Православна хипокризија

11/08/2008

Беседите на нашите православни инквизитори против правото на безбеден абортус се уште еден симптом дека тонеме во мрачно средновековие. Никаде не се слушна гласот на нашите инквизитори против балканскиот геноцид, против платените убијци и реалните логори на смртта. Напротив, гледавме како некои од учесниците во геноцидот и воените злосторства беа попрскувани со света водичка небаре свети воини кои одат во крстоносна војна. Туку, еве кои биле вистинските народни убијци:

„Родителите што го убиваат своето бебе, ја убиваат својата иднина. Тие вршат геноцид на сопствениот народ. Болниците во кои лекарите треба да спасуваат човечки животи, се претворија во логори на смртта. Ние станавме пилати што секојдневно изрекуваат смртна пресуда за невини деца, а лекарите - платени убијци што ладнокрвно убиваат за бедни триесет сребреници.“ (Беседа против абортусот)

Очигледно, нашите инквизитори не ги загрижува толку смртта од гладта и сиромаштијата на родените деца и возрасни, колку правото на живот на неродениот Петко или Петкана:

„Чедоморството е убиство на своето дете. Жената-чедоморка го убива своето дете што не сака да го види, да го запознае и возљуби, бидејќи повеќе го засакала својот себичен удобен живот исполнет со комфор, сладострастие, блуд и разврат, без никакво воздржување, чистота, достоинство, слобода и љубов.“ (Беседа против абортусот)

Има ли поголема хипокризија од тоа да се бара од сиромашните жени (а мнозинството жени се принудени да абортираат поради сиромаштија) да се откажат од луксузот кој никогаш и го немале?

Според официјалните податоци, речиси 30% од нашите граѓани се сиромашни, а најсиромашни се токму семејствата со 6 и повеќе члена. „70% од 1,3 милијарда луѓе од целиот свет кои живеат во апсолутна сиромаштија им припаѓа на жените“ (Феминизација на сиромаштијата).

Има ли поголема хипокризија од начинот на кој нашите православни инквизитори (мажи), кои доаѓаат на работа со скапи џипови и мерцедеси, бараат од сиромашните жени да се откажат од правото да не станат уште посиромашни:

„Зошто порадо не се откажат од скапата облека, луксузниот стан, од луксузниот автомобил и компјутер или, пак, од своето патување на годишен одмор на кој трошат огромни парични средства за разонода и забава, а не сакаат да ги употребат за грижливо чување на своите деца?!“

А еве од што не сакаат да се откажат нашите „скромни“ инквизитори:

„Најскапи и најубави џипови возат митрополитот повардарски Агатангел, митрополитот полошко-кумановски Кирил и поглаварот на Брегалничката епархија Иларион. Агатангел и Кирил се возат и во "тојота ленд крузер", чија цена е над 45.000 евра, а Иларион во "фолксваген туарег автоматик".“ (Сложни попови бесни коли возат)

Ако се откажат од своите бесни коли, нашите „сложни попови“ ќе можат да спасат од сиромаштија многу родени деца и мајки. Но, нив очигледно не ги интересира реалната сиромаштија и згрижувањето на родените деца, туку производството на грешници и убијци како резултат на што се полнат нивните џебови.

Денови ли се денови

11/05/2008

Го гледам обраќањето на „премиерот м-р Никола Груевски по повод 100-те дена од работата на Владата“ па си ги тријам очите и си ги штипам образите. Дали е 1 ноември или 1 април? Дали сме 2008 или 2006? „Денови ли се денови“ - дал се 100 или 800 - откако Груевски стана премиер на 28 август 2006?
Пресметувам и - нема сомнение - на плешките на нашиот премиер „легнале та натежнале“ цели 800 дена. Секој божји ден откако е на власт Груевски не уверува дека правел „Стани си утре порано / Дојди си вечер подоцна“: „Посветено, деноноќно, без слободен викенд, без запирање, со силно темпо, без да се штедиме себеси, се работеше на остварување на програмата“.Е, ај да видиме што е сработено од програмата. Еве што вели владината програма за 2008 - кои се стратегиските приоритети:

1. „Зголемување на вработеноста и подобрување на животниот стандард на граѓаните на Република Македонија“.

Во своето обраќање Груевски неколку пати спомна дека продолжил да работи на „намалување на невработеноста“. Навистина, откако дојде на власт, стапката на невработеност е намалена од 36.1 (втор квартал 2006) на 33.8 отсто (втор квартал 2008). Но, и Груевски не успеа драстично да го намали бројот на невработените. Во 2006 имало 319.316 невработени, а во вториот квартал од 2008 има 310.441. Тие што тврдат дека не сме биле ништо полоши од Бугарија и Романија од пред 5 години, нека погледнат поубаво. Стапката на невработеност во Бугарија е намалена од 18 (2003) на 8 (2008), а стапката на невработеност во Романија се намалила од 8.3 (2003) на 4.1 отсто (2008) (податоци од Индекс мунди).

За животниот стандард немаше место во обраќањето на премиерот. Во разговорот со новинарите, вицепремиерот Ставрески ни објасни што покажувале податоците. Според последните официјални податоци, просечната плата била 15.850 денари, а потрошувачката кошница била „околу 12 илјади и нешто... двесте, триста денари“. Ставрески убедуваше дека сега „околу 30 отсто од платата остануваат откако ќе ја намирите потрошувачката кошница“, а во 2005 потрошувачката кошница била 90 отсто од платата. Заклучокот на Ставревски е дека „порастот релативен на платите во овие две години е повисок отколку порастот на потрошувачката кошница“.

Но, Ставрески има сериозни проблеми со калкулациите и заклучоците. Да видиме што вика простата аритметика и заводот за статистика. Простата математика вели дека 30 отсто од 15.850 денари е 4.655 денари, а само 3.608 е остатокот (15.850 денари минус 12.242 денари)! Според последните податоци, остатокот од 3.608 денари не е „околу 30 отсто од платата’ туку 22,76 отсто!

И тврдењето на Ставрески дека „во 2005 потрошувачката кошница била 90 отсто од платата“ паѓа во вода ако се споредат официјалните податоци од Заводот за статистика за декември 2005: „Просечната нето плата по работник за декември 2005 година изнесуваше 13 125 денари. Вкупните трошоци за исхрана и пијалаци изнесуваа 9 947 денари и се пониски од просечната нето-плата за 3178 денари, односно 24.2 отсто“ Ако „потрошувачката кошница била 90 отсто од платата“ тогаш ќе останувале само 10 отсто, а не 24.2 отсто!

Не држи вода ниту заклучокот на Ставрески дека во последниве две години порастот на платите е повисок отколку порастот на потрошувачката кошница. Кога Груевски дојде на власт во август 2006, просечната исплатена месечна нето плата по вработен изнесуваше 13.718 денари, а во август 2008 просечната плата изнесува 15.820 денари. За истиот период, потрошувачката кошница пораснала од 10.074 на 11.957 денари. Значи, платите пораснале за 15.3 отсто, а потрошувачката кошница за 18.7 отсто!

Накусо, во 2005 и 2006 останувало повеќе од платата отколку што останува сега. Податоците укажуваат дека нема „мало, но постепено подобрување“ на стандардот, туку мало, но постепено влошување. Колку и да се фали Владата со економски прогрес, граѓанинот тоа не го чувствува.

2. „Добивање полноправно членство на Република Македонија во НАТО“.

Груевски комплетно го игнорира овој стратегиски приоритет во своето обраќање. Спомна само дека сме го зајакнале стратешкото партнерство со НАТО, ама тоа не беше стратегиски приоритет на неговата влада во 2008, туку „полноправно членство“. Накусо, ниту приоритетот е остварен ниту беше дадена анализа зошто не е остварен.

3. „Продолжување со активностите за почнување на преговорите за интегрирање на Република Македонија во ЕУ“.

Се чини, ова е единствениот приоритет што навидум го оствари Груевски, но само благодарение на начинот на кој си го дефинирал. Бездруго, Груевски продолжи со „активностите за почнување на преговорите“. И секој друг што ќе продолжеше, ќе го оствареше ваквиот стратегиски приоритет.

Но, годинава очекувавме многу повеќе. Во почетокот на 2008, министерот за надворешни работи оптимистички ни порача од Зубовце дека ова ќе биде пресвртна година на надворешнополитички план. Милошоски ветуваше ем „година на успеси за Република Македонија, пред се', во однос на нашите НАТО-аспирации“ ем година во која нашата земја ќе направи историски чекор во приближување кон ЕУ.

Но, ниту лобирањето кај ноевите помогна, ниту палењето свеќа во црква. Нема да помогнат ниту „суши-лажи“ анализите дека „забележавме значаен прогрес“ во исполнувањето на 8-те репери (според Боцевски, исполнетоста ќе биде 90 отсто). Фалбаџиските оценки дека и „90 проценти од ветеното за првите 100 дена од овој мандат се реализира“, можат да поминат само во фармата за ноеви во Зубовце, но не и во Брисел.

Се чини, ништо не може да ја спречи Македонија на патот кон ЕУ, освен немањето елементарна политичка култура и недостиг од храброст за соочување со реалните бројки и проценти за (не)оствареното. И по 800 дена владеење на Груевски, продолжуваме да си нижиме синџир од лаги железен, околу вратот навезен.

800 дена Груевски – животен стандард

11/03/2008

Кога Груевски дојде на власт (август 2006), просечната исплатена месечна нето плата по вработен изнесуваше 13718 денари., а во август 2008 г. просечната плата изнесува 15 820 денари.

Но, тука во игра треба да се внесе и потрошувачката кошница. Еве ги последните податоци што се објавени на страницата на заводот за статистика: „Просечната нето-плата по работник за јуни 2008 година изнесуваше 15 759 денари. Вкупните трошоци за исхрана и пијалаци изнесуваа 12 333 денари и се пониски од просечната нето-плата за 3 426 денари, односно 21.7%.“

Еве што вика Заводот за статистика за периодот април-јуни 2006 г.: „просечната плата ја покриваше вредноста на кошницата, а најголем остаток од 23.3% е забележан во јуни 2006 година“!

Според Заводот за статистика, во јуни 2008 имаме намалување на разликата нето-плата минус потрошувачка кошница за 1,6%!!!

Заклучок: За две години владеење на Груевски, животниот стандард е намален, а не е зголемен, наспроти првиот приоритет на Владата во нејзината програма за 2008 - зголемување на животниот стандард.

Саде мазохизам?

10/30/2008

Мили браќа и уште помили комшики, доста беше, веќе не се трпи!
Некои од Свирипичино лафат: “Нош је дошаја до коску”! Као културен чоек од Скопиеполис, почујте што ви велам: Дојде јајцето на газот, а нема кој да го извади!
Тенката црвена линија ни пукна како зрела црешна, поточно како грчкиот бог на бракот – Хименај! Малиот (Нимиц) опасно ни го тури “Северна Македонија” и не остаи пацерски да се думаме – шчо требит да праиме за однапред – поточно, шчо требит да праиме за отпозади!
“Ко то каже, ко то лаже” дека предлогот бил непристоен? Не ќе да е непристоен, поскоро ќе да е перверзен! Продумајте малку, мили браќа и премили комшики, и кажете која ќе биде кратенката за Северна Македонија? Кратенката ќе биде – СМ (еС-еМ) – бездруго, една од најперверзните кратенки на светот, кратенката за садомазохизам!
Е, како сега новиот предОлг, пардон – предЛог, ќе се “одрази” на нашиот вековен сексуален идентитет - однапред или отпозади? Несомнено, љубителите на теории на заговор во перверзната кратенка СМ веднаш ќе препознаат уште еден перфиден обид за наше сексуално обезличување – овојпат, во перверзни садомазохисти! И, како и обично, лековерните конспирационисти ќе ја утнат метата.
Да кажеме јасно и гласно: и дење и ноќе да нè работат цели 123 години, нема никакви шанси да го променат нашиот сеирџиски македонски идентитет во садомазохистички. Дефинитивно, тоа го покажуваат резултатите од најновите истражувања на јавното и тајното мислење и сексуално (чино)дејствување, што ги спроведе ВМСО-СПМБЕ (Внатрешната Македонска Сексуална Организација-Сексуална Партија за Македонско Братство и Единство)!
Како прво, истражувањето врз “репрезентативниот примерок” недвосмислено покажа дека убедливото мнозинство од Македонците продолжува ич да не ги боли за ништо (освен за името и идентитетот). А без манифестации на “чувство за осет” на болка, не може воопшто да стане збор за постоење елементарни услови за садомазохистички однос.
Како второ, резултатите од најновите истражувања покажуваат дека мнозинството граѓани ич не се “палат” ниту на најновите садистички дејанија на нашата власт: егзибиционистичко врзување со лисици на уапсените опозиционери, јавно дисциплинирање на “кичмата” на политичките неистомисленици, заканување со казни за сè и сешто, па и “плескањето” по џебовите на сиромашните престапници. Мали сексуални надразнувања се детектирани единствено во случај на еколошкото чистење на домаќинките што обичаат да прават сексуален афродизијак (лут ајвар) пред зграда со идиличен поглед кон мрачните оџаци на фабриките).
Најпосле, резултатите од истражувањата ги побиваат стравувањата на секспертите дека синдромот “кубура за не дај боже” по “пет века турско” оставил неизбришлива трага во македонскиот сексуален геном. Македонскиот сексуален геном е 99,102% отпорен на секакви странски влијанија, вклучително и садомазохистички. Непобитен доказ дека во македонскиот сексуален идентитет нема ништо мазохистичко, е и рамнодушноста со која беа проследени садистичките политички кампањи на владата, особено на кампањата за “трето дете” со која политичарите ги нападнаа спалните соби како единствена незапоседната територија.
Но, колку и да изгледа на прв поглед перверзен предлогот на Нимиц, претпоставките дека има нешто садомазохистичко во “Северна Македонија” се наполно неосновани. Нимиц изгледа имал погрешни сознанија дека и ние уживаме во долготрајното садомазохистичко “танго” на идентитетско понижување што го играат македонските политичари, па чоекот ни понуди сценарио кое треба да ги задоволи нашите мазохистички потреби.
Но, нам одамна ни е сеедно кој е одозгора, а кој одоздола, и дал тоа ќе биде Курто или Мурто. Одамна ич не не интересира што другите ни ги пишуваат и режираат политичките и сексуалните сценарија, одредувајќи ги границите што (не) треба да ги пречекориме. Одамна не сме ни “саде мазохисти” - веќе ништо не нè боли. Станавме рамнодушни сеирџиски ѕиркачи на садомазохистичките консензуални односи помеѓу нашите и грчките политичари.
Спорот со Грција за името и идентитетот успеа да ни влезе и во спалните соби. А, што ти вреди името и идентитетот, ако престане да ти се дига или влажни?

Час поскоро

10/29/2008

Револуција или реформи? - е прашањето што го поставив на мојот блог „Зомбификација“ точно пред две години, цитирајќи го македонскиот пророк Мисирков: „Револуциiата на пролет ке бидит наi глупаото, шчо можиме ниiе да напраиме. Со револуцииата на пролет ке се користат само нашите неприiатели, коiи си имаат само есапи, противни на нашите национални интереси.“ Помпезната прослава на „денот на револуционерната борба“ ме потсети на овие видовити думи на Мисирков, искажани пред кобното Илинденско востание во 1903.
Век и кусур подоцна, аргументот на Мисирков дека револуцијата ќе послужи само како изговор за неисполнување на реформите, е повторно актуелен. И во 2008, повторно ни се „криви друзите за нашите грешки“ и повторно немаме „полно доверiе ком реформаторцките усилiа“ на заинтересираните сили. Наместо „час поскоро да се воведат обеќаните реформи“ за ЕУ, еден век подоцна ние се' уште сме опседнати со прераната и неуспешна револуција од 1903.
Нашите портокалови „преродбеници“, кои двапати дојдоа на власт со ветување дека ќе бидат успешни реформатори, сега претпочитаат да глумат револуционери. На Илинден не' убедуваа дека „Секоја генерација има своја битка“, и дека нашата битка била ем за „Македонија препознатлива по својата посебност и идентитет“, ем за „што поскорешна интеграција на земјата во НАТО и Европската Унија“. Следните неколку месеци, нашите Talking Heads ги вложија сите усилби да му покажат на светот дека не сме „сплотен државен организам што чекори кон општоприфатените евроинтеграции“, туку повеќекратна и дезориентирана личност on a road to nowhere. Дека сме поделена личност чиј ид (парламентот) е сосема контролиран од егото (владата олицетворена во премиерот), кој пак е во постојан контрапродуктивен конфликт со суперегото (претседателот). Откако неодамна пристигна познатата „телеграма од Европа“, дека и четврта година по ред ќе ја изгубиме битката за почнување преговори со ЕУ, нашиот премиер смирено изјави дека тоа „од поодамна било објавено“ и дека „борбата продолжува и се одвива добро“.
Прашањето „Зошто Владата на Груевски три години по ред не добива датум за преговори со ЕУ?“ е прашање кое бездруго заслужува одговор. А одговорот е едноставен: Оваа влада секогаш беше повеќе опседната со револуционерното минато, со „револуционерната“ борба за „нашата историја, континуитет и идентитет“, отколку со реформската ЕУ-иднина. Колку ли само енергија се потроши на реконструирање на минатото (устоличувањето на ВМРО како државотворна партија) и на „револуционерната“ сегашност (на пропагандната „битка за името и идентитетот“ насочена првенствено против политичките конкуренти)? Колку ли само денови потрошија „преродбениците“ во почетокот на 2007 за да не' убедат дека 23 октомври не бил роденден на нивната партија, и дека ќе се слави како „ден за обединување, а не ден за разединување“? Неполни две години по воведувањето на новиот државотворен мит за 23 октомври, Македонија никогаш не била поразединета.
Поконкретни одговори на прашањето зошто се' уште остануваме во „куќен притвор“, иако сме кандидати за ЕУ од 2005, ќе добиеме во ноемврискиот извештај. И од претходните извештаи беше јасно дека главна причина зошто не добиваме датум на преговори не е ниту името, најмалку нашиот идентитет, туку неспособноста на нашата „револуционерна“ Влада да ги спроведе бараните реформи.
Колку и да сака Боцевски да го претстави проблемот со името како „слон во порцеланска работилница“ или „горило од 500 тони во собата“ (неколку десетици пати поголемо од Кинг Конг!), вистинскиот проблем е тоа што нашите политички лидери не успеаја да одговорат на вистинските политички предизвици. Најголемиот политички предизвик во 2008 година требаше да биде исполнувањето на 8 репери, а не изборното „кеширање“ на високиот политички рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ, како резултат на перманентната изборна кампања, на која беа потрошени огромни буџетски средства.Со предвремените избори Груевски покажа дека му е многу побитно тој да извојува победа, отколку Македонија да извојува победа во битката за ЕУ.
Боцевски може колку сака да не' убедува дека изборите биле „производ на одлука што е врзана со унапредување на демократските процеси во една држава“, ама такви пропагандни пораки тешко поминуваат во Брисел. Неодамнешната оценка на Боцевски дека предвремените избори биле „многу рационална одлука во однос на актуелниот политички момент во државата“, покажува дека главниот наш проблем не се ниту слоновите во порцеланска продавница, ниту „горилата од 500 тони“ во собата. Главниот наш проблем се политичките ноеви што ја држат главата закопана во живиот песок на „славното“ историско минато, затоа што немаат храброст да се соочат со политичките порази во сегашноста.
Се' додека приоритет на Груевски е враќање на „довербата на граѓаните во сопствената држава, историја, во сопственото минато“, Република Македонија ќе се коцка со својата ЕУ-иднина. За да се врати загубената доверба во иднината на нашата држава, потомците на нашите славни револуционери треба да се докажат како успешни реформисти.
Час поскоро.

Дилемите и фактите од нашето минато

10/28/2008

Еве постирам уште една реакција објавена во денешен Утрински весник, од Васко Попоски, новинар-писател:

Во колумната на весникот „Дневник“ од 15 октомври годинава, објавен е текст со наслов „Митот за 11 Октомври“, чиј автор е почитуваниот колега Жарко Трајановски.

Во него, меѓу другото, се полемизира и со некои прашања од нашата неповторлива и славна НОБ. Мојата намера не е да ги негирам мислите и фактите содржани во објавениот текст, туку да приложам некои дополнителни и не безначајни објаснувања, со цел да ја потврдам и нагласам вистината.

На почетокот сакам да предочам дека секое недоволно познавање на тоа време лесно може да не' заскита во непожелни и непотребни импровизации. Со таа намера ќе се послужам и со неколку позначајни факти. Како што е познато, во 1941 година, по налетот на фашистичките орди на Германија, придружени и потпомогнати од нивните слуги (Италија, Бугарија), тогашната Кралска Југославија се распадна за многу кусо време. Со тој распад згасна речиси целиот дотогашен политички систем и живот, а на политичката сцена остана да дејствува само Комунистичката партија и тоа во илегални и многу тешки услови. Тоа е факт што никој не може да ги негира. Во тие мошне сложени услови, членовите на оваа партија продолжија организирано да дејствуваат. На нив им се падна таа историска улога да го повикаат својот народ на сенародно востание за создавање сопствена држава по толку поминати години. Во тоа време, во веќе развиеното партизанско движење се приклучија и повеќе видни граѓани, афирмирани и докажани во одделни области од животот. Сето ова заедно не е мит, туку една историска реалност, која не може никој да ја негира, ниту да ја искривува.

Зошто правиш горило од мене?

10/27/2008


Како се вади слон од порцеланска продавница? Прво, се отвора полека вратата од продавницата. Потоа, со омилената слоновска храна (слоновите дневно јадат од 150-400 кг растителна храна!) - се намамува слонот да излезе од продавницата, исто како што влегол. На крајот, внимателно се затвора вратата од продавницата, за да не влезе слонот повторно.
Како се вади „горило од 500 тона“ од собата? Е, тоа ќе го прашате нашиот вицепремиер Боцевски кој во интервјуто на А1 вака одговори на прашањето - Зошто Македонија не добива датум за преговори?:
„...не смееме да го изземеме од предвид прашањето коешто, како што велат Американците, понекогаш е горило од 500 тона во собата или како што велат Македонците, слон во порцеланска работилница, односно прашањето врзано со односите со нашиот јужен сосед.“
Што знаат „Американците“ што е „горило од 500 тона“?

23 Октомври – обединува или разединува?

10/23/2008

Еве неколку цитати на македонски јазик, што ги ветив претходно, а кои можат да фрлат дополнителна светлина – или збрка – во однос на имиџот на револуционерната организација. Цитатите сами по себе ништо не значат, истргнати се од контекст, но можат да послужат како патоказ за натамошно читање и истражување. Ако имам време, и ако постои интерес, ќе направам и дополнителна збирка цитати на истава тема, на англиски јазик.
1) „...името што во почетокот и било дадено на Организацијата: „Бугарско-македонско-одрински револуционерни комитети“. Меѓутоа, името немало никакво значење за целите на Организацијата: извојувањето полна политичка автономија на Македонија и Одринско (чл. 2 од Уставот). Целите на револуционерното движење произлегувале од потребите на македонскиот народ и на реалната процена на објективните услови.“ („Историја на македонскиот народ“, Скопје, 1988, стр. 148)
2) „Заштитувајќи го територијалниот интегритет на земјата, Внатрешната организација обезбедувала Македонија да остане самостојна политичка единка во идната балканска федерација. Со ова Внатрешната организација посебно се спротиставува на политика за создавање „Целокупна Бугарија“ што недвосмислено ја спроведувале бугарските врховисти преку своите чети во Македонија во текот на целиот период на национално-ослободителните борби.“ (Христов, Александар Т., „ВМРО и македонската државност“, Култура, 1993, стр. 20)
3) „И покрај извесната конфузија во однос на датата на првата средба, најверодостојна е информацијата која укажува дека шестемина се сретнале на Челеби Бакал улица, дома кај Хаџиниколов во Солун, на 3 ноември 1893 година.“ (Пери, Данкан, „Политиката на теророт: Македонското револуционерно движење во периодот од 1893-1903, Магор, стр. 41)
Ресенскиот состанок од 1894 г. „...јасно покажал дека постоела една група инспирирани луѓе, главно образовани, чија цел била да го прошират илегалниот револуционерен круг во Македонија за да се постигне барем автономија за ова подрачје. Интересно е да се истакне дека како цел не било констатирано обединување со Бугарија, без оглед на тоа што Татарчев, многу години подоцна, го тврди спротивното.“ (Пери, Данкан, „Политиката на теророт: Македонското револуционерно движење во периодот од 1893-1903, Магор, стр. 45)
4) „Организацијата, отпрвин, работеше среде бугарското население, кое во духовен однос се раководеше од бугарската егзархија, подоцна – среде сите Бугари, без разлика дали се тие егзархисти, патријаршисти, католици или протестанти, и најпосле – среде другите народности во Македонија. Таа имаше успех меѓу македонското население и претежно меѓу бугарското.“ „Предавниците на македонското дело“, ЦК на ВМРО (Об), (Изменниците на македонското дело, Прага, 1926) Култура, Скопје, 1983, стр. 64)
5) „...јас почнав да одбирам помеѓу учителите Македонци другари за идната револуционерна организација. Изборот го правев вака: по меѓусебното запознавање, јас им го опишував егзархискиот црковен и училишен режим во Македонија и ги прашував дали го одобруваат тој режим или го осудуваат. Оние кои го одобруваа не беа за мене благонадежни а оние кои го осудуваа ги вбројував во бројката на благонадежните, на идните свои другари по основањето на револуционерната организација...“ (цитат од спомените на Иван Хаџи Николов, кај Гане Тодоровски, „Трактати за сонцељубивите“, Култура, Скопје, 1974, стр. 124.)
6) „Во барањето на средство за спротивставување на таа пропаганда [српската], дојдов до заклучокот, дека само една тајна револуционерна организација ќе може да го пресече патот на туѓите пропаганди во Македонија, и дека таа ќе обезбеди основа за запазувањето на бугарштината во Македонија, како и тоа дека таа ќе помогне дури и за стопанското засилување на нејзиното население. Ва своите размислувања за основање на револуционерна Организација јас предвидував дека ќе наидам на пречки од луѓето на Егзархијата, и од самата неа што и самата во црковно-училишното дело спроведуваше централистичка политика: таа ги назначуваше и ги отстрануваше учителите и архиерејските намесници. Поради тоа почнав да барам сомисленици меѓу учителството и граѓанството, што имаа децентралистички погледи спрема нашето црковно-училишно дело. Во тоа време такви најдов во лицето на Петар П.Арсов и Цонев, а подоцна и д-р Хр.Татарчев, школски ценет лекар. На други колеги родум од Македонија, не сметав, познавајќи ги нивните гледишта и нивните карактери.“ (Спомени - Иван Хаџи Николов, http://www.geocities.com/vmro_makedon/index.html)
7) „И така револ'уциониiо комитет беше чисто македонцка организациiа по произлез и по состаот му, но тоа беше само работа на iедна част од iедна од македонцките нацiоналности, врзана по име и ло црковно-сколиiцките работи со бугарцкиiо народ и држаа и нивните интереси. Тоiа комитет, во сашност македонцки, за надворешниiо свет и за рисiаните во Македониiа не екзархисти, беше комитет бугарцки.“ (Крсте Мисирков, „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“)
Има уште многу различни приказни и пристапи. Најубаво е секој да си прочита, колку што може, и самиот да си оформи сопствено мислење зошто го славиме 23 октомври.
Јас би поставил само едно прашање: Дали празникот 23 октомври е празник што обединува или празник што разединува?

Нов пасош, нов идентитет?

10/22/2008


Да се пофалам, си извадив чичка нов пасош. Вадењето нов документ за идентификација не би требало да остава никакви последици по личниот идентитет. Меѓутоа, по новиот пасош, почнав да запаѓам во длабока идентитетска криза, како последица на менувањето на личното име и националноста. Во стариот пасош името ми беше Жарко, напишано на латиница, со одвај видлив знак над буквата З. Латинската буква Ж ја нема во англиското писмо, па се навикнав моето име за меѓународна употреба да биде Zarko. Тоа име електронски се исчитуваше на мојот пасош, со тоа име добивав визи и се потпишував комуницирајќи со англискиот јазичен свет.

Од некни, државата самоволно решила да го промени моето лично име и мојата националност. Личното име не е напишано со пет, туку со шест латински букви. Повеќе не сум само Zarko, туку Zharko (и Жарко - конечно и на кирилица, за да се отстранат евентуалните сомнежи во моето постоење)! Во графата за државјанство / Nationality повеќе не пишува Република Македонија, туку македонско / Macedonian. Какво влијание имаат новото име и националноста на мојот личен и национален идентитет?

Знам, многу од вас ќе речат дека сум се загрижил без некоја причина и дека барам влакно во јајцето. Но, слушнете ги прво причините за мојата загриженост. Како сега ќе ги убедам моите пријатели што не читаат кирилица дека државата самоволно ми го променила името од Zarko во Zharko, и тоа во моментот кога нејзините водачи не' убедуваат дека и дење и ноќе се борат за да не им фали ни влакно на името Macedonia и нашиот национален идентитет? Како ќе ги убедам електронските читачи на пасоши дека она што претходно го читале како Zarko е идентично со тоа што сега го читаат како Zharko - дека сум истото лице со истото име? Најпосле, како ќе го убедам Google да ме пронаоѓа како Zharko Trajanoski, а не како Zarko Trajanoski? Мошне тешко, нели?

Далеку полесно ми беше да ја прифатам промената во графата nationality од Република Македонија во Macedonian. Сега веќе не ќе морам да им објаснувам на пријателите од странство дека името на мојата земја не се чита „Македониџа“, туку „Маседониа“. (Оние што го обвинуваа Нимиц дека сакал перфидно да не' преименува во „Македониџа“, требаше прво да погледнат во сопствените пасоши.) Но, сега се јавуваат поинакви проблеми. Што се однесува до националноста, секој наш граѓанин станува „двојна“ личност - има една националност за надворешна употреба, а друга националност за внатрешна употреба.

Практично, за англискиот јазичен свет (а спорот со Грција се води токму за тоа како ќе бидеме перципирани во тој свет!) сите граѓани на Република Македонија имаат македонска националност (Macedonian Nationality). Таквата националност имплицира дека сите наши граѓани се Macedonians (Македонци). Но, иако сите наши граѓани имаат македонска националност, сите не ја изјаснуваат својата „национална припадност“ како Македонци! Ако ги прашате нашите граѓани што подразбираат под националност, тие нема да ви кажат „државјанство“ (како што пишува во личните карти или во пасошите), туку ќе ви кажат - етничкото потекло или етничката припадност. Согласно со внатрешната употреба на „националност“, граѓаните се делат на Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци и други, а согласно со надворешната употреба на „националност“, сите сме си Macedonians.

Како овој идентитетски парадокс се одразува врз спорот со Грција? Пред извесно време прочитав интервју со грчкиот интелектуалец Ставрос Лигерос, во кое аргументира дека не сме можеле ние да бидеме Македонци (и Македонија), затоа што со тоа сме го монополизирале името исклучувајќи ги сите други што живеат во регионот на Македонија од тој термин: „Не е праведно. Тоа е како Грција да се именува Европа. Грчката нација и јазик да се наречат европска нација и европски јазик. Другите во Европа ќе речеа: во ред, и вие сте дел од Европа, но не сте само вие ексклузивно Европа. Така, и вие сте дел од Македонија, но не сте само вие Македонија.“

Ако сакаат да победат со аргументи, Грците треба прво да ги убедат жителите на САД дека немаат право да се нарекуваат Американци, затоа што не се само тие Америка. Треба да ги убедат дека делот (САД) го монополизира целото (Америка). Зошто ним не им го треснат в лице „аргументот“: „вие сте дел од Америка, ама не сте само вие ексклузивно Америка“? Потоа, Ставрос треба да ги убеди и колегите од ЕУ дека немаат право да се нарекуваат Европејци, затоа што не се само тие Европа. Треба да ги убеди дека делот (ЕУ) го монополизира целото (Европа). И ним треба да им каже отворено в лице: „вие сте дел од Европа, ама не сте само вие ексклузивно Европа“!

Грчките аргументи се неодржливи и лесно може да се докаже дека со меѓународната употреба на националноста Macedonians ниту имаме намера, ниту пак можеме да ги исклучиме сите други употреби на „Македонци“ (во географска или која и да е друга смисла). Нашата употреба на термините Macedonia и Macedonians не имплицира територијални претензии кон соседите, исто како што употребата на America и Americans (и Europe и Europeans) не имплицира територијални претензии кон другите држави што се дел од американскиот (или европскиот) континент, а не се дел од САД (или ЕУ). Проблемите со повеќезначноста на зборовите ќе си се решаваат како и порано - со повеќе речнички одредници за зборовите Macedonia и Macedonians.

Но, ако сакаме овие аргументи да ни држат вода, тогаш треба да си ја расчистиме конфузијата околу националноста и националната припадност на домашен терен. Ако се бориме во пасошите на сите граѓани да стои Macedonian Nationality тогаш треба да се избориме и на домашен терен за македонски граѓански идентитет. Тоа би значело и борба против монополизацијата на идентитетот „Македонци“ од страна на етничките Македонци, но и поширока борба против тиранијата на колективните и исклучиви етнички идентитети.

Валкање на НОБ

(Повод; Колумната „Митот за 11 Октомври“, 15 октомври)

Во колумната на господинот Жарко Трајаноски меѓу другото се полемизира и со некои прашања од нашата неповторлива и славна НОБ. Никој од нас не ни помислил дека авторот на спомнатата колумна ќе настапи со такви небулози со кои обилува неговата колумна. Тука ќе ја спомнеме само неговата основна дилема: „Навистина, дали воопшто било кренато народното востание од комунистите во 1941 или за успешното народно востание може да стане збор дури во 1943?“ Од формулацијата произлегуваат повеќе прашања, ама еве само неколку:

1. Дали дилемата му е затоа што комунистите биле множество во првите партизански одреди? Сега е модерно да се плука по комунистите. Зар комунистите не биле дел од народот кога заложувајќи ги своите животи ја остварувале нивната историска задача како организатори и предводници во народното востание? Зар тие не биле дел од народот? Зар тие тогаш не го афирмирале македонскиот патриотизам?

2. Ако почетокот на востанието не беше во 1941 година, дали воопшто можеше да стане збор „за успешно народно востание во 1943“? Земено во целина може да се тврди дека почетокот на 11 октомври 1941 година имаше одлучувачко значење за разгорот во 1943 година. Белким е познато дека секој настан во општествениот развој има свој почеток што се остварува со „породилни маки“, свој зенит и свој краен резултат! Впрочем, зошто се вели дека Првиот Илинден бил народно востание, иако оружените борби биле само во неколку општини на западниот дел на Македонија? Ами, Карпошовото востание, Кресенското /Македонското/ востание?

3. Срамно е што акциите на сите партизански одреди од 1941 и 1942 се минизираат како „герилски акции“, а денот на народното востание се квалификува како неуспех и само како „ден на вооружен отпор против фашизмот“. Што претставува ликвидација на Првиот кумановски партизански одред токму на денот кога почна востанието, разгромот на Првиот битолски партизански одред во 1942 година, масакрот на македонските родољупци во Дабница, бесилките, стрелањата, масовните судски процеси и полните затвори низ цела Македонија во 1941 и 1942 година?

4. „Помалата репресивност на бугарскиот режим во споредба со југословенскиот“ е само валкана измислица. Напротив, бугарскиот окупаторски режим беше окрутна сурова фашистичка машина, посебно подготвена и комплетно пренесена во Македонија од Царството, за разлика од другите југословенски подрачја во кои државниот организам беше сосема разрушен. Бугарската војска и полиција во Македонија често сардисуваше цели градови и села, „чешлаше“ цели планини барајќи партизани и ги претепуваше луѓето. Исто така и констатацијата за „кога пристигна Темпо“ значи минимизирање на дотогашниот напор и жртви и придонес кон активноста на бугарската полициска кујна која за цело време ги набедуваше партизаните со „србокомунисти“.

За дебатата во Центарот „Точка“ на тема „Зошто востанието го кренаа комунистите“ првпат дознавме од колумната. И тие малку митови што ги има македонскиот народ речиси сите се за негови порази и маки. Му остана само митот за 11 Октомври како единствена негова победничка епопеја. Затоа таа не смее да се валка. Меѓутоа, ако авторот сам си напишал пофалба за тоа што во споменатата дебата се обидел да ја стави „под сомнение светлата догма за 11 Октомври“ тоа нека му служи на чест!

Клуб на борци од НОБ - Скопје

(Се надевам дека борците од НОБ нема да ми се налутат што го објавувам нивното писмо на мојот блог. Намерата е да се чујат и нивните аргументи во блогосферата.)

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week