Веќе 15 години нашата држава се одѕива на две имиња - уставното и „привременото“. При конституирањето во 1944 се изведуваа две химни. Две химни се интонираа и на конституирањето на првото повеќепартиско Собрание во 1991. Славиме два национални празника и три Илиндени. На јавните манифестации се веат различни национални знамиња. Веќе укажав дека јавното прославување со повеќе „национални“ македонски знамиња може да се толкува како симптом за идентитетска криза на нацијата, како симптом за „нарушување на повеќекратна личност“.
Деновиве, продолжуваме да манифестираме уште поизразени симптоми на „повеќекратна личност“, како во внатрешната, така и во надворешната политика. Премиерот и претседателот на Република Македонија почнаа да се однесуваат како политички идентитети на засебни државни ентитети. Обајцата ја претставуваат Република Македонија, но како различни субјекти. Како да имаат сосем независна и самостојна перцепција, претстава и размисла во однос на политичкото минато, сегашноста и иднината на државата.
Си спомнувам, кога „психијатрите“ од ЕУ ни дијагностицираа недостаток на консензус и политички дијалог, некои реагираа токму како пациентот со „повеќекратна личност“: „Докторите велат дека имам повеќекратна личност, но ние не се согласуваме со тоа“. Паметам, кога го критикуваше извештајот на ЕУ за прогресот во 2006, Боцевски тврдеше дека кај нас има политички дијалог и дека Македонија треба да побара дообјаснување од ЕУ што подразбираат под „политички дијалог“. Во една пригода, Груевски ја прогласи за погрешна тезата дека нема политички дијалог, укажувајќи дека политички дијалог има во парламентот. И како вицепремиер, Боцевски продолжи да ги минимизира забелешките на евроамбасадорот Ерван Фуере во однос на недостигот од политички дијалог, лоцирајќи го недостигот исклучително во Собранието.
Затоа, една од првите демократски лекции што ни ги одржа Фуере на почетокот на учебната година е дека политичкиот дијалог не подразбира само воздржување од бојкот на институциите на системот. По којзнае кој пат тој укажа дека политичкиот дијалог е неопходен за обезбедување натпартиски консензус за сите прашања поврзани со процесот на евроинтеграции. Според Фуере, не станува збор само за дијалог помеѓу партиите туку и со другите сектори во општеството, особено со граѓанското општество, кое честопати воопшто и не беше консултирано при „штанцањето“ на законите.
По наглувистичките реакции на нашите политичари, и европарламентарците почнаа да не' потсетуваат дека во ЕК сите одлуки се носат со консензус до кој се доаѓа преку политички дијалог и усогласување. И од Брисел се гледа дека тука нема политичка клима на меѓусебна доверба и соработка, неопходна за дијалог и градење консензус. Наместо затоплување на односите, нашите политички лидери влегоа во „лоша бесконечност“ од меѓусебни обвинувања и престрелки, со поттекст - кој е вистински Македонец, а кој предавник на националните интереси.
Дури и по загрижувачките предупредувања на Рен дека недоволно цврстиот политички дијалог продолжува да продуцира политичка нестабилност, премиерот и претседателот не вложија дополнителни напори за усогласување на државните ставови. Останавме без изграден консензус и за едно од клучните прашања во нашата надворешна политика - спорот со Грција. Така, наместо да манифестираат единствен политички субјект кој ќе го застапува постигнатиот национален консензус во преговорите, нашите главни политички претставници создаваат имиџ за Република Македонија како земја претставувана од „Доктор Џекил и Мистер Хајд“.
Нарушувањето на повеќекратна личност е идентитетско нарушување, и третманот обично се состои во „реконектирање“ на идентитетите на засебните алтер ега во единствен функционален идентитет. Во моментов, како да има две дисконектирани републики - СДСМ-овска Македонија и ВМРО-вска Македонија, кои можат да се добијат на два различни броја. Напати, Македонија се однесува како познатиот пациент со две дисконектирани хемисфери кој истовремено, со левата рака ја гушкал саканата, а со десната ја туркал со намера да ја отфрли.
Нереални се нашите очекувања дека ќе го подигнеме нивото на политички дијалог со ЕУ и Грција, без претходно да го подигнеме нивото на политички дијалог во Македонија. Такво нешто не е можно ако со едната рака го гушкаме политичкиот дијалог, а со другата го отфрламе. Препораката на Фуере дека „не може да има никакво оправдание за отфрлање на дијалогот“ треба симултано да се почитува од обете политички „хемисфери“. Колку за споредба, независно од жестината на претседателската кампања во САД, и Обама и Мекејн апелираа на подигнување на нивото на политички дијалог. Мекејн дури и потенцираше: „...ќе ги третирам моите противници со респект и ќе барам и тие да ме третираат со респект“.
Меѓусебното почитување е предуслов како за политички дијалог, така и за „фузирање“ на идентитетите на засебните алтер ега во единствен функционален идентитет. По фазата на негација на симптомите, и по долги и макотрпните сеанси на тема „политички дијалог“, преминавме на декларативно афирмирање на политичкиот дијалог. Сега, на прашањето „Дали се чувствуваш излекуван?“, пациентот Македонија експресно одговара „Апсолутно. Ние никогаш не сме се чувствувале подобро.“
Вистинското закрепнување од политичките трауми од идентитетското нарушување ќе настапи дури кога ќе се надмине расколот помеѓу СДСМ-овската и ВМРО-вската Македонија и лажната дилема „или ве-ме-ро или ес-де-ес“! Нема да бидеме повеќекратна личност кога ќе престанеме да се одѕиваме на две имиња и ќе постигнеме натпартиски консензус за веење едно национално знаме, прославување еден национален празник и повеќегласно пеење на една национална химна.
Мал мултимедијален водич за референците од стрипот „Стармен: Годините на
Дејвид Боуви како Зиги Стардаст“
-
Насловната страница на стрипот
„Стармен: Годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст“
На 8 јануари, по повод роденденот на Дејвид Боуви (1946-2016) напиш...
Пред 1 година
4 коментари:
можеби кај луѓето "повеќекратна личност" е негативна појава.. но не значи дека и кај државата
генијално
Нимиц одлучи - преговорите се за името, не за идентитетот. Ајде сега да ве видиме „експерти“!
Ништо ново од Нимиц, кој на 13.08.2008 изјави: „Мојот мандат е за проблемот со името. Постојат и други прашања и решавањето на главниот проблем со името, може да биде во правец на решавање на тие спорови. Сепак, мој главен приоритет е прашањето за името“ (А1).
Е, сега, наводно го изјавил следново: „- Не се занимавам со државјанството на граѓаните на една земја. Не се занимаваме со етнички идентитет или со историски идентитет, тоа е за историчарите. Луѓето сами решаваат за својата етничка припадност. Мислам дека има мала конфузија за тоа. Ние зборуваме за име на една држава и за придавки што се однесуваат на таа држава, а не за етничката припадност или друг национален идентитет на луѓето“.
Ако е точно поренесена изјавата на Нимиц во делот „Не се занимавам со државјанството на граѓаните на една земја“, тогаш евентуалното решение за меѓународното име не би требало да го тангира националниот идентитет (во смисла на државјански идентитет).
За конфузијата на која алудира Нимиц, помеѓу национален и етнички идентитет, веќе имам пишувано во постот „Нови пасоши нова националност?“:
„Ако сега сите што сме државјани на Република Македонија имаме Македонска националност, дали тоа значи и дека сите сме Македонци – по националност?
Ако е така, тогаш употребата на терминот „националност“ во етничка смисла понатаму не треба да се толерира, и под итно треба да се смени Уставот кој „слободното изразување на националната припадност“ го промовира како темелна вредност на уставниот поредок (чл. 8).
Сега за сега, по новите пасоши, националната припадност на сите граѓани е „Македонци“, а нивната „припадност на заедницата“ – етничката припадност – е „Македонци“, „Албанци“, „Турци“, „Срби“, „Власи“, „Бошњаци“, други.
Не велам дека ваквите формулации не содржат во себе парадокси. Меѓу другото, зошто терминот „заедница“ да се употребува исклучиво во смисла на „етничка заедница“, а не и во смисла на „политичка заедница“?
Меѓутоа, веќе не можеме да се изразуваме дека нашите граѓани „По националност и вероисповед можат да се декларираат како сакаат, но по државјанство се МАКЕДОНЦИ.“ (во коментарот на постот Тиранија на етничкиот идентитет?, Оксиморон). Не можеме да се изразуваме вака, затоа што „националност“ и „државјанство“, според пасошот, се едно и исто.
После новите пасоши, станува многу поитна потребата од разликување помеѓу „Македонец“ – како национален идентитет, и „Македонец“ - како етнички идентитет.
Еве што вели GoodBytes во еден коментар: „За идентитетот - јас сум Македонец и етнички и национално. Воопшто не ми се допаѓа кога некој друг се обидува да ме (ре)дефинира, бидејќи и јас избегнувам да дефинирам други луѓе.“
Пеки, ама повеќето граѓани на Република Македонија кои не се етнички Македонци, избегнуваат да се нарекуваат „Македонци“ во смисла на национален идентитет, затоа што со истиот назив се означува и етничкиот идентитет „Македонци“.
Овој сериозен проблем може да се разреши на повеќе начини. Еден од начините е да се употребува придавката „етнички“, секогаш кога термините „Македонци“, „Албанци“, „Турци“, „Срби“, „Власи“, „Бошњаци“ ќе се користат за означување на етничкиот идентитет, односно за означување на припадноста на „етничката заедница“.
Така, ќе се создаде простор терминот „Македонец“ - без придавката „етнички“ – да го означува националниот идентитет, на сите граѓани на Република Македонија.“
Објави коментар