Ин & Аут

8/30/2007

Пред неколку дена го чув следниов виц: „Кога мажите се најинтелигентни - пред секс, за време на секс, или после секс?“ - За време на секс, оти тогаш ми ти биле приклучени за извор на интелигенција! И вториот виц беше подеднакво хетеро-сексистички или, „народски“ кажано, женско-шовинистички: „Која е разликата помеѓу мажите и комарците?“ - Демек, комарците ги нервирале жените само во лето.
Во тој миг ми се запали „сијалицата“. Најпосле укапирав зошто Трифун толку чека прво да заврши летото, па да почне да го прска Скопје против комарци. Ако скопските комарци ми ти беа навремено истребени, ќе беше ли вицот за разликата помеѓу мажите и комарците немаше толку ефектен?
Сепак, вицовите се ефектни само „на прва топка“. Ако малку се подзамислите за првиот виц, тогаш можете да го изведете непријатниот, но логичен заклучок дека жените се најглупи за време на секс. Ако малку го проанализирате вториот виц, можете да дојдете до поверодостојниот заклучок дека комарките-крвопијки многу повеќе нервираат во лето отколку мажјаците-комарци.
Меѓутоа, овие машко-шовинистички „досетки“ воопшто не се ниту ефектни, ниту смешни. Тотално се „аут“. Навистина, зошто женско-шовинистичките вицови сега се „ин“, а машко-шовинистичките вицови се „аут“? И дали вицовите имаат навистина толкава моќ да одредуваат што е „ин“ а што „аут“?

„Ин“ е да си „Аут“?
Прашањата на тема „Ин“ & „Аут“ ме потсетија на истоимениот филм со Кевин Клајн. Во филмот популарниот комичар игра улога на „латентен“ геј, кој одеднаш, на чуден начин станува свесен за сопствената хомосексуалност - откако неговиот поранешен ученик јавно ќе му го посвети штотуку добиениот Оскар со зборовите: „На мојот учител, кој што е геј“. Бидејќи живеее во мало, хомофобично, идилично градче, во кое доделувањето на Оскарите е главна атракција, после ненадејниот „каминг оут“ неговиот живот станува вистински пекол. Но, лека полека, како во „политички коректните“ американски филмови со среќен крај, главниот лик станува општоприфатен од средината како „геј“.
Едно нешто никако да ми се разјасни. Има толку многу американски филмови во кои е „ин“ да си „аут“ како геј, но зошто не можам да се сетам на ниту еден холивудски филм во кој „ин“ да си „аут“ како лезбејка?
Ете дури и кај нас, „јавното излегување“ на првиот геј активист беше медиумска атракција. Но, зошто истото не се случи и со јавното излегување на првата лезбејска активистка? Дали филмовите имаат навистина толку голема моќ да одредуваат што е „ин“, а што „аут“ во врска со сексуалноста?

„Аут“ е да си „Аут“?
Очигледно, во нашата сексуално идилична средина, сеуште е „аут“ да си „аут“, барем кога станува збор за поинаквите сексуални ориентации. Традиционалниот македонски хетеросексуален ген пружа жилав отпор на евроатланските „педерски“ влијанија. Кај нас сеуште не е „ин“ да се прават „љубовни паради“ - како горди „западно-балканци“ претпочитаме паради на насилство. Затоа пак е „ин“ да се снимаат македонски порно филмови, или да се оди на „нудистички“, пардон - порно плажи.
Но, каква ли е таа чудна сексуална дијалектика? Она што пред некое време беше „ин“, сега е веќе тотално „аут“. Пред само неколку месеци, снимањето „порно-клипови“ кај нашите сексуално „напредни“ младинци и младинки беше прилично „ин“. Но, откако сеирџиската глад беше задоволена со нивното јавно прикажување на „малите“ екрани, тие престанаа да бидат „ин“. Дали телевизијата навистина има толкава моќ да одредува што е „ин“, а што „аут“?

„Сајбер ин“ & „Сајбер аут“
Дури и на сексуално заостанатиот „Западен Балкан“, телевизијата полека почнува да ја губи битката со кибер-просторот. Она што е „ин & оут“ на интернет, станува „ин & оут“ во секојдневниот живот на се повеќе примероци од загрозениот вид „хомо балканикус“.
Сексуалната понуда и побарувачка на интернет е толку многу разновидна и лесно достапна, што тешко може да му се оспори приматот на промотер на „ин & оут“ содржини. Сексуалната индустрија како да го пронајде својот виртуелен рај.
Но, и на интернет сексуалната дијалектика „ин & оут“ е крајно непредвидлива. На пример, Северина умешно ја искористи моќта на медиумот за да се лансира како естрадна ѕвезда вон границите на Хрватска. Но, дали ако повторно бидат повредени нејзините „авторските права“ со пуштање на нов „порно“ клип на интернет тоа ќе биде пак главна вест во медиумите? Просто се сомневам - освен доколку нејзин партнер овој пат не е Бред Пит или Дејвид Бекам.
„Македонскиот дел од интернетот“, на кој сеуште царува девизата „фантазирај глобално, сурфај локално“, сеуште не ја преживеа својата „Северина“. Но, прашање е само на време кога тоа ќе се случи, имајќи ја предвид сеирџиската глад за локална виртуелна „порно“ икона.
Порното е сега повторно „ин“ токму благодарение на интернетот, за разлика од ерата на 90-тите кога еротиката беше „ин“ благодарение на филмот и телевизијата. Ако не верувате, трк на една виртуелна прошетка. На интернет можете да пронајдете дури и феминистички порно филмови. Такво нешто беше незамисливо во времето на радикалниот феминизам, кога „порното“ беше „аут“ како форма на насилство врз жената.
Во „нашиот“ кибер-простор, малку ќе попричекаме за феминистички порно филмови. Затоа пак, „феминистичката“ порно-литература цути на македонските блогови.

До кога „инвалиди“?

8/29/2007

Баш ме интересира, како новиот Закон за социјална заштита ќе се бори против социјалното исклучување на „инвалидните лица“?

Според предложената законска дефиниција, „"Инвалидно лице" е лице кое не е во состојба само да си ги задоволи и оствари, целосно или делумно, потребите за нормален индивидуален и општествен живот поради инвалидноста, било да е вродена или стекната, во поглед на своите телесни или интелектуални способности;“ (ПРЕДЛОГ за донесување на Закон за социјалната заштита и социјална сигурност)

Кај го има ова - „дестигматизација на социјално исклучените лица“ со употреба на стигматизирачки термини?

А таман се понадевав дека нешто сепак се менува...

(На проблемов беше укажано и во постовите Конвенција за „лицата со инвалидност“?, Крик против непристапноста!)

Македонија - „генератор на стабилност на Балканот“?

8/28/2007

Еден „бисер“ од Бледскиот говор на Груевски:

„Македонија, со сета своја разноликост, е во некој начин Европа во оревова лушпа.“

Претпоставувам дека поентата на Груевски се изгубила во лошиот превод на изразот „in a nutshell“.

Сепак, најмногу ме шокира тоа што Груевски упорно се обидува да ја шитне претставата за Македонија како „генератор на стабилност на Балканот“.

Да потсетиме - пред некое време беше гранатирана Владата на Република Македонија, а во моментов не се знае дали македонската полиција има контрола врз Танушевци кое сака да се отцепува.

Дали жените се луѓе?

8/27/2007

Прашањево ми се наметна по читањето на фото-рубриката „Луѓето и градот“, од последниот број на „Форум плус“.
На 8 фотографии се претставени 14 „луѓе“ во градски амбиент - и ниту една жена!

Злоупотреба на полицијата!!!

8/26/2007

„- Зависноста од дрога не е само здравствен, социјален или проблем на полицијата, туку државен проблем...“ - вели претседателот на Државната комисија за дроги, Илчо Захариев. (Промовирана Националната стратегија за дроги)

Врз основа на што зависноста од дрога е проблем на полицијата, а не медицински проблем?

Според предлог-законот за контрола на дроги „“Зависност“ е состојба на неодолива потреба, психичка или физичка, за употреба на опојната дрога.“

Според Светската здравствена организација (СЗО), „A central descriptive characteristic of the dependence syndrome is the desire (often strong, sometimes overpowering) to take the psychoactive drugs (which may or not have been medically prescribed), alcohol, or tobacco.“

Понатаму, „The term can be used generally with reference to the whole range of psychoactive drugs (drug dependence, chemical dependence, substance use dependence), or with specific reference to a particular drug or class of drugs (e.g. alcohol dependence, opioid dependence).“

Заклучок - според СЗО, зависноста е првенствено медицински проблем, а и зависноста од алкохол е зависност од дрога!!!

Е, сега, како што фино се изрази претседателот на Државната комисија за дроги, проблем и во надлежност на полицијата не ти било само производството и прометот на дроги, туку и зависноста од дрога!

Баш ме интересира, со кои полициски методи „Алфите“ и „дечките“ од НТШ ќе лекуваат зависност од дроги? Дали ќе ги применуваат истите методи за „лекување“ како и до сега или ќе ги применуваат методите за намалување на штети?

Исто така, дали полицајците исто ќе ги третираат зависниците од канабис и зависниците од алкохол?

Без разлика што првата супстанца е забранета, а втората не, од аспект на зависност од дрога, според наведените дефиниции на СЗО, во обата случаи имаме синдром на зависност од дрога.

Убаво би било кога сите полицајци би поминале курсеви за намалување на штети, и кога сите зависници од дрога (вклучувајќи ги тука и зависниците од алкохол и тутун) би ги третирале подеднакво - како лица на кои им е потребна медицинска и психо-социјална нега.

Но, новиот предлог-закон за контрола на дроги поинаку ги дефинира работите. Целта на законот е да ја „сузбие“ злоупотребата на опојните дроги и психотропни супстанции, а под „злоупотреба“ не се подразбира само недозволеното производство и прометот, туку и „употреба на опојни дроги надвор од терапевтските индикации, во прекумерни дози или во тек на време кое не е опфатено со терапијата.“

Практично, законот ги претвора во криминалци лицата кои употребуваат дрога ставајќи ги во ист кош со „дилерите“, затоа што настојува да ги „сузбие“ не само производителите и трговците, туку и лицата кои недозволено употребуваат дрога (од кои голем дел се зависници).

Дали претворањето на лицата што употребуваат дрога во криминалци е дел од „превенцијата“, согласно идиотската логика - „ако луѓето се свесни дека земањето на дрога е криминал, тогаш нема да се осмелат да земаат дрога“?

Поделбата на Косово: уште една „приватна журка“?

8/25/2007

Дали најавата за референдум за присоединување на Танушевци кон Косово нема никаков ефект по безбедноста на Република Македонија?

Според Министерката за внатрешни работи, ова е едно од оние прашања што не заслужуваат одговор:

„Министерството за внатрешни работи не може да дава став за такви прашања, ние може да дадеме оценка само за безбедноста, изјави за Радио Слободна Европа министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, по најавата на поранешниот пратеник Џезаир Шаќири дека жителите на Танушевци наскоро ќе организираат референдум за присоединување кон Косово.“ (Јанкулоска: МВР не коментира граѓански иницијативи ...)

Демек, МВР не се занимава со „граѓански иницијативи“, а во случај на „приватни журки“, реагира само кога некој ќе се побуни на прегласна музика?

Јанкуловска „кулира“ потврдувајќи дека „Во моментов не постојат индикатори кои сериозно би ја нарушиле безбедносната состојба на Република Македонија“.

Во моментов не постојат индикатори? Ужас невиден!

Да спомнеме само неколку индикатори што бодат очи: најавата за „референдум“ за отцепување на местото каде што почна војната од 2001, бегството на осудените терористи од затвор, најавата на Фазли Велиу дека ќе собира нови трупи за подршка на независноста на Косово, зачестените најави за можно менување на границите на Балканот, зачестената употреба на оружје во пограничниот регион, најпосле, предупредувањата на ICG дека „Европа ризикува нов крвав и дестабилизирачки конфликт“:

„Before the end of the year, Kosovo Albanian leaders will be under what is likely to be irresistible internal pressure to declare independence, with or without external support. If they act and are not supported, Kosovo would fracture: Serbia reclaiming the land pocket north of the Ibar River, Serbs elsewhere in Kosovo fleeing, and eight years of internationally guided institution-building lost. The implosion would destabilise neighbouring countries, increasing pressure for further fractures along ethnic lines.“

Поконкретно, експлицитно се тврди дека поделбата на Косово е „ноќна мора“ за Македонија:

„Faced with partition, Kosovo’s majority could find renewed attraction in a pan-Albanianism that would appeal to ethnic kin in south Serbia and Macedonia. The Albanians of south Serbia’s Presevo Valley have demanded unification with Kosovo should Serbia regain the land north of the Ibar. Macedonia’s Albanians, who conducted an insurgency in 2000-2001, could again question their present state arrangement and envisage Tetovo as Kosovo’s southern capital.“

И покрај овие мошне јасни индикатори, за Советот за безбедност „не постојат информации за нарушување на стабилноста и безбедноста на Република Македонија поврзани со одвивањето на процесот за дефинирање на идниот статус на Косово.“

Што чека Советот за безбедност - „приватната журка“ во Танушевци да успее, Фазли Велиу да ги собере трупите за независно Косово, осудените терористи да почнат со акции и издавање на комуникеа, Косово еднострано да прогласи независност, Србите во Косово да се отцепат, Албанците во Јужна Србија да прогласат присоединување, па дури после нашите „државници“ да укапираат дека има доволно информации и индикатори дека тоа има влијание на нашата стабилност и безбедност?

Македонија: Порече - Вир

8/24/2007

На патот Локвица-Вир, идеален за пешачење, со незаборавен поглед на Даутица, имав несекојдневна блиска средба „од трет вид“ со едно штурче кое безуспешно се обидуваше да стапи во комуникација со мене.

Чекорејќи по патот наидував на јата плашливи пеперутки.

По околу 40 мин. пријатно пешачење се покажа селото Вир како на дланка.

Во селото има неколку обновени куќи на „повратници“ во лето, ама се живее и во олку стари куќи.

По кратката прошетка по речиси пустото село, и кусиот муабет со гостопримливите мештани кои ми ја покажаа локалната стара живописна црква, се упатив накај селото Модришта.

Некои чудни бубалки ме демнеа покрај патот.

Сепак, повеќе сакав да гледам пеперутки што се гостеа од мирисните цвеќиња.

На секој чекор, некоја нова убавица.

Кој е поголем душман на Македонија - ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ?

8/23/2007

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ продолжуваат со заеднички сили да ја уништуваат Република Македонија.

Иако многу добро знаеја дека последнава година е најбитна за иднината на Македонија, тие продолжија со бесмислениот партиски конфликт, наместо да ги насочат сите сили на клучните реформски процеси.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се најголемата несреќа за Република Македонија, затоа што обете партии се во секој миг спремни да го жртвуваат општото добро - иднината и сегашноста на Република Македонија - само за „да му цркне козата на комшијата“.

И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се виновни за случајот ОКТА, за грабежот наречен приватизација, за блокирањето на Собранието и за застојот на реформите (НАТО очекува владеење на правото). Што е бре поважно за иднината на Македонија - дали Бучковски бил оправдано задржан на граница 15 минути или дали функционира Републичкиот судски совет, дали имаме управен суд, и дали сме постигнале политички консензус во однос на разврската на косовското прашање? Погледнете само на што Собранието го троши времето и ќе сфатите што е за нив важно.

Да не се лажеме - ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту СДСМ не сакаат да ја видат Република Македонија во ЕУ. А зошто? Зошто ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не сакаат независно обвинителство и ефикасно судство? Одговорот е многу едноставен. Ефикасното и независно правосудство би однело многу од оние што се менуваа на власт изминативе 16 години зад решетки.

Од сите страни Ѓорѓи сардисан

8/22/2007

Предупредување за љубителите на политички метафори и аналогии: фотографијава нема никаква врска со случајот „Бучковски“.

Македонски „биг бенг“

8/20/2007


Ваква небулоза одамна не сум прочитал:

„Жената Паонка ни помага околу откривањето на нашиот културен идентитет, вели магистер Трајче Нацев.

„Ова е веќе втор пронајдок од железното време којшто мислам дека ќе ни ја збогати историјата и културното минато на македонскиот народ“, рече Трајче Нацев, археолог, Завод музеј – Штип“ (Ново епохално откритие на делчевската Могила)

Кому сега да верувам?

На Паско Кузман кој верува во „Македонска историја стара 7.000 години“, на Вангел Божиновски кој верува во „Македонски неолит“ и „Македонски полуостров“, на Писарев кој верува во праисториска македонска држава, или на Трајче Нацев кој верува во „македонско железно време“?

Поентата на Маре Стоилова е легендарна:

„Новите археолошки артефакти ќе ни помогнат околу идентификацијата на нашиот културен идентитет, велат македонските експерти кои деновиве се обидуваат да стапат во контакт со нивните бугарски колеги за размена на новите информации што уште еднаш ќе ја потврдат оргиналноста на македонскиот народ.“

Мошне „оргинално“, нели?

Бугарските информации треба да ја потврдат оригиналноста на македонскиот народ?

Луѓе, крајно време е да престанете да се брукате.

Крајно време е да престанете со кастрењето на македонската историја.

Македонската историја започнува со македонскиот „биг бенг“ – ни порано, ни подоцна!

Доста не лажеа со тоа дека симболот на првото знаме на Република Македонија означува „сонце“ или „ѕвезда“.

Толку ли се луѓето слепи што не можат да согледаат дека симболот на знамето на Големиот Александар - Македонски го означува всушност македонскиот „биг бенг“?

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week