Ситни лаги за „крупни резултати“

6/09/2006

„- Не гледам крупни грешки, туку крупни резултати, вели Митрева запрашана за тоа зошто не се остварија првичните најави на Владата за полноправно членство во НАТО во 2006 година.“ (Митрева: Во изминатите четири години Македонија постигна извонредни резултати на надворешен план)
Да видиме во што се состојат „крупните резултати“ на Владата:
„Со почетокот на преговорите за членство во ЕУ, како што посочи во 2007 година, се очекува да почнат и разговорите за целосна либерализација на визниот режим, што според неа би требало да профункционира најдоцна до почетокот на 2008 година.“
Почитувана министерке!
Какви се тие „постигнати извонредни резултати“ во некое идно време?
Кога зборувате за постигнати „резултати“ очекуваме да упатувате на сегашноста или минатото, а не на иднината.
За какви „крупни резултати“ зборувате кога не ги отпочнавте ниту преговорите за членство во ЕУ, кога не овозможивте ниту целосна либерализација на визниот режим, ниту полноправно членство во НАТО?
„Крупни резултати“ со ситни лаги не се постигнуваат.
Под итно да си го смените диоптерот на „розевите очила“.
Ако нашата тотално партизирана и непрофесионална дипломатија не правела „крупни грешки“, барем една од крупните цели за кои зборувате ќе беше остварена.

Хистерично слепило?

Во написот „Наместо мевосек, фатиле швалер“, новинарот укажува дека „Стравот на тетовци кои се плашат од нов напад на психопатот со нож во некои случаи се граничи со хистерија“.
„Манијакот“ одеднаш доби и медицинска дијагноза - „психопат“!
Ако се наоѓате во Тетово, немојте случајно да носите „торбиче или чанта на грбот“! Постои голема шанса да бидете осомничени како „манијак“! Потенцијални жртви на „манијакалната хистерија“ се и оние што имаат тајни љубовни врски: "А бе јас не сум мевосекот туку само обичен швалер!" - изјавува невината жртва на полициската операција извршена по „оперативното јавување“ на граѓаните.
Откако успешно ја доловува „хистеричната атмосфера“, новинарот почнува и да се подбива за начинот на соработката на граѓаните со полицијата:
„По една епизода кога Касандра требало да се брани и да докажува дека е невина, во тетовската полиција имало повеќе јавувања на средовечни дами кои пријавувале и сакале да сведочат дека "Касандра не е крива".“
Како бе „Касандра“ не е крива? Да ја убедеа да се кандидира за пратеничка, сигурно ќе ја гледавме во парламентот. И така собраниските седници ни личат на сапунски опери.
После толку „сапуници“ - на ТВ, во Собранието, во Владата, во партиите - и секојдневниот живот почнува да ни се претвора во „сапуница“.
Уште сапуница со „сериски убиец“ ни фалеше!
Остај друго, сега тетовчани ќе се фалат дека нивниот град е поголема метропола од Скопје.

Соочи се со различноста! (1)

Дендрофилија значи љубов кон дрвјата.
Дендрофил е оној што ги сака дрвјата.
Според
некои објаснувања, станува збор за невообичаена љубовна состојба во која „некоја личност е сексуално привлечена или заинтересирана за дрвја (веројатно поради нивниот фалички симболизам)“.
Може да значи и обожување на дрвјата како симболи на плодност.
На интернет можат да се најдат
групи на луѓе кои сакаат дрвја и кои споделуваат фотографии на нивните омилени дрвја.
Типична дендрофилска
фотографија.
Типичен дендрофилски
филм.
Дали и дендрофилите се „ненормални“ и треба да се „лечат“? Дали треба да ги оставиме на раат затоа што не прават штета никому?
Познавате некој/а дендрофил/ка?
Дали би го/ја прифатиле ако посака јавно да го изрази својот сексуален идентитет?

Губење политички кредибилитет

6/08/2006

Мала споредба како известуваат печатените медиуми откако извештајот на Советот на Европа ја обвини Република Македонија за кршење на човековите права во случајот „Ел-МАсри“:
„Дневник“ - КОНЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ за тајните затвори на ЦИА -
Владини функционери го криеле Ел Масри: „Околу 20 лица од македонска страна учествувале во случајот помеѓу кои четири или пет лица со политичка одговорност во Владата.“
„Утрински“ -
Стразбур ја посочи Македонија како дел од „пајаковата мрежа“ на ЦИА - Документите потврдуваат дека авион на ЦИА слетал во Скопје на 23 јануари 2004 година: „Швајцарскиот сенатор изнесува серија контрадикции во изјавите на македонските официјални лица. Според него, „македонскиот министер за надворешни работи извршил детаљна реконструкција на случајот, но за жал резултатот е некоректен“.“
„Време“ -
Македонија го киднапирала Масри по барање на ЦИА - „Државава е ставена во првата (најлоша) категорија на земји, кои киднапирале осомничени за тероризам“.
„Шпиц“ - „ЦИА со 14 европски јатаци“ - „Четиринаесет земји од Европа, меѓу кои е и Македонија, соработувале со ЦИА при тајните транспортирања на осомничени за тероризам или, пак, ги толерирале“.
Како што забележувате, известувањето на „Шпиц“ е најмеко! Во непотпишаниот напис воопшто не се наведуваат никакви детали од случајот „Ел-Масри“, иако нему му е посветен обемен простор во извештајот на Советот на Европа. Тоа е на иста линија со денешната изјава на Шеќеринска (за Радио Скопје) која се обидува да го „заташка“ случајот со укажувањето дека половина земји членки на ЕУ се спомнати во извештајот на Советот на Европа.
Првичните негирачки реакции на портпаролот на МВР, на поптпретседателката на Владата, и на претседателот на собраниската комисија за одбрана и безбедност само ја влошуваат сликата за властите на Македонија како некооперативни, „ригидни“ и „стереотипни“.
Генералниот секретар на
Советот на Европа денеска даде изјава со предупредувачки тонови до Владите што веднаш ги негираа обвинувањата - „..мислам дека треба да појаснат дали ги испитале тие обвинувања пред да ги отфрлат“.
Ќе се надоврзам на поентата на
.аНТИблог: Апсачите на Масри: „Главното прашање не е тоа дали ќе имал случајот влијание врз Евроинтеграциите, туку како да ги најдеме тие „луѓе“ меѓу нас и да ги осудиме? Утре истото ќе ни го направат и нас.“
Извештајот на Советот на Европа обвинува за „здружен политички потфат“ за прикривање на фактичката состојба во врска со случајот „Ел-Масри“.
Ако не се вмешани во случајот, зошто нашиот Претседател, нашата Влада, Собранието, Министерот за внатрешни работи итн, не поднесат тужба за клевета против Марти за наводите во неговиот извештај? Зошто не излезат со против-аргументи и докази кои ќе ги оспорат доказите што се наведени во извештајот?
Приказната на нашите власти е оценета како „неверодостојна“, небаре станува збор за приказна со Црвенкапа и волкот.
Ако нашето обвинителство е навистина независно, по извештајот на Советот на Европа, треба да покрене истрага поради основани сомненија дека „четири или пет“ одговорни лица во Владата биле инволвирани во случај на „помагање на сторител во извршено кривично дело“ или „однапред ветено прикривање на кривично дело“. Исто така, дефинитивно треба да покрене истрага поради основани сомненија за противправно лишување од слобода и поради основани сомненија за нечовечки третман врз Ел-Масри.

Ако Собранието е навистина контролор на власта, под итно треба да свика собраниска седница на која ќе донесе одлука за поведување посебна собраниска истрага за евентуално прекршување на човековите права на Ел-Масри, и за евентуалната вмешаност на владини претставници.
Само тоа би ми дало извесна надеж за враќање на изгубената верба во институциите на мојата корумпирана држава.

Предизборни ЕУ-логии

Во предизборното интервју во Време Шеќеринска оптимистички изјавува:
„Доколку Македонија годинава настапи со затворен фајл на извршени обврски, како што тоа го стори во 2005, ние наесен ќе добиеме датум за преговори, без оглед што на маса нема да биде новиот предлог за уставниот договор во ЕУ. “
Веќе не ја читам Шеќеринска, ниту во интервјуа, ниту во колумни.
Како протест против аутистичките ЕУ-логии на Шеќеринска, отсега почнувам да пијам чај и кафе без шеќер!

Кој ќе ја плати „сметката“?

6/07/2006

Република Македонија е повторно на столбот на срамот.
На
мапата на глобалната „пајакова мрежа“ на тајни затвори и меѓународни трансфери, Скопје е обележано како „pick up point“!
Во
соопштението за јавноста, Република Македонија (односно “the former Yugoslav Republic of Macedonia”) е ставена на листата од седумте земји кои се прогласени за одговорни за кршење на правата на одделни индивидуи.
Во заклучокот од
Меморандумот на известувачот Марти, експлицитно е наведено дека “The former Yugoslav Republic of Macedonia“ е одговорна за случајот „Khaled El-Masri“ (види претходни постови)
Во образложението, посебно е претставена „официјалната верзија“ на нашите власти, опишана како „комплетно негирање, повторувано на ригиден и стереотипен начин“. Поради недостатокот од транспарентност и неподготвеноста за искрена потрага по вистината, македонските власти се сметаат за одговорни и за негативната перцепција на случајот во нашата јавност (како обид да се „дискредитираат изгледите на Македонија за Европското интегрирање“). Според Марти, властите вложиле напор за хармонизирање на „официјалната верзија“, а не за утврдување на вистината.
Верзијата на Марти за случајот „Ел-Масри“ е следнава:
Откако го симнале од автобусот на граница на 31.12.2003, агентите на УБК испратиле опис на Ел-Масри до ЦИА како осомничен за контакти со терористи. ЦИА испратила потврден одговор и побарала „асистенција“ од УБК (како локална партнерска организација позната по својот професионализам!). Операцијата на чување во притвор на Ел-Масри, додека не биде трансфериран, била раководена од агенти на ЦИА кои ги пренесувале прашањата до УБК, без да учествуваат во испитувањето на осомничениот.
Од доверливи инсајдери во разузнувачките служби, биле добиени информации дека 20-тина службени лица од македонска страна биле инволвирани во случајот, вклучително „четири или пет“ политички одговорни лица во Владата!
Споменати се и наодите на македонскиот Хелсиншки комитет за практиката на постоење на специјални „апартмани“ каде што осомничените се испрашуваат и понекогаш држат во притвор, вон нормалниот систем за лишување од слобода.
По „
туристичката“ Ел-Масријада, останува нејасно и кој ја платил, односно кој ќе ја плати сметката за притворот на Ел-Масри во „Скопски Мерак“?
Министерот за внатрешни работи изјавил дека сопственикот на хотелот требало да ја има сметката на Ел-Масри, а сопственикот на хотелот изјавил (и телефонски и лично) дека сметката му била предадена на Министерството за внатрешни работи.
Дали „сметката“ ќе ја платат и останатите „четири или пет“ политички одговорни лица во Владата и нашите парламентарци кои не покренале никаква истрага (и кои три години не вршат никаква контрола врз УБК)?
Или како и секогаш, „сметката“ уште веднаш почнавме да ја плаќаме сите ние, добивајќи убави вести дека „еден убав ден“ можеби и ќе отпочнеме преговори за членство во ЕУ!

Резил на „Државникот“!

Еве што изјавува нашиот „државник“, во одговорот на писмото од Српскиот Патријарх Павле:
1) „Во врска со покажаниот интерес од Ваша страна за лицето Зоран Вранишкоски ... против ова лице се водеше судска постапка пред Основниот суд во Велес поради основано сомнение дека сторил кривично дело затајување за што му беше изречена казна затвор во траење од една година.“
Пресудата на Основниот суд во Велес во врска со кривичното дело затајување е против лицето Јован Вранишковски.
Значи, судска постапка воопшто не се водела против „Зоран“, туку против „Јован“, а Претседателот намерно не го почитува личното име на осудениот кое е јасно наведено во пресудата.
Како можеме да очекуваме дека другите земји ќе го почитуваат нашето уставно име, ако нашиот Претседател искажува такво непочитување кон личните имиња на граѓаните од својата држава?
2) Понатаму, во одговорот нашиот Претседател укажува дека „според изведените докази во текот на судската постапка беше неспорно утврдено дека Вранишкоски го сторил кривичното дело, при што, проневерил поголема сума пари предходно донирани на локалната епархија на Македонската православна црква.“

Меѓутоа, претходно беше укажано дека Вранишковски е осуден за затајување, а не за „Проневера во службата“ (чл. 354 од КЗ) - дело за кое се предвидени повисоки казни.
Со ваквата непромислена изјава, нашиот Претседател му дава можност на Јован Вранишковски да покрене тужба за клевета, односно за лажно изнесување или пронесување за друг дека сторил кривично дело за кое се гони по службена должност.
Во таков случај, во отсуство на постоење на правосилна пресуда за „проневера“, Претседателот ќе биде доведен во мошне непријатна ситуација да докажува дека имал основана причина да поверува во вистинитоста на она што го изнесувал или го пронесувал.
Навистина не ми е јасно, дали Претседателот има толку лоши правни советници, или некој намерно го мести да се „лизне“?
3) Како капак на се, Претседателот заклучува дека „се работи за недозволени криминални активности и коруптивно однесување што се појави на кои треба да им се спротивставиме во интерес на демократскиот развој и европската перспектива на нашите држави.“

Не ми се верува! Божемниот борец против „Октоподот“ констатира „коруптивно однесување“ кај лице кое воопшто не е државен службеник!
Или за нашиот „државник“ црквата отсекогаш била дел од државата?
Со ваква промашена „борба“ против корупцијата, можеме да се развиеме само во „банана демократија“.

Со вакви „државници“, имаме перспектива да станеме само зоолошка градина на Европа.

МВР те тужи, МВР те суди?

6/06/2006

Портпаролот на нашата „народна милиција“, во врска со случајот „Беќиров“, најодговорно тврдеше за Радио Скопје дека „МВР презема мерки против сторители на кривични дела“!
Да видиме што вели чл. 144 ст. 1 од Законот за кривична постапка (пречистен текст):
„Ако постојат основи за сомневање дека е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност, Министерството за внатрешни работи е должно да ги преземе потребните мерки да се пронајде сторителот на кривичното дело, сторителот или соучесникот да не се скрие или не побегне, да се откријат или обезбедат трагите на кривичното дело и предметите што можат да послужат како доказ, како и да ги соберат сите известувања што би можеле да бидат од корист за успешното водење на кривичната постапка.“
Мошне битно е да се нагласи дека полицијата, во принцип, дејствува кога има „основи за сомневање дека е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност“. Полицијата работи со осомничени лица.
За жал, во цитираниот член од Законот за кривична постапка, не стои дека МВР е „должно да ги преземе потребните мерки да се пронајде осомничениот за кривичното дело“, туку „сторителот на кривичното дело“.
Дали сомневањата биле основани одлучува Обвинителството, кое покренува обвинителни акти - дури тогаш зборуваме за обвинетиот.
За прашањето дали имаме „сторител на кривично дело“ одлучува само и единствено Судот. Само судот утврдува фактичка состојба.
Се додека судот со правосилна пресуда не утврди вина за сторено кривично дело, обвинетиот е невин. Ако обвиентиот без правосилна судска пресуда е невин, што станува тогаш со осомничениот во полициска постапка?
Секако, и тој е невин, освен за МВР кое „презема мерки против сторители на кривични дела“.
Работава е, МВР те тужи, МВР те суди, МВР те казнува?

Nomen est omen?

Немаме само ние проблеми со името. И не се само жените жртви на Сексизми во политиката, туку и мажите. Иронијата да е поголема, еден од најголемите поттикнувачи на хомофобија, е една од најголемите жртви на сексизми во врска со неговото презиме.


И како сега човекот да тужи за клевета, кога нема ништо спорно во однос на вистинитоста на исказите?

Дневен билтен

6/05/2006

- Нашиот актуелен претседател не може да донесе самостојна одлука без да се консултира со поглаварот на МПЦ. Предлагам наредните претседателски избори да се одржуваат во цркви и џамии, и секое гласачко ливче да биде благословено од верски лица. Ем сигурно изборите ќе бидат подобро организирани, ем конечно ќе тргнеме „со Господ напред“!
- „Македонската филхармонија и го отсвири своето на Владата“ - констатира А1, известувајќи за посмртниот марш отсвирен пред Владата. Филхармоничарите забораваат дека СДСМ-овските министри се фураат строго на џез, и дека предизборно ја слушаат само „Wonderful Life“ во изведба на Сачмо.
- Бучко предлага заедно да го славиме Илинден со Бугарија. Ние ќе го славиме „Илинденското востание“, а тие
„Илинденско-преображенското востание“. Нашата делегација може да положи венец на 2 август, а бугарската делегација може да се придружи на прославата на 19 август, на „Преображение“. Кога задоцниле со востанието, можат да задоцнат и на прославата.
- Во Тетово хара „манијакот“ „Џек Мевосек“, а во Скопје се наплаќа данок во крв согласно „канонот на Лек Дукаѓини“. МВР не презема никакви акции затоа што е „Македонија и понатаму мирна, стабилна и безбедна држава“. Џанго не работи со новинарски „шпекулации“. Тој работи само со проверени факти од предизборната „програма“ на СДСМ.

- По повод денот на екологијата, МТВ вечер ќе го прикажува филмот „Строго контролирани радиоактивни возови“. Како и за сите други програми на МРТ, препорачливо е носење на очила за заштита од штетно зрачење.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week