pred Bukuresht?

Анонимен рече...

А што си ми ти „јавен“ sasko...

Па зарем никој од вас не гледа ништо погрешно во изјавата дека грците не се виновни???!?! Тогаш кој е виновен? Можеби Г(р)уевски самиот барал да не бидеме поканети во НАТО со спорот како изговор? Да може слободно да продолжи со деспотизмот? Колку и да ви е антипатичен Груевски и целото тоа друштво, изјави од овој тип едноставно НЕ СМЕЕ да се даваат! Колку и да е тешко за некои работи МОРА да му оддолееме на искушението да се покажеме како мангупи или фраери во јавноста!

Unknown рече...

Дури и најнеупатените во политиката можат да соберат 2 + 2 и да заклучат дека Грците не можат да ни бидат виновни затоа што не сме ги исполниле 8-те репери.
Мешањето на НАТО и ЕУ е уште една почетничка грешка.
Што требаше да направиме пред Букурешт?
Малце би го преформулирал прашањето.
Што требаше да направиме уште после приемот во ОН во 1993 г.?
Да воведеме мерки за воспоставување на пријателски односи со Грција како земја преку која сме органски поврзани со ЕУ.
Уште во 1993 ја загубивме меѓународната битка за „сонцето од Кутлеш“, а во меѓународната политика нема ништо побесмислено од повторно водење на битки што веќе си ги загубил.

Анонимен рече...

За тоа дали сме ги исполниле критериумите мислам дека е прерано да се збори, иако можеби е јасно што ќе се случи на тој план. Но како на некој што воопшто не му е тешко да ја предвидува (евроатланската) иднина на Македонија сигурно мора да се сложиш дека дури и да ги исполневме сите можни критериуми до максимум повторно ќе ни се случеше Букурешт. Дури може и полошо да биде зашто сепак во НАТО имаме повеќе сојузници што се на наша страна отколку во ЕУ.
Споменување на Грција во позитивна (за нив) конотација (а факт е дека ова е позитивна конотација за нивната кауза) е ПОСЛЕДНО што ни треба во ова време. Но добро, очигледно на некој му одговара да има вакви поединци кај нас и сигурно добро го плаќа тоа...

Unknown рече...

Како што гледам, логиката - „Ако не размислуваш како Груевски, тогаш си странски платеник“, почна да функционира.
А што пак да се каже за логиката „да имаше баба...“:
„дури и да ги исполневме сите можни критериуми до максимум повторно ќе ни се случеше Букурешт“.
Ако е така, тогаш Груевски после Букурешт требаше јавно да соопшти:
„Намерно не ги исполнуваме осумте репери, за да не ни се случи нов Букурешт“.
Зошто едноставно не ги прекине преговорите за името?
Зошто нашите министри одат во Брисел, за Оли Рен понижувачки да ги нарекува министри на „the Former Yugoslav Republic of Macedonia“?

Анонимен рече...

Како што гледам логиката „ако не размислуваш ко мене и Европа значи си за Груевски“ почна да функционира. Тажно е што на вакви карактери ко тебе, кои ама по ништо не се разликуваат од остатокот од племето кое функционира на автопилот, им се дава медиум за исполнување на своите его трипови*. Но добро, сепак не си само ти крив за катастрофално лошата постава на колумнисти во Дневник. Кога ќе се сетам какви се имиња пишуваа на времето а сега се се сведува на некои анонимуси и потрошени партиски војници...
Мене во суштина и не ми е гајле кој си и што пишуваш зашто текстовите веќе и не ти ги читам. Но сосема случајно во последната колумна ја прочитав реченицата каде што викаш дека грците не се виновни и тоа толку ме разбесни што морав да изреагирам. Тажно е ако не гледаш ништо погрешно во таа изјава. Семантиката никогаш не смее да биде пред патриотизмот!

* Да, племето со поголем процент застанало позади Груевски, ти си авантгарден, критичен, опозиционер,... браво.

Unknown рече...

Пријателе, и повеќе од очигледно е дека не си го прочитал текстот.
Туку, ајде, уште еднаш да те прашам: Дали Грците се виновни што имаше пукања и убиства на изборите? Дали Грците се виновни за партизираните институции? Дали Грците се виновни за лошата кохабитација? Дали Грците се виновни што човековите права се газат во име на борба против корупцијата? Дали Грците се виновни што ЕУ агендата не е политички приоритет на оваа и минатата влада?

Анонимен рече...

Да не речеш дека е ова платен напад против тебе и твојата личност, сосема се сложувам со наведените примери на автодеструкција, но „пријателе“, можеш да се переш колку сакаш но лошиот избор на зборови не можеш да го испереш! Во денешно време со Грција таква каква што е, со нејзиниот однос таков каков што е да се спомне „Грција не ни е виновна“ во БИЛО КАКОВ КОНТЕКСТ е СРАМОТА, да не употребам поинаков и попатетичен (барем според таквите ко тебе) збор. Во целава еуфорија на популарност на нападите кон ликот и делото на Груевски (значи лично кон него не кон неговата партија или недај боже кон другите партии на власта) се заборава на најосновната пристојност и едноставно се е дозволено па дури и јавното рехабилитирање на Грција. И после чуди се зошто викаат дека вие „експертите“ сте на некои платни списоци...
Сериозно се размислувам да престанам да купувам Дневник во среда само и исклучиво ради твојата колумна. Па толку нема што друго да се збори во земјава освен таа проклета Европа и тоа проклето име и тој проклет Груевски?! Никој од господата колумнисти-„експерти“ не зуцна ни збор кога Црвенковски јавно се изјасни дека до крај на претседателскиот мандат ќе функционира како лидер на СДСМ во сенка!! Ви се молам! Каква објективност какви глупости. Кој давај повеќе добива текст, државата и народот не се битни!

Анонимен рече...

Ја пак купувам дневник само во среда:)
Z сосема е нормално критички да се пишува повеќе за власта. Па таа е на Власт нели, таа ги носи законите, таа преговара за ЕУ, таа го креира животот во земјава. Покрај другото денес потврда имаш и од Фуере. Сепак можеби си во право дека Грција е виновникот. Имено, Груевски како ги влече потезите повеќе ми личи дека е грчки платеник.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week