Веднаш штом победи, Груевски направи голем чекор во спроведувањето на надградената и проширена „Преродба во 100 чекори“. „Машки“ се фати за лопата и означи „Почеток на изградба на Музејот на ВМРО и на Музејот на жртвите на комунизмот“. Откако „корифејот на македонската борба“ ги удри темелите на музејот - ем културно (со вратоврска), ем ударнички (со ракоплескање на „масите“) ем „со Господ напред“ (темелите беа осветени лично од архиепископот) - на сите ни олесна на душичката. Сега веќе ни Севишниот не може да се посомнева дека Груевски навистина сака да „отвори една нова страница од нашата историја“ градејќи го толку посакуваниот „мост помеѓу нашето славно и богато минато и оптимизмот, посветеноста и прогресот на нашата иднина“.
Ама, секогаш ќе се најде некое „ама“ што ќе го расипе впечатокот за светлиот ни чин. Во случајов, тоа се фотографиите од „историскиот“ настан, кои се поречити од илјадници збора. Зборовите на Груевски кажуваат едно (дека „Музејот на жртвите на комунизмот“ ќе претставува „приказ на отпорот против комунистичката диктатура“), а владината фотографија прикажува нешто сосема друго. Во путиновски стил, премиерот говори на црвена говорница на која доминира државниот грб со црвена петокрака, несреќно симболизирајќи ги „придобивките“ од нашиот славен „отпор против комунистичката диктатура“!
„Парадокс, ама вистина“ - што би рекол еден наш голем, но несфатен мислител. „Со Господ напред“, ама и со комунистичка петокрака, беше означен почетокот на изградбата на „Музејот на жртвите на комунизмот“! Како и обично, останавме и без аргументи и без критичка дебата зошто се гради ваков музеј и дали воопшто има смисла да се гради. Затоа, не е лошо уште еднаш да се запрашаме какви пораки испраќаме до младите генерации родени во Република Македонија што немаат паметење за претходниот систем.
Како прво, испраќаме порака дека „комунизмот“ бил виновен за масовните прекршувања на човековите права во претходниот систем, а не конкретни лица со име и презиме. Пораката е - за страданијата на Ченто не биле виновни ниту министерот за внатрешни работи на НРМ (кој му наместил лажно бегство преку граница), ниту судиите на наместениот процес со однапред подготвено обвинение и пресуда (на кои им било наредено Ченто да биде осуден „11 години лишување од слобода со присилна работа“). Не биле виновни тие што наредиле Ченто да биде уапсен, осуден и измачуван, а ниту свирепите иследници и мачители во Идризово. Според градителите на нашиот музеј, испаѓа дека Ченто и тие што завршиле како него биле жртви на сеништето на комунизмот! Дали е праведно луѓето што настрадаа во Идризово и на Голи Оток заради изразување различни политички идеи да се третираат како жртви на една политичка идеја - идејата на комунизмот?
Како второ, дури и под „комунизмот“ да не се подразбира политичка идеја (за слободно општество без класни поделби и отуѓување, без угнетување, влади и држави), туку конкретен политички режим (македонската „диктатура на пролетеријатот“), тогаш повторно од индивидуална одговорност се амнестираат конкретни злосторници. Вината и одговорноста за масовните прекршувања на човековите права се префрла на грбот на апстрактниот „систем“ кој, патем, воопшто и не се самоопределуваше како „комунизам“, туку како социјализам (нешто како транзиција кон“комунизам“). Да се обвинува „комунизмот“ (или транзицијата кон комунизам) како произведувач на масовни жртви на човекови права е исто како да се обвинува „демократијата“ (или нашата „транзиција“) заради масовните жртви од сиромаштијата, од безработицата, од приватизацијата, од самоволното апсење и тортура, од неефикасното судство и администрацијата, од корупцијата, денационализацијата, од прислушувањето, партизацијата, дискриминацијата, стигматизацијата итн. Јавното жигосување и јавната осуда на комунизмот, заради тоа што некои правеле злосторства од негово име, е исто како јавно да се осудуваат демократијата или христијанството, затоа што од нивно име некои луѓе правеле и се' уште прават масовни злосторства.
Како трето, иако музејот беше најавуван како „симболичен гест кон сите жртви“, Груевски испрати порака дека во него ќе има место само за „борците за Македонија“, само за тие што се бореле за идеалите што во моментов ги претпочита премиерот. Ако во музејот бидат изложени оригиналните политички досиеја само на следбениците и симпатизерите на историската ВМРО, Музејот на жртвите на комунизмот ќе биде само продолжение на Музејот на ВМРО и класичен пример за системска дискриминација кон жртвите. За да не бидат привилегирани само ВМРО-вските жртви, неопходно е да се прикажат и сите други жртви без разлика дали причините за прогонувањето биле политички или не. Имено, покрај ВМРО-вците и информбировците, треба да бидат опфатени и сите други „реакционери“, „ненародни елементи“, „класни непријатели“, капиталисти, буржуи, „национал-шовинисти“, сепаратисти, противниците на колективизацијата и аграрната реформа, непријателите на социјализмот и еднопартизмот, како и шпекулантите што непосредно по војната биле осудувани на смртна казна или робија заради трговија со забранети стоки.
Најдобар начин да се превенира синдромот на беспомошна жртва е да се создадат услови за жртвите да станат активни чинители во процесот на нивното закрепнување. Обновување на загубеното чувство на правда и на довербата во институциите на системот не е можно само преку симболички гестови ако притоа не се идентификуваат сторителите и не се обештетат жртвите поради нанесените неправди. Ако Груевски не отвори поширок процес на транзициска правда во кој ќе бидат опфатени и жртвите од „транзицијата“ и конфликтот од 2001, почетокот на изградба на Музејот „Македонска борба“ ќе остане само проѕирен обид за ескивирање од личната одговорност за катастрофално спроведените избори. Избори што придонесоа за зголемување на бројот на жртвите на масовно прекршување на демократските права.
Чипирање - чипиани идиоти ...
-
Пеоцесот на чипирање е одамна започнат. На чипирање сме осудени кога вадиме
било кој личен документ кој мора да го носиме со себе - лична карта, пасош,
к...
Пред 3 години
3 коментари:
Ништо да не те чуди. Хитлер кога дојде на власт во Германија исто така го создаваше митот за „жртвите од (Вајмарската) Републиката„, за багабонтите од неговото движење кои беа затворани. Тоа е апла обид да се делегитимира претходен систем и да се кешира добивката на сметка на сопствената политичка идологија, кој во случајот на Груевското ВМРО гради на анти-ЈУ-социјалистички основи. Велам „Груевското„ затоа што повеќе од јасно е дека речиси сите прогресивни револуционери од историското ВМРО (за нас, "the good guys" крилото) биле социјалисти и комунисти, до душа во пред-Титов контекст, што доволно менува. Сепак значи, останува и понатаму да звучи името на музејот, а богами и идејата, крајно апсурдно. Најнакрај, и Ченто бил убеден комунист.
Не се сеќавам каде го имам прочитано следново:
Кога дискусијата станува бесмислена? - Кога ќе почне да се споненува Хитлер, тоталитаризам, Џорџ Орвел, 1984, фашизам и при тоа да се прават спореби со актуална состојба...:))
Не велам дека е коректно тоа што го изјавил Груевски, но од друга страна ниту дека е неточно...
Па, добога, на што личат извештаите на Биљана Секлувска кои се целосно пристрасни, исилени, необјективни и прочитани со прилично застрашувачка тензија во говорот - значи новинарски некоректни и типични за медиумите кои прозведуваат согласност.
Зошто интелектуалната елита и трустот на мозгови, секогаш блиски до фондациите кои ги финансираат, досега не реагирале за пристрасноста во македонското новинарство?
Инаку што се однесува до музејот на жртвите на комунизмот, тоа е сосема бесмислена идеја. Ако веќе мора да се гради споменик, а секако дека не мора, убаво е да се изгради еден голем споменик за жртвите на егзодусот на негрчкото население по граѓанската војна во Грција ... дефинитивно подобра идеја отколку да се преименуваат улици и градови во кичерајски имиња од Античка Македонија...
Дискусијата станува бесмислена кога не се гледа во кој контекст се спомнуваат примерите, туку се применуваат автоматски научените шаблони. Како што некому Хитлер автоматски му е „аргумент„ сам по себе против секаков националистички дискурс, така и некому автоматски секое спомнување на Хитлер му е бесмислено.
Објави коментар